На четвртата Еду-конференција имав можност да се претставам со работилницата „Чекор напред“. Поточно се работи за техника која ја искористив за реализација на наставната единица „Социјални песни“.
Во наставниот процес сум седум години. Целта на моите часови е учениците да се заинтересираат за наставната единица, но и да ја совладаат на неконвеционален начин (онаму каде што тоа е можно).
Ја избрав наставната единица „Социјални песни“ бидејќи мислам дека е многу важна. Особено во ова време во кое што живееме. Гледајќи ја пасивноста, сеедноста, неодговорноста кај младите луѓе… ужаснува. Социјалната лирика е одлична лекција за нив. Но не предадена преку анализа на песна од Кочо Рацин и Коле Неделкоски во која учениците ќе бараат стилски изразни средства и поетски слики. Треба да се прочитаат обајцата, но претходно учениците треба да бидат спремни за нив. Да знаат што да читаат од тие песни.
Она што е омилено кај основците, а верувам и кај средношколците е „играњето улоги“. Затоа техниката ЧЕКОР НАПРЕД е одлична за воведување на учениците во наставната единица Социјална лирика.
Еве како течеше работилницата:
Замолив 13 доброволци да извлечат од картичките кои претходно ги направив
Бројот може да биде поголем, во зависност од бројот на учениците во одделението. Можат да се повторат истите улоги, но да се внимава да се нагодат во насока на претставување на реалната состојба во општеството. Убаво е улогите да бидат извлечени од опкружувањето во кое што живеат децата, за да им бидат поблиски.
картички за печатење (овде во ворд документ се улогите кои ги користев)
Учесниците истапуваат еден чекор напред кога ќе ја слушнат изјавата која се согласува со нивната улога. Штом се заврши со читањето на улогите, побарав сите да разгледаат каде се и да ја прочитаат својата улога. Еден по еден. Учесниците беа изненадени и искрено зборуваа за она што го доживеаја. На најдолната линија од општеството беа бездомникот и детето без родители, потоа работниците во фабрики, самохрани родители, наставници… за на врвот на претставеното општество да видат ќерка на американски амбасадор во Македонија и сопственичка на конфекција…
Потоа се започнува дискусија во која учесниците најпрво споделуваат како се чувствуваа во улогата и што мислеа за другите што чекореа/не чекореа. Дискусијата на самата работилница беше кратка, во неможност поради времето, но со учениците може да трае подолго. Сепак, од она што се дискутираше, се увиде која е моќта на техниката и колку многу може да им разјасни на учениците како настануваат мотивите за создавање на социјалните песни.
Потоа низ неколку слајдови им го претставив на учесниците понатамошниот тек на часот. (презентацијата) Учениците учесници во работилницата ги искажуваат своите чувства и тоа се запишува на таблата…така се доаѓа до мотивите на авторите кои пишуваат социјални песни и така учениците се спремни за читање на социјална лирика.
Социјални песни ЧЕКОР НАПРЕД (Презентација која што ја користев на работилницата)