Второ место на општинскиот натпревар за лична творба во организација на градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

На овогодинешниот натпревар за лична творба, ученичката Јована Стојческа од VIII – 4 одделение го освои второто место за расказот „Необичната пролет“. И` честитаме на ученичката и во прилог го споделуваме наградениот расказ:

12255421_469530336552816_490915120_oНеобичната пролет

Таа пролет беше топла, разиграна, исполнета со детски џагор, смеење, викање, со црцорлив глас на птиците. Беше тоа најубавата, но и досега невидена пролет во градот Скопје, градот во кој постојано сè се движи и каде што има многу места за младите. Иако, сето ова беше исто, оваа пролет беше некако поразлична, помила, поубава од останатите. Во воздухот се чувствуваше опојниот мирис на цвеќињата, кои најмногу ги имаше во „Паркот на жената“ – омиленото место на учениците од VIII – a одд. од ООУ „Димитар Миладинов“.
Ова за што ќе Ви раскажувам се случи токму таму, во тоа одделение. Во VIII – a, одделението на строгиот и стар, но добродушен и весел г. Иван Цветков, учеа добри деца, по малку немирни, секогаш весели и насмеани, кои никогаш не се караа. На наставничките совети никогаш не беше спомнато дека VIII – a одд. избегало од часови, или пак дека некој се однесувал непристојно кон наставниците. Во VIII – a одд. учеше девојчето по име Симона. Беше најубавото девојче, не само во одделението, туку и во целото училиште. Имаше костенлива коса и зелени очи, во кои како да се насобрала целата убавина. „Лика и прилика на мајка ѝ Ана“ – како што често знаеше да рече дедо Димо, нивниот сосед. Навистина, дедо Димо беше во право. И мајка ѝ, г-ѓа Ана беше убава жена. Имаше долга црна коса и темнокафеави очи. Живееше во голема куќа, со ќерка си Симона, сопругот Атанас и секако, да не го заборавам кученцето Бинго – домашното милениче на Симона.
Во училиште Симона беше одлична ученичка. Убава, но и интелегентна девојка. Повеќето од децата ја сакаа и ја сметаа како добра другарка, а оние што не ја сакаа, поточно не ја познаваа многу, си ги вртеа главите и знаеја да речат: „Пих, што има толку убаво во неа?“ Но тоа не ѝ беше важно на Симона. Во училиште, нејзин најдобар другар беше Марко. Тие постојано беа заедно, заедно седеа во иста клупа, заедно одеа на одмор, ја делеа ужинката, заедно се враќаа кон дома.
Тој ден, заедно одеа кон училиште и разговараа:
– Знаеш, Симона ти си ми најдобрата другарка – ѝ рече Марко.
– Па, и ти мене – му врати Симона.
– Тебе, тебе… можам да ти ги доверам сите мои тајни – рече тој.
– Па, знаеш дека и јас ништо не кријам од тебе, а верувам дека ниту ти од мене – рече Симона смирено.
– Знаеш, јас не знам како да ти кажам… – полугласно изусти Марко.
– Што да ми кажеш? Ајде Марко, немој да се срамиш од мене, та нели сме најдобри другари – му рече Симона.
– Да, така е. Епа, вака… јас, јас најдобро се чувствувам покрај тебе, без тебе се чувствувам некако празен – ѝ рече тој на Симона.
– Па, и мене без тебе не ми е убаво – рече насмеана Симона.
– Јас, јас тебе многу те сакам – пелтечејќи рече Марко.
– И јас тебе те сакам, будалче – му рече Симона, бакнувајќи го во образот.
