Шеста Едуконференција

На 17-18 септември 2022 година во Струга се одржа Меѓународна Едуконференција наменета за наставници, педагози, воспитувачи, дефектолози, психолози, советници, директори и останати стручни лица. На оваа конференција со мојата драга пријателка и поранешна колешка Светлана Миковиќ-Томеска и колешката Зорица Трајаноска, учествуваме со работилницата: ШТО СЛУШНАЛА БУБАМАРАТА?

Работилницата беше инспирирана од една англиска приказна за Бубамарата од Џулија Доналдсон (https://www.youtube.com/watch?v=Lckjqm91LCk). Ја преведивме и од неа создадовме табла која ја претставуваше мапата на фармата.

Таблата

Преку ваквиот интердисциплинарен пристап се развиваат многу вештини кај учениците. Нашата работилница се случува на една фарма. Така што во часот се интегрирани содржини од општество, учениците ќе се запознаат со животните во фармата, со нивните живеалишта, но и со звуците кои ги испуштаат. Како зборуваат животните? Тука се интегрира и македонски јазик – како правилно се изговараат тие звуци. Исто така учениците се запознаваат со основите на програмирањето низ играта со роботчето Мајнд.

Користевме апликација која ги покажува како изгледаат животните и со кликање се слушаат и нивите звуци. На телевизор, интерактивна табла, проектор…

Таблата е направена од ученичката Марија Трајаноска, цртежите се скенирани и залепени на таблата.

Еве ја приказната:

Што слушна Бубамарата?

Некогаш одамна, на една фарма си живееше една убава кокошка, неколку пајки во мало езерце, гуски во кокошарник, овци со убаво руно, едно прасе, еден личен коњ и едно послушно куче, едно маче што мјаукање и едно маче што предеше, една убава, расна крава која вредеше цело богатство и… една бубамара.

Кравата рече МУУУУ, а Кокошката КО-КО-КО-КОКОДА, ХИССС рекоа Гуските, КВАК рекоа Пајките, Коњот рече НЕЕЕЈ, Прасето рече ГРОФ, Овците рекоа БЕЕЕЕ, Кучето рече ВУФ, едната Мачка мјаукаше, другата предеше, а Бубамарата, Бубамарата не рече ништо.

Но Бубамарата нешто виде и Бубамарата нешто слушна…

Таа виде двајца луѓе во големо црно комбе… имаа мапа во раката, клуч и многу итар план.

Таа ги слушна како си шепотат: „Вака ќе ја украдеме убавата, расна крава: Прво ќе ја отклучиме портата доцна во ноќта, ќе поминеме покрај коњот, а потоа ќе одиме право. Ќе свртиме околу езерцето покрај прасенцето (и ќе бидеме внимателни да не го разбудиме кученцето). Ќе поминеме покрај овците, и на крај покрај куќата и лево кон расната крава!“

И замислете дечиња, црвената бубамара со црни точки, која претходно никогаш немаше изговорено ни збор, им кажа на животните како двајцата крадци планираат да ја украдат нивната расна и скапа крава!

Еве, овој им е планот: Прво ќе ја отклучат портата доцна во ноќта, ќе поминат покрај коњот, а потоа ќе одат право. Ќе свртат околу езерцето покрај прасенцето (и ќе бидат внимателни да не го разбудат кученцето). Ќе поминеме покрај овците, и на крај право кон куќата и лево кон расната крава!

Сложувалка

Кога кравата го слушна ова извика налутено МУУУУ, а кокошката КО-КО-КО-КОДА, ХИССС рекоа гуските, КВАК рекоа пајките, коњот рече НЕЕЕЈ, прасето рече ГРОФФ, овците рекоа БЕЕЕЕ, кучето рече ВУФ и двете мачки почнаа да мјаукаат МЈАУУУ… и сите животни извикаа: Не смееме да им дозволиме да ни ја украдат нашата расна и скапоцена крава!

За среќа Бубамарата имаше одлична идеја која им ја шепна тивко на увцата.

Доцна во ноќта, во најтемната темнина, кога сите спијат, двајцата лоши момци (Буцо Дебелкоски и Сучко Прачкоски), ја отворија портата од фармата и тивко на прсти се искраднаа внатре. Тогаш коњот колку што го држи гласот викна ГРОФ, а Буцо рече: „Тоа е прасето – да одиме право“. Штом стигнаа до Гуските, тие почнаа да прават: МЈАУ, МЈАУ. „Мачките!“ – викна Сучко – „Врти десно и оди два чекори напред!“ Прасето направи: ИИИИ, „Коњот! Уф, сме згрешиле, коњот, оди право и врти лево, БЕЕЕЕ викна Кучето. „Овците“! – извика Сучко, „Тука сме, близу“, а пајката од езерцето почна силно да мука МУУУУУУ, МУУУУУ!

 „Сврти лево и уште еден чекор“ рече Буцо ииии двајцата паднаа во езерцето со едно гооолемо: ПЛАААС!

Тогаш се разбуди фармерот и извика силно: „БОЖЕ МОЈ ШТО Е ОВА ПЛАААС!“ – Кога погледна од прозорецот веднаш се јави на 192 и двајца полицајци дојдоа со силната сирена ТИРУ-РИРУ, ТИРУ-РИРУ, а кравата победносно викна МУУУУУ, а кокошката КО-КО-КОДА, ХИССС рекоа гуските, КВАК рекоа пајките, коњот рече НЕЕЕЈ, прасето рече ГРОФФ, овците рекоа БЕЕЕЕ, кучето рече ВУФ, фармерот извика радосно УРАААА, двете мачки среќни предеа, а бубамарата не рече ништо. Ама беше многу радосна.

Нашата работилница се случува на една фарма. Затоа учениците ги прашуваме: Што е фарма? Кој живее таму? Да ги наброиме живеалиштата на животните во фармата…

Како зборуваат животните? На проектор се покажуваат животните од фармата и со дечињата се вежба правилниот изговор на звуците коишто ги испуштаат животните. Дечињата имаат можност да ги видат животните, да ги чујат реалните звуци и да ги имитираат истите).

Потоа се бираат девет доброволци, секој извлекува по едно ливче. Ги претставуваат животните што ги извлекле. Седнуваат околу таблата и се бара од нив да го чуеме звукот од животното што го претставуваат.

Потоа се чита приказната со тоа што се анимираат децата да ги имитираат звуците од своето животно низ читањето.

Се поставува таблата со отпечатена фарма и на дечињата им се покажува роботчето коешто е маскирано во комбе во кое се крадците. Како работи роботчето се покажува низ претставување на планот од крадците: Роботчето тргнува од портата, поминува покрај коњот, а потоа врти десно, околу езерцето покрај прасенцето. Од десната страна поминува покрај овците, и на крај до куќата, за да стигне до кравата.

 Од приказната чувме дека Бубамарата им кажала на сите животни одделно за тоа што го чула. Учениците имаат задача да го програмираат роботчето кое всушност е Бубамарата за да стигне до животното што го претставуваат, за да му шепни што чула и да им го каже планот како да ги прелажат крадците.

Откако сите животни се информирани за планот, дечињата во улога на животните се обидуваат да го расипат планот и да ја спасат кравата со тоа што добиваат насоки кои звуци да ги испуштаат:

Коњот треба да вика: ГРОФФФ

Гуските треба да викаат: МЈАУУУ

Прасето треба да вика: ИИИИИИ

Кучето треба да вика: Беее

Пајките треба да викаат: МУУУУУУ

учениците, учесници во работилницата

Така што кога крадците ќе дојдат до портата, стигнуваат до коњот, одат право кон гуските, вртат десно и одат кон прасето, еден чекор напред, па лево кон кучето, уште еднаш лево и право во езерцето со пајки. Сите деца го имитираат звукот на плисокот од комбето во езерото).

Се имитира звукот на полициската сирена, според приказната, од плисокот во езерото се разбудил фармерот па веданаш повикал полиција.

Дечињата имаат задача да го најдат најраткиот пат од портата до езерото, програмирајќи го роботчето-полициска кола.

За крај на дечињата им се даваат делови од една сложувалка кој е слика од бубамара.

Светски ден на аутизам

Како времето поминува се радувам на иницијативноста на многу луѓе и организации, кои се обидуваат да ја зголемат свесноста за многу работи. Во таа насока денешниот час по македонски јазик го посветив на аутизмот.

Со учениците гледавме видеа во кои имаше објаснувања за тоа што е аутизам. Лица со аутистичен спектар зборуваа за својата состојба и сето тоа во насока ученците да размислуваат и да согледуваат.

Од дискусијата произлегоа многу прашања. Прашањата им ги пративме на нашите дефектолози во ООУ „Климент Охридски“, наставнички во посебните паралелки, и одговорите ги подготви во презентација ученичката Јована Илијоска.

Светски ден на лицата со Даунов синдром

Колаж изработен од ученичката Илина Радеска VII – 4

На еден Фејзбук статус прочитав дека овој ден луѓето на Фејзбук го чествуваат со чорапчиња, статуси, допаѓања, срцки и поддршки, а утре пак сЕ е по старо… За жал вистината е тука некаде, но сепак сметам дека една мала активност која ќе се направи со учениците може да направи големи промени на подолг рок. Навистина сме научени да даваме поддршка од дома, со притискање на копчето за допаѓање, со стикери и фотографии… и кога ќе се соочиме со поддршка на дело, одбегнуваме средба или не ја даваме потребната поддршка…ама ако си споменеме пред неколку години и таа интернет привидна поддшка ја немаше…

Во таа насока со дел од моите ученици оваа година направивме колаж од нашите шарени, различни чорапчиња.

Значењето на чествувањето на Денот учениците не го знаат, барем не сите. Затоа е убаво да се искористи можноста и да се сензибилизира. Да се поттикнат на една активност низ која ќе прашуваат и ќе дознаваат.

Беше, чинам, пред 10 години кога прв пат застанав во училница и имав час на кој во првата клупа седеше ученик со Даунов синдром. Бев целосно збунета, знаев дека има луѓе со тој синдром, но никогаш немав личен контакт. Бев целосно здрвена и не знаев дали ме разбира, што да зборувам… веднаш се консултирав со мојата колешка дефектолог, со неговиот личен асистент, кој го имаа ангажирано неговите родители… ми дадоа едукација, ме насочија и сфатив дека неговото присуство во училница е големо богатство за сите. Се сеќавам на неговото прекрасно рецитирање на „Т га за Југ“, на сите беспрекорно сработени активности…

Не треба човек да даде многу, а многу може да се постигни. Да се подигне свеста за тоа дека овие лица се рамноправни граѓани на нашето општество, потребна им е само поддршка и можност да се докажат.

Мојата вредна ученичка Илина Радеска изготви една презентација:

Различностите треба да нЕ обединуваат! Да им дадеме можност и да учиме од другите.

3 Декември, Меѓународен ден на лицата со посебни потреби

3 Декември – Меѓународен ден на лицата со посебни потреби. Ден кој треба да се чествува во насока на зголемување на свеста за постоењето на лицата со посебни потреби. Односно ден кој треба да ја обзнани борбата за инклузија во секое поле од живеењето. Поради тоа, моите ученици сакаа да се придружат во таа животна кампања и да дадат придонес во освестувањето.

Тие се организираа и направија кратко видео со кое сакаат да покажат дека сите сме различни, но имаме и многу сличности. Сите имаме потреби кои се испреплетуваат со животниот стандард, со нашите можности, со пречките што ни се појавуваат… тоа не треба да е причина за поделба и маргинализирање…

Лицата со посебни потреби сакаат да се дружат, да бидат дел од она што сме сите. Затоа треба да се помогне, да се поддржи, да се биде другар!

Нашето училиште во многу наврати ја поддржува инклузијата! Не само овој ден, туку секој ден од нашиот живот ќе укажуваме за силната потреба да бидат со нас, до нас, покрај нас!

Учество на петта Еду – конференција

60427443_3243512175674781_7415450788199137280_n.jpg

Голема благодарност на Пријтели на образовнаието што ја препознаа нашата работа и нЕ поканија да бидеме дел од Петтата Еду-конференција која што овој пат се одржа во Скопје во хотел „Континентал“.

60189153_3243512855674713_4930376835218276352_n.jpg

Целта на нашиот пола час беше претставување на проектот „И ние сме тука“ во чии рамки се фокусираме пред сЕ на инклузијата во рамките на образовниот систем, но и на поддршка и борба за еднакви права на лицата со посебни потребни.

Во излагањето дефектологот Светлана Миоковиќ-Томеска ги потенцира сите предизвици со кои се соочува Инклузијата во образовниот процес и укажа на состојбата која ја има затекнато искуствено години наназад.

Презентацијата исто така беше насочена и кон наставниците кои се директни чинители на таа инклузија и секојдневно се соочуваат до низа предизвици.

Јулијана Талеска пак, во вториот дел даде краток осврт на реализираните активности во рамките на проектот „И ние сме тука“ и сподели со присутните наставници за идните планирања.

