Драмската секција повторно зеде учество на проектот „Музеите во училиштата и училиштата во музеите“. Оваа година, заедно со останатите основни училишта требаше да се избере некој локалитет или случување кои се карактеристични за Прилеп и да се претстави со кратко видео. Одговорни наставнички за проектот беа Лилјана Здравеска и Јулијана Талеска. Во таа насока се одржаа неколку средби со координаторот на проектот Александар Цветкоски и неговата асистентка Мимоза Христоска, вработени во Музејот. Заеднички се дојде до идејата да се презентираат театарските игри „Војдан Чернодрински“.
Учениците уживаа во подготовките, особено во множноста да облечат костими од театарски престави. Да влезат накратко во светот на ликовите: Ромео, Јулија, Хлестаков, Кир Јања, Анѓеле, по Јанче, Цвета, Диоген, Трите сестри, Итар Пејо, Хамлет, Отело, Дездемона…
Најинтересно беше кога се подготвуваме за снимање. Учениците заедно со Координаторот на проектот Александар Цветкоски и Мимоза Христоска се обидоа да изгледаат скоро идентично на ликовите што ги претставуваа. Тие влегоа со свои видувања на ликовите и врз основа на нивната режија беше снимено видеото.
Видеото се снимаше во Домот за култура „Марко Цепенков“. Учениците имаа можност да видат како изгледа кога се снима филм. Иако кратко, сепак искуствено се почуствуваа како вистински актери, што всушност и се. Им благодарам за заложбите и за тоа што дадоа дел од своето време и креативност.