Неизмерна среќа на мојата ученичка Климентина Котеска и чест и радост за мене, како ментор, беше учеството на овогодинешниот фестивал „Ракатки“. Уште од првите години на моето вработување слушав за „Ракатки“ и многу сакав да бидам дел од фестивалот. По неколку неуспешни обиди, оваа година со песната „Желба неостварена“ од Климентина Котеска IX – 4 одделение, го освоивме третото место.
Климентина имаше можност да разговара со Филип Димкоски, со Горјан Петревски, Славица Арсова и ред други автори… Да се дружи со радовишани и да запознае дел од знаменитостите на градот.
Филип (почитуваниот млад автор, член на Одборот, и мој драг пријател) во групата на Фејзбук побара од нас да кажеме како си поминавме, кои се нашите коментари. Размислував многу на евалуацијата која требаше да ја направиме…
Фестивалот е една реткост, една бесценетост која не ја почитуваме доволно. Едно нешто што ја афирмира нашата младина, го промовира нашиот јазик и литература. Го афирмира мултикултурализмот (слушнавме творби на влашки, албански, турски…). Собира триесетина ментори од цела Македонија, кои се вредни и вешти во својата област. И сето тоа, оставено на милост и немилост од добронамерниците. За среќа ги имаше оваа година – но според мене, тоа не е доволно. Огромна пофалба на градоначалникот и на Општината Радовиш – Одборот вели: без нивна поддршка, фестивалот немаше ни да го има – СЕПАК, ова е фестивал кој исто како „Рацинови средби“ – ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВА, да не речам ЖИВУРКА!!!
Каде е нашиот патриотизам овде? Каде е нашата грижа за јазикот? За литературата? За младите генерации?
Овие дечиња и нивните ментори заслужуваат повеќе. Одборот, поетите, писателите, гостите – заслужуваат подобар третман. Потребна е логистика, финансии, свеж ветар!
Треба да се цени богатството што го дава овој фестивал!