8 Март, Денот на борбата за еднаквост!!!

Позивот на наставникот, родителот, едукаторот, тренерот… е да создаде идни одговорни граѓани кои ќе го направат животот подобар за сите нас. Такви граѓани може да имаме ако отворено, со силна жар ги разобличуваме лагите и стегите кои се создавале во минатото, а денес отворено се поддржуваат.
Ако се има свесност дека од мали нозе може да се искалат генерации на совесни граѓани кои од темел ќе го променат општеството, можеме да живееме многу подобро…


Да им се кажува на децата дека 8 Март е денот на мајката е лага! Да им се кажува дека денес е денот кога треба да се подарува е исто така лага! Да го менуваме одност кон жените само тој ден и од наредниот да продолжувам по старо е страшен пример кој создава луѓе полоши од нас.


Овој ден е ден за ЕДНАКВОСТ!!! ТОА ГО ПРАВИ ДЕН НА СИТЕ НАС!!!


Моите ученици треба да знаат дека во минатото жените ги добиле правата што ги имаат денес со силна борба, со протест, со ненасилна акција, со делување, со многу мака. И да знаат дека таа борба не е завршена. Да знаат како треба да функционира едно семејство. Да знаат дека обврските се делат на мои и твои, не на машки и женски!
Да знаат дека не мора да си мајка за да го славиш овој ден. Дека немаш обврска да купуваш подарок, дека подарувањето е убаво кога е од срце и не е изнудено. Кога е направено од тебе и во него има дел кој потсетува на тој што го подаруваш.


Секоја година се ужаснувам од изместените чествувања на денот. Силно ги сожалувам радосните жени на кои можеби тој ден им е единствениот кога се чувствуваат како жени. Силно се сочувстувам со жените и девојките кои трпат насилство, за оние кои се злоставени и кои се воспитани во духот на патријархатот. За оние кои немаат сила и поддршка да застанат и да речат НЕ!

Е за тие жени, за овие мои мили девојчиња да не бидат тие жени, за нив треба да го правиме тоа освестување!


Славењето е убава работа кога си го добил она што си го барал!

Подарувањето е доблесно кога сакаш да подариш,

а ПРОТЕСТОТ Е ОНА ШТО Е НУЖНО!!!


Денешните девојчиња треба да се јакнат и да се храбрат. Да им се зголеми самодовербата и да се поддржуваат во своите желби да бидат подобри. На момчињата треба да им се укажува, да се разговара со нив, уште од мали нозе да се вклучуваат во домашните обврски. Така се создаваат зрели луѓе за заедница, за соживот, за хармонија.
Треба да се делува, неуморно да се зборува…


За овој ден, многу значаен за мене и за моите драмски надежи, направивме видео.
Видеото е збир на низа активности кои се случија неколку дена пред 8 Март. Сите активности водеа кон вистинскиот начин на „прослава“ на празникот! Од особена важност е, постојано да им се кажува на учениците, идните граѓани на ова наше општество, дека славењето на овој ден е за еднаквост!! Празникот не е само празник на мајката и учителката, на бабата и комшивката. Тоа е ден за кој во минатото многу жени се жртвувале за да застаната рамо до рамо со мажите! Моите ученици искуствено научија што е 8 Март и сакаа да им покажат и на останатите како треба да се слави!!!

Честит 8 Март!!! Денот на борбата за еднаквост!!!

РАБОТИЛНИЦА ЗА КРЕАТИВНО ПИШУВАЊЕ – ГО ЧЕСТВУВАМЕ ПАТРОНОТ

Нека е честит Денот! За многу години да е!

На седми јануари се одржаа низа настани во нашето училиште, еден од нив беше работилницата за креативно пишување. Имено, во духот на досегашната традиција на литературно читање, кое најчето е поезија, решивме овој пат да биде проза.

Учениците создадоа прозно дело (краток расказ) со помош на

техниката РАСКАЖУВАЊЕ СО КОЦКИ. Секој од ученичките фрли девет коцки на кои имаше различни илустрации или симболи, од кои три беа за воведот, три за главниот дел и три за завршниот дел. Зборовите што паѓаат треба да се вметнат во раскажувањето.

Осум ученички, идни писатели напишаа прекрасни раскази мотивирани од илустрациите на коцките (кои своевремено ги направија учениците од деветто четири одделение).

Коцките се одличен ресурс за мотивација и инспирација. Можат да се комбинираат во групи, но може и индвидуално. Податни се и за усно изразуање.

Шеста Едуконференција

На 17-18 септември 2022 година во Струга се одржа Меѓународна Едуконференција наменета за наставници, педагози, воспитувачи, дефектолози, психолози, советници, директори и останати стручни лица. На оваа конференција со мојата драга пријателка и поранешна колешка Светлана Миковиќ-Томеска и колешката Зорица Трајаноска, учествуваме со работилницата: ШТО СЛУШНАЛА БУБАМАРАТА?

Работилницата беше инспирирана од една англиска приказна за Бубамарата од Џулија Доналдсон (https://www.youtube.com/watch?v=Lckjqm91LCk). Ја преведивме и од неа создадовме табла која ја претставуваше мапата на фармата.

Таблата

Преку ваквиот интердисциплинарен пристап се развиваат многу вештини кај учениците. Нашата работилница се случува на една фарма. Така што во часот се интегрирани содржини од општество, учениците ќе се запознаат со животните во фармата, со нивните живеалишта, но и со звуците кои ги испуштаат. Како зборуваат животните? Тука се интегрира и македонски јазик – како правилно се изговараат тие звуци. Исто така учениците се запознаваат со основите на програмирањето низ играта со роботчето Мајнд.

Користевме апликација која ги покажува како изгледаат животните и со кликање се слушаат и нивите звуци. На телевизор, интерактивна табла, проектор…

Таблата е направена од ученичката Марија Трајаноска, цртежите се скенирани и залепени на таблата.

Еве ја приказната:

Што слушна Бубамарата?

Некогаш одамна, на една фарма си живееше една убава кокошка, неколку пајки во мало езерце, гуски во кокошарник, овци со убаво руно, едно прасе, еден личен коњ и едно послушно куче, едно маче што мјаукање и едно маче што предеше, една убава, расна крава која вредеше цело богатство и… една бубамара.

Кравата рече МУУУУ, а Кокошката КО-КО-КО-КОКОДА, ХИССС рекоа Гуските, КВАК рекоа Пајките, Коњот рече НЕЕЕЈ, Прасето рече ГРОФ, Овците рекоа БЕЕЕЕ, Кучето рече ВУФ, едната Мачка мјаукаше, другата предеше, а Бубамарата, Бубамарата не рече ништо.

Но Бубамарата нешто виде и Бубамарата нешто слушна…

Таа виде двајца луѓе во големо црно комбе… имаа мапа во раката, клуч и многу итар план.

Таа ги слушна како си шепотат: „Вака ќе ја украдеме убавата, расна крава: Прво ќе ја отклучиме портата доцна во ноќта, ќе поминеме покрај коњот, а потоа ќе одиме право. Ќе свртиме околу езерцето покрај прасенцето (и ќе бидеме внимателни да не го разбудиме кученцето). Ќе поминеме покрај овците, и на крај покрај куќата и лево кон расната крава!“

И замислете дечиња, црвената бубамара со црни точки, која претходно никогаш немаше изговорено ни збор, им кажа на животните како двајцата крадци планираат да ја украдат нивната расна и скапа крава!

Еве, овој им е планот: Прво ќе ја отклучат портата доцна во ноќта, ќе поминат покрај коњот, а потоа ќе одат право. Ќе свртат околу езерцето покрај прасенцето (и ќе бидат внимателни да не го разбудат кученцето). Ќе поминеме покрај овците, и на крај право кон куќата и лево кон расната крава!

Сложувалка

Кога кравата го слушна ова извика налутено МУУУУ, а кокошката КО-КО-КО-КОДА, ХИССС рекоа гуските, КВАК рекоа пајките, коњот рече НЕЕЕЈ, прасето рече ГРОФФ, овците рекоа БЕЕЕЕ, кучето рече ВУФ и двете мачки почнаа да мјаукаат МЈАУУУ… и сите животни извикаа: Не смееме да им дозволиме да ни ја украдат нашата расна и скапоцена крава!

За среќа Бубамарата имаше одлична идеја која им ја шепна тивко на увцата.

Доцна во ноќта, во најтемната темнина, кога сите спијат, двајцата лоши момци (Буцо Дебелкоски и Сучко Прачкоски), ја отворија портата од фармата и тивко на прсти се искраднаа внатре. Тогаш коњот колку што го држи гласот викна ГРОФ, а Буцо рече: „Тоа е прасето – да одиме право“. Штом стигнаа до Гуските, тие почнаа да прават: МЈАУ, МЈАУ. „Мачките!“ – викна Сучко – „Врти десно и оди два чекори напред!“ Прасето направи: ИИИИ, „Коњот! Уф, сме згрешиле, коњот, оди право и врти лево, БЕЕЕЕ викна Кучето. „Овците“! – извика Сучко, „Тука сме, близу“, а пајката од езерцето почна силно да мука МУУУУУУ, МУУУУУ!

 „Сврти лево и уште еден чекор“ рече Буцо ииии двајцата паднаа во езерцето со едно гооолемо: ПЛАААС!

Тогаш се разбуди фармерот и извика силно: „БОЖЕ МОЈ ШТО Е ОВА ПЛАААС!“ – Кога погледна од прозорецот веднаш се јави на 192 и двајца полицајци дојдоа со силната сирена ТИРУ-РИРУ, ТИРУ-РИРУ, а кравата победносно викна МУУУУУ, а кокошката КО-КО-КОДА, ХИССС рекоа гуските, КВАК рекоа пајките, коњот рече НЕЕЕЈ, прасето рече ГРОФФ, овците рекоа БЕЕЕЕ, кучето рече ВУФ, фармерот извика радосно УРАААА, двете мачки среќни предеа, а бубамарата не рече ништо. Ама беше многу радосна.

Нашата работилница се случува на една фарма. Затоа учениците ги прашуваме: Што е фарма? Кој живее таму? Да ги наброиме живеалиштата на животните во фармата…

Како зборуваат животните? На проектор се покажуваат животните од фармата и со дечињата се вежба правилниот изговор на звуците коишто ги испуштаат животните. Дечињата имаат можност да ги видат животните, да ги чујат реалните звуци и да ги имитираат истите).

Потоа се бираат девет доброволци, секој извлекува по едно ливче. Ги претставуваат животните што ги извлекле. Седнуваат околу таблата и се бара од нив да го чуеме звукот од животното што го претставуваат.

Потоа се чита приказната со тоа што се анимираат децата да ги имитираат звуците од своето животно низ читањето.

Се поставува таблата со отпечатена фарма и на дечињата им се покажува роботчето коешто е маскирано во комбе во кое се крадците. Како работи роботчето се покажува низ претставување на планот од крадците: Роботчето тргнува од портата, поминува покрај коњот, а потоа врти десно, околу езерцето покрај прасенцето. Од десната страна поминува покрај овците, и на крај до куќата, за да стигне до кравата.

 Од приказната чувме дека Бубамарата им кажала на сите животни одделно за тоа што го чула. Учениците имаат задача да го програмираат роботчето кое всушност е Бубамарата за да стигне до животното што го претставуваат, за да му шепни што чула и да им го каже планот како да ги прелажат крадците.

Откако сите животни се информирани за планот, дечињата во улога на животните се обидуваат да го расипат планот и да ја спасат кравата со тоа што добиваат насоки кои звуци да ги испуштаат:

Коњот треба да вика: ГРОФФФ

Гуските треба да викаат: МЈАУУУ

Прасето треба да вика: ИИИИИИ

Кучето треба да вика: Беее

Пајките треба да викаат: МУУУУУУ

учениците, учесници во работилницата

Така што кога крадците ќе дојдат до портата, стигнуваат до коњот, одат право кон гуските, вртат десно и одат кон прасето, еден чекор напред, па лево кон кучето, уште еднаш лево и право во езерцето со пајки. Сите деца го имитираат звукот на плисокот од комбето во езерото).

Се имитира звукот на полициската сирена, според приказната, од плисокот во езерото се разбудил фармерот па веданаш повикал полиција.

Дечињата имаат задача да го најдат најраткиот пат од портата до езерото, програмирајќи го роботчето-полициска кола.

За крај на дечињата им се даваат делови од една сложувалка кој е слика од бубамара.

Поезија за 30 години независност

Игра: Баба, ловец, лав

Работилницата „Украсуваме македонска поезија“ е дел од извонредниот проект „Цело е кога има 30“. Проект кој е посветен на триесетгодишната независност на Македонија.

Идејата на работилницата беше доближување на поезијата кај учесниците. Поради малиот интерес за поезија, се одлучив за техниката блекаут, која што веќе ја имам работено и за учениците е многу интересен предизвик.

Изборот на поети беше предизвик, пред сЕ сакав да има застапено женски автори, но ми значеше да има и автори од заедниците, бидејќи независноста не е заслуга само на етничките Македонци. Избрав автори кои не можат да се изостават: Блаже Конески, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Ацо Шопов… но и современи автори кои денес творат и имаат прекрасни поетски творби.

На учениците им се допадна изборот. Голем дел од нив за прв пат се сретна со некои автори. Исто така тие имаа можност да се задлабочат во песната што ја добија и да изберат еден стих кој го споделуваа со останатите запишувајќи го на изложбениот простор. Стиховите допираа до нив на невообичаен начин.

Освен гореспоменатите автори, беа прочитани и илустрирани и авторите: Адем Гајтани, Илхамин Емин, Лина Димоска, Линдита Ахмети, Никола Маџиров, Иван Антовски, Игор Исаковски, Николина Андова – Шопова, Милутин Станчиќ, Филип Димкоски, Озген Сулејманоски, Ана Стојаноска, Румена Бужаровска, Евгенија Шуплинова, Владимир Лукач, Ванчо Полозаноски, Ѓоко Здравески и Владимир Мартиновски.

Средбата со учениците беше емотивна, бидејќи ги немав видено цела година. Па друштвото на познати лица мотивирани за работа ме правеше многу среќна.

Од изработките направивме изложба која беше поставена од учениците. Во фоајето на Домот за култра може да ја погледнете.

На крај, прашањето од Македонка 🙂

Дел од активностите по повод Денот на македонскиот јазик

Презентација за Денот на македонскиот јазик

Работилници за креативно пишување (blackout poetry) со деветтите одделенија

Рецитации:

https://youtube.com/watch?v=odhFp3B6Pwo&feature=share Марија Апостолоска, Блаже Конески „Починка“

https://www.youtube.com/watch?v=fb3F3c2A0mc Лаура Кајџаноска „Ден“ – лична творба

https://youtu.be/EPZiAy4Sm2E Марија Јовеска „Ленка“ – Кочо Рацин

Постери:

Лаура Кајџаноска VII – 4
Марија Бардакоска IX – 3

Интерактивна работилница со гимназијалиците од трета година

IMG_20190508_114205.jpg

Во рамките на проектот „И ние сме тука“ се изведе уште една работилница со средношколците од гимназијата „Мирче Ацев“. Оваа активност е дел од асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ)

Најпрвин наидовме на огромна поддршка на директорот на училиштето Диме Настески, на што сме многу благодарни.

Учениците беа запознати со проектот и неговите цели, низ текот на целиот процес покажаа интерес и желба да се вклучат активно и да бидат дел од реализација на целите.

Цели: ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСНОСТА ЗА ПРИСУСТВОТО НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ И ЗА НИВНИТЕ ПОТРЕБИ И ПРАВА КАКО ГРАЃАНИ НА ОВАА ЗЕМЈА.

 Споделија во круг искуства при комуникација со лица со попреченост. Се дискутираше како треба да се однесуваме и со кои предизвици се соочуваме при таа комуникација.

Учениците имаа можност да гледаат неколку избрани видеа во кои се запознаваа со ситуации и со луѓе со попреченост кои ги споделуваа своите потреби.

Потоа се направи ѕиден весник на кој учениците споделуваа идеи што можат да направат за состојбата да се подобри. Како овие лица да ги извадиме од анонимност.

This slideshow requires JavaScript.

Сепак, и покрај свесноста и отвореноста на средношколците, во дадени ситуации тие немаа претстава со што се соочуваат секојдневно тие лица. Тоа можеби е поради немањето досега инклузиран ученик во нивните класови… или малата можност за интеракција во рамките на нивите друштва… што покажува пак за високиот степен на нивна маргинализација. Сепак, оваа средба поттикна и сензибилизира. Се надеваме дека ќе бидат граѓани на ова општество кои ќе ги поддржат и ќе се борат за нивните права.

Активности на проектот „И ние сме тука“ во соработка со Локалната самоуправа и ООУ „Климент Охридски“ поврзани со Светскиот ден на лицата со аутизам

 

Претходната недела асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „И ние сме тука“ кој е дел од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ) реализира низа активности.

Во ООУ „Климент Охридски“ беа сработени 12 работилници, реализирани од 12 наставници и еден дефектолог. Работилниците беа направени со ученици од трето, четврто, петто, седмо и деветто одделение. Целта на активностите беше подигнување на свеста за присуството на лицата со посебни потреби, со акцент на децата со аутизам. Наставничките се обидуваа да ги разјаснат однесувањата на тие деца, нивните потреби и како ние, можеме да помогнеме во олеснување на нивната интеграција во наставниот процес.

 

Активности од  работилниците:

-правење хартиени балончиња во кои се пишуваа пораки за другарство

– Цртање рачиња и шарање

– правење сложувалка

– изготвување брошура во која се истакнуваат потребите на едно лице со аутизам и како ние можеме да му помогнеме

-изготвување лепенки со логото на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“

-изготвување лепенки со симболи кои го претставуваат аутизмот или неделата на аутизам

– сензибилизација на учениците со разговор, дискусии и работни листови

– средба со дефектолог-придружник и ученик со аутизам – дискусија и набљудување на неговите постапки, објаснување зошто така се однесува и што треба ние да направиме во такви ситуации

Откако овие активности завршија, сите материјали се закачија на платно во холот на училиштето и на 2 април во 11 часот се отвори изложба на која зборуваше директорот и дефектолог Светлана М. Томеска. На оваа изложба присуствуваа и учениците и дел од наставниците од посебните паралелки и сите заедно ја искажаа поддршката за зголемување на свесноста за присуството ан овие лица, за нивните права, но и за нашата обврска да им помагаме во социјализацијата.

 

Потоа, сите наставници и одделенија кои беа вклучени во работилниците, заедно со промотивните материјали кои се изработија се упатија кон центарот на градот. Каде што делеа брошури, лепеа лепенки со симболи на аутизмот и логоа од проектот, со цел да ја поддржат кампањата.

 

Симболично, на крајот од акцијата, учениците пуштија 100 светло сини хелиумски балони и наредија една шарена сложувалка.

Сите вклучени наставници (Лидија Карапееска, Наташа Милеска-Михалоска, Верче Велеска, Марина Ангелеска, Моника Јанкулоска, Јулијана Талеска, Весна Јонзоска, Зорица Трајаноска, Наташа Колеска, Соња Петреска, дефектологот Светлана Миоковиќ-Томеска и директорот Зоран Сребреноски) беа мотивирани и сензибилизирани да продолжат и понатаму во процесот на инклузија на учениците со посебни образовни потреби.

 

Настанот беше проследен од следните медиуми:

Локална самоуправа – Прилеп https://www.youtube.com/watch?time_continue=234&v=8Wo_79QfVB8

Канал „Визија“ – https://youtu.be/4Ii5rLa-e7g

Радио „Пела“- http://radiopela.mk/da-dademe-poddrshka-na-litsata-so-autizam-i-na-nivnite-semejstva/

„Инфо-компас“ – https://www.youtube.com/watch?v=Zvz1WR3lF88&feature=youtu.be

„24 мк“ –  https://www.24.mk/details/gradskiot-saat-vo-prilep-kje-sveti-sino-5-dena?fbclid=IwAR0IGk8WCpGUskH2gz1KGatW1j8jlYWGi89P1NZ56jQnq-BCOypHZM82_iQ

„Нова Македонија“ – https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/republika/%D0%B0%D1%83%D1%82%D0%B8%D0%B7%D0%BC%D0%BE%D1%82-%D1%82%D1%80%D0%B5%D0%B1%D0%B0-%D0%B4%D0%B0-%D1%81%D0%B5-%D0%BE%D1%82%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B5-%D0%BD%D0%B0%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B5/?fbclid=IwAR1cDsggJqwI66afLQOWEGFPCTiRNLbTZC-1OACuvUGUOZ6ZyjEfFA_40OY

Работилница со ученици од деветтите одделенија: „Сензибилизација – Лица со посебни потреби“

20190327_082547

На 27.3.2019 (среда) во ООУ „Климент Охридски“ се одржа работилница со ученици од деветто одделение. Имено, работилницата е дел од проектот „И ние сме тука“ кој е пак е дел од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“.

Со учениците се гледаа кратки филмоци за сензибилизација, но и се сработи и работен лист во кој се зборуваше за потребите на одреденин лица со посебни потреби и за тоа како ние можеме да им помогниме.

Учениците покажаа висок степен на свесност за маргинизацијата на овие лица и за нивната најголема потреба: ПРИЈАТЕЛСТВОТО!