ПОСЕТА НА ДРУШТВОТО ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

2015-10-30 13.34.28

По повод Месецот на книгата, учениците од ООУ „Климент Охридски“, членови на додатната настава по македонски и англиски јазик и членовите од литературната секција од училиштето, заедно со дефектологот Светлана Миоковиќ –Томеска, наставничките Весна Јонзоска, Билјана Наумоска-Шукуроска и Јулијана Талеска го посетија Друштвото за слепи и слабовидни лица.

This slideshow requires JavaScript.

Ќе зборувам во прво лице, бидејќи сум полна со емоции. Очекував една обична средба на која ќе видиме книги со браева азбука, ќе се сликаме и ќе си одиме… ама видов и доживеав и јас и учениците и наставничките, работи кои вреди да се споделат:

Средбата со Благоја Мисовски, Љубен Спиркоски и особено со Марија Арсова беше несекојдевен настан. На почетокот бевме топло примени во една скромна и мала соба во Центарот за социјални грижи. Домаќините беа многу радосни на гостите, беа гостопримливи и отворено одговараа на сите прашања. Ни ги претставија предметите кои им го олеснуваат животот и помагаат да се интегрираат во општеството. Видовме топки за фудбал, часовник, шах, прибор за геометрија, браева машина за пишување, книги на браево писмо и слушнавме аудио книги. Марија ни демонстрираше како се пишува на машината, ни кажа за буквата А, ни нацрта тријаголник, поигравме шах…

Од нејзината отвореност, искреност и леснотија на презентирање на нештата, сите ние увидовме дека тие луѓе се исти како нас, единствено имаат поинаков пристап кон нештата. Допирот е нивното сетило. Гледајќи ја Марија како демонстрира, на моменти не бев сигурна дали навистина е слепа или така ми се чини. Таа толку успеала да се носи со слепилото што и на дело покажа дека нема никаква разлика со нас – кои гледаме. Оваа средба и разговорот со неа покажа дека не гледаме доволно, не ги гледаме квалитетите на луѓето… имаме предрасуди и секогаш сме со резерва кои оние кои имаат различни пристапи кон светот. Оваа посета растреси многу работи кај нас: кај мене, кај децата…

Им благодарам за приемот. Им ветуваме дека ќе направиме напори со учениците да снимиме неколку песни и текстови и ќе ги донираме во нивната звучна библиотека и ќе ги посетуваме почесто.

Јулијана Талеска

наставничка по македонски јазик

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s