Присутните слушатели добија папка со промотивен материјал: брошури, насоки и упатства кои ќе им бидат корисни при реализација на наставниот материјал, но и ќе ги запознаат и сензибилизираат за она со што се соочуваат лицата со посебни потреби и за силната потреба да се поддржат.

Презентација  Светлана Миоковиќ – Томеска 5-EduConference-Macedonia-инклузија-1

Презентација Јулијана Талеска Проект „И ние сме тука“

Интерактивна работилница со гимназијалиците од трета година

IMG_20190508_114205.jpg

Во рамките на проектот „И ние сме тука“ се изведе уште една работилница со средношколците од гимназијата „Мирче Ацев“. Оваа активност е дел од асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ)

Најпрвин наидовме на огромна поддршка на директорот на училиштето Диме Настески, на што сме многу благодарни.

Учениците беа запознати со проектот и неговите цели, низ текот на целиот процес покажаа интерес и желба да се вклучат активно и да бидат дел од реализација на целите.

Цели: ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСНОСТА ЗА ПРИСУСТВОТО НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ И ЗА НИВНИТЕ ПОТРЕБИ И ПРАВА КАКО ГРАЃАНИ НА ОВАА ЗЕМЈА.

 Споделија во круг искуства при комуникација со лица со попреченост. Се дискутираше како треба да се однесуваме и со кои предизвици се соочуваме при таа комуникација.

Учениците имаа можност да гледаат неколку избрани видеа во кои се запознаваа со ситуации и со луѓе со попреченост кои ги споделуваа своите потреби.

Потоа се направи ѕиден весник на кој учениците споделуваа идеи што можат да направат за состојбата да се подобри. Како овие лица да ги извадиме од анонимност.

This slideshow requires JavaScript.

Сепак, и покрај свесноста и отвореноста на средношколците, во дадени ситуации тие немаа претстава со што се соочуваат секојдневно тие лица. Тоа можеби е поради немањето досега инклузиран ученик во нивните класови… или малата можност за интеракција во рамките на нивите друштва… што покажува пак за високиот степен на нивна маргинализација. Сепак, оваа средба поттикна и сензибилизира. Се надеваме дека ќе бидат граѓани на ова општество кои ќе ги поддржат и ќе се борат за нивните права.

Работилница со Веселите штркчиња во Кривогаштани

IMG_20190506_115228.jpgДенес, 6.5.2019 проектот „И ние сме тука“ продолжи со уште една активност. Оваа активност е реализирана од асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ)

Беа реализирани две работилници во градинката „Весело штркче“ во Кривогаштани. Целта на работилниците беше да се подигне свеста за присуството на лицата со посебни потреби.

Најпрвин се запознававме со дечињата, си ги запишувавме имињата на лепенки и се прашувавме кои ни се нашите другарчиња, кои игри ги играме и со кои играчки најмногу сакаме да играме.

Потоа игравме пингвин-пеликан, за да се размрдаме малку.

Бидејќи групите беа составени од ученици на возраст од 2-6 години, тренерскиот тим со поддршка на воспитачките, негователките и психологот во градинката, одбраа физичка инвалидност. Односно, на учениците им се прочита приказната за Лена, девојчето во инвалидска количка. Па дечињата ја слушаа приказната, зборуваа и се запознаваа со предизвиците со кои се соочува Лена. Тие исто така од приказната научија дека пријателите можат многу да го олеснат животот, исто како што направија и другарчињата на Лена, во приказната.

Потоа во помалата група учениците боеја боенки на кои беа илустрирани дечиња во количка, а поголемата група ја црташе Лена како своја другарка и се цртаа себе си како си играат со неа. Со оваа активност сакавме да ги поттикнеме дечињата да се запознаат пред сè, дека постојат дечиња кои не можат да одат и користат количка, но и дека тоа не е пречка. Тие можат на различни начини да си играат со нив.

Сработените изработки ги залепивме на хартија и ги изложивме во училничките, таму да стојат и да ги потсетуваат за нашата активност.

На крај музичкото столче беше нашата завршна активност.

IMG-bfe7f1f80ff9dfe4edbf59ade5ee25ef-V.jpg

Дечињата беа искрени, мили и отворени. Поминавме прекрасни мигови заедно. Се надеваме дека овие дечиња ако некогаш имаат прилика да запознаат хендикепирано другарче, ќе знаат како да се играат со него, ќе бидат вистински другарчиња, исти како другарите на Лена.

Голема благодарност за вработените во градинката (Елизабета Спиркоска-Иваноска, Валентина Киселоска, Весна Пачешкоска, Моника Рујаноска, Маја Крстеска-Иваноска).

* еве ја приказната за Лена, сработена заедно со СТОП-текника. Колегите и колешките одделенци или воспитвачи и воспотувачки, слободно може да ја користат:

                                  ЛЕНА

  Еден убав летен ден, децата се договорија да си играат надвор. Марија, Сава, Јован, Стефан и Лена имаа идеја да направат куќичка. СТОП

АЈДЕ ДА СИ ЗАМИСЛИМЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ НАШИТЕ ДРУГАРЧИЊА. КАКО ИЗГЛЕДА МАРИЈА? КАКВО ФУСТАНЧЕ НОСИ? А САВА? ЈОВАН? СТЕФАН?

 Лена не може да оди сама, па користи количка. Таа со рацете сама ја придвижува количката, но некогаш ѝ помагаат и мама и тато или некој од другарчињата. СТОП

КАКО Е ОБЛЕЧЕНА ЛЕНА? КОЈА БОЈА Ѝ Е КОСАТА? ДАЛИ Е КРАТКА ИЛИ ДОЛГА?

  • Но како да направиме куќарка – вели Марија. – Тоа е тешко, а и не знаеме како се прави.

  • Не мора ништо ново да се прави, може да си играме во мудбакот кај мене во дворот – радосно предложи Сава.

  • Ајде одиме – повикаа радосно сите. СТОП

КАКО ИЗГЛЕДА МУДБАКОТ? НИВНАТА ИДНА КУЌИЧКА?

Дечињата набрзо стигнаа во дворот од куќата на Сава и го здогледаа неговиот татко.

  • Добар ден дечиња, играјте си вие, и внимателно, додека ние не се вратиме од бавчата – им рече таткото на Сава.

Дечињата почнаа да ја уредуват куќата. Сите вредно работеа. Сава и Јован го чистеа подот. Стефан, Лена и Марија го средуваа просторот пред куќата. Засадија цвеќиња и ги полеваа со вода.

Набрзо сè завршија. Спремно им беше да почнат со играта. Поставија маса за ручек и на неа ставија ваганчиња. Марија на вратата постави лист на кој пишуваше: Сава, Јован, Марија, Стефан и Лена – најдобри другари!

Дечињата тргнаа кон куќичката. Сите беа радосни, само Лена беше тажна. СТОП

ЗОШТО ЛЕНА Е ТАЖНА? ЗОШТО ТАА НЕ МОЖИ ДА ВЛЕЗИ ВО КУЌИЧКАТА?

Забележа дека прагот на куќичката е висок и дека нема да може со количката да влезе.

  • Леле заборавивме на количката. – рече Марија. – Што да правиме сега?

Сава се досети дека во нивната градинка на влезот има премин преку кој може да помине количка, а тој се вика рампа.

  • Ајде сами да направиме рампа – викна гласно!

Почнаа да работат. Донесоа песок и го ставаа пред вратата на куќичката. Добро го натапкаа и го правеа малку надолу, за да може количката да се качи. Донесоа и цигли. Сите работеа заедно. Рампата беше совршена. Лена можеше да влези во куќата. Сите беа радосни, особено Лена. Таа восхитено рече:

  • Пресреќна сум што имам вакви другачиња. Би сакала да може да им вакви рампи насекаде, за да можам да влезам каде што сакам. СТОП

КАДЕ СТЕ ВИДЕЛЕ РАМПА? ДАЛИ ВО ВАШАТА ГРАДИНКА ИМА РАМПА? НА КОЈ МУ Е ПОТРЕБНА РАМПА? ДАЛИ НА БЕБИЊАТА ИМ ТРЕБА РАМПА? НА ЛУЃЕТО СО ШТАКИ? НАМ?

Учество во радио-емисија „Жешко столче“ – Радио „Пела“

Активностите на проектот „И ние сме тука“ продолжуваат. Бевме дел од радио емисијата „Жешко столче“, во која заедно со новинарката Гордана зборувавме за предизвиците на инклузијата и за тоа како поминавме со нашата кампања посветена на Светскиот ден на лицата со аутизам.

Активности на проектот „И ние сме тука“ во соработка со Локалната самоуправа и ООУ „Климент Охридски“ поврзани со Светскиот ден на лицата со аутизам

 

Претходната недела асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „И ние сме тука“ кој е дел од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ) реализира низа активности.

Во ООУ „Климент Охридски“ беа сработени 12 работилници, реализирани од 12 наставници и еден дефектолог. Работилниците беа направени со ученици од трето, четврто, петто, седмо и деветто одделение. Целта на активностите беше подигнување на свеста за присуството на лицата со посебни потреби, со акцент на децата со аутизам. Наставничките се обидуваа да ги разјаснат однесувањата на тие деца, нивните потреби и како ние, можеме да помогнеме во олеснување на нивната интеграција во наставниот процес.

 

Активности од  работилниците:

-правење хартиени балончиња во кои се пишуваа пораки за другарство

– Цртање рачиња и шарање

– правење сложувалка

– изготвување брошура во која се истакнуваат потребите на едно лице со аутизам и како ние можеме да му помогнеме

-изготвување лепенки со логото на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“

-изготвување лепенки со симболи кои го претставуваат аутизмот или неделата на аутизам

– сензибилизација на учениците со разговор, дискусии и работни листови

– средба со дефектолог-придружник и ученик со аутизам – дискусија и набљудување на неговите постапки, објаснување зошто така се однесува и што треба ние да направиме во такви ситуации

Откако овие активности завршија, сите материјали се закачија на платно во холот на училиштето и на 2 април во 11 часот се отвори изложба на која зборуваше директорот и дефектолог Светлана М. Томеска. На оваа изложба присуствуваа и учениците и дел од наставниците од посебните паралелки и сите заедно ја искажаа поддршката за зголемување на свесноста за присуството ан овие лица, за нивните права, но и за нашата обврска да им помагаме во социјализацијата.

 

Потоа, сите наставници и одделенија кои беа вклучени во работилниците, заедно со промотивните материјали кои се изработија се упатија кон центарот на градот. Каде што делеа брошури, лепеа лепенки со симболи на аутизмот и логоа од проектот, со цел да ја поддржат кампањата.

 

Симболично, на крајот од акцијата, учениците пуштија 100 светло сини хелиумски балони и наредија една шарена сложувалка.

Сите вклучени наставници (Лидија Карапееска, Наташа Милеска-Михалоска, Верче Велеска, Марина Ангелеска, Моника Јанкулоска, Јулијана Талеска, Весна Јонзоска, Зорица Трајаноска, Наташа Колеска, Соња Петреска, дефектологот Светлана Миоковиќ-Томеска и директорот Зоран Сребреноски) беа мотивирани и сензибилизирани да продолжат и понатаму во процесот на инклузија на учениците со посебни образовни потреби.

 

Настанот беше проследен од следните медиуми:

Локална самоуправа – Прилеп https://www.youtube.com/watch?time_continue=234&v=8Wo_79QfVB8

Канал „Визија“ – https://youtu.be/4Ii5rLa-e7g

Радио „Пела“- http://radiopela.mk/da-dademe-poddrshka-na-litsata-so-autizam-i-na-nivnite-semejstva/

„Инфо-компас“ – https://www.youtube.com/watch?v=Zvz1WR3lF88&feature=youtu.be

„24 мк“ –  https://www.24.mk/details/gradskiot-saat-vo-prilep-kje-sveti-sino-5-dena?fbclid=IwAR0IGk8WCpGUskH2gz1KGatW1j8jlYWGi89P1NZ56jQnq-BCOypHZM82_iQ

„Нова Македонија“ – https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/republika/%D0%B0%D1%83%D1%82%D0%B8%D0%B7%D0%BC%D0%BE%D1%82-%D1%82%D1%80%D0%B5%D0%B1%D0%B0-%D0%B4%D0%B0-%D1%81%D0%B5-%D0%BE%D1%82%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B5-%D0%BD%D0%B0%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B5/?fbclid=IwAR1cDsggJqwI66afLQOWEGFPCTiRNLbTZC-1OACuvUGUOZ6ZyjEfFA_40OY

Работилница со ученици од деветтите одделенија: „Сензибилизација – Лица со посебни потреби“

20190327_082547

На 27.3.2019 (среда) во ООУ „Климент Охридски“ се одржа работилница со ученици од деветто одделение. Имено, работилницата е дел од проектот „И ние сме тука“ кој е пак е дел од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“.

Со учениците се гледаа кратки филмоци за сензибилизација, но и се сработи и работен лист во кој се зборуваше за потребите на одреденин лица со посебни потреби и за тоа како ние можеме да им помогниме.

Учениците покажаа висок степен на свесност за маргинизацијата на овие лица и за нивната најголема потреба: ПРИЈАТЕЛСТВОТО!