Едуино часови

Се радувам многу на платформата Едуино, на ентузијазмот кој произлегува од млади луѓе вклучени во целиот процес. Чест ми е што сум дел од оваа приказна со мои три часа. Сакав да го поддржам процесот, иако не беше воопшто едноставно. Сепак, се радувам навистина и сакам да ги споделам.

Нивното снимање ми одзеде многу време и труд. Поминав низ низа консултации со мои драги колеги со кои соработувам постојано, тука беше и секогаш потребната поддршка од советничката од БРО Оливера Тодороска, и се разбира поддршката од семејството.

Бидејќи бев директен учесник во создавањето дигитални содржини, ги поздравувам сите напори на колегите кои снимиле видео материјали.

Сепак, сметам дека овде не треба да се запре. Се сними што се сними, но квантитетот да не ни биде доволен. Треба да се креираат правила според кои во иднина ќе се снима. Наставниците да имаат менторска поддршка низ целиот процес на креирање на часовите и се разбира хонорар за трудот.  

Како поминува времето, часовите што се снимени на одредена наставна единица може да се снимат повторно. Ако има голем број грешки или не е доволно добар содржински, технички… може да му се укаже на наставникот и повторно да снима… има многу наставни единици кои чекаат снимање…

Се надевам дека нема да се сопре тука. Го поздравувам Едуино-обидот и со задоволство чепкам по порталот.

Еве ги врските до моите часови. Не се совршени, си најдов грешки… ама луѓе сме. И прилепчани исто така 🙂

Се надевам ќе бидат корисни за учениците, а мотивирачки за колегите.

Малиот Принц

Изработка од ученик

Една од најубавите книги… книга за која многумина веќе кажале многу… наша лектира за деветто одделение…

Размислував како да ја работиме и како да им е интересно… Факт е дека книгата е повеќе за возрасни, отколку за деца. Длабока, филозофска… полна мисли за животот и критики за возрасните…

Наставата од далечина создава дополнително проблеми во однос на мотивацијата, па така, со помош на моите креативни колешки од Хрватска, но и мојата мила Розе Чочороска Китрозоска добив идеја и со учениците направивме проект кој донесе многу радост.

Учениците имаа задачи:

Насоките за проектната настава

Најголем дел одбраа постер, но имаше и други оригинални идеи кои покажаа колку учениците уживаа. Се надевам дека на овој начин ќе им остане книгата во сеќавање и повторно ќе се вратат еден ден да ја прочитаат… тогаш ќе се заљубат во неа…

Учениците на час решаваа и сложувалки направени од РОЗЕМАК ( Розе Чочороска Китрозоска ) во кои кога ќе ја завршеа задачата добиваа илустрација мотивирана од лектирата.

Пронајди ги именките, глаголите и придавките и откриј ја сликата (https://learningapps.org/watch?v=paju08fza21&fbclid=IwAR1m99IOISpoCbv8wLQo3uAOut9ZP6vIDwm_vGToceSql6DVwDvfLhgAu74)

Точни и погрешни изјави (https://learningapps.org/display?v=pznkxgyyn21&fbclid=IwAR04K2Pld-0cgoDIjf6REVevBBED_8lfxDUB_BuKrHdiKMa-h4pfBixU5Oc)

Вклученоста на ваков начин во обработката на лектирата е метод кој е совршен за типот на настава, но одличен и во реална училница.

„Островот на скриеното богатство“

index

Според препораките на БРО, часовите за лектира треба да бидат два. И најчесто се два, но има некои лектири кои можат да бидат и еден, или можеби три или четири часа. Кога планирањето е добро, лектирната содржина може да се искористи и за други наставни часови, па да се продолжи и по пет часа: со изразување и творење, со граматика, стилски изразни средства, драматизации, игри… не мора да  е класичен час во кој се чита прераскажана содржина, биографија и се прави внатрешен и надворешен опис на главниот лик.

Еве една идеја за лектирата „Островот на скриеното богатство“

Лектирата може да се сработи во три часа:

Прв час: Биографија на авторот која може да се напише на самиот час, така ќе се реализира и ИКТ… Ако компјутерите се нефункционални или ги нема, може да се употреби техниката: смарт телефони (родителите денес имаат обезбедено паметни телефони за нивите деца и плус најмалку 3 гига бајти интернет), иако може да биде ризична бидејќи учениците додека пребаруваат за Стивенсон, да ѕиркаат и на Фејсбук… нејсе, може да им се каже тоа да си го напишат дома и на час да се прочита.

Остатокот од часот е поминување низ содржината со прашања по хронолошки тек, така што се води евиденција кој ја прочитал книгата.

Самата содржина, настаните, постапките на ликовите изнудуваат дискусија која може да трае и наредниот час ако има поента и ако им е интересна на учениците.

Втор час: Ако не се оди на варијанта дискусија, тогаш се продолжува со делење на учениците во групи. Секоја група ги има следните задачи:

  1. Да смисли име на својата пиратска дружина
  2. Секој сам да си измисли пиратско име (во овој дел знаат да бидат многу креативни – прилепски пиратски имиња J )
  3. Да напишат 4-5 прашања од лектирата
  4. Да нацртаат мапа во која ќе го означат патот како може да се стигне до богатството.

На самата мапа се означуваат неколку точки кои се точки за поставување прашања. Учениците треба да го скријат богатството и да одредат еден ученик кој ќе оди со другата група и ќе им ги поставува прашањата.

Трет час: Групите ги разменуваат мапите во насока на часовникот. Имаат пет минути да ги разгледаат. Тргнуваат група по група. Ако група 1, ја дала мапата на група 2, ученик од група 1 оди со пиратската дружина од група 2 и им поставува прашања на секоја точка која е означена во мапата, ако го знаат одговорот можат да поминат понатаму, ако не го знаат… потонуваат.

Кога ќе се вратат во училница се отвора дискусија како помина потрагата по богатството (кое најчесто е чоколадо… или шишарка 🙂

Учениците ги споделуваат и прашањата кои ги поставиле и ако некоја од групите не успеала да ги одговори, ги одговараат.

Еве ги мапите на моите гусари: