Се радувам многу на платформата Едуино, на ентузијазмот кој произлегува од млади луѓе вклучени во целиот процес. Чест ми е што сум дел од оваа приказна со мои три часа. Сакав да го поддржам процесот, иако не беше воопшто едноставно. Сепак, се радувам навистина и сакам да ги споделам.
Нивното снимање ми одзеде многу време и труд. Поминав низ низа консултации со мои драги колеги со кои соработувам постојано, тука беше и секогаш потребната поддршка од советничката од БРО Оливера Тодороска, и се разбира поддршката од семејството.
Бидејќи бев директен учесник во создавањето дигитални содржини, ги поздравувам сите напори на колегите кои снимиле видео материјали.
Сепак, сметам дека овде не треба да се запре. Се сними што се сними, но квантитетот да не ни биде доволен. Треба да се креираат правила според кои во иднина ќе се снима. Наставниците да имаат менторска поддршка низ целиот процес на креирање на часовите и се разбира хонорар за трудот.
Како поминува времето, часовите што се снимени на одредена наставна единица може да се снимат повторно. Ако има голем број грешки или не е доволно добар содржински, технички… може да му се укаже на наставникот и повторно да снима… има многу наставни единици кои чекаат снимање…
Се надевам дека нема да се сопре тука. Го поздравувам Едуино-обидот и со задоволство чепкам по порталот.
Еве ги врските до моите часови. Не се совршени, си најдов грешки… ама луѓе сме. И прилепчани исто така 🙂
Се надевам ќе бидат корисни за учениците, а мотивирачки за колегите.
На неколку нешта низ часовите во оваа учебна година со огромна радост се сеќавам. Едно нешто од нив е циклусот посветен за мит. Споив повеќе наставни единици: повторивме најпрво за легенда и предание, па учевме за мит и митологии, ја сработивме лектирата „Најубавите митови“, па читавме и гледавме видеа од римска, кинеска и египетска митологија, за на крај да ја работиме и „Перунова стрела“ и мотивирани од словенската митологија учениците правеа писмена работа. Полн погодок. Забавно, едукативно, полно со активности. Она што ми фалеше, а со идната генерација би го додала е час по граматика – морфологија – зборовни групи во митовите… можеби…
Дабовото дрво Перуново
Учениците беа најмногу активни во задачите кои им беа дадени да ги сработат дома.
Секој ученик требаше да избери да направи од пластелин митско суштество или бог, некој симбол од митологијата и сл,; да нацрта, да направи од некој материјал, да се преправи, да изработи постер или да прикаже некоја негова оригинална идеја.
Мотивирани до митовите од различни митологии со кои што се запознаа на часовите, учениците требаше да смислат мит кој ќе го раскажат во средината на превиткан лист хартија. На горниот дел цртаат лик од митот, а во внатрешноста лево и десно ги запишуваат добрите и лошите особини на митското суштество или богот што го измислиле.
Лектирата „Перунова стрела“ ја сработивме со техниката лектира во торбичка.
Богот Велес се качува по дабот, кон престолот на Перун
На торбичка или кесичка украсна, за родендени и пригоди, се лепат два листа, од едната и од другата страна. На предниот лист ученикот ја црта насловната страница на лектирата, онака како што си ја замислува, а на другата страна ја пишува биографијата на авторката.
Изработила: Марија Јовеска VII – 4
Во торбичката става нацртани, набоени, исечени, пет работи кои потсетуваат на содржината. Презентирајќи со нив, ја раскажува содржината на книгата.
изработка од ученик
Писмена работа „Еден ден во градините на Перперуна“
Темата толку многу ги мотивира што произлегоа прекрасни митови 😊 митолошки суштества со различни моќи… учениците истражувале за словенска митологија, правеле компилации со другите митологии… да ти е мерак да си читаш. Еден ученик дури рече да ги издадеме текстовите во книга. Зошто да не?
Еве неколку извадоци од писмените:
Јас сум самовилата Смешко, од татко Кикот и мајка Насмевка, еден од многуте самовили кои се блиски со луѓето, но и со боговите на Перун. Јас се грижам за доброто расположение, насмевка и ведар дух кај луѓето, животните, птиците, рибите и растенијата.
Моето име е Никсли. Моите родители се Миксиспителик (татко ми) и мајка ми Мисплика. Тие ми ги дариле самовилските моќи. Имав лик на девојка со фантастичен изглед, блескаво убава со златна коса. Носев бел фустан, со проѕирни велови и широк појас. Во рацете имав лак и стрели. На грбот имав крилја, поставени на мојот фустан и мојата моќ се наоѓаше токму во крилјата.
