Што е 8 Март? Ден на мајката??? Ден на подароци? Ден на чајанки? Ден на учителката? Што е?
Интернационалниот ден на жената, како што официјално се вика, е ден во кој се промовира РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ! Овој празник не е само за жената, туку е за сите нас!
Ќе зборувам од позиција на наставничка, бидејќи начинот на кој се празнува во голема мера ме вклучува од таа позиција.
Многу работи поминале низ образовниот процес. Свесни или несвесни ние знаеме да поддржуваме или да не се спротивставиме на многу невистини, лажни вредности и заблуди кои ги учат децата в училиште. Некогаш од немоќ, некогаш од страв, мислиме ќе помине, не се мешај, остави… но тоа наше неделување на долг план оневозможува напредок, остава истовило на генерациите, затупува…
На овој ден, како и на сите позначајни празници во моето училиште се чита реферат во кој се кажува како овој празник почнал да се празнува, но никој не го слуша тоа. Потоа се слушаат прекрасните гласови на учениците, најчесто од одделенска настава, од кои произлегуваат безброј љубовни стихови за мајката и учителката. Се полни канцеларијата со подароци. Наставничките се затрупани со честитки и среќни мали главчиња кои скокаат како зајачиња, се радуваат што подаруваат… Паралелно на тие детски радости, редовно на овој празник се читаат и се слушаат низа обвинувања:
„Блазеси му на учителкине, за нив е денов“; „Леле види ја, можи цвеќарница да отвори“; „Тешко на родители, сите пари си ги дадоа“; „Колкав ваучер доби овој пат“; „Не знае колку чанти има“…
И што е најстрашно од сè, овие муабети често се искажани пред децата…
Една година, како одделенски раководител, забранив да ми купуваат подарок. Одржав работилница за родова еднаквост и зборував за значењето на празникот. Учениците инсистираа да ми подарат нешто. Допуштив букет со цвеќе. Добив низа критики и од нив и од родителите: „Сакаат децата, им значи, зошто им ја одземаш радоста?“ Во ред, убаво е да подаруваш. Убаво е да правиш некого среќен. Јас сакам подароци – има некој што не сака? Ама која е смислата на обетките, ваучерот, ташната? Што покажува тоа? Тоа внимание каде води? Што им останува на децата в глава за овој ден? Дека треба да се купи некој подарок, ден за подароци?
Смислата на празникот е нешто многу посилно. Вистинското значење на празникот кај нив ќе предизвика промена. Ако доаѓаат од семејство каде што мајката е таа што ги врши сите домашни работи, што е пресирана, па можеби и физички малтретирана, ќе научат дека тоа е погрешно. Ќе научат дека нема женска работа и дека тоа некој во минатото го платил со својот живот.
Кога прв пат со учениците зборував за празникот сфатив дека не знаат зошто се празнува. Тоа им е ден на мајката и на учителката. Ете баш така, тоа е соодветниот назив на празникот кој кај нас се слави: ДЕН НА МАЈКАТА И УЧИТЕЛКАТА. На овој ден мајките добиваат подарок: тенџере, ѓезве, чанта, обетки, можеби и парфем… а учителката, ааа таа добива ваучер. Мајките на учениците губат скапоцено време организирајќи се преку вибер групи, месинџери: ова да биде – она да биде… и на крај учителката е виновникот. Таа, што си изнасобра куп подароци, како не ѝ е срам…
Зошто треба да се прекине со подарување подароци на учителката за 8 Март? Затоа што тоа е сквернавење и потценување на празникот. Тоа е ден на кој се потсетуваат сите за борбата која секојдневно се води за родова еднаквост. Тој ден треба да се искористи и да се сензибилизира, да се поучува, да се зборува со учениците. Детето да реагира дома кога неговиот татко нема да се вклучува во домашните работи. Уште од мала возраст да учи како да се грижи за домот, за другите, за себе: без разлика дали е момче или девојче. Јас имав ситуации на час кога учениците мислеа дека лажам споделувајќи им дека домашните обврски ги делиме со сопругот и дека немаме машки и женски обврски, едноставно кој како може и како стигнува. Не им се веруваше дека е тоа можно! Замислете во 21 век, во време кога бар на хартија сме далеку од патријархатот… и истите тие ученици подаруваа скапи подароци за 8 Март. Која е смислата на сето тоа?
Сум видела, особено учениците во одделенска настава, колку се среќни и возбудени. Па се подготвуваат, прават изненадувања, зрачат во лицата. Тоа е многу убаво да се гледа, но што празнуваат? За што го даваат тој подарок? Не знаат… Тука е грешката!!!
Подарувањето е убава работа. Да се учат учениците да подаруваат е прекрасно. Но Тоа може да се направи на друг ден, може и да е обичен ден. Да се покаже благодарност, да се покаже дека некого сакате… да биде искрено, не наместено и изнудено…
За жал има жени кои само на овој ден добиваат некакво внимание. Затоа им е значаен денот да се празнува баш така… за жал има жени кои само тогаш или многу ретко излегуваат со своите пријателки на прослави… токму за нив, за нив треба да се знае што точно се празнува! Има мајки кои не излегле од кујна со години, кои одамна не се почувствувале женствено нити чуле некој комплимент за себе. Зар цвеќето или марамата ќе им го потполни празнилото?
Треба да се менува овој свет, а младите се тие кои ќе го направат тоа. Треба да им се каже, тие брзо учат и ги согледуваат работите! Родовата еднаквост е она кон што треба да се стремиме!
Соодветното славење на празникот може да ни донесе подобра иднина!
За крај, врска од една наша прекрасна активност, на мојата мила Драмска секција: ДА ЈА ПРЕДИЗВИКАМЕ ЕДНАКВОСТА!
Преубав блог. Денот не е за чистење на продавниците од порцелански кинезарии. Денот е да се покаже дека го почитуваме поубавиот, понежниот и посилниот пол. Среќен празник, Ве сакаме, бидете и понатаму силни.