На 30 мај драмската дружина „Заедно можеме најдобро“ учествуваше на 53 – от Драмски аматерски фестивал во Кочани. Трите училишта (ООУ „Климент Охридски“, ООУ „Добре Јованоски“ и ЦОУ „Лирија“ – Житоше) заедно по втор пат се претставија пред преполна сала со ученици од одделенска настава од пет училишта од Кочани.
Текстот „Ние – Врапчињата“ е произлезен од романот на бугарскиот автор Јордан Радичков и од неговата досетлива критика на општеството и на луѓето.
Она што Радичков – балканскиот Егзипери, го прави со врапчињата, е обид да се направи и со оваа претстава: една приказна – две читања: детско и алегориско.
Врапчињата сме сите ние. А она што се игра е нашето општество. Случките кои се случуваат не се воопшто случајни, напротив – видени се многупати и голем дел од нас биле директни учесници во нив.
Како што Радичков ги критикува појавите и конкретните карактери преку дејствувањата на врапчињата, така и ние, низ претставата допираме до сериозни теми: етнички предрасуди, стереотипи, социјална дискриминација, дијаспора, брзо стекнување слава без особен труд, патријархален модел…
Процесот на раснење:
- Проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование“ започна во август 2016 год. (Овој проект ги јакне училиштата и ја зголемува јавната поддршка за меѓуетничката интеграција во образованието, дава придонес кон мирот и стабилноста на државата).
- Наставниците имаа четири обуки (15 дена) во кои беа сензибилизирани и обучени во полето на изградба на мир: работа на себе си и методологија за работа во училница.
- Двете училишта: „Климент Охридски“ и „Лирија“ воспоставија партнерство и имаа средби и состаноци во кои ги дефинираа активностите.
- Интегрираниот еко-ден и театарската претстава „Ние – Врапчињата“ беа две главни активности кои се договорија.
- Училиштата избраа театарски дружини и вклучија уште едно училиште („Добре Јованоски“) и така се создаде театарската дружина „ЗАЕДНО МОЖЕМЕ НАЈДОБРО“.
- Театарските групи имаа многу заеднички средби во кои се запознаваа, се дружеа и ја вежбаа претставата.
- Премиерата беше изведена на 30 април 2017 г. во с. Долнени.
По претставата сите учесници (23 ученици, наставници и соработници) разговара со селекторот на фестивалот Дарко Јан Спасов кој го поздрави проектот „Поддршка на интегрираното образование“ и го пофали дизајнот на плакатот и летокот.
Разговорот со учениците беше конструктивен, полн со совети и идеи како поубаво да изгледа претставата.
Чест е да се учествува на една ваква манифестација. Огромен е успехот на трите училишта во она што го зацртаа како цел. Дечињата имаа можност да се дружат повторно и да бидат уште подобри од претходниот пат.
Театарската претстава „Ние – Врапчињата“ има уште два настапи, во Прилеп и Скопје.