Јас сум киклоп. Моето име е Клара. Сега, на прв поглед ќе си помислите дека сум како останатите киклопи, лоша, безмилосна, но не сум таква. Моите родители се Прани и Рон. Доаѓам од земјата на киклопите, Кикол
Јас сум Погумно, една самовила која никогаш не мислеше дека би му била потребна на некој. Мене никој не ме повикал за помош, а и што би му помогнала? Јас само си седев во мојот свет. Светот на луѓето е многу чуден. Мојот свет е шума, шума со големи дрва, зелени. Има големи печурки, така големи што се над обичен човек. Има разиграни цветови кои пеат. Јас живеам во селото Печурково. Тоа е мирно село со прекрасни самовили и вилењаци, добри и секогаш весели.
Моето име е Лада, јас сум еднорог, родена сум во градината на Перперуна. Моето семејство се грижело со векови за заштита на Перуновото семејство.
Работилници (Поезијата на црниот фломастер – blackout poetry)
Денот на македонскиот јазик е празник кој од неодамна се празнува – на наша голема радост! Поради тоа ние и оваа година подготвивме низа активности со кои сакаме да им укажеме на нашите ученици за важноста на македонскиот јазик, за неговата идентитетска функција и големото значење во нашите животи.
Првата активност, а воедно и еден заеднички проект со колегата Љупчо Петрески, беше работилницата со седмите одделенија. Проектот беше тимска работа на две одделенија од различни училишта.
VII – 1 одделение од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и VII – 4 од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп одражаа заеднички час во кој во групи од мешан состав изработија блекаут стихови.
Учениците имаа можност да се запознаат со техниката за креативно пишување блекаут поезија или во слободен превод поезијата на црниот фломастер. Оваа техника на творење од веќе постоечки текст пробуди кај нив креативност.
Активност сработена во група за време на часот; „На скопскиот маратон“ – Владимир Лукаш
Блекаут од „Необјаснивост“ – Славко Јаневски – работа во групи
Идејата беше да работат на раскази од македонски автори. Да се запознаат со нивното творештво и низ играта која што ја нуди блекаут поезијата да се забавуваат творејќи.
Првото творење беше во групи. Учениците добија осум избрани раскази од македонски автори: „Штрудлата на Лиле“ – Оливера Ќорвезироска; „Фиока“ – Мила Митевска; „Нела Смела и бушавата бура“ – Билјана Црвенковска; „На денот на скопскиот маратон“ – Владимир Лукаш; „Необјаснивост“ – Славко Јаневски; „Подарок од Сингапур“ – Лилјана Дирјан; „Раскази од кујната“ – Соња Михајловиќ и „Стихови врежани во лед“ – Митко Маџунков.
Блекаут од „Нела Смела и бушавата бура“ – Билјана Црвенковска – работа во групи
Часот беше фокусиран на учење на техниката за креативно пишување низ текстови од истакнати македонски автори. Но, на почетокот од часот учениците имаа можност накратко да се запознаат со историјата на македонскиот јазик, она што го учеле и ќе го учат до крајот на деветто одделение. Исто така тие ги видоа на фотографии луѓето кои дале голем придонес во опстојувањето на македонскиот јазик и во неговиот развој, но и најзначајната литература која го бележи постоењето на македонскиот јазик и овозможува ние да го учиме.
Слајд од презентацијата
Колегата Љупчо Петрески беше задолжен за презентација на техниката. За полесно да им биде на учениците, тој сними видео коешто им беше пуштено на учениците на часот. Ова видео е ресурс за наставниците што сакаат да се обидат и да создадат креативни стихови.
Учениците имаа можност и да видат како изгледа тоа во ворд документ и потоа во 8 групи работеа заедно на текстовите.
На овој час учениците се: запознаа со одбележувањето на Денот на македонскиот јазик; се запознаа со македонскиот јазик и книжевност и развојот низ историјата; развиваа вештини за креативно изразување и она што е најважно РАЗВИВАА ЕМПАТИЈА КОН МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА.
Од презентацијата за блекаут поезија
Исто така секој ученик имаше задача во текот на денот да создаде сам блекаут со тоа што ќе избере текст или песна од македонски автор или лист од некој дневен весник на македонски јазик. Изработките учениците ги фотографираа и ги испратија во Тимс.
Еве дел од нив:
Изработки сработени дома
Изработките од учениците стигнуваат цел ден, што ни покажува дека оваа техника пробуди кај нив интерес.
Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик! Да го чуваме и пазиме!
Од неодамна сум дел од една Фејзбук група Kreativni pristup lektiri чинам хрватска група во која се споделуваат креативни обработки на лектири. Листајќи на ѕидот од групата забележав дека дел од членовите користат некоја техника за цртање пица. Прашав и ми дадоа насоки како изгледа таа техника. Во основа имаш на располагање 8 прашања кои ги конципираш онака како што сакаш. Задачата е да се одговорат во секое од парчињата на пицата и истовремено да се остави на креативноста од учениците да ја украсат онака како што сакаат.
smart
Јас решив да ја испробам со учениците од седмо одделение. Наидов на воодушевување, одлично сработени задачи и позитивни коментари.
Ја работевме лектирата „Светлина зад ридот“ од нашиот прилепчанец Трајче Крстески. Учениците имаа задача да одговорат на следниве прашања: