Презентација на филмот A walk to remeber

Ученичките од VIII – 3 одделение повторно покажаа дека се вредни и спремни за нови проекти и активности. Секогаш тука да го направат часот поинтересен и позабавен. Овој час тие правеа презентација на филмот „A walk to remember“. Ученичките направија прекрасен осврт на филмот и не` потсетија на особеностите на филмот и филмската уметност. Потресната приказна сите не` погоди, веднаш посакавме да го изгледаме филмот.

Нивната презентација можеме да ја видиме овде:

http://prezi.com/ex7chufxsalw/film/

ПРОСЛАВА НА ВТОРОТО МЕСТО

По повод втората награда на Традиционалниот карневал „Прочка 2012“ нашето училиште организира прослава. Славната навивачка група НАВИВАМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА беше дел од училишната забава во Цреша -тин. За тоа како си поминавме можат да сведочат фотографиите 🙂

This slideshow requires JavaScript.

ЖЕСТОКИ ДЕБАТИ

На часот по македонски јазик седмооделенците имаа жестоки дебати на многу интересни теми.

Всушност учениците даваа ставови за некои прашања поврзани со наставата, а потоа дебатираа за нив. Често се наоѓаа во интересни ситуации, да бранат став со кој не се согласуваат, но тоа им помогна да научат уште некоја вештина на дебатирањето.

Од голмиот број теми кои беа предложени најинтересни беа:

  • Часовите треба да траат по 30 минути.
  • На секој трет месец треба да се оди на ексурзија.
  • Да се учи два дена и пет да се одмора.
  • Честите екскурзии можат да ја загадат природата.
  • Не треба да се учи граматика.
  • Македонски јазик треба да се учи со 5 часа во неделата…

„Училишниот театар како воннаставна активност“

Во вторникот, 13.03.2012 на Јазичниот-стручен актив беше изложена темата: „Училишниот театар како воннаставна активност“

Вовед:

Училишниот театар во наставниот процес е забележан од времето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Тој наш просветител, преродбеник, учител и поет, го означил почетокот на македонското драмско творештво. Денес од Џинот имаме зачувано дел од неговите сценско-дијалошки игри. Тие сценско-дијалошки игри биле изведувани од неговите ученици за време на училишните приредби или во чест на некои свечености. Тој обид за драмска едукација на децата се провлекол во образовниот систем и со текот на времето се искристализирал во форма на драмска секција. Значи освен што Џинот претставува основополoжник на драмското творештво во Македонија, тој претставува и основоположник на училишниот театар.

Драмската секција, како воннаставна активност во основните училишта отсекогаш била една од најважните и најинтересните секции. Основната цел на оваа секција е воведување на децата во драмската уметност. Знаејќи дека драмската уметност е еден широк спектар на голем број уметности, вештини и знаења, можеме слободно да кажеме дека таа треба да помогне во изградбата на една здрава, културна и реализирана личност.

Драмската секција секогаш e одговорна за најмалку една точка на училишните приредби. Во нашите училишта драмската секција се сведува на една досадна секција која се состанува само кога наставникот ќе има готов текст и кога се приближува некоја приредба. Таа е сведена на бегла подготовка на едночинки или извадоци од драми за патронатот на училиштето и за годишната училишна програма. Нејзината програмата за работа најчесто е нешто што се повторува секоја година. Членовите се избираат по пат на аудиција или наставникот ги избира оние за кои што смета дека можат да ја завршат работата, им дава текст, го учат, и настапуваат. Ништо повеќе од тоа…

Каде е тука воведувањето во драмската уметност? Како децата научуваат да се ослободат во просторот; Како ги учат движењата, како го збогатуваат и култивираат говорот? Како ја развиваат фантазијата?

Патронатот и годишната програма се важни за училиштето и претставуваат приредби на кои учениците го покажуваат она што го работеле на секцијата во текот на годината. Но, сепак акцентот треба да се стави на развивањето љубов и збогатување на знаењето за драмската уметност. Децата да научат нешто за себе, а не да бидат фигури кои ќе го обелат образот на наставникот кој е обврзан да спреми нешто.

Во денешниот образовен систем, иако се воведуваат разни иновации со кои се надминуваат класичните методи во наставата, не се овозможува доволно развојот на создавачка, самостојна и флексибилна личност, бидејќи учењето уште се базира врз основа на авторитет – усвојување на готов материјал од учебникот.

Драмското воспитување од друга страна пак прави широко влијание врз свеста на детето и при формирањето на неговото етичко и естетичко битие.

Докажано е дека детето низ драмското образование се потврдува како создавач, а низ емотивното ангажирање во драмата, тоа подоцна покажува подобри успеси во учењето и помнењето.

Детето уште од раното детство покажува интересирање за драматизација и игри со улоги. Тоа често игра улоги од личности од својата околина, ликови од цртаните или детските серии што ги гледа.

Ако набљудуваме игра на некои деца, ќе видиме дека тие можат да бидат мајки, сестри, браќа, каубојци, ликови од турските серии кои ги гледаат нивните родители или баби и дедовци… Во тие нивни облици и содржини што ги применуваат во игрите, децата ги внесуваат своите создавачки можности кои се засноваат на имагинација. Во тие игри детето мисли, доживува, ги изразува своите емоции, перципира, заклучува, ја развива фантазијата и станува покреативно.

Во книгата „Од игре до позорнице“ од Зорка Бокшан – Танурџиќ разработен е еден систем наречен СИСТЕМ НА ДРАМСКИ ИГРИ, со кој што се постигнуваат сите зададени цели на една училишна драмска група. Токму таа книга беше мотивација и насока за мене да ја напишам оваа домашна работа. Книгата ми даде идеја како да ја водам драмската секција во моето училиште.

Што добива детето со драмските игри?

Драмските игри го поттикнуваат детето да испитува и да се пронаоѓа, да стекнува самодоверба и сигурност. Тие можат да ги поттикнат и да им бидат од корист и на деца кои немаат особени афинитети кон драмската уметност, ниту пак кон глумењето.

Примената на вежбите за говор кај детето постигнуваат убаво, течно изразување.

Вежбите за ослободување во просторот прават детето да се научи да движи нормално на сцената, да се ослободи од трема и срам при комуникација со публиката или со некоја група непознати луѓе.

Со усвојувањето на спонтаноста во говорот и движењето, детето добива можност за изразување на својата личност. Тоа успева да ја развие способноста за опсервација, бидејќи играта го упатува кон посматрање на животот и работите што го опкружуваат. Тоа гледа, проценува, ја согледува поуката, ја препознава неправдата, лошото и доброто во играта, тоа прави од него личност која може да заземе став за некоја работа.

Драмската игра ги учи децата на колективна работа, на трпение и дисциплинираност. Детето во групата се труди да го постигне она што е од корист за цела група, тоа ја намалува неговата вродена себичност и прави да се радува на заедничкиот успех.

Развивањето на фантазија е една од најголемите придобивки на драмските игри.

Исто така една од поважните придобивки е и владеењето со  емоциите. Играта му овозможува да одглуми емоции и тоа за кратко време сосем различни, да плаче па потоа да се смее, да биде гневно, да биде добронамерно. Сите тие вежби ќе направат кај него тренинг за владеење со емоциите. Нешто што децата го немаат и го стекнуваат со текот на своето раснење.

И на самиот крај, сите тие игри прават тоа да се чувствува убаво, да му биде забавно, да ужива во другарувањето.

Организација на драмска секција

Драмската секција е обврзана да изготви програма според која ќе треба да работи во текот на годината. Нормално таа програма не треба да биде само штуро нафрлање на некои активности кои можеби делумно ќе се изведат. Наставникот треба убаво, систематски, заедно со учениците да седне и да ја напише програмата по која ќе работи. Вклученоста на учениците во креирањето на програмата е многу важно. Секако, наставникот ќе има пресудна улога што да влези во програмата, но дел од сугестиите на учениците можат да бидат секогаш корисни.

Наставникот треба постојано да го надградува своето знаење во областа на драмската уметност. Да остварува контакти со луѓе кои се дел од театарот, да чита драмски текстови, особено детски драмски текстови.

Најважно од сè е за време на часот да владее пријатна атмосфера. Групата да се чувствува слободно. Децата да уживаат во часот, а наставникот да се чувствува пријатно. За атмосферата во голема мера е одговорен наставникот. Тој може преку тим-билдинг игри постапно да гради една кохезивна група. Да ги поттикнува учениците да се дружат, бидејќи ако групата е компактна, тогаш многу лесно ќе може да се изведе дури и некое потешко дело.

Инструменти и звучни ефекти

За подготвуваната точка да добие во вредност и да биде поинтересна, секогаш помагаат звуците. Музиката може да зборува во одредени делови. Иако точките на ниво на секција не претставуваат некои врвни театарски остварувања, со децата може да се импровизира со звуците. Пред сè важно е при употребата на тие инструменти децата сами да дојдат до звукот, некогаш дури и да го направат инструментот. Може да наполнат конзерва со камчиња или со грав, и тоа да произведува звук. Исто така може да се искористи еден час од секцијата за правење инструменти кои ќе служат за некоја од наредните точки.

Избор на костими

Изборот на костими исто така е доста важен за драмската точка. Пракса е секогаш тоа да е задача на наставникот. Но тоа не треба да биде така. И ова може да се искористи за децата да научат нешто повеќе. Тука може дури и да се вклучи некој ученик кој нема афинитети за глумење, но сака да дизајнира костими или има идеи кои можат да помогнат во изборот. Тоа ќе направи кај нив мотивација да размислуваат кои облеки во кое време се носеле и кое е нивното значење. Таа дискусија може да се искористи и за значењето на некои носии и облеки. Учениците ќе можат да препознаваат некои етно – детали, симболики на бои и елементи и слично. Тоа ќе направи кај нив љубопитство за културата на облекување кај различни народи.

Сцена

Кога станува збор за училишен театар, скоро и да не може да се зборува за некоја сценографија. Најчесто тоа е сведено на минимален број реквизити. Сепак, иако тоа во реалност е така, штом се заврши со изборот на текстот, наставникот треба да оддели час, ако има потреба и повеќе часови, за дискусија со учениците во врска со сценографијата. Ако има потреба може да се консултираат и професионални лица, иако сметам дека е многу подобро сценографијата да биде дело на самите ученици, па и колку едноставно да изгледа. Наставникот може да помогне, но добро е да ги почитува идеите на учениците.

Системот на драмски игри ги опфаќа следниве видови игри:

игри за ослободување во просторот и за ослободување на движењето;

игри за концентрација, внимание и фантазија;

игри за ослободување и култивирање на говорот; и

игра со дијалози.

Игра за меморија

Учениците седат во полукруг. Еден од нив е предмет за набљудување. Откако убаво ќе го разгледаат од сите страни, тој излегува од училницата и прави промена на својата облека (откопчува некое копче, завратува ракав, ја соблекува блузата…) таа промена се обидува да биде скоро незабележителна. Задачата на учениците е да ја откријат промената.

Игра за концентрација

Учениците седат во полукруг, во средината има еден ученик кој се обидува да изрецитира некоја песна или некој текст кој претходно го научил, останатите ученици се обидуваат со движења, фаци, гестикулирања, да му го одземат вниманието. Ученикот ќе треба да најде некоја точка во која ќе гледа и ќе проба да ги отфрли сите „провокации“.

Игра за внимание

Еден ученик прави едно движење, останатите го повторуваат истото движење, потоа тој го повторува движењето додавајќи уште едно и така додека не се направи некое комплицирано движење. Учениците ги повторуваат движењата истовремено со него, трудејќи се да не грешат при имитирањето.

Игри за развивање фантазија (Биографија на предмети)

Децата земаат еден предмет од понудените од страна на наставникот. Нивна задача е да измислат биографија за тој предмет. Смислуваат некоја приказна во која што објаснуваат каде го нашле тој предмет, од кого е, од кого бил, и нешто поврзано со него.

Игри за развивање фантазија (Творење приказна)

Секое дете влечи од едно купче со листови. На листовите има различна приказна, има неколку минути да ја прочита приказната и да почни да ја глуми. Останатите деца, откако ќе заврши се обидуваат да ја откријат приказната. Кажуваат што виделе, а на крај детето ја чита.

Игра за концентрација (Составување зборови според последната буква)

Во оваа игра ученикот кажува еден збор, следниот до него треба да каже збор кој почнува на последната буква од зборот што го кажал ученикот пред него.

Игра за збогатување на речникот и развивање на фантазијата (Составување приказна со додавање на зборови и реченици)

Во оваа игра се започнува со еден збор, потоа следниот ученик тој збор треба да го продолжи со следен збор, но да внимава поврзувањето да биде логично. Поврзувањето може да се прави само со додавање на еден збор или со додавање на реченица. Секој следен ученик ја продолжува приказната додавајќи збор или реченица по своја желба.

Приказна врз основа на неколку елементи

Во оваа игра учениците добиваат неколку збора кои не се поврзани меѓу себе. Тие треба да направат некоја приказна во која ќе ги употребат сите дадени зборови, без разлика колку други зборови ќе употребат. Пр: дрво – лето – дете.

Приказна врз основа на слика

Наставникот покажува некоја слика или фотографија, на која има нешто фотографирано, сликано или нацртано. Може да биде нешто невообичаено, смешно, чудно, мистично… без разлика, задачата на учениците е да состават приказна вклучувајќи ја својата фантазија. Да искористат моменти од сликата и да ја објаснат низ приказна.

Дијалошки игри:

Наставникот дава почетна фабула, остава алтернативни решенија како таа да заврши. Им дава време од десетина минути и учениците сами одлучуваат како ќе ја разрешат и откако ќе се договорат, го глумат договореното.

Наставникот дава некоја фабула, и таа се глуми, потоа во истата таа фабула вклучува некој нов елемент кој дава алтернатива за промена на дејството.

Наставникот задава некои одделни детали. Личност со некоја карактеристика, некое расположение и некои околности. Задачата на учениците е да создадат фабула и да ја одглумат.

Заклучок

Денешните деца се деца на интернет – ерата, голем дел од своето време го поминуваат пред компјутерите. Играат игри единствено само на компјутер, комуницираат со своите другарчиња само на интернет. Заборавиле на детските игри кои што ги играле нивните родители, а уште помалку се сеќаваат на игрите што ги играле нивните баби и дедовци. Нивната оптовареност со информации во текот на школувањето прави одбивност за учење. Денешните наставници мака мачат да ги мотивираат учениците. Најдобриот начин да научат нешто е ПРЕКУ ИГРАТА. Играта е најдобриот метод да се совладаат нови знаење.

Примената на драмските игри во рамките на училишниот театар, поточно драмската секција, претставува еден нов и модерен метод за воведување на учениците во основите на драмската уметност.

Запознавањето со драмската уметност е осознавање на еден широк спектар на голем број уметности, вештини и знаења. Тоа искуство можеме да помогне во изградбата на една здрава, културна и паметна личност.

Литература:

  1. „Од игре до позорнице“ – Зора Бошкаш – Тануеџиќ – Креативни центар – Белград.
  2. „Методика креативне наставе српског језика и књижевности“ – Симеон Маринковиќ – Креативни центар – Белград
  3. Програми од драмски секции на колеги и колешки, наставници по македонски јазик во основно образование.

ПРВО И ВТОРО МЕСТО НА ПРИЛЕПСКИОТ КАРНЕВАЛ „ПРОЧКА“

Нашето славно подарчно училиште од с. Мажучиште и оваа година покажа дека го има резервирано првото место за подолго време 🙂

Наставникот Цветанчо Волчески заедно со наставничката Анче Анеска и со помош на своите креативни ученици повторно ја имаа најубавата маска на карневалот.

Учениците од шестите одделение од нашето училиште заедно со неколку ученици од седмо одделение го добија втоторо место со маската НАВИВАМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА.

Зад тој успех стојат наставниците: Јулијана Талеска, Весна Јонзоска, Каролина Јовеска, Наташа Милеска – Михајлоска, Кате Станкоска, Оливер Николоски, Цвете Јочкоска.

По долги и разиграни подготовки, учениците успеаја да навиваат за својата победа. Со својата интересна кореографија и со енергијата што ја дадоа игнорирајќи ги лошите временски услови, тие успеаја да го освојат ВТОРОТО МЕСТО.

Огромно благодарам сите тие им дожлат на своите родители кои цело време беа поддршка, а се разбира и наставниците кои дадоа се` од себе.

This slideshow requires JavaScript.

АКТЕРОТ АЛЕКСАНДАР ТОДЕСКИ НА ГОСТИ ВО НАШАТА УЧИЛНИЦА

This slideshow requires JavaScript.

На огромно задоволство на учениците од осмо одделение, на гости во нашата училница дојде познатиот прилепски актер Александар Тодески. Учениците имаа можност низ дискусија со актерот да дознаат многу работи поврзани со филмот и со театарот. Исто така тие имаа задача да направат портрет на неговиот лик и да напишат што научиле на часот.

Еве што кажаа за него:

Пред неколку дена, благодарение на наставничката по македонски јазик, Јулијана Талеска, имавме можност да видиме вистински актер кој можевме да го прашаме сè што не интересира за неговата професија и работите со кои се соочил поради неа.
Актерот кој не` посети е Александар Тодески. Тој е дваесет и осум годишен човек кој е многу успешен во својата професија и има освоено многу награди. Тој нема глумено во филм, но затоа има искуство со реклами, а има и снимено документарен филм. Има учествувано во околу седумнаесет претстави, не броејќи ги и детските. Најпознати претстави во кои глумел се: ,,Рибарски караници“ , ,,Тапани во ноќта“ „Калигула“, „Кавкаски круг со креда“, „Светилникот“ и други. Александар ни откри дека глумата му е и наследна (неговиот татко е исто така глумец, почитуваниот актер Најдо Тодески), но и дека ја избрал за негова професија по своја желба, а тоа го покажува со своето глумење уште на 5 години, кога глумел за прв пат и имал улога малечко сираче. Омилена претстава во која има глумено му  ,,Службогонци“. Потешкотии со глумењето, понекогаш му се појавуваат но успева лесно да ги реши со помош на неговите колеги актери. Исто така ни откри и дека најмила награда му е онаа за колективна игра. Детските претстави во кои има учествувано траат околу час, а нормалните претстави околу час и половина, но најдолга претстава во која има учествувано е ,,Калигула“ која траела околу два часа и триесет минути.
Во врска со глумата како професија, ни кажа и ни посочи дека иако за шминката има личност која е задолжена, доколку некој сака може и сам да се погрижи за неа, потоа дека улогите најчесто се доделувани од режисерот, како и дека суфлерот им помага кога текстот е поголем.
Што се однесува до текстот, ни кажа дека учењето не е многу тешко бидејќи десетина дена со ред седат и само го читаат, како и тоа дека пред да треба да ја изведуваат претставата доаѓаат некое време порано за да го извежбаат, во зависност од неговата должина.
За глумењето ни откри дека е навистина тешко кога тие глумат, а публиката дофрла, слика, свирка и слично. Ни кажа и дека, пред сè потребно е многу напор, талент, комуникативност и упорност, но дека сепак крајниот производ е успешен благодарение на заедничката посветеност и напорна работа, како и тоа дека наградата за сето тоа е задоволството и аплаузот на публиката.
За крај, Александар ни кажа дека животот како актер е забавен и возбудлив бидејќи никогаш не знаеш што ќе бидеш следно: доктор, полицаец, наставник, крадец, зависник, крал, лекар и т.н. , а ни препорача и да го посетуваме театарот колку што можеме почесто.

Што научивме од актерот?

Александар Тодески е актер во прилепскиот театар.Има дваесет и осум години, а првата улога ја добил уште од својата петта година во која глумел малечко сираче. Актерството му e и наследно, но тој го избрал истото затоа што го сакал тоа. Настапувал на многу фестивали и секогаш освојувал многу награди (заедно со својата екипа). Има глумено во околу седумнаесет професионални претстави. Омилена претстава и претстава со најголем успех му е ,,Колективна игра‘’. Нема глумено во филм, но има снимано реклами и документарни филмови.
Од актерот научивме дека на секој актер секоја улога му е омилина и своја, доколку доволно добро се внеси во улогата. Улогите му ги дава режисерот, а режисерот ги следи актерите како глумат и како се однесуваат пред да им ја додели улогата. Исто така научивме дека во претставата има: кореограф, шминкер, костимограф и глумци. На Александар, како и на секој актер му е потребна помош од суфлер. Му се имало случено да го згреши текстот при глумење, но ако не може сам да се снајде, да се извлече, треба да му помогнат колегите. Пред да почни претсавата на актерите му треба околу еден час за да се подготват за професионални претстави, а додека за помалите претстави му треба околу триесет минути.
Една професионална претстава трае оклоу два часа и триесет минути, а додека една детска претстава трае околу еден час. Му се случило да му дофрлаат од публиката со што секако се губи концентрација, но сепак една од квалитетите на актерот е да ги игнорираат таквите дофрлања.
И за крај Александар ни кажа дека за да станеш актер треба многу напор, талент, да бидеш комуникативен, да не бидеш срамежлив, да бидеш музикален и ако се сака сè се може. Чувството по завршувањето на претставата е прекрасно и се разбира аплаузот, е она за кое актерите глумат. Според него актерите глумат на работа, а во реалниот живот се искрени, за разлика од другите луѓе кои глумат постојано.
Александар ни препорача да одиме на театар и да гледаме претстави.

   

Учество на интернационален Thinkquest – натпревар

Минатата учебна година, ученици од нашето училиште зедоа учество на интернационалниот thinkquest – натпревар. На едукативната страница http://www.thinkquest.org.  го претставија проектот Welcome to Prilep. Идејата беше да се направи брошура која ќе им биде корисна на странците што доаѓаат во Прилеп. Учениците: Петар Тодороски, Павлинче Секулоска, Љубен Ангелески, Александар Костоски и Верица Попоска направија темелни истаражувања, сето тоа убаво го вклопија и го ставија на проект -страната. Откако ги изделија најважните и најосновните информации за нашиот град, тие ги вметнаа во малата брошура (флаер), која што сами ја дизајнираа. Брошурата може да се види на овој линк    мала брошура за Прилеп

ПРЕЗЕНТАЦИИ НА ОМИЛЕНИ ФИЛМОВИ

На часот по македонски јазик учениците пезентираа презентации на нивни омилени филмови. Наставната единица ОСВРТ НА ГЛЕДАН ФИЛМ ја реализираа на креативен начин. Некои од презентациите можат да се видат подолу:

Хари Потер     титаник    сам дома1111    NENAD   the notebook111   Дума   FILM      филм      Стјуарт Литл    2003TheProposal     Monster in law1

Интервју со проф. д-р Јасна Котеска

Во текот на ланската учебна година, учениците од V – 3  одделение беа дел од проектот КАРИЕРНА БРОШУРА.   Проектот го реализираа на едуактивниот портал Thinkquest. Задачата им беше да истражуваат различни професии поврзани со македонскиот јазик и литература. Интервјуираа библиотекар, продавачка во книжарница и професорка. Едно од најубавите интервјуа беше интервјуто со професорката Јасна Котеска. Ова интервју кај учениците отвори многу прашања и разви една убав дискусија на часот по македонски јазик. Особено беше интересно што интервјуто беше изведено по електросни пат. Учениците најпрвин истражуваа за Јасна и потоа составија прашања кои што и` ги пратија на мејл. Иако помина една година од тоа интервјуирање, тие и денес имаат желба да ја запознаат. Се надеваме дека еден ден тоа ќе им се оствари.

Тој час ќе ми остани во долго сеќавање… цело време имавме чувство дека Јасна е со нас, не` слуша како зборуваме, како сама да ги одговараше прашањата… интервјуто беше 6-7 страни, на почетокот се плашев дека ќе им здосади на децата, но напротив, на првиот обид да ја прекинам ученичката со читање, сите деца едногласно, во извик, побараа да се чита уште… Јасна беше непозната личност за нив, но самото истражување за неа, електронската комуникација со неа, моите приказни од студиите поврзани со неа, ја направија присутна, ја направија наша пријателка, блиска личност која споделува животно искуство, учител кој не` разбуди од сон… и` благодарам за несебичната поддршка…

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р ЈАСНА КОТЕСКА

1.Зошто се одлучивте да ја работите оваа професија?
Се одлучив да бидам професорка, бидејќи најмногу од се’ ја сакам училницата. Училницата е најубавото место на светот. На други места, може да ме повредат, или да ме излажат, или да ме навредат. Во училницата учиме, се дружиме и заеднички веруваме дека светот може да биде поубав. Не познавам ниедно друго такво место. Така не е во автобусите, ниту во канцелариите. Низ овие години, многу работи се променија во мојот живот, но една работа остана секогаш иста. Од кога имав 7 години до ден денес, секоја година, едвај чекам да заврши летото, за да се вратам во училницата. Кога ќе видам филм со училница, се залепувам за телевизорот и го гледам. