Една од работите кои ме прават особено среќна е тековниот проект „Над разликите“. Проект кој се реализира со три училишта: ООУ Климент Охридски, ООУ Кирил и Методиј с. Канатларци, ООУ Лирија с. Житоше. Во групите учествуваа ученици Македонци, Албанци, Турци и Бошњаци. Проектот „Над разликите“ е поддржан од „Здружението Мировна акција Прилеп/Тетово во партнерство со Центарот за мировни студии од Загреб во рамки на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата” кој што е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Македонија и ЦИВИКА Мобилитас.
Досега се реализирани две средби на кои учениците се дружат, играат и творат креативни работи. Првата средба беше во паркот кај Судот, а втората средба во ООУ „Климент Охридски“. На двете средби учениците низ игровни активности се запознаваа и се дружеа. Имаа можност заедно да дружат четири етнички групи, да зборуваат на своите јазици и пак сите да се разбираат. Тренерите исто така зборуваат на својот јазик и секоја активност се парафразира – по моделот на Нансен интегрираното образование. Методот на парафразирање беше новост за мене. Доста ми се допадна и мислам дека беше несекојдневно искуство за сите. Секој тренер, претходно, во подготовките знае која активност следи. Тренерот назначен за таа активност го дава објаснувањето на свој јазик, а останатите тренери парафразираат што кажал/ла тој/таа. Значи не се работеше за класично, стерилно преведување, туку парафразирање. Учениците ја имаа слободата да зборуваат на кој јазик што сакаа, се слушаше понекогаш и англиски, француски и германски и сите се разбиравме. Богатството на јазици и опуштената атмосфера беа доказ колку убаво и лесно може да се живее заедно.
Трененрскиот тим: Аднан Мехмети, Јулијана Талеска, Ферди Булут, Ирена Трајкоска и Мирела Зијад – Шкријели се пет наставници од трите училишта кои го поддржуваат процесот и волни се за заедничка работа и градење на ново општество и подобро место за живеење. Тимот е обучен за вакви активности: дел од колегите преку Нансен – моделот за интегрирано образование, а дел преку обуките на Мировна акција и Центар за мировни студии – Загреб. Исто така дел од тренерскиот тим се членови на СИТ тимовите во своите училишта. Таа мешавина на искуства го носи квалитетот на целиот процес. Но пред сЕ волјата на колегите и желбата да се работи заедно.
Мојата лична мотивација поврзана со овие активности ја најдов и кај останатите колеги. Се радувам на таа случајност и заедно со нив одиме над разликите!
Да се надеваме дека ќе има уште вакви проекти!