Работилници (Поезијата на црниот фломастер – blackout poetry)
Денот на македонскиот јазик е празник кој од неодамна се празнува – на наша голема радост! Поради тоа ние и оваа година подготвивме низа активности со кои сакаме да им укажеме на нашите ученици за важноста на македонскиот јазик, за неговата идентитетска функција и големото значење во нашите животи.
Првата активност, а воедно и еден заеднички проект со колегата Љупчо Петрески, беше работилницата со седмите одделенија. Проектот беше тимска работа на две одделенија од различни училишта.
VII – 1 одделение од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и VII – 4 од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп одражаа заеднички час во кој во групи од мешан состав изработија блекаут стихови.
Учениците имаа можност да се запознаат со техниката за креативно пишување блекаут поезија или во слободен превод поезијата на црниот фломастер. Оваа техника на творење од веќе постоечки текст пробуди кај нив креативност.
Идејата беше да работат на раскази од македонски автори. Да се запознаат со нивното творештво и низ играта која што ја нуди блекаут поезијата да се забавуваат творејќи.
Првото творење беше во групи. Учениците добија осум избрани раскази од македонски автори: „Штрудлата на Лиле“ – Оливера Ќорвезироска; „Фиока“ – Мила Митевска; „Нела Смела и бушавата бура“ – Билјана Црвенковска; „На денот на скопскиот маратон“ – Владимир Лукаш; „Необјаснивост“ – Славко Јаневски; „Подарок од Сингапур“ – Лилјана Дирјан; „Раскази од кујната“ – Соња Михајловиќ и „Стихови врежани во лед“ – Митко Маџунков.

Часот беше фокусиран на учење на техниката за креативно пишување низ текстови од истакнати македонски автори. Но, на почетокот од часот учениците имаа можност накратко да се запознаат со историјата на македонскиот јазик, она што го учеле и ќе го учат до крајот на деветто одделение. Исто така тие ги видоа на фотографии луѓето кои дале голем придонес во опстојувањето на македонскиот јазик и во неговиот развој, но и најзначајната литература која го бележи постоењето на македонскиот јазик и овозможува ние да го учиме.
Колегата Љупчо Петрески беше задолжен за презентација на техниката. За полесно да им биде на учениците, тој сними видео коешто им беше пуштено на учениците на часот. Ова видео е ресурс за наставниците што сакаат да се обидат и да создадат креативни стихови.

https://youtu.be/JNoAxxgy6u4
Учениците имаа можност и да видат како изгледа тоа во ворд документ и потоа во 8 групи работеа заедно на текстовите.
На овој час учениците се: запознаа со одбележувањето на Денот на македонскиот јазик; се запознаа со македонскиот јазик и книжевност и развојот низ историјата; развиваа вештини за креативно изразување и она што е најважно РАЗВИВАА ЕМПАТИЈА КОН МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА.
Исто така секој ученик имаше задача во текот на денот да создаде сам блекаут со тоа што ќе избере текст или песна од македонски автор или лист од некој дневен весник на македонски јазик. Изработките учениците ги фотографираа и ги испратија во Тимс.
Еве дел од нив:
Изработките од учениците стигнуваат цел ден, што ни покажува дека оваа техника пробуди кај нив интерес.
Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик! Да го чуваме и пазиме!