Денес, 6.5.2019 проектот „И ние сме тука“ продолжи со уште една активност. Оваа активност е реализирана од асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ)
Беа реализирани две работилници во градинката „Весело штркче“ во Кривогаштани. Целта на работилниците беше да се подигне свеста за присуството на лицата со посебни потреби.
Најпрвин се запознававме со дечињата, си ги запишувавме имињата на лепенки и се прашувавме кои ни се нашите другарчиња, кои игри ги играме и со кои играчки најмногу сакаме да играме.
Потоа игравме пингвин-пеликан, за да се размрдаме малку.
Бидејќи групите беа составени од ученици на возраст од 2-6 години, тренерскиот тим со поддршка на воспитачките, негователките и психологот во градинката, одбраа физичка инвалидност. Односно, на учениците им се прочита приказната за Лена, девојчето во инвалидска количка. Па дечињата ја слушаа приказната, зборуваа и се запознаваа со предизвиците со кои се соочува Лена. Тие исто така од приказната научија дека пријателите можат многу да го олеснат животот, исто како што направија и другарчињата на Лена, во приказната.
Потоа во помалата група учениците боеја боенки на кои беа илустрирани дечиња во количка, а поголемата група ја црташе Лена како своја другарка и се цртаа себе си како си играат со неа. Со оваа активност сакавме да ги поттикнеме дечињата да се запознаат пред сè, дека постојат дечиња кои не можат да одат и користат количка, но и дека тоа не е пречка. Тие можат на различни начини да си играат со нив.
Сработените изработки ги залепивме на хартија и ги изложивме во училничките, таму да стојат и да ги потсетуваат за нашата активност.
На крај музичкото столче беше нашата завршна активност.
Дечињата беа искрени, мили и отворени. Поминавме прекрасни мигови заедно. Се надеваме дека овие дечиња ако некогаш имаат прилика да запознаат хендикепирано другарче, ќе знаат како да се играат со него, ќе бидат вистински другарчиња, исти како другарите на Лена.
Голема благодарност за вработените во градинката (Елизабета Спиркоска-Иваноска, Валентина Киселоска, Весна Пачешкоска, Моника Рујаноска, Маја Крстеска-Иваноска).
* еве ја приказната за Лена, сработена заедно со СТОП-текника. Колегите и колешките одделенци или воспитвачи и воспотувачки, слободно може да ја користат:
ЛЕНА
Еден убав летен ден, децата се договорија да си играат надвор. Марија, Сава, Јован, Стефан и Лена имаа идеја да направат куќичка. СТОП
АЈДЕ ДА СИ ЗАМИСЛИМЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ НАШИТЕ ДРУГАРЧИЊА. КАКО ИЗГЛЕДА МАРИЈА? КАКВО ФУСТАНЧЕ НОСИ? А САВА? ЈОВАН? СТЕФАН?
Лена не може да оди сама, па користи количка. Таа со рацете сама ја придвижува количката, но некогаш ѝ помагаат и мама и тато или некој од другарчињата. СТОП
КАКО Е ОБЛЕЧЕНА ЛЕНА? КОЈА БОЈА Ѝ Е КОСАТА? ДАЛИ Е КРАТКА ИЛИ ДОЛГА?
-
Но како да направиме куќарка – вели Марија. – Тоа е тешко, а и не знаеме како се прави.
-
Не мора ништо ново да се прави, може да си играме во мудбакот кај мене во дворот – радосно предложи Сава.
-
Ајде одиме – повикаа радосно сите. СТОП
КАКО ИЗГЛЕДА МУДБАКОТ? НИВНАТА ИДНА КУЌИЧКА?
Дечињата набрзо стигнаа во дворот од куќата на Сава и го здогледаа неговиот татко.
-
Добар ден дечиња, играјте си вие, и внимателно, додека ние не се вратиме од бавчата – им рече таткото на Сава.
Дечињата почнаа да ја уредуват куќата. Сите вредно работеа. Сава и Јован го чистеа подот. Стефан, Лена и Марија го средуваа просторот пред куќата. Засадија цвеќиња и ги полеваа со вода.
Набрзо сè завршија. Спремно им беше да почнат со играта. Поставија маса за ручек и на неа ставија ваганчиња. Марија на вратата постави лист на кој пишуваше: Сава, Јован, Марија, Стефан и Лена – најдобри другари!
Дечињата тргнаа кон куќичката. Сите беа радосни, само Лена беше тажна. СТОП
ЗОШТО ЛЕНА Е ТАЖНА? ЗОШТО ТАА НЕ МОЖИ ДА ВЛЕЗИ ВО КУЌИЧКАТА?
Забележа дека прагот на куќичката е висок и дека нема да може со количката да влезе.
-
Леле заборавивме на количката. – рече Марија. – Што да правиме сега?
Сава се досети дека во нивната градинка на влезот има премин преку кој може да помине количка, а тој се вика рампа.
-
Ајде сами да направиме рампа – викна гласно!
Почнаа да работат. Донесоа песок и го ставаа пред вратата на куќичката. Добро го натапкаа и го правеа малку надолу, за да може количката да се качи. Донесоа и цигли. Сите работеа заедно. Рампата беше совршена. Лена можеше да влези во куќата. Сите беа радосни, особено Лена. Таа восхитено рече:
-
Пресреќна сум што имам вакви другачиња. Би сакала да може да им вакви рампи насекаде, за да можам да влезам каде што сакам. СТОП