Студиско патување во Словачка

99_resize

Проектот „Ноќ со Андерсен“ започна минатата година. Неколку колеги од нашето училиште (ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп) го предложивме пред Наставничкиот совет, се образложи… се помисли… се гласаше… изгледаше дека ќе го туркаме некако, но како времето минуваше, како се полнеше затворената група на Фејзбук со активности, така и ние – наставниците и учениците, од сега победничкото училиште, изобилувавме со идеи и активности.

9_resize8_resize

Од овој проект произлезе филм кој ја раскажува нашата бајка https://www.youtube.com/watch?v=72ckkA7lEvI но произлегоа и индивидуални финални производи кои и денес се користат во наставата.

Врвот на нештата беше и студиското патување кое го доби координаторот на проектот Каролина Јовеска и јас – Јулијана Талеска, како непосреден учесник во активностите. Во таа насока им благодарам пред сè на Весела Богдановиќ, која ни го покажа овој проект, ни ги отвори вратите во светот на бајките, но и на Ана Хркова и Зузана Путник – наставнички во основно училиште во Ковачица – Војводина, кои во соработка со Општината на Ковачица (благодарност и за претседателот на Општината) обезбедија средства да нè одведат во Словачка.

На ова патување од Македонија учествуваа наградените колеги од Охрид, Прилеп, Велес, Неготино и Скопје.

 

Идејата на трите креативни наставнички овозможи во трите денови престој во Словачка да посетиме училишта и да се запознаеме со условите и начинот на работа. Исто така бевме примени и во Ректоратот на Банска Бистрица. Сместени, едната вечер во интернат во рамките на средно земјоделско училиште и втората вечер во студентски дом, ние имавме можност да ја запознаеме од прва рака и организираноста на образовните институции. Бевме запрепастени од дисциплинираноста и посветеноста на учениците и студентите. На топлината во објектите и чувството за нешто свое.

Едно од најубавите места беше селото на бајките: Хабкуки, кое беше обвиено во снег кој уште повеќе ја истакнуваше неговата волшебност. Ова село ја претстави грижата на Словаците за својот фолклор, за бајките кои се пренесувале од генерација на генерација, и пред сè за младите генерации. Во секоја куќичка, на лето, се изведуваат најразлични работилници поврзани со приказните: куклени претстави, читања, драматизации…

 

Последниот ден беше посветен на тричасовна прошетка во Братислава и посета на споменикот на Андерсен. Или како што кажа една наша колешка: „Дојдовме кај оној што нè донесе тука“.

Ако го исклучам долгото и мачно патување, можам да речам дека беше многу интересно. Можноста да се споделат искуства со колеги, да се дискутира на различни теми, да се виде нешто невидено досега е прилика која не се пропушта. Исто така особено ми беше важно што се почнува со пронаоѓање начини да се награди трудот на наставникот.

dav
Споменикот од Андерсен во Братислава

На самиот крај сакам да им се заблагодарам на моите колеги кои беа дел од тимот, но немаа можност да дојдат на патувањето и исто така на учениците кои се најзаслужни за сè што добивме во овие неколку денови. Нивната радост и поддршка значеа уште една награда на која што ѝ нема цена и која не може да се споредува со ништо.

 

 

Примена на kahoot во наставата

актив за алење

На состанокот од Активот од јазично, естетско и општествено подрачје, го претставив користењето на kahoot во наставата.

Имено, се работи за интернет платформа https://kahoot.com  на која што едноставно се логираш, правиш свој профил и можеш да користиш веќе готови тестови, но и да креираш свои. Интересното е во тоа што тие тестови учениците можат да ги решаваат само преку нивните паметни телефони. Апликацијата можат да ја инсталираат преку google play; или да се логираат дирекно на страницата.

index

1. Што можеме со kahhot?

  • Интернет алатка која помага да се направи проверка на знаење:
  • Дијагностичко проверување на претходни знаења
  • Проверка на совладаното на самиот час (се спроведува 5-10 мин од крајот на часот
  • Проверка на совладаност на тема, подрачје и сл.

2. Што е потребно?

  • Интернет
  • Претходно подготвен квиз/тест
  • Интерактивна табла или проектор со компјутер
  • Мобилни телефони (Паметни тел.)

3. Што добива наставникот?

  • интересно поминат дел од часот
  • максимална вклученост на учениците
  • ексел табела во која има аналитичка листа за одговореното
  • во рамките на истата табела, дополнителна евалуациска табела во која дознава како им се допадна квизот/тестот

4. Што добиваат учениците?

– практично користење на телефоните

– проверка на стекнатото знаење

– забавен начин на учење

Како да се направи профил, квиз/тест може да видите во презентацијата која ќе ја симнете на овој линк kahoot prezentacija

А исто така може да ви помогнат и овие врски:

 

Ораторски натпревар

По повод 55 годишнина од работата на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, изминатата недела се случуваа низа активности. Една од нив беше и ораторскиот натпревар. На него учествуваа осум училишта од три Општини.

Учесниците и менторите покажаа одличен успех. Спремните учесници нЕ задолжија оваа манифестација да ја направиме задолжителна и да вложуваме уште повеќе во неа.

Настанот го разубавија и Марија Стојческа и Михаил Јагуриноски кои со своите музички способности ја опуштија атмосферата додека се чекаа резултатите.

24879588_1737825629569977_4120573735519389920_o

Училиште Ментор Ученик
1.      „Ѓорче Петров“ – Ропотова Соња Кироваков Стефанија Димеска IX
2.      „Блаже Конески“ – Прилеп Љубица J. Пашоска Теодора Велкоска VIII
3.      „Рампо Левката“ – Прилеп Билјана Ацеска Елеонора Џокоска VIII
4.      „Јонче Смугрески“ – Обршани Тања Ѓореска Кристина Тасеска IX
5.      „Добре Јованоски“ – Прилеп Јагода Волческа Елена Николоска IX
6.      „Кире Гаврилоски – Јане“ – Прилеп Сузана Николовска Борис Ночески IX
7.      „Кочо Рацин“ – Прилеп Наташа Кулевска Николче Ангеловски VIII
8.     „Климент Охридски“ – Прилеп Јулијана Талеска Сара Талевска

 

Стекнувањето вештина на говорништво е наставна едници која се работи во осмо одделение, но по програмата нема многу простор за нејзино соодветно развивање. Овој тип натпревари во иднина може да изнуди слободни ученички активности, па може и секција која ќе им помогне на идните генерации подобро да се подготват за свои животни говорнички успеси.

Голема благодарност на колегите: Билјана Герас, Емона Јованоска и Рубин Матески кои радо го прифатија членувањето во комисијата.

Исто така благодарност и до наставничките Лидија Виши и Ленче Богоевска, заедно со Билјана Герас од ООУ „Даме Груев“, кои допатуваа од Битола за да го поддржат овој настан. Со нив беше и минатогодишната победничка на Ораторското матине, Јана Вангеловска, која се претстави со својот говор.

Првото место го освои Теодора Велкоска од ООУ „Блаже Конески“ – ментор: Љубица Ј. Пашоска. Второто место го освои Борис Ночески од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ – ментор: Сузана Николовска и трето место: Николче Ангеловски од ООУ „Кочо Рацин“ – ментор: Наташа Кулевска.

24785386_1737826726236534_4139525909132118720_o.jpg

 

Им честитаме на сите учесници и им благодариме што ни помогнаа на достоен начин да го одбележиме јубилејот.

 

ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „НИЕ-ВРАПЧИЊАТА“

ввв

Кога прв пат го прочитав романот „Ние – Врапчињата“ од Јордан Радичков, бев восхитена. Еве го Балканскиот Егзипери  – си реков. И посакав еден ден да ја поставам на сцена. Тој мој животен сон, еден од многуте –  ми се оствари. Благодарение на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“ јас имав можност да го реализирам сонот. И тој сон беше уште поубав, бидејќи не го направив сама. Со мене, рамо до рамо стоеја колегите: Аднан Мехмети, Ирмела Папиќ, Јусуф Синани, Моника Богданоска, Дарко Јовески и Панде Магдеска – Николоска.

Исто така, тука се и дечињата кои сами ги сечеа парчињата, сами ги кроеја крилјата, сечеа хартија, лепеа, правеа врапчиња, смислуваа сцени, глумеа, остануваа до доцна на училиште… Благодарност и до Башким Керими, Евгенија Башеска и еден куп дечиња кои ни помогна со костимите; благодарност и до Влатко Николоски и Сара Нинеска – кои ја оживеаја сцената.

Оваа екипа од ентузијасти координираше 23 ученици од три училишта. ООУ „Климент Охридски“, ЦОУ „Лирија“ – Житоше и ООУ „Добре Јованоски“.

Поминавме месеци макотрпна работа. Заеднички средби во кои дечињата се запознаваа, се дружеа, градеа мостови и покажуваа дека можеме заедно да живееме. Релацијата Житоше- Прилеп – Долнени изроди многу заеднички средби полни со радост и убавина.

IMG_8176

Дечињата во целиот процес покажаа дека можеме заедно да направиме нешто што ќе биде убаво само ако нЕ има сите задно!

Неизмерно сум благодарна и на поддршката на „Мировна акција“, на Боро, Горан, Емрах, на скапоценото искуство на актерот Александар Тодески, кој е најмногу заслужен што овие дечиња блескаа на сцената. Им благодарам на сите дечиња и родители што дојдоа, и што нЕ поддржаа.

Ја оживеавме заборавената сала во Долнени. Мислам дека и таа се радуваше на чврчорењето на врапчињата.

This slideshow requires JavaScript.

Се надеваме дека овој проект нема да згасне овде, дека ќе нЕ има барем уште неколку пати, бидејќи овие деца освен тоа што ја оставаат на театарските штици енергијата, тие ја иссцртуваат иднината на оваа земја, ги разобличуваат стереотипите, ги рушат предрасудите,  покажуваат како треба да се живее!

Трето место на државниот литературен фестивал „Ракатки“

17973929_1387916771273822_3003337882052590152_o.jpg

Неизмерна среќа на мојата ученичка Климентина Котеска и чест и радост за мене, како ментор, беше учеството на овогодинешниот фестивал „Ракатки“. Уште од првите години на моето вработување слушав за „Ракатки“ и многу сакав да бидам дел од фестивалот. По неколку неуспешни обиди, оваа година со песната „Желба неостварена“ од Климентина Котеска IX – 4 одделение, го освоивме третото место.

Климентина имаше можност да разговара со Филип Димкоски, со Горјан Петревски, Славица Арсова и ред други автори… Да се дружи со радовишани и да запознае дел од знаменитостите на градот.

Филип (почитуваниот млад автор, член на Одборот, и мој драг пријател) во групата на Фејзбук побара од нас да кажеме како си поминавме, кои се нашите коментари. Размислував многу на евалуацијата која требаше да ја направиме…

Фестивалот е една реткост, една бесценетост која не ја почитуваме доволно. Едно нешто што ја афирмира нашата младина, го промовира нашиот јазик и литература. Го афирмира мултикултурализмот (слушнавме творби на влашки, албански, турски…). Собира триесетина ментори од цела Македонија, кои се вредни и вешти во својата област. И сето тоа, оставено на милост и немилост од добронамерниците. За среќа ги имаше оваа година – но според мене, тоа не е доволно. Огромна пофалба на градоначалникот и на Општината Радовиш – Одборот вели: без нивна поддршка, фестивалот немаше ни да го има – СЕПАК, ова е фестивал кој исто како „Рацинови средби“ – ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВА, да не речам ЖИВУРКА!!!

Каде е нашиот патриотизам овде? Каде е нашата грижа за јазикот? За литературата? За младите генерации?

Овие дечиња и нивните ментори заслужуваат повеќе. Одборот, поетите, писателите, гостите – заслужуваат подобар третман. Потребна е логистика, финансии, свеж ветар!

Треба да се цени богатството што го дава овој фестивал!

20170422_195328.jpg

Две втори места на литературни читања

14375359_590103114495537_695904641_o

Ученичката Јована Стојческа од IX –  4 одделение е добитник на две награди (две втори места) на литературните конкурси по повод патроните празници на училиштата: „Добре Јованоски“ – Прилеп и средното училиште „Наум Наумовски – Борче“

Честитки за ученичката, нека ја следат уште многу успеси!

Наградените песни:

За Крушево

На Втори август Илинден светол
Крушево слави секое лето.
Се собираат сите, младо и старо,
насмеани, среќни, со насмевка ведра
на Мечкин Камен, споменик знаен
го празнуваат секој Илинден значаен.
Во илјада деветстотини и трета
година мачна, година клета,
во Крушево гратче славно,
се создала република рамноправно.
Никола Карев бил нејзин претседател прв
кој во нерамна борба со турски аскер
деветстотини и петта ја пролеал својата крв.
Питу Гули, војвода Илинденски
одел гордо напред со својата чета,
но на Мечкин Камен тој храбро загинал
од турската рака клета.
Крушево-гратче на Балканот мало,
и други познати личности дало.
Една од нив беше и нашиот Тоше,
ангел со милозвучен глас
кој со сите негови испеани песни
не` мамеше сите нас.
Но и тој на небото ангел стана,
ни остави во срцето длабока рана.
Останаа песните да ги пееме,
зашто само така душата да си ја залечиме ќе успееме.
И денес, ако појдеш во ова гратче мало,
потсети се што тоа во историјата дало.
На Мечкин Камен, Македониум и гробот на Тоше појди
и оттаму со убави спомени дојди.
Сето тоа врежи го во срцето,
сеќавај се на Крушево со насмевка на лицето.

Што е слободата

Слободата е шарено цвеќе
во градина што цвета,
слободата е златокрила птица
на небо слободно што лета.
Таа е сонце што силно не грее,
таа е детенце што милозвучна песна пее.
Во ливада црвена булка,
бебе што мирно спие во лулка.
Ветар што знаменце вее,
мајка што над сите нас бдее.
Бистра вода што течи,
песна што насекаде ечи.
Насмевка на лице што царува,
подарок на сите што се дарува.
Низ ливада што шета девојка мила
облечена во фустан од свила.
Птици што сакаат слободен лет,
деца што барат слободен и мирен свет.
Ајде сега да се фатиме рака за рака
без никаква тешкотија и мака,
орото на слободата да го развееме
за неа песна да запееме

Учество на проектот: „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата”

IMG_3960

Во четвртокот попладнето заврши еднонеделниот тренинг-семинар кој беше наменет за контекстуална обука за изградба на мир на наставници и стручни соработници. На еднонеделната обука учествуваа 22 наставници и стручни соработници. Вклучени беа осум училишта: ООУ „Вук Караџиќ“ – Куманово; ООУ „Наим Фрашери“- Куманово; ООУ „Климент Охридски” – Прилеп; ООУ „Лирија” – с. Житоше, Долнени; ООУ „Хасан Приштина“ – Чаир, Скопје, Врапчиште; ООУ „Сали Лиси“ – Добри Дол Гостиварско; ООУ „Наим Фрашери“ – с. Неготино, Гостивар и ООУ „Јан Коменски“ – Карпош, Скопје.

Главна цел на проектот: Процесите на интегрирано образование, зајакнати во училиштата и со зголемена јавна поддршка, даваат придонес кон мирот и стабилноста на државата.

Специфични цели:

  • Испитување на можностите за развој на процесот на меѓуетничка интеграција во образованието (МИО) преку давање поддршка на училиштата кои се заинтересирани за напредок на овој компликуван процес
  • Зголемени капацитетите на наставниот кадар и стручните служби во училиштата за спроведување на активности поврзани со меѓуетничка интеграција во образованието (МИО)
  • Развиен прирачник како поддршка во работата на наставниот кадар за имплементација на МИО работилници
  • Препораки за политики во образовните институции, развиени заедно со целната група, за имплементирање во интегрираниот образовен систем;
  • Зголемување на јавната поддршка за интегрирано образование.

Носител на проектот: Здружение Мировна акција во соработка со Центарот за мировни студии од Хрватска.

Главен финансиер на проектот: Делегација на Европската Унија во Република Македонија.

Впечатоците се неописливи. Програмата беше интерактивна, разновидна и многу интересна. Преполна со искуствени работилници, дискусии, работа во групи, теоретски импути, презентации… Тренерскиот тим беше на нивото. Секогаш заедно со нас, постојано присутни на сесиите и надвор од нив. Посветени и желни навистина процесот на МИО – тоа да успее. Групата беше мотивирана, иако различна по многу работи: пол, религија, етничка припадност, вредности, убедувања… баш изгледаше како нашата заедничка Македонија. И тоа дружење покажа дека можеме заедно да најдеме решение да ни биде убаво.

Во исчекување на натамошните чекори од проектот… се радувам што бев дел од ова случување и чест ми е да продолжам да работам со овие луѓе, со кои ја делиме истата цел: ПОДОБРО УТРЕ ЗА СИТЕ НАС!!! IMG_3812