Мојот текст е револт на неодамнешната така наречена театарска претстава „Убавицата и Ѕверот“ реализирана од актерите: Владо Дојчиноски, Ванчо Петрушевски, Дубравка Киселички и Перуника Киселички.
Ние сме град со желна публика за театар, го имаме еден од најубавите театри во Македонија, но немаме детски театар… има една или ниедна детска претстава годишно (во рамките на програмата на НТ „Војдан Чернодрински“) и една аматерска. А тоа е еднакво на огромна потреба дечињата да гледаат детски претстави. Пред неколку дена во домот за култура се постави театарска претстава „Аладин и волшебната ламба“ и домот беше преполн, имаше „тепачка“ за карти, разочарани родители и деца, не резервирале навреме… преполно до последна столица… значи интересот постои, желба се има, театарската култура е на ниско ниво, ама за да се стекни таа култура, треба да се има театарски претстави…
Но да се вратам јас на „нашата“ претстава „Убавицата и ѕверот“…
Нашето училиште ја наполни цела сала, носевме ученици од скоро сите одделенија. Сите се радувавме што имаме можност, што сме почестени со присуството на врвни актери, актери кои ги гледаме во приказните, актери од кои очекуваме многу…
Што добивме? Јас лично главоболка, фрустрации и невиден револт. Децата… малечките кои прв пат доаѓаа во салата беа воодушевени, се забавуваа. Вторачињата, третачињата мислеа дека тоа е тоа… оние поголемите… беа збунети, а седмите, осмите, гледаа во нас и прашуваа без да имаат некаков проблем (а зошто би имале?!): За ова ли дадовме пари?!
Да и јас се прашував истото, добро бе луѓе мои драги, ова без пари не би го гледала. Беше таква глупост… значи пред сè сцената беше очајна. Три платна, од времето на покоен Колозов – од оние стари, стари приказни. Лошо комбинирани со некои детали, изгледаше како да беа ставени набрзински, колку да има нешто. Расфрлено некои пластични, очајни цвеќиња, кои да ги продава човек, никој не би ги купил… а актерите… исто, облечени во некои старудии… и тоа е тоа. Нема сцена, нема ништо. Платното спуштено, наакани реквизити од отпад, стуткано, згужвано… На почетокот од штиците што живот значат се врткаа… зборуваа… озвучување немаше.. кој слушна – слушна… важно тие си брблаа… и за пол час заврши приказната… ПА ДОБРО БЕ ЛУЃЕ, ЈА ЗНАЕМЕ ПРИКАЗНАТА, ОД НЕОДАМНА ИЗЛЕЗЕ И НОВ ФИЛМ, БАРЕМ ТОЈ НЕКОЈ ГО ГЛЕДАЛ, ИЛИ ЦРТАНИОТ… не можевте бар да ставите една маска на лицето од Владо Дојчиноски кога волшебникот го направи ѕвер? Или бар да имаше чад… тоа не е тешко да се направи, нели? Оти кај едвај се слушаше, кога се покри со наметката (оти демек ѕвер бил) не можеа ни тие на првите редови да слушаат како што треба… Па ние правиме претстави за Годишни програми и Патронати, од хартија, од памук, од рециклиран материјал, и маските изгледаат прекрасно, само труд треба и посветеност, а не наметка која го крие ликот…
Значи никаква приказна, никакви ефекти, си поправија муабет, се проврткаа околу завесите, се поклонија и готово… рака на срце, имаше неколку досетливи финтички од Ванчо, на кои публиката бурно реагираше… но тоа беше сè… а да, имаше музика… класична… која доцнеше… беше гласна и несоодветна… сигурно тој што пуштал музика немал доволно време да се едуцира… прв пат ја гледал и тој претставата.
Па добро бе, зошто ја вреѓате нашата интелигенција?! Што мислевте? Ќе им продадеме на овие провинцијалциве трикчиња… не знаат тие ништо за театар… срамота е и греота, поради актерските улоги што ги имате зад вас, поради репутацијата и љубовта што ја гаат овие дечиња, срамота и греота е да се богатите од родителите кои последните пари ги дадоа за да дојдат нивните деца и да ве гледаат… јаз к, арам да ви е!!!
Сметам дека секоја театарска група, без разлика кое актерско име го има во себе, треба да се претстави соодветно пред секое училиште за кое што сака да настапи. Да испрати кратка содржина, видео и список на изиграни претстави. Исто така да испрати и процена за возраста на дечињата која можат да ја гледаат, па потоа училиштето да може да процени дали да ја понуди на учениците или не. Да не се игра на „стара слава“…