„Силјан Штркот“ со актерот Александар Тодески и драмската секција

Дел од драмската секција

Соработката со актерот Александар Тодески е непроценлива за нашата драмска дружина „Од глаата си патиме.“ 🙂 Контактот со професионалец секогаш е успешен. Учениците се радуваат на овие средби и од нив учат многу.

Со Александар се расчита извадок од „Силјан Штркот“ и се поделија улогите. Учениците имаа можност и да научат како се игра со куклите. На гости ни дојде Силјан и Божин, татко му на Силјан. Напорно работеа и се спремија да се претстават пред учениците од седмо одделение.

Со учениците од седмо одделние најпрвин ја изгледавме куклената претстава „Силјан Штркот“ во која што беа куклите со кои вежбаа учениците од драмската.

Учениците имаа задача да ја прочитаат книгата и да се подготват за обработка на лектрирата. Па, на часот ги чекаше изненадување. Учениците од драмската секција беа прекрасни. Го разубавија часот и создадоа прекрасна енергија.

По завршувањето на куклената престава, седмооделенците имаа можност да се запознаат со куклите и да ја земат нивната улога, па останатите ученици им поставуваа прашања. Низ прашањата се дискутираше за содржината.

На крај се правеше и селфи со куклите 🙂 за Инста.

Мит, митологија, лектири и забава

Постер – активност

На неколку нешта низ часовите во оваа учебна година со огромна радост се сеќавам. Едно нешто од нив е циклусот посветен за мит. Споив повеќе наставни единици: повторивме најпрво за легенда и предание, па учевме за мит и митологии, ја сработивме лектирата „Најубавите митови“, па читавме и гледавме видеа од римска, кинеска и египетска митологија, за на крај да ја работиме и „Перунова стрела“ и мотивирани од словенската митологија учениците правеа писмена работа. Полн погодок. Забавно, едукативно, полно со активности. Она што ми фалеше, а со идната генерација би го додала е час по граматика – морфологија – зборовни групи во митовите… можеби…

Дабовото дрво Перуново

Учениците беа најмногу активни во задачите кои им беа дадени да ги сработат дома.

  • Активност мотивиран од мит

Секој ученик требаше да избери да направи од пластелин митско суштество или бог, некој симбол од митологијата и сл,; да нацрта, да направи од некој материјал, да се преправи, да изработи постер или да прикаже некоја негова оригинална идеја.

  • Мојот мит

Мотивирани до митовите од различни митологии со кои што се запознаа на часовите, учениците требаше да смислат мит кој ќе го раскажат во средината на превиткан лист хартија. На горниот дел цртаат лик од митот, а во внатрешноста лево и десно ги запишуваат добрите и лошите особини на митското суштество или богот што го измислиле.

  • Лектира во торбичка

Лектирата „Перунова стрела“ ја сработивме со техниката лектира во торбичка.

Богот Велес се качува по дабот, кон престолот на Перун

На торбичка или кесичка украсна, за родендени и пригоди, се лепат два листа, од едната и од другата страна. На предниот лист ученикот ја црта насловната страница на лектирата, онака како што си ја замислува, а на другата страна ја пишува биографијата на авторката.

Изработила: Марија Јовеска VII – 4

Во торбичката става нацртани, набоени, исечени, пет работи кои потсетуваат на содржината. Презентирајќи со нив, ја раскажува содржината на книгата.

изработка од ученик
  • Писмена работа „Еден ден во градините на Перперуна“

Темата толку многу ги мотивира што произлегоа прекрасни митови 😊 митолошки суштества со различни моќи… учениците истражувале за словенска митологија, правеле компилации со другите митологии… да ти е мерак да си читаш. Еден ученик дури рече да ги издадеме текстовите во книга. Зошто да не?

Еве неколку извадоци од писмените:

Јас сум самовилата Смешко, од татко Кикот и мајка Насмевка, еден од многуте самовили кои се  блиски со луѓето, но и со боговите на Перун. Јас се грижам за  доброто расположение, насмевка и ведар дух кај луѓето, животните, птиците, рибите и растенијата.

Моето име е Никсли. Моите родители се Миксиспителик (татко ми) и мајка ми Мисплика. Тие ми ги дариле самовилските моќи. Имав лик на девојка со фантастичен изглед, блескаво убава со златна коса. Носев бел фустан, со проѕирни велови и широк појас. Во рацете имав лак и стрели. На грбот имав крилја, поставени на мојот фустан и мојата моќ се наоѓаше токму во крилјата. 

Јас сум киклоп. Моето име е Клара. Сега, на прв поглед ќе си помислите дека сум како останатите киклопи, лоша, безмилосна, но не сум таква. Моите родители се Прани и Рон. Доаѓам од земјата на киклопите,  Кикол

Јас сум Погумно, една самовила која никогаш не мислеше дека би му била потребна на некој. Мене никој не ме повикал за помош, а и што би му помогнала? Јас само си седев во мојот свет. Светот на луѓето е многу чуден. Мојот свет е шума, шума со големи дрва, зелени. Има големи печурки, така големи што се над обичен човек. Има разиграни цветови кои пеат. Јас живеам во селото Печурково. Тоа е мирно село со прекрасни самовили и вилењаци, добри и секогаш весели.

        Моето име е  Лада, јас сум еднорог, родена сум во градината на Перперуна. Моето семејство се грижело со векови за заштита на Перуновото семејство.

Техника пица

Изработки од ученици

Од неодамна сум дел од една Фејзбук група Kreativni pristup lektiri чинам хрватска група во која се споделуваат креативни обработки на лектири. Листајќи на ѕидот од групата забележав дека дел од членовите користат некоја техника за цртање пица. Прашав и ми дадоа насоки како изгледа таа техника. Во основа имаш на располагање 8 прашања кои ги конципираш онака како што сакаш. Задачата е да се одговорат во секое од парчињата на пицата и истовремено да се остави на креативноста од учениците да ја украсат онака како што сакаат.

Јас решив да ја испробам со учениците од седмо одделение. Наидов на воодушевување, одлично сработени задачи и позитивни коментари.

Ја работевме лектирата „Светлина зад ридот“ од нашиот прилепчанец Трајче Крстески. Учениците имаа задача да одговорат на следниве прашања:

  1. Една реченица за Трајче Крстески
  2. Две негови дела
  3. Главни ликови
  4. Нацртај едно од четирите деца
  5. Сцената која најмногу ви се допадна
  6. Каде и кога се случуваат настаните
  7. Кој сцена ве замисли, растажи…
  8. Како ќе продолжи приказната…