Честит празник!!!
Од оваа година, со одлуката на Владата на Република Македонија, на 130. седница, одржана на 16 април 2019 година, 5 мај е Ден на македонскиот јазик. По тој повод, сите наставници, особено македонистите, имавме идеи како да го празнуваме Денот. Но, како што сите знаеме… нѐ наваса некое чудно време и многу работи излегоа од текот кој што го имавме зацртано. Па, нема да сме наставници, ако не знаеме да се снајдеме во непредвидени ситуации, нели?…
И така, на идеја на мојата колешка Евгенија Трајкоска, решивме да предложиме, најпрво во рамките на нашето училиште „Климент Охридски“, да направиме некој виртуелен простор во кој ќе го одбележиме празникот. Објавивме на вибер, идејата се прифати и тргна иницијативата…
Нешто потоа идејата ја споделивме на затворената група од Друштвото на професори по македонски јазик од Општина Прилеп. Таму наидовме на позитивни реакции и најнакрај направивме Фејзбук-страница Ден на македонскиот јазик и колегите почнаа со поддршка.
Но тоа продолжи понатаму, се приклучија колеги од Охрид, Скопје, Куманово, Кавадарци и бројките растат и растат, исто како нашата радост.
Ги разгледувам активностите, на самиот ден на празникот, ги има многу. Вклучени се скоро сите училишта од Прилеп, опфатени се генерациски ученици од основно и средно образование. Активностите, која од која поубави: презентации, рецитации, фотографии, колажи, лични творби, ликовни творби, музички творби, цитати на поети и писатели, правописни правила, песни на поранешни и сегашни, актуелни поети…
Во моментов 24 660 прегледи, 839 допаѓања.
Колегите посветено, многу креативно допреа до сите кои на различен начин придонеле, придонесуваат и во иднина ќе придонесат во битисувањето на нашиот македонски јазик. И тоа многу радува.
Еве дел од нашите убавини на Страницата: