Второ место на конкурсот за училиштен проект на ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Тимот од три наставнички: Фросина Аврамоска и Каролина Јовеска, наставнички по Историја и Јулијана Талеска, наставничка по Македонски јазик, заедно со учениците: Марија Јовеска, Лаура Кајџаноска – VII одделение
Александар Велјаноски – VIII одделение; Исидора Котеска, Михаил Алексоски, Ангела Илиеска – IX одделение го освоија II МЕСТО со училиштниот проект: краткометражен филм: „Љубовта што преживеа“

Проектот беше дел од конкурсот на ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА „Холокаустот низ призмата на детските очи“ учебна 2020/21
Во категоријата: Дигитална содржина тема: „Приказна за спасени Евреи во холокаустот“

„Љубовта што преживеа“
Сцени од снимањето…

Документарниот филм беше мотивиран од животната приказна на Бено и Роза, македонски Евреи од Битола. Тој е комбинација од снимки од Могилата на непобедените и стоп моушан техника со цртежи нацртани од учениците.

Мио активност со Сунаи Сабриоски. Учиме за новинарска статија

IX-1

На часовите по македонски јазик во вторникот и средата имавме драг гостин. Новинарот Сунаи Сабриоски. Причината за неговата посета беше наставната единица НОВИНАРСКА СТАТИЈА. Сабриоски е познат македонски новинар кој има зад себе оставено многу колумни, статии, истражувања и прилози. Исто така тој е добитник и на награди кои го потврдуваат квалитетот на неговата работа.

IX-2

               Нескромно ќе се пофалам дека Сунаи е мој драг пријател кој со еден збор се согласи да учествува во часовите. Тој многу професионално, избалансирано според возраста на децата, им објасни од што се состои новинарската статија и како може таа да се напише. Исто така во прилог ни ја остави неговата наградувана новинарска статија „Децата жртви на родителите и институциите: Прекинато образование заради стапување во брак“ низ која што учениците практично ги согледаа карактеристиките на новинарската статија.

IX-1

               Учениците имаа можност да видат и инспиративни видеа, дел од работата на Сунаи, а имаа и простор да постават прашања. Научија нешто повеќе и за новинарството, но и за самиот Сунаи.

Повикувањето на професионалец да зборува за одредена тема која што е негов фокус е полн погодок. Тоа ја разбива секојдневната динамика и ги активира учениците.

IX-4

               Исто така, особено важно за мене беше тоа што присуството на Сунаи неосетно разбиваше стереотипи за ромската заедница.

Токму со овие ученици на неколку наврати имам дискутирано низ наставниот процес на теми кои ја вклучуваат етничката заедница Роми. Застрашувачки е фактот дека таа етничка заедница од перспектива на ученикот Македонец, или можеби попрецизно, во случајов, прилепчанец, е сосем маргинализирана. Тоа се некои луѓе кои се некаде таму, сиромашни, прости… и низа други етикети кои функционирале низ годините… на само 10 минути од нашето училиште е населбата „Тризла“, училиштето „Добре Јованоски“, тие луѓе се многу блиску до нас, ама ние не сакаме да ги видиме. Голем дел од нив завршуваат средни училишта, факултети и се дел од оптествените текови. Но тоа некако не се гледа, се провлекува невидено. Токму поради ова сакав и се радував на гостувањето на Сунаи.

IX-3

Мио-активностите редовно се фокусирани со албанската заедница, што не е воопшто за критика. Потребно е за соживот и за запознавање, но ние во Прилеп треба да работиме на соживот со ромската заедница, таму треба да ни се фокусирани мио-активностите. Несправедливо долго оваа заедница е пресирана, стигматизирана и омаловажувана. Новите генерации само ги повторуваат фразите од своите дома, од она што го слушаат во опкружувањето… тоа мора да прекине… Локалната самоуправа треба да финиансира проекти во кои ќе се вклучуваат општинските училишта заедно со „Добре Јованоски“, ќе им се даде можност на учениците да се запознаат, да комуницираат… треба многу да се стори на овој план…

Холокаустот низ призмата на детските очи

Овој проект е реализиран од тројца наставници-ментори од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп: Александра Богоеска (наставничка по Ликовно образование), Дарко Дорошевски (наставник по Историја и Граѓанско образование), Јулијана Талеска (наставничка по Македонски јазик). Идеата дојде од конкурсот кој го објави Меморијалниот центар на холокаустот. Нашите ученици и дел од наставниците веќе некое време се дел од активностите, проектите и обуките што ги спроведува Меморијалниот центар во соработка со Центропа. Тоа искуство се обидовме да го срочиме во кратко видео: „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Во видеото беа вклучени: Андреј Гиноски – анимација, Анастасија Бошкоска – монтажа, Ана Нешкоска, Теодора Велкоска, Гордана Димеска, Викторија Танеска, Лариса Кајџаноска.

 

 

 

 

Обука за македонисти „Попреченоста е прашање на перцепција“

DSC_0061.JPG

Во саботата на 23.3.2019 во простоиите на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп се одржа обука „Попреченоста е прашање на перцепција“. Оваа обука е дел од серијата обуки и работилници од страна на Асоцијацијата „Ластовица“ во рамките на проектот „И ние сме тука“.

Имено проектот „И ние сме тука“ е дел од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ).

На обуката се согледаа потешкотиите со кои се соочуваат наставниците по македонски јазик при реализација на наставните програми во паралелки каде што има инклузирани ученици. Самите наставници беа охрабрени и поттикнати со идеи и насоки како да се соочуваат со предизвиците во училница, но истовремено беа сензибилизирани за правото на тие ученици да се дел од наставниот процес и силната потреба да бидат поддржани во процесот на социјализација во рамките на редовната паралелка.

Наставниците имаа можност да адаптираат наставни содржини според претходно дадени случаи на ученици со потешкотии или со посебни образовни потреби. Им беа споделени линкови до интернет страници каде што можат да најдат повеќе информации и добија материјали (брошури) подготвени од дефектологот Светлана Миоковиќ – Томеска, во кои имаа детални информации кои ќе им го олеснат наставниот процес.

ДА ЈА ПРЕДИЗВИКАМЕ ЕДНАКВОСТА

DSC_0193.JPG

„Да ја предизвикаме еднаквоста“ е акција на драмската секција од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, со која се бориме за родова еднаквост.

Драмската секција е група од ученици од основно училиште на возраст од шесто до деветто одделение кои заедно со мене и сите добронамерници кои сакаат да се вклучат, подготвуваме театарски едночинки и претстави со кои се претставуваме на училишните приредби.

Во годишната програма на секцијата, меѓу другото, се реализираат два настани кои многу ни се значајни:

  • Новогодишна претстава за дечињата од градинките
  • Акција која поттикнува и освестува

Бидејќи сме свесни за силните остатоци на патријархалниот модел и за тоа дека образовниот систем само го поттикнува и одржува, секоја година подготвуваме активност во која се обидуваме да укажеме и освестиме.

Во таа насока оваа година дадовме име на секцијата. Се викаме „Од глата си патиме“ – во чест на Чернодрински, но и во симболичка насока – дека сЕ ни иди од нашите глави. Таму треба да настане преумувањето.

Минатата година направивме едночинка со која се претставивме во наставничката канцеларија и на приредбата посветена за 8 ми Март. Во претставата ги критикувавме погрешните разбирања на жените за празнувањето на празникот. Укажавме дека тој пред сè е празник за кој многу жени во светот дале жртви за рамноправност и дека така треба да се празнува – со борба, со акција за правата!

Оваа година идејата е да се направат фотографии во кои ќе се прикаже непотребната поделеност по бои, обврски, хоби, спортови… да се покаже дека секој може да биде што сака, да работи што сака и што треба и да се носи во онаа боја во која се чувствува пријатно. Полот не треба да биде препрека за тоа што го сакаме!

 

Бидејќи сме сведоци уште од најмала возраст, во рамките на наставниот процес дека се прават машко-женски поделби:

Девојчињата играат одбојка, а момчињата фудбал…

Девојчињата носат црвени униформи, а момчињата темно сини…

Девојчињата чистат, а момчињата преместуваат столчиња…

Тоа, така неусетно, го поддржуваме и дечињата го усвојуваат како нешто што е природно и нормално – токму против таа стереотипизација и полова поделба се бориме со оваа акција!!!

 

This slideshow requires JavaScript.

На интернет можете да нè најдете на фејзбук групата Да ја предизвикаме еднаквоста, и на Инстаграм, на истоимената група.

Сликајте се и вие и ставете ги овие ознаки:

#ednakvost #cestit8mimart #akcija #dramskasekcija

Заедно да се бориме за родова еднаквост! И така да го честитаме празникот, кој не е празник само на жената, тој е празник на сите нас. Празник за еднаквост!

Завршен настан на проектот CINEDIVERSITY

DSC_0504.JPG

На 3 август 2018 во просториите на кино-салата „Мис Стон“ во 18 часот, се одржа завршен настан на кој присуствуваа учесниците од проектот и беа презентирани финалните производи – кратки филмови.

На настанот дефектологот Светлана Миоковиќ – Томеска одржа краток говор во кој ги образложи активностите со учениците и ја потенцира важноста за вклученоста  и  на учениците со посебни образовни потреби.

DSC_0483.JPG

Учениците од „Климент Охридски“ и „Добре Јованоски“ заедно со Анастасија Бошкоска во рамките на проектот направија три кратки филмови користејќи ја техниката stop motion.

Еве линкови до филмовите:

https://youtu.be/YD4tOighrBw – Еко порака

https://youtu.be/PdStn3-5CBE – Караница

https://youtu.be/JPc4xkYYVwk – Разговор меѓу Марс и Планетата Земја.

Проектот  CINEDIVERSITY е проект на USAID за граѓанско учество преку стипендирање на млади преку LEAD MK програма, со цел младите, во рамки на нивни проекти, да придонесат во напредок на општеството на културното и образовното ниво.

Најважното од сЕ во овој проект беше тоа што беа вклучени ученици од различни етнички заедници, но и ученици со посебни образовни потреби кои заедно со наставничките, родителите и добронамерниците кои се вклучуваа во активностите поминаа прекрасни три дена дружење.

Centropa – семинар со поддршка на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје

32687922_1728576240554390_5388204345923731456_o.jpg

Од 4 до 6 мај ја имав несекојдневната можност да бидам дел од шестиот по ред семинар во „Меморијалниот центар на холокаустот“ во Скопје. Имено се работи за семинар за наставници припремен и спроведен од ЦЕНТРОПА со поддршка на Меморијалниот центар на холокаустот.

Невладината организација од Австрија најпрвин почнала со собирање приказни, интервјуа и фотографии на Евреи кои пострадале или преживеале во холокаустот. Сето тоа го складирале во базата на податоци на интернет. Еден ден решиле од тие интервјуа да прават документарни филмови за кои подоцна им текнало да ги користат во настава.

Токму поради тоа се најдов и јас на семинарот. Наставници и професори од Македонија, Хрватска, Словенија и Србија беа дел од прекрасно случување од кое многу се научи.

Семинарот се одвиваше во просториите на Меморијалниот центар. Наставниците добивавме едукација од вработените од Центарот која вклучуваше и историја на Сафардските Евреи, поединости за Евреите од Македонија, злогласниот период на депортација во Треблинка… и прошетка низ новата поставка во музејот која што ми остави многу силен впечаток.

Маја Суша заедно со вработените во Центарот беа добри домаќини кои ги делеа истите цели со сите нас: да научиме што било, да споделиме и да работиме на тоа – никогаш да не се повтори.

Три работи ме воодушевија:

  1. Можноста на филмовите да се искористат во процесот на меѓуетничка интеграција – податливи, сведочат за тоа колку е важно да се има соживот, за тоа дека многу лесно може историјата да се повтори…
  2. Дискусиите со колегите и споделувањето на добри практики: часови, проекти, интеграции…
  3. И потребата на организаторите да ги претстават Евреите како сите нас, односно да ги претстават онакви какви што навистина се – исти како нас!!! Свесноста за тоа дека е време да се излезе од позицијата на жртви, да се крене глава, да се оди напред и да не биде холокаустот единствена асоцијација за Евреите.

Она што сакам да го споделам е линкови од документарните филмови, од кои ќе издвојам неколку:

ДРУГИОТ ПАТ http://www.centropa.org/node/83049

ПРЕЖИВУВАЊЕТО ВО САРАЕВО http://www.centropa.org/centropa-cinema/prezivjeti-u-sarajevu-prijateljstvo-za-vrijeme-rata

ТРИ ВЕТУВАЊА http://www.centropa.org/centropa-cinema/matilda-kalef-three-promises

РИФКА И ЕЛВИРА http://www.centropa.org/centropa-cinema/rifka-and-elvira-coming-age-time-war

И особено го препорачувам македонскиот филм БЕНО И РОЗА http://www.centropa.org/centropa-cinema/beno-and-roza-kamhi-years-make-their-own?subtitle_language=

Ги има уште, но не сум ги изгледала сите… сигурно ќе се најдат уште поинтересни и попогодни за настава…

Во иднина со идеите кои ги видов таму и со соработката на моите драги колешки по историја и граѓанско образование, верувам дека ќе произлезат добри практики кои ќе ги споделиме со сите.

 

МИО – проект: „Над разликите“

 

Една од работите кои ме прават особено среќна е тековниот проект „Над разликите“. Проект кој се реализира со три училишта: ООУ Климент Охридски, ООУ Кирил и Методиј с. Канатларци, ООУ Лирија с. Житоше. Во групите учествуваа ученици Македонци, Албанци, Турци и Бошњаци. Проектот „Над разликите“  е поддржан од „Здружението Мировна акција Прилеп/Тетово во партнерство со Центарот за мировни студии од Загреб во рамки на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата” кој што е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Македонија и ЦИВИКА Мобилитас.

This slideshow requires JavaScript.

Досега се реализирани две средби на кои учениците се дружат, играат и творат креативни работи. Првата средба беше во паркот кај Судот, а втората средба во ООУ „Климент Охридски“. На двете средби учениците низ игровни активности се запознаваа и се дружеа. Имаа можност заедно да дружат четири етнички групи, да зборуваат на своите јазици и пак сите да се разбираат. Тренерите исто така зборуваат на својот јазик и секоја активност се парафразира – по моделот на Нансен интегрираното образование. Методот на парафразирање беше новост за мене. Доста ми се допадна и мислам дека беше несекојдневно искуство за сите. Секој тренер, претходно, во подготовките знае која активност следи. Тренерот назначен за таа активност го дава објаснувањето на свој јазик, а останатите тренери парафразираат што кажал/ла тој/таа. Значи не се работеше за класично, стерилно преведување, туку парафразирање. Учениците ја имаа слободата да зборуваат на кој јазик што сакаа, се слушаше понекогаш и англиски, француски и германски и сите се разбиравме. Богатството на јазици и опуштената атмосфера беа доказ колку убаво и лесно може да се живее заедно.

Трененрскиот тим: Аднан Мехмети, Јулијана Талеска, Ферди Булут, Ирена Трајкоска и Мирела Зијад – Шкријели се пет наставници од трите училишта кои го поддржуваат процесот и волни се за заедничка работа и градење на ново општество и подобро место за живеење. Тимот е обучен за вакви активности: дел од колегите преку Нансен – моделот за интегрирано образование, а дел преку обуките на Мировна акција и Центар за мировни студии – Загреб. Исто така дел од тренерскиот тим се членови на СИТ тимовите во своите училишта. Таа мешавина на искуства го носи квалитетот на целиот процес. Но пред сЕ волјата на колегите и желбата да се работи заедно.

IMG_20180427_181503.jpg

Мојата лична мотивација поврзана со овие активности ја најдов и кај останатите колеги. Се радувам на таа случајност и заедно со нив одиме над разликите!

Да се надеваме дека ќе има уште вакви проекти!

 

 

 

Учество на Еду-конференција

5

На четвртата Еду-конференција имав можност да се претставам со работилницата „Чекор напред“. Поточно се работи за техника која ја искористив за реализација на наставната единица „Социјални песни“.

 

Во наставниот процес сум седум години. Целта на моите часови е учениците да се заинтересираат за наставната единица, но и да ја совладаат на неконвеционален начин (онаму каде што тоа е можно).

Ја избрав наставната единица „Социјални песни“ бидејќи мислам дека е многу важна. Особено во ова време во кое што живееме. Гледајќи ја пасивноста, сеедноста, неодговорноста кај младите луѓе… ужаснува. Социјалната лирика е одлична лекција за нив. Но не предадена преку анализа на песна од Кочо Рацин и Коле Неделкоски во која учениците ќе бараат стилски изразни средства и поетски слики. Треба да се прочитаат обајцата, но претходно учениците треба да бидат спремни за нив. Да знаат што да читаат од тие песни.

Она што е омилено кај основците, а верувам и кај средношколците е „играњето улоги“. Затоа техниката ЧЕКОР НАПРЕД е одлична за воведување на учениците во наставната единица Социјална лирика.

Еве како течеше работилницата:

Замолив 13 доброволци да извлечат од картичките кои претходно ги направив

Бројот може да биде поголем, во зависност од бројот на учениците во одделението. Можат да се повторат истите улоги, но да се внимава да се нагодат во насока на претставување на реалната состојба во општеството. Убаво е улогите да бидат извлечени од опкружувањето во кое што живеат децата, за да им бидат поблиски.

картички за печатење (овде во ворд документ се улогите кои ги користев)

Учесниците истапуваат еден чекор напред кога ќе ја слушнат изјавата која се согласува со нивната улога. Штом се заврши со читањето на улогите, побарав сите да разгледаат каде се и да ја прочитаат својата улога. Еден по еден. Учесниците беа изненадени и искрено зборуваа за она што го доживеаја. На најдолната линија од општеството беа бездомникот и детето без родители, потоа работниците во фабрики, самохрани родители, наставници… за на врвот на претставеното општество да видат ќерка на американски амбасадор во Македонија и сопственичка на конфекција…

Потоа се започнува дискусија во која учесниците најпрво споделуваат како се чувствуваа во улогата и што мислеа за другите што чекореа/не чекореа. Дискусијата на самата работилница беше кратка, во неможност поради времето, но со учениците може да трае подолго. Сепак, од она што се дискутираше, се увиде која е моќта на техниката и колку многу може да им разјасни на учениците како настануваат мотивите за создавање на социјалните песни.

Потоа низ неколку слајдови им го претставив на учесниците понатамошниот тек на часот. (презентацијата) Учениците учесници во работилницата ги искажуваат своите чувства и тоа се запишува на таблата…така се доаѓа до мотивите на авторите кои пишуваат социјални песни и така учениците се спремни за читање на социјална лирика.

Социјални песни ЧЕКОР НАПРЕД (Презентација која што ја користев на работилницата)

 

Како го прославивме 8 – ми Март?

bdr

Празникот на жената секоја година кај мене создава мачнини… поради тоа што од година во година го губи своето значење… а фактот дека самата жена го придонесува тоа, ме жести уште повеќе.

Поради тоа, јас и моите ученици решивме да го прославиме онака како што ние најдобро знаеме.

Активности кои ги реализиравме:

  1. Дискусии со учениците за значењето на празникот
  2. Заговори за рушење на патријархалниот модел – во кои отворено зборувавме дека нема женски и машки работи, дека во домот обврските треба да се делат и секој да го работи она за што се договорил со останатите.
  3. Работилница за род
  4. Работилница во која учениците сами направија подароци за своите мајки и наставнички
  5. Творење драмски текст за Осми Март
  6. Учество со драмскиот текст на литературно читање посветено на празникот
  7. Изненадување – честитање празник на наставничките во наставничка канцеларија со драмската точка

 

Мојата порака и честитката на овој празник ќе ви ја пратам со видеото од драмската секција.

Честит празник!