Во четвртокот попладнето заврши еднонеделниот тренинг-семинар кој беше наменет за контекстуална обука за изградба на мир на наставници и стручни соработници. На еднонеделната обука учествуваа 22 наставници и стручни соработници. Вклучени беа осум училишта: ООУ „Вук Караџиќ“ – Куманово; ООУ „Наим Фрашери“- Куманово; ООУ „Климент Охридски” – Прилеп; ООУ „Лирија” – с. Житоше, Долнени; ООУ „Хасан Приштина“ – Чаир, Скопје, Врапчиште; ООУ „Сали Лиси“ – Добри Дол Гостиварско; ООУ „Наим Фрашери“ – с. Неготино, Гостивар и ООУ „Јан Коменски“ – Карпош, Скопје.
Главна цел на проектот: Процесите на интегрирано образование, зајакнати во училиштата и со зголемена јавна поддршка, даваат придонес кон мирот и стабилноста на државата.
Специфични цели:
- Испитување на можностите за развој на процесот на меѓуетничка интеграција во образованието (МИО) преку давање поддршка на училиштата кои се заинтересирани за напредок на овој компликуван процес
- Зголемени капацитетите на наставниот кадар и стручните служби во училиштата за спроведување на активности поврзани со меѓуетничка интеграција во образованието (МИО)
- Развиен прирачник како поддршка во работата на наставниот кадар за имплементација на МИО работилници
- Препораки за политики во образовните институции, развиени заедно со целната група, за имплементирање во интегрираниот образовен систем;
- Зголемување на јавната поддршка за интегрирано образование.
Носител на проектот: Здружение Мировна акција во соработка со Центарот за мировни студии од Хрватска.
Главен финансиер на проектот: Делегација на Европската Унија во Република Македонија.
Впечатоците се неописливи. Програмата беше интерактивна, разновидна и многу интересна. Преполна со искуствени работилници, дискусии, работа во групи, теоретски импути, презентации… Тренерскиот тим беше на нивото. Секогаш заедно со нас, постојано присутни на сесиите и надвор од нив. Посветени и желни навистина процесот на МИО – тоа да успее. Групата беше мотивирана, иако различна по многу работи: пол, религија, етничка припадност, вредности, убедувања… баш изгледаше како нашата заедничка Македонија. И тоа дружење покажа дека можеме заедно да најдеме решение да ни биде убаво.
Во исчекување на натамошните чекори од проектот… се радувам што бев дел од ова случување и чест ми е да продолжам да работам со овие луѓе, со кои ја делиме истата цел: ПОДОБРО УТРЕ ЗА СИТЕ НАС!!!