Марко се вцрвени. Не очекуваше такво нешто. Тој ја сакаше Симона, но не очекуваше нешто такво од неа. Така, зборувајќи, стигнаа до училиште. Првиот час имаа ликовно. Симона многу убаво црташе, и тој исто така. Затоа, тој под клупата напиша: „Марко и Симона“. Си помисли, кога Симона ќе го види тоа, сигурно ќе ја прифати неговата љубов. Симона го виде тоа додека црташе и само се насмеа. До завршувањето на првиот час имаше уште пет минути. На крај, ѕвончето заѕвони и по пет минути требаше да започне вториот час. Наставникот по математика, Иван Цветков влезе во училницата. Додека го запишуваше часот, однадвор наеднаш се слушна силно брчење на автомобил. Сите погледнаа надвор, освен Симона. Надвор имаше лимузина, а во неа едно згодно момче со кафеава коса. Некои од девојчињата го препознаа тој фраер, па тивко почнаа да си дошепнуваат:
– Види, види, ене го шмекерот!
– Му купиле и лимузина!
– Сега се прави фраер пред нас!
– Станал позгоден!
Наставникот ги прекина тие дошепнувања, велејќи: „Ива, ајде на табла!“. Сите замолчија за да не покажат непристојност пред својот одделенски раководител. Само Марко не мислеше на она за што зборуваше наставникот. Мислите му патуваа некаде далеку, далеку каде што ќе биде заедно со Симона. Заврши и вториот час. Ѕвончето заѕвони и сите излегоа на голем одмор. Симона излезе со Марко. Него навистина го сакаше како другар и можеше да му се довери. А тој тоа многу го ценеше. Наеднаш, пред нив се исперчи истиот автомобил што пред малку со своето брчење го прекинуваше часот по математика. И од автомобилот излезе она момче за кое се дошепнуваше во одделението, Виктор, со надимак Викса. Кога ја виде Симона, многу му се допадна, а и неа ѝ се допадна типот. Наеднаш, Марко ја тргна Симона, и автомобилот остана зад нив.
– Зошто ме повлече така? – го праша Симона.
– А што, да не требаше да те оставам така со часови да се гледате?- го повиши тонот Марко.
– Јас сигурно немаше да стојам со часови таму! – го повиши гласот и Симона.
– Изгледаше како ти да ме контролираш! Ме срамиш! – додаде Симона.
– Се извинувам – рече Марко.
– Нема да ти простам ако уште еднаш ми го направиш ова! – се налути Симона.
– Добро, се извинувам, ама не сакав со оној тип така да се гледате в очи.
– Добро, простено ти е – како да сакаше да го заврши побрзо разговорот Симона, бидејќи се плашеше да не го повреди Марко, затоа што тој толку искрено ја сакаше. И двајцата се упатија кон училницата.
Часовите конечно завршија. Марко и Симона заедно тргнаа кон дома. Симона го забрзуваше чекорот.
-Зошто толку брзаш? – ја праша.
– Уште малку ќе заврне! – му рече Симона.
Повеќе не зборнаа… Кога тој си појде дома, навистина почна да врне. А нему во мислите му се вртеше истото име: Симона, Симонче, Монче… Кап, кап, кап. Тоа беше дождот што се слеваше по прозорските стакла и го претвораше тој звук во една мелодија што во тој момент, во него побудуваше емоции. Дојде ноќта со својата темна покривка. А тој сè уште мислеше на Симона. Но, уморот брзо му легна врз очите и тој заспа.
Следното утро, заедно со Симона одеа на училиште. По патот го сретнаа дедо Димо, кој им се насмевна и им рече: „Колку сте убави заедно!“ – на што тие се заблагодарија. На училиште денот помина како и обично: испрашување, оценки, предавање. На големиот одмор, Симона излезе сама, кога пред себе го виде оној дечко со лимузината, Викса. Стоеја еден пред друг. Двајцата како да беа сами на светот. Стоеја неми, неподвижни, гледајќи се очи в очи. Тој прв ѝ пријде и ѝ рече:
– Здраво! Јас сум Виктор, скратено Викса- и ѝ ја подаде раката за поздрав.
– Здраво! Јас сум… Симона – изусти збунето.
– Во кое одделение учиш?- ја праша.
– Осмо А. Ти, ти сигурно не си од нашето училиште? – рече.
– Не, не сум. Учам гимназија, втора година- рече тој.
– Сакаш да одиме во слаткарницата „Шарлота“?- праша Виктор повторно.
– Сега, јас не можам, имам испрашување по хемија- некако излага Симона, бидејќи не сакаше да отсуствува од часови, а потоа да си има проблеми со наставниците, за момче што не го познава.
– Ако сакаш, попладне во пет часот, тогаш сум слободна!- извика Симона.
– Добро, како сакаш. Во пет часот те чекам пред слаткарницата „Шарлота“. Или, сакаш со лимузинава да те повозам од дома до слаткарница?- прашуваше Виктор.
– Не, не, сама ќе дојдам. А сега чао! Морам да одам на часови- рече Симона.
– Чао! Се гледаме!- со рака мавташе тој.
Сите љубопитно гледаа во нив. Сите девојки посакуваа да бидат на местото од Симона. Симона замислено трчаше по скалите, така што за малку ќе се судреше со наставникот по хемија. Таа само се извини и продолжи нагоре по скалите. Кога конечно завршија часовите, Симона без да го почека Марко замина дома. Во пет часот со Виктор се сретнаа пред слаткарницата „Шарлота“. Влегоа внатре. Сите со прашални погледи гледаа во нив. Очигледно сите го познаваа Виктор. Симона и Виктор порачаа бајадери и по една чаша боза. Потоа започнаа разговор:
– Каде живееш?- ја праша тој.
– Близу универзалната сала- рече таа.
– Знам каде е, таму живее тетка ми – се израдува Виктор.
– Може утре да се сретнеме?- ја праша.
– Може… ама по часовите- некако збунето говореше Симона.
– Ќе те чекам утре во тринаесет часот пред „Паркот на жената“- рече Виктор.
– Добро, се гледаме- рече Симона. Чао!
– Чао!- збунето промрморе Виктор, кој не успеа да ја покани да ја оденесе со неговата лимузина.
Симона одеше по улицата, замислена, не обрнувајќи внимание на никој и ништо. Размислуваше – дали добро постапи што прифати да се сретне со него? И дали за овие средби да ѝ каже на мајка си? Реши да не ѝ кажува, за да не ѝ здодева со некакви обични дружби. Потоа си појде дома, ја напиша домашната задача, пребара нешто на интернет, а потоа замина во својата соба и си легна. Во сонот се појавуваше Виктор, со насмевка на лицето. Одеше кон неа и ја прегрна. А таа задоволно се смешкаше, како да беше најсреќната девојка на светот.
Следниот ден цело време мислеше на Виктор. Ни на крај памет не и доаѓаше Марко, кој можеби ја чекаше пред „Паркот на жената“, за заедно да одат в училиште. На училиште сè помина обично, само што Марко беше некако без волја за ништо. Симона го забележа тоа, и како некој што сака да се извини за нешто, тивко му пријде и го праша:
– Еј, како си?
– Добро…
– Не си добро. Кажи ми што не е во ред?
– Ништо, онака. Ме боли главата.
– Те знам јас тебе. Не е во прашање тоа. Извини затоа што не дојдов пред „Паркот на жената“ за заедно да одиме на училиште. Излегов со мајка ми порано, бевме в чаршија.
– Добро, нема да ти се мешам во приватните работи.
– Кои приватни работи?
– Па излегувањата со Викса во слаткарница, твоето присуство во негова близина- налутено зборуваше Марко.
– Ама… јас- некако сакаше да објасни Симона.
– Што ти?!?
– Па што? Тоа е моја работа, не твоја- викаше Симона.
– Симона, јас го знам него…- продолжуваше Марко.
– Не, ти ништо не знаеш. Тој е многу добар кон мене- Симона го бранеше Виктор.
– Тој, тој е лажливец, глупак. Ти мора да ја знаеш вистината за него- со понизок тон рече Марко.
– Па, ајде, да ја слушнам вистината!- настојуваше Симона.
– Тој, е еден од многубројните типови израснати во пари. Тој вистински не те сака тебе… Те сака само за да се забавува- велеше Марко.
– Не, тоа не е точно!
– Да, точно е. Неговата цел е да те придобие, за да му станеш девојка, а потоа полека, полека ќе те отфрли од неговиот живот. Не му верувај, тој се заљубува во секоја трета.
– А ти, од каде го знаеш сето ова?
– Па, брат ми ми кажа. Во неговото одделение учело девојче по име Софија. Тој, и со неа го испробал тој трик, исто како и со тебе. Се вселил во нејзиното срце, а потоа ја оставил велејќи ѝ дека се заљубил во друга.
– Не ти верувам, готово е. Крај на разговорот! – заврши Симона.
Марко вчудовидено гледаше во неа. Не очекуваше дека вакво нешто ќе се случи. Знаеше дека добро постапи што ѝ кажа на Симона и веруваше дека таа сигурно ќе сфати што е вистината. А вистината беше една: Виктор е лажливец.
Откако завршија часовите, Симона повторно отиде во „Паркот на жената“ да се сретне со Виктор. Но, кога појде таму во договореното време, се изненади. Таму беше Виктор со една русокоса девојка, која му беше во прегратките. Симона не можеше да им поверува на своите очи. Тој, сега беше со друга девојка. Таа беше вчудовидена од тоа што го виде. Седна на една клупа и почна да размислува за она што ѝ го кажа Марко. Сега веќе знаеше дека Марко ја кажувал вистината. По образите почнаа да ѝ се тркалаат солзи, затоа што не му поверува. Стана и се упати кон неговиот дом. Кога заѕвони, на вратата се појави Марко. Веднаш го гушна, силно, толку силно, извинувајќи му се за тоа што не му веруваше претходно. Но сега знаеше дека тој ѝ е другар и секогаш и го мисли најдоброто, без размилка на сè, без разлика на тоа што ќе се случи. Така прегрнати стоеја неколку секунди, а потоа Симона влезе внатре, во неговиот дом и му раскажа што се случило. Во тој момент ѝ заѕвони телефонот. Беше Виктор. Симона се јави.
– Ало!- рече таа.
– Здраво Симонче- ѝ врати тој.
– Здраво!- му врати Симона налутено.
– Како си, да не не е нешто во ред?
– Не, сè е во ред.
– Нешто си ми лута.
– Што сакаш?!?
– Сакам да се сретнеме во „Паркот на жената“. Може?
– Не, не може.
– А зошто?
– Јас бев тука во тринаесет часот, и сега не можам.
– Се извинувам што не дојдов во тринаесет часот, но не можев тогаш, имав…
– Знам, ти многу добро се забавуваше со девојката со кратко здолниште, сина блуза, руса коса…
– Но јас…
– Што ти?!? Ме измами, ме измами со онаа девојка, а јас ти верував… Како можев да ти поверувам, Господи?
– Јас не сакав тоа да го сторам.
– Но, го стори!
– Но, јас само тебе те сакам…
– Видов денес колку ме сакаш, и повеќе не ти верувам.
– Верувај ми, Симона те молам…
– Заборави ме веќе. Крај!
Симона го исклучи телефонот. Повеќе не сакаше да му го чуе гласот на лажливецот. Му се доближи на Марко и му шепна на уво: „Ти си ми вистински другар. Само тебе ти верувам. Само тебе искрено те сакам. Верувај ми“.
– Ти верувам, Симона. И јас тебе те сакам.
Двајцата се прегрнаа. Се прегрнаа онака како двајца најдобри другари. И Симона повторно го бакна Марко, исто како и оној пат кога тој прв пат ѝ кажа дека ја сака. Потоа и тој ја бакна во образот. И двајцата си ветија дека никогаш повеќе нема да се разделат, секогаш ќе си веруваат и секогаш ќе бидат другари. Засекогаш вистински другари. А вистинските другари секогаш ти ја кажуваат вистината, никогаш не лажат, ти го мислат најдоброто, имаат доверба во тебе, секогаш се тука за тебе, тие се како дел од тебе. Затоа, таквите другари треба да се чуваат, бидејќи се ретки!

Јована Стојческа VIII-4 одд.
ООУ „Климент Охридски“- Прилеп
ментор: Јулијана Талеска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s