Според препораките на БРО, часовите за лектира треба да бидат два. И најчесто се два, но има некои лектири кои можат да бидат и еден, или можеби три или четири часа. Кога планирањето е добро, лектирната содржина може да се искористи и за други наставни часови, па да се продолжи и по пет часа: со изразување и творење, со граматика, стилски изразни средства, драматизации, игри… не мора да е класичен час во кој се чита прераскажана содржина, биографија и се прави внатрешен и надворешен опис на главниот лик.
Еве една идеја за лектирата „Островот на скриеното богатство“
Лектирата може да се сработи во три часа:
Прв час: Биографија на авторот која може да се напише на самиот час, така ќе се реализира и ИКТ… Ако компјутерите се нефункционални или ги нема, може да се употреби техниката: смарт телефони (родителите денес имаат обезбедено паметни телефони за нивите деца и плус најмалку 3 гига бајти интернет), иако може да биде ризична бидејќи учениците додека пребаруваат за Стивенсон, да ѕиркаат и на Фејсбук… нејсе, може да им се каже тоа да си го напишат дома и на час да се прочита.
Остатокот од часот е поминување низ содржината со прашања по хронолошки тек, така што се води евиденција кој ја прочитал книгата.
Самата содржина, настаните, постапките на ликовите изнудуваат дискусија која може да трае и наредниот час ако има поента и ако им е интересна на учениците.
Втор час: Ако не се оди на варијанта дискусија, тогаш се продолжува со делење на учениците во групи. Секоја група ги има следните задачи:
- Да смисли име на својата пиратска дружина
- Секој сам да си измисли пиратско име (во овој дел знаат да бидат многу креативни – прилепски пиратски имиња J )
- Да напишат 4-5 прашања од лектирата
- Да нацртаат мапа во која ќе го означат патот како може да се стигне до богатството.
На самата мапа се означуваат неколку точки кои се точки за поставување прашања. Учениците треба да го скријат богатството и да одредат еден ученик кој ќе оди со другата група и ќе им ги поставува прашањата.
Трет час: Групите ги разменуваат мапите во насока на часовникот. Имаат пет минути да ги разгледаат. Тргнуваат група по група. Ако група 1, ја дала мапата на група 2, ученик од група 1 оди со пиратската дружина од група 2 и им поставува прашања на секоја точка која е означена во мапата, ако го знаат одговорот можат да поминат понатаму, ако не го знаат… потонуваат.
Кога ќе се вратат во училница се отвора дискусија како помина потрагата по богатството (кое најчесто е чоколадо… или шишарка 🙂
Учениците ги споделуваат и прашањата кои ги поставиле и ако некоја од групите не успеала да ги одговори, ги одговараат.
Еве ги мапите на моите гусари: