(Не)еднаков пристап во образованието – истражување од Сунаи Сабриоски

Врска до истражувањето: https://vidivaka.mk/istrazuvanja/pristap-obrazovanie/?fbclid=IwAR3BsvYxUiA1Kl-drZXQjAleeGTJmFNljG-Xva3c9dWX55sB-NSkCd61bN4

Извадок од истражувањето

Чинам беше јануари, 19. кога ми се јави Сунаи и разговараме за неговото истражување „(Не)еднаков пристап во образованието“. Бев пријатно изненадена што ми ја дава таа можност да се искажам по тоа прашање. Читајќи го истражувањето, согледувам дека ги опфатило сите предизвици со кои се соочуваме во овие две учебни години.

Пандемијата откри многу недостатоци. Пред сè го постави наставникот во позиција на ученик. Голем дел од нас почнавме од почеток. Навечер и во викендите сме ученици, а во текот на работната недела наставници. Предизвиците со учењето од далечина се безброј. Се стартува со импровизации, но полека се соземаме и се обидуваме во од да бидеме достојни на повикот.

               Се најдовме пред сосем нов начин на предавање, нови методи, нови алатки… поддршката доаѓаше, но времето за нејзиното применување е мало… овој шок тешко се надминува. Психичките последици допрва ќе дојдат…

               Родителите имаат несекојдневна можност да бидат дел од наставниот процес, што намерно, што нужно (поради условите во кои што се наоѓаат). Судовите доаѓаат веднаш, негодувања, споредувања, незадоволства… тоа прави уште поголем притисок кај наставникот.

               Во основа секоја новост е дочекана со недоверба. Потребно е време да се прифати…

               Оваа присилно забрзана дигитализација е нешто прекрасно што можеше да му се случи на образованието во Македонија. Добро обучените наставници, кои континуирано работат на себе создаваат нови дигитални ресурси и сосем различно поучување од она што го имавме предолго. Штом пандемијата заврши, сите тие ресурси, алатки, платформи ставени во функција ќе го постигнат она што сите го бараме веќе одамна: добро образование.

Извадок од статијата

               Сепак, она што се зборува во статијата е точно. Сите немаат исти можности. Имаме деца кои имаат своја соба со персонален компјутер со најнови перформанси, а има и деца кои живеат во многудетно семејство, со ниски примања, па дури немаат и струја… Така што за тие, ранливи категории целиот говор за убавината на дигитализацијата на образовниот процес паѓа во вода.

Учениците од ранливите категории најчесто следат настава преку мобилен телефон… тоа ја отежнува нивната вклученост во активностите. Особено ако наставникот ја владее платформата и вклучува алатки и задачи во кои треба да се пишува, да се додаваат работи… едноставно телефонот не е соодветен за пишување, есеј на пример…

Тука се и учениците со стари компјутери или со еден компјутер кој го делат сите во семејството… истовремени часови… слаб интернет поради вклученост на повеќе уреди…

Учењето од далечина им го скрати на учениците со ИОП она најмногу што им беше потребно: СОЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА. Наставникот е немоќен во реализација на основната цел за тие ученици.

Тежината во наставниот процес за тие ученици целосно падна на родителот. Наставникот може да испраќа дигитални материјали, но тие многу не можат да му помогнат… може само да ја смират совеста на посветениот наставник…

 И најнакрај, за недораснатоста за овој тип настава. Злоупотребувањата, препишувањата, дошепнувањата… без свесност дека се нема никаква корист од тоа. Наставникот е немоќен пред таа несериозност…