Зимскиот распуст беше одлична прилика седмоодделенците да покажат што научија на часот по македонски јазик. Имено, тие имаа предизвик-домашна задача да направат краток стоп моушан филм, за кој научија од наставникот Дарко Талески.
Еве ги сите 25 филмчиња, повелете – ГЛАСАЈТЕ!!!!
Им благодарам на сите ученици што ја завршија навремено задачата и што се вложија креативно во целиот процес.
На 24.12.2020 со учениците од VII – 4 одделение имавме прекрасен час, благодарение на колегата Дарко Талески. Часот беше наменет учениците да се запознаат со stop motion – техниката за правење анимации, поточно учениците да научат како да направат краток анимиран филм.
Колегата по ликовно образование Дарко Талески радо го прифати мојот предлог, на што сум особено радосна.
Учениците научија
што е тоа stop motion анимација
кои се видовите на stop motion анимација
како сами да направам анимација со телефон или таблет
Од час…
Stop motion анимација е вид на анимација во која предметите физички се манипулираат (се поместуваат) во мали чекори и при секое поместување се фотографираат со цел да се добие движење или некоја друга промена.
Така, може да се анимира било каков вид на предмет, но најчесто се користат кукли со подвижни споеви или фигури изработени од пластелин. Како материјали исто така може да се користи: хартија, ткаенини, фотографии и друго.
Видови на stop motion анимации:
Предмет – движење анимација (Object-Motion)
Анимација од глина (Claymation)
Анимација со пикеселација (Pixilation Stop Motion)
Анимација со исечоци (Cutout Animation)
Куклена анимација (Puppet Animation)
Анимација со силуети (Silhouette Stop Motion)
Еве дел од видеата кои што ги гледавме:
На крај наставникот Дарко Талески ги поздрави учениците со видео кое што сам го направил, специјално за оваа пригода, честитајќи им ги празниците.
Огромна благодарност за заложбите и споделувањето на своето време. Во исчекување сме да гледаме интересни анимации кои што ќе крчкаат за време на распустот.
На часовите по македонски јазик за седмо одделение, предвидени за МЕДИУМСКА КУЛТУРА, поточно за Анимиран филм, учениците правеа повеќе активности кои им помогнаа на интересен начин да ја совладаат предвидената материја.
Еве дел од активностите, слободно користете ги и правете ги на вашите часови, или со вашите другарчиња:
Гледање на првиот анимиран македонски филм „Embrio No. M“ од Петар Глигоровски (1971)
Учениците твореа и цртаа стрипови во групи, кои подоцна ги презентираа пред класот
Но, најинтересниот дел од овие часови беше правењето филмски играчки. Учениците правеа тауматроп. Неговата подготовка е едноставна, потребни се: ножици, картон, хартија, боички, лепило и конец или стапче.Еве како може да се направи: https://www.youtube.com/watch?v=dlUggq_uvy
Ако на учениците не им оди цртањето, можете да им испечатите листови со готови цртежи:
Но учениците можат да се направат и други филмски играчки или да им се даде за домашна работа:
Матноскоп (flip book animation) е всушност тетратка (тефтерче) во која на средина на листовите се нацртани фигури во разни ситуации и при брзо вртење со палецот се добива впечаток дека фигурите се движат:
Зo(у)отроп, или колце на животот, всушност е цилиндер направен од картон; на внатрешната страна се цртаат сликички (на пример, раце во разни ситуации: кренати, спуштени, полукренати, мавтаат и сл.) од надворешната страна се сечат вертикални отвори; при движењето се добива впечаток дека сликите се движат:
Или пинакистоскоп (во однос на имињата, не сум сигурна дали баш вака се викаат кај нас, можеби со некое идно истражување и тоа ќе го објавам 🙂
На часовите предвидени за наставното подрачје МЕДИУМСКА КУЛТУРА, со учениците учевме за радио и ТВ емисии.
Во таа насока, учениците изработија проекти – видео и аудио записи кои претставуваат копии на она што ние можеме да го видиме или чуеме на телевизија и на радио.
Изработката на видеата беа корисно и забавно поминато време, нивното гледање беше многу интересно. Учениците покажаа дека еден ден можат тоа да го прават професионално.
Според употребената техника при снимањето, филмовите можат да се распоредат во следниве три родови:
-документарни
-играни
-анимирани
Документарниот филм ги прикажува фактите од реалниот живот онакви какви што се. Тој прикажува некоја појава или проблем, при што зазема став (но сепак не смее тој став да се постави како апсолутна вистина) или дава визуелна информација за определен настан или појава
– факти (неоспорни, објективни, докази, вистински настани или податоци)
Тоа прикажување може да биде на лице место или по пат на реконструкција (прикажување на случајот или настанот преку веќе регистрирани документи – вести, изјави, весник, фотографии, видеа, ракопис…
Целта на документарниот филм е да се прикаже вистинската страна на некоја тема или случување. Сепак документарниот филм може да прикажува лаги и пропаганди, да ја извртува вистината со цел да манипулира со гледачите.
На овогодинешиот Регионален натпревар за млади техничари и природници организиран од Народна техника, учествуваме со ученикот Христијан Спиркоски од VII – 4 одделение, во категоријата Кино и видео техника. За жал немавме среќа да бидеме први, иако ги имавме истите поени со ученичката што го доби првото место. Не ни оди лотарија…лошо ливче извлековме, ама како и да е, задоволни сме од она што успеавме да го сработиме.
Идејата беше да направиме истражување за ТВ сериите кои одат на каналите и земаат се` поголем простор и на телевизија и во нашите глави. Од таа дискусија произлезе видеото кое што можете да го видите овде: