Работилница (медиумска писменост) со Огнен Јанески

Во петокот ја имавме таа чест и привилегија на часот по македонски јазик да ни дојде на гости Огнен Јанески. Неговото доаѓање беше потврда на моето искуство со вакви часови. Навистина, кога професионалец, во областа која се предава, ќе дојде на час – реализацијата е совршена.

Јанески е наш ученик. Своето основно образование го завршил во „Климент Охридски“ и токму поради тоа, оваа негова посета е уште позначајна. Неговата мотивација беше голема и да се биде сведок на радоста што повторно е во училиштето, беше многу убаво искуство.

Сите ние, вработените и учениците многу се радувавме пто нЕ посети.

На часот, кој всушност беше работилница, учениците имаа можност да го подобрат знаењето од медиумска писменост. Имаа можност и да прашаат што не им е јасно и да поразговараат на разни теми.

По краткото запознавање, на кое сите кажаа по некој збор за себе, се дискутираше за два, претходно дадени текстови:

https://www.calameo.com/read/006304464c96a7fbefee7?fbclid=IwAR0Q6niY7fVaA9dcDI4pFcA6aUjx8mkkquJH6ovRcL4epOXM6yTR-bMn77U  (Колку учениците од основно ги читаат лектирите)

Низ дискусијата учениците се запознаа со она што е потребно да се напише еден новинарски текст. Огнен многу суптилно, лесно и искуствено им ги приближи сите предизвици, но и начини како да се дојде до финалниот производ.

Низ разговорот, што ним им е интересно да читаат, што прочитале или слушнале тој ден, се излистаа наслови кои подоцна се рангираа и се поставија визуелно на табла која претставуваше весник.

Учениците имаа задача да напишат кратка вест позврзана со една од излистаните теми.

Потоа во групи избираа нова тема, од претходно предложените или некоја што ним им е интересна да пишуваат. Групите имаат задача нарендиот период да се организираат, во консултации со Огнен, да напишат текстови кои ќе бидат објавени на интернет.

Она што мене, како наставничка ми беше од непроценливо значење е разговорот со него. Професионалните консултации за терминологија, наставни единици, начини на предавање на работите, поврзани со медиумска култура и медиумска писменост. Силната потреба да се работи на осовременување на терминологијата, избистрување на поими што се предаваат, поддршка на кадарот да се носи со новото време и сл.

Наставниците треба редовно да имаат можност за средби со професионалци во областа. Со новинари, поети, писатели, стрип-цртачи, професори од факултетите од каде што завршиле… тоа ги надградува, ги држи во кондиција и го подобрува наставниот процес.

Оваа средба ми го потврди тоа.

Едуино часови

Се радувам многу на платформата Едуино, на ентузијазмот кој произлегува од млади луѓе вклучени во целиот процес. Чест ми е што сум дел од оваа приказна со мои три часа. Сакав да го поддржам процесот, иако не беше воопшто едноставно. Сепак, се радувам навистина и сакам да ги споделам.

Нивното снимање ми одзеде многу време и труд. Поминав низ низа консултации со мои драги колеги со кои соработувам постојано, тука беше и секогаш потребната поддршка од советничката од БРО Оливера Тодороска, и се разбира поддршката од семејството.

Бидејќи бев директен учесник во создавањето дигитални содржини, ги поздравувам сите напори на колегите кои снимиле видео материјали.

Сепак, сметам дека овде не треба да се запре. Се сними што се сними, но квантитетот да не ни биде доволен. Треба да се креираат правила според кои во иднина ќе се снима. Наставниците да имаат менторска поддршка низ целиот процес на креирање на часовите и се разбира хонорар за трудот.  

Како поминува времето, часовите што се снимени на одредена наставна единица може да се снимат повторно. Ако има голем број грешки или не е доволно добар содржински, технички… може да му се укаже на наставникот и повторно да снима… има многу наставни единици кои чекаат снимање…

Се надевам дека нема да се сопре тука. Го поздравувам Едуино-обидот и со задоволство чепкам по порталот.

Еве ги врските до моите часови. Не се совршени, си најдов грешки… ама луѓе сме. И прилепчани исто така 🙂

Се надевам ќе бидат корисни за учениците, а мотивирачки за колегите.

Мио активност со Сунаи Сабриоски. Учиме за новинарска статија

IX-1

На часовите по македонски јазик во вторникот и средата имавме драг гостин. Новинарот Сунаи Сабриоски. Причината за неговата посета беше наставната единица НОВИНАРСКА СТАТИЈА. Сабриоски е познат македонски новинар кој има зад себе оставено многу колумни, статии, истражувања и прилози. Исто така тој е добитник и на награди кои го потврдуваат квалитетот на неговата работа.

IX-2

               Нескромно ќе се пофалам дека Сунаи е мој драг пријател кој со еден збор се согласи да учествува во часовите. Тој многу професионално, избалансирано според возраста на децата, им објасни од што се состои новинарската статија и како може таа да се напише. Исто така во прилог ни ја остави неговата наградувана новинарска статија „Децата жртви на родителите и институциите: Прекинато образование заради стапување во брак“ низ која што учениците практично ги согледаа карактеристиките на новинарската статија.

IX-1

               Учениците имаа можност да видат и инспиративни видеа, дел од работата на Сунаи, а имаа и простор да постават прашања. Научија нешто повеќе и за новинарството, но и за самиот Сунаи.

Повикувањето на професионалец да зборува за одредена тема која што е негов фокус е полн погодок. Тоа ја разбива секојдневната динамика и ги активира учениците.

IX-4

               Исто така, особено важно за мене беше тоа што присуството на Сунаи неосетно разбиваше стереотипи за ромската заедница.

Токму со овие ученици на неколку наврати имам дискутирано низ наставниот процес на теми кои ја вклучуваат етничката заедница Роми. Застрашувачки е фактот дека таа етничка заедница од перспектива на ученикот Македонец, или можеби попрецизно, во случајов, прилепчанец, е сосем маргинализирана. Тоа се некои луѓе кои се некаде таму, сиромашни, прости… и низа други етикети кои функционирале низ годините… на само 10 минути од нашето училиште е населбата „Тризла“, училиштето „Добре Јованоски“, тие луѓе се многу блиску до нас, ама ние не сакаме да ги видиме. Голем дел од нив завршуваат средни училишта, факултети и се дел од оптествените текови. Но тоа некако не се гледа, се провлекува невидено. Токму поради ова сакав и се радував на гостувањето на Сунаи.

IX-3

Мио-активностите редовно се фокусирани со албанската заедница, што не е воопшто за критика. Потребно е за соживот и за запознавање, но ние во Прилеп треба да работиме на соживот со ромската заедница, таму треба да ни се фокусирани мио-активностите. Несправедливо долго оваа заедница е пресирана, стигматизирана и омаловажувана. Новите генерации само ги повторуваат фразите од своите дома, од она што го слушаат во опкружувањето… тоа мора да прекине… Локалната самоуправа треба да финиансира проекти во кои ќе се вклучуваат општинските училишта заедно со „Добре Јованоски“, ќе им се даде можност на учениците да се запознаат, да комуницираат… треба многу да се стори на овој план…

Холокаустот низ призмата на детските очи

Овој проект е реализиран од тројца наставници-ментори од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп: Александра Богоеска (наставничка по Ликовно образование), Дарко Дорошевски (наставник по Историја и Граѓанско образование), Јулијана Талеска (наставничка по Македонски јазик). Идеата дојде од конкурсот кој го објави Меморијалниот центар на холокаустот. Нашите ученици и дел од наставниците веќе некое време се дел од активностите, проектите и обуките што ги спроведува Меморијалниот центар во соработка со Центропа. Тоа искуство се обидовме да го срочиме во кратко видео: „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Во видеото беа вклучени: Андреј Гиноски – анимација, Анастасија Бошкоска – монтажа, Ана Нешкоска, Теодора Велкоска, Гордана Димеска, Викторија Танеска, Лариса Кајџаноска.

 

 

 

 

Драмската секција учествуваше во меѓународниот проект „Ноќ со Андерсен“

5

This slideshow requires JavaScript.

Во рамките на меѓународниот проект „Ноќ со Андерсен“, оваа година нашето училиште реализира многу активности. Дел од нив беа направени од учениците од драмската секција. Првичната идеја беше да се читаат бајките и да се драматизираат. Дваесет мотивирани ученици беа поделени во пет групи. Секоја група доби различна приказна и имаше задача да смисли сценарио според кое ќе ја претстави бајката со драматизација.

Групите беа составени од: 1.Андријана Мирческа, 2. Веселина Јованоска, 3. Филип Крстески, 4. Васе Колароска, 5. Михаела Јанеска, 6. Елена Павлеска, 7. Мила Ристеска, 8. Леонид Мирчески, 9. Лука Дачески, 10. Александар Мрмески, 11. Никола Илијоски, 12. Димитар Николоски, 13. Климентина Котеска, 14. Лихнида Јорданоска, 15. Јована Стојческа, 16. Теона Стојческа, 17. Сара Нинеска, 18. Евгенија Илијоска, 19. Алексадра Мирческа, 20 Теа Кокондоска.

Во проектот се вклучи Леонардо Маркоски кој беше задолжен за камерата и  монтажата. Од голема помош ни беа и: Ивица Велески, Благојче Иваноски, Кристијан Селчанец и Божидар Јованоски.

Од сработеното произлегоа три куклени престави и две драматизации.

Група   Палешка

Група Славејот

Група Грдото пајче

Група Царевата нова облека

Група „Јовче будалчето“

Од четирите групи се снимија видеа кои можат да се користат како ресурси за настава. А петтата група, со „Јовче будалчето“ настапи на завршната вечер од проектот. На оваа вечер учесниците во проектот можеа да ги видат снимените видеа.

На завршаната вечер драмската секција учествуваше во работилница „Перспективата на другиот“, во која учениците беа поделени во групи и читаа четири бајки. Задачата беше да се раскажи приказната од перспективата на: Паметниот кројачот – во Царевата нова облека, Оловното војниче – во истоимената бајка, Мајката пајка – во Грдото пајче и Јовче будалчето – во истоимената бајка.

Учениците беа многу креативни и ги раскажаа приказните користејќи ја фантазијата.

Потоа, кога завршија и другите активности планирани и реализирани од други колеги и уечници, сите заедно заспаа со бајката „Принцезата на зрно грашок“, а утрото насадија дрво на бајките.

IMG_7641

Беше несекојдневно искуството да се биде дел од проектот. Со нови идеи, наредната година…

Глумата како изразно средство во филмот

20170206_171847

На часовите со деветтите одделенија во кои се зборуваше за изразните средства на филмот, имавме можност да дознаеме за глумата (како едно од тие изразни средства) од актерот Александар Тодески.

Александар е професионален актер вработен во прилепскиот театар „Војдан Чернодриснки“. Тој бил дел од четириесетина професионални претстави. Глумел во сериоалот за Итар Пејо, и во серијата „Преслав“, глумел во филмот „До балчак“, снимал реклами и кратки видеа и сл.

На оваа средба учениците имаа можност да дознаат како се снима филм и која е моќта на глумата. Како таа ја пренесува пораката која сака филмот да ја каже. Направија споредба меѓу театарска и филмска глума, меѓу театарска претстава и филм.

Пријатни беа миговите поминати со актерот. Низ разговор се дознаа многу работи. Александар е втор пат во нашето училиште. Пред четири години беше дел од ваков час со тогашните осмооделенци. Впечатоците и тогаш и сега беа прекрасни.

Една од најинтересните работи на учениците беа детали од снимањето на „До балчак“, особено што дел од нив го имаа гледано филмот, па ги интересираше како одредени сцени биле снимени.

Му благодариме на Александар уште еднаш. Оваа соработка ќе продолжи и со идните генерации.