8 Март, Денот на борбата за еднаквост!!!

Позивот на наставникот, родителот, едукаторот, тренерот… е да создаде идни одговорни граѓани кои ќе го направат животот подобар за сите нас. Такви граѓани може да имаме ако отворено, со силна жар ги разобличуваме лагите и стегите кои се создавале во минатото, а денес отворено се поддржуваат.
Ако се има свесност дека од мали нозе може да се искалат генерации на совесни граѓани кои од темел ќе го променат општеството, можеме да живееме многу подобро…


Да им се кажува на децата дека 8 Март е денот на мајката е лага! Да им се кажува дека денес е денот кога треба да се подарува е исто така лага! Да го менуваме одност кон жените само тој ден и од наредниот да продолжувам по старо е страшен пример кој создава луѓе полоши од нас.


Овој ден е ден за ЕДНАКВОСТ!!! ТОА ГО ПРАВИ ДЕН НА СИТЕ НАС!!!


Моите ученици треба да знаат дека во минатото жените ги добиле правата што ги имаат денес со силна борба, со протест, со ненасилна акција, со делување, со многу мака. И да знаат дека таа борба не е завршена. Да знаат како треба да функционира едно семејство. Да знаат дека обврските се делат на мои и твои, не на машки и женски!
Да знаат дека не мора да си мајка за да го славиш овој ден. Дека немаш обврска да купуваш подарок, дека подарувањето е убаво кога е од срце и не е изнудено. Кога е направено од тебе и во него има дел кој потсетува на тој што го подаруваш.


Секоја година се ужаснувам од изместените чествувања на денот. Силно ги сожалувам радосните жени на кои можеби тој ден им е единствениот кога се чувствуваат како жени. Силно се сочувстувам со жените и девојките кои трпат насилство, за оние кои се злоставени и кои се воспитани во духот на патријархатот. За оние кои немаат сила и поддршка да застанат и да речат НЕ!

Е за тие жени, за овие мои мили девојчиња да не бидат тие жени, за нив треба да го правиме тоа освестување!


Славењето е убава работа кога си го добил она што си го барал!

Подарувањето е доблесно кога сакаш да подариш,

а ПРОТЕСТОТ Е ОНА ШТО Е НУЖНО!!!


Денешните девојчиња треба да се јакнат и да се храбрат. Да им се зголеми самодовербата и да се поддржуваат во своите желби да бидат подобри. На момчињата треба да им се укажува, да се разговара со нив, уште од мали нозе да се вклучуваат во домашните обврски. Така се создаваат зрели луѓе за заедница, за соживот, за хармонија.
Треба да се делува, неуморно да се зборува…


За овој ден, многу значаен за мене и за моите драмски надежи, направивме видео.
Видеото е збир на низа активности кои се случија неколку дена пред 8 Март. Сите активности водеа кон вистинскиот начин на „прослава“ на празникот! Од особена важност е, постојано да им се кажува на учениците, идните граѓани на ова наше општество, дека славењето на овој ден е за еднаквост!! Празникот не е само празник на мајката и учителката, на бабата и комшивката. Тоа е ден за кој во минатото многу жени се жртвувале за да застаната рамо до рамо со мажите! Моите ученици искуствено научија што е 8 Март и сакаа да им покажат и на останатите како треба да се слави!!!

Честит 8 Март!!! Денот на борбата за еднаквост!!!

„Силјан Штркот“ со актерот Александар Тодески и драмската секција

Дел од драмската секција

Соработката со актерот Александар Тодески е непроценлива за нашата драмска дружина „Од глаата си патиме.“ 🙂 Контактот со професионалец секогаш е успешен. Учениците се радуваат на овие средби и од нив учат многу.

Со Александар се расчита извадок од „Силјан Штркот“ и се поделија улогите. Учениците имаа можност и да научат како се игра со куклите. На гости ни дојде Силјан и Божин, татко му на Силјан. Напорно работеа и се спремија да се претстават пред учениците од седмо одделение.

Со учениците од седмо одделние најпрвин ја изгледавме куклената претстава „Силјан Штркот“ во која што беа куклите со кои вежбаа учениците од драмската.

Учениците имаа задача да ја прочитаат книгата и да се подготват за обработка на лектрирата. Па, на часот ги чекаше изненадување. Учениците од драмската секција беа прекрасни. Го разубавија часот и создадоа прекрасна енергија.

По завршувањето на куклената престава, седмооделенците имаа можност да се запознаат со куклите и да ја земат нивната улога, па останатите ученици им поставуваа прашања. Низ прашањата се дискутираше за содржината.

На крај се правеше и селфи со куклите 🙂 за Инста.

Второ видео на Јазичната патрола

Јазичната патрола на Денот на македонскот јазик го сними своето второ видео. Ова видео содржи основни правила од Правописот на македонскиот јазик за пишување голема и мала буква. Идејата е бушава – да се пренесе порака дека писменоста секогаш треба да биде „во мода“.

#2

Јазична (бушава) патрола

Промотивно видео

Драмската секција оваа година реши да формира ЈАЗИЧНА ПАТРОЛА. Патролата има цел да претставува на креативен начин правописни правила и правописни грешки.

Промотивното видео ја претставува нашата акција. Деновиве ќе следат уште видеа кои ќе бидат поставени на Тик-ток. Гледајте нЕ!

Од снимањето…

Драматизации посветени на Конески

Сто години од раѓањето на великанот Конески. Нашето чествување започна со Ораторската вечер, а ќе го заокружиме со две видеа во кои правиме драматизација на „Пеперуга“ и „Весела песна“.

Активноста ја реализираа ученичките: Марија Јовеска, Душица Петкоска, Горјан Ристески, Марија Апостолоска, Илина Радеска и Јована Илијоска.

8 Март – Денот на мајката и учителката?!

Што е 8 Март? Ден на мајката??? Ден на подароци? Ден на чајанки? Ден на учителката? Што е?

Интернационалниот ден на жената, како што официјално се вика, е ден во кој се промовира РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ! Овој празник не е само за жената, туку е за сите нас!

Ќе зборувам од позиција на наставничка, бидејќи начинот на кој се празнува во голема мера ме вклучува од таа позиција.

Многу работи поминале низ образовниот процес. Свесни или несвесни ние знаеме да поддржуваме или да не се спротивставиме на многу невистини, лажни вредности и заблуди кои ги учат децата в училиште. Некогаш од немоќ, некогаш од страв, мислиме ќе помине, не се мешај, остави… но тоа наше неделување на долг план оневозможува напредок, остава истовило на генерациите, затупува…

На овој ден, како и на сите позначајни празници во моето училиште се чита реферат во кој се кажува како овој празник почнал да се празнува, но никој не го слуша тоа. Потоа се слушаат прекрасните гласови на учениците, најчесто од одделенска настава, од кои произлегуваат безброј љубовни стихови за мајката и учителката. Се полни канцеларијата со подароци. Наставничките се затрупани со честитки и среќни мали главчиња кои скокаат како зајачиња, се радуваат што подаруваат… Паралелно на тие детски радости, редовно на овој празник се читаат и се слушаат низа обвинувања:

„Блазеси му на учителкине, за нив е денов“; „Леле види ја, можи цвеќарница да отвори“; „Тешко на родители, сите пари си ги дадоа“; „Колкав ваучер доби овој пат“; „Не знае колку чанти има“…

И што е најстрашно од сè, овие муабети често се искажани пред децата…

Една година, како одделенски раководител, забранив да ми купуваат подарок. Одржав работилница за родова еднаквост и зборував за значењето на празникот. Учениците инсистираа да ми подарат нешто. Допуштив букет со цвеќе. Добив низа критики и од нив и од родителите: „Сакаат децата, им значи, зошто им ја одземаш радоста?“ Во ред, убаво е да подаруваш. Убаво е да правиш некого среќен. Јас сакам подароци – има некој што не сака? Ама која е смислата на обетките, ваучерот, ташната? Што покажува тоа? Тоа внимание каде води? Што им останува на децата в глава за овој ден? Дека треба да се купи некој подарок, ден за подароци?

Смислата на празникот е нешто многу посилно. Вистинското значење на празникот кај нив ќе предизвика промена. Ако доаѓаат од семејство каде што мајката е таа што ги врши сите домашни работи, што е пресирана, па можеби и физички малтретирана, ќе научат дека тоа е погрешно. Ќе научат дека нема женска работа и дека тоа некој во минатото го платил со својот живот.

Кога прв пат со учениците зборував за празникот сфатив дека не знаат зошто се празнува. Тоа им е ден на мајката и на учителката. Ете баш така, тоа е соодветниот назив на празникот кој кај нас се слави: ДЕН НА МАЈКАТА И УЧИТЕЛКАТА. На овој ден мајките добиваат подарок: тенџере, ѓезве, чанта, обетки, можеби и парфем… а учителката, ааа таа добива ваучер. Мајките на учениците губат скапоцено време организирајќи се преку вибер групи, месинџери: ова да биде – она да биде… и на крај учителката е виновникот. Таа, што си изнасобра куп подароци, како не ѝ е срам…

Зошто треба да се прекине со подарување подароци на учителката за 8 Март? Затоа што тоа е сквернавење и потценување на празникот. Тоа е ден на кој се потсетуваат сите за борбата која секојдневно се води за родова еднаквост. Тој ден треба да се искористи и да се сензибилизира, да се поучува, да се зборува со учениците. Детето да реагира дома кога неговиот татко нема да се вклучува во домашните работи. Уште од мала возраст да учи како да се грижи за домот, за другите, за себе: без разлика дали е момче или девојче. Јас имав ситуации на час кога учениците мислеа дека лажам споделувајќи им дека домашните обврски ги делиме со сопругот и дека немаме машки и женски обврски, едноставно кој како може и како стигнува. Не им се веруваше дека е тоа можно! Замислете во 21 век, во време кога бар на хартија сме далеку од патријархатот… и истите тие ученици подаруваа скапи подароци за 8 Март. Која е смислата на сето тоа?

Сум видела, особено учениците во одделенска настава, колку се среќни и возбудени. Па се подготвуваат, прават изненадувања, зрачат во лицата. Тоа е многу убаво да се гледа, но што празнуваат? За што го даваат тој подарок? Не знаат… Тука е грешката!!!

               Подарувањето е убава работа. Да се учат учениците да подаруваат е прекрасно. Но Тоа може да се направи на друг ден, може и да е обичен ден. Да се покаже благодарност, да се покаже дека некого сакате… да биде искрено, не наместено и изнудено…

За жал има жени кои само на овој ден добиваат некакво внимание. Затоа им е значаен денот да се празнува баш така… за жал има жени кои само тогаш или многу ретко излегуваат со своите пријателки на прослави… токму за нив, за нив треба да се знае што точно се празнува! Има мајки кои не излегле од кујна со години, кои одамна не се почувствувале женствено нити чуле некој комплимент за себе. Зар цвеќето или марамата ќе им го потполни празнилото?

Треба да се менува овој свет, а младите се тие кои ќе го направат тоа. Треба да им се каже, тие брзо учат и ги согледуваат работите! Родовата еднаквост е она кон што треба да се стремиме!

Соодветното славење на празникот може да ни донесе подобра иднина!

За крај, врска од една наша прекрасна активност, на мојата мила Драмска секција: ДА ЈА ПРЕДИЗВИКАМЕ ЕДНАКВОСТА!

Холокаустот низ призмата на детските очи

Овој проект е реализиран од тројца наставници-ментори од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп: Александра Богоеска (наставничка по Ликовно образование), Дарко Дорошевски (наставник по Историја и Граѓанско образование), Јулијана Талеска (наставничка по Македонски јазик). Идеата дојде од конкурсот кој го објави Меморијалниот центар на холокаустот. Нашите ученици и дел од наставниците веќе некое време се дел од активностите, проектите и обуките што ги спроведува Меморијалниот центар во соработка со Центропа. Тоа искуство се обидовме да го срочиме во кратко видео: „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Во видеото беа вклучени: Андреј Гиноски – анимација, Анастасија Бошкоска – монтажа, Ана Нешкоска, Теодора Велкоска, Гордана Димеска, Викторија Танеска, Лариса Кајџаноска.

 

 

 

 

ДА ЈА ПРЕДИЗВИКАМЕ ЕДНАКВОСТА

DSC_0193.JPG

„Да ја предизвикаме еднаквоста“ е акција на драмската секција од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, со која се бориме за родова еднаквост.

Драмската секција е група од ученици од основно училиште на возраст од шесто до деветто одделение кои заедно со мене и сите добронамерници кои сакаат да се вклучат, подготвуваме театарски едночинки и претстави со кои се претставуваме на училишните приредби.

Во годишната програма на секцијата, меѓу другото, се реализираат два настани кои многу ни се значајни:

  • Новогодишна претстава за дечињата од градинките
  • Акција која поттикнува и освестува

Бидејќи сме свесни за силните остатоци на патријархалниот модел и за тоа дека образовниот систем само го поттикнува и одржува, секоја година подготвуваме активност во која се обидуваме да укажеме и освестиме.

Во таа насока оваа година дадовме име на секцијата. Се викаме „Од глата си патиме“ – во чест на Чернодрински, но и во симболичка насока – дека сЕ ни иди од нашите глави. Таму треба да настане преумувањето.

Минатата година направивме едночинка со која се претставивме во наставничката канцеларија и на приредбата посветена за 8 ми Март. Во претставата ги критикувавме погрешните разбирања на жените за празнувањето на празникот. Укажавме дека тој пред сè е празник за кој многу жени во светот дале жртви за рамноправност и дека така треба да се празнува – со борба, со акција за правата!

Оваа година идејата е да се направат фотографии во кои ќе се прикаже непотребната поделеност по бои, обврски, хоби, спортови… да се покаже дека секој може да биде што сака, да работи што сака и што треба и да се носи во онаа боја во која се чувствува пријатно. Полот не треба да биде препрека за тоа што го сакаме!

 

Бидејќи сме сведоци уште од најмала возраст, во рамките на наставниот процес дека се прават машко-женски поделби:

Девојчињата играат одбојка, а момчињата фудбал…

Девојчињата носат црвени униформи, а момчињата темно сини…

Девојчињата чистат, а момчињата преместуваат столчиња…

Тоа, така неусетно, го поддржуваме и дечињата го усвојуваат како нешто што е природно и нормално – токму против таа стереотипизација и полова поделба се бориме со оваа акција!!!

 

This slideshow requires JavaScript.

На интернет можете да нè најдете на фејзбук групата Да ја предизвикаме еднаквоста, и на Инстаграм, на истоимената група.

Сликајте се и вие и ставете ги овие ознаки:

#ednakvost #cestit8mimart #akcija #dramskasekcija

Заедно да се бориме за родова еднаквост! И така да го честитаме празникот, кој не е празник само на жената, тој е празник на сите нас. Празник за еднаквост!

Новогодишна театарска претстава на драмската секција

 

 

 

И оваа година драмската секција неуморно работеше за во овие предновогодишни денови да ги израдува најмалите. Во рамките на воннаставните часови, учениците ја подготвуваа театарската претстава… на која што уште не најдовме соодветно име… па ја нарековме „Новогодишна претстава“.

Оригиналниот текст и идеја беше од Ленче Радосавлјевиќ. Прекрасна приказна во која се испреплетени нарациите на Црвенкапа и Трите прасиња, иако во овој случај беа четири волци и едно прасе 🙂

 

 

Учениците одлично се вклопија во улогите и поминаа прекрасно време со малите дечиња.

48426124_315792622478196_4698657697422114816_n

На проектот работеа наставничките Јулијана Талеска, Билјана Шукуроска-Наумоска, Лина Ѓорѓиоска. За костимите се погрижија Александра Богоеска, Наташа Колеска и Гордана Стојаноска и секако родителите и учениците – учесници. Исто така учениците имаа неколку скапоцени проби со професионалниот актер Александар Тодески кој веќе неколку години наназад е голема поддршка на нашето драмско раснење.

 

 

This slideshow requires JavaScript.

Учениците најпрво настапија кај своите соученици во посебните паралелки. Потоа со наставничката Билјана беа во градинката „Наша иднина“, па во едукативниот центар „Еду шампиони“ и на крај, утре, ќе им посакаат среќна Нова година на нашите првачиња и на дечињата од колегите од „Климент Охридски“.

Видеото од еден од настапите (во Еду шампиони) може да го видите на овој линк:

Се гледаме следната Нова!!!

 

 

 

Како го прославивме 8 – ми Март?

bdr

Празникот на жената секоја година кај мене создава мачнини… поради тоа што од година во година го губи своето значење… а фактот дека самата жена го придонесува тоа, ме жести уште повеќе.

Поради тоа, јас и моите ученици решивме да го прославиме онака како што ние најдобро знаеме.

Активности кои ги реализиравме:

  1. Дискусии со учениците за значењето на празникот
  2. Заговори за рушење на патријархалниот модел – во кои отворено зборувавме дека нема женски и машки работи, дека во домот обврските треба да се делат и секој да го работи она за што се договорил со останатите.
  3. Работилница за род
  4. Работилница во која учениците сами направија подароци за своите мајки и наставнички
  5. Творење драмски текст за Осми Март
  6. Учество со драмскиот текст на литературно читање посветено на празникот
  7. Изненадување – честитање празник на наставничките во наставничка канцеларија со драмската точка

 

Мојата порака и честитката на овој празник ќе ви ја пратам со видеото од драмската секција.

Честит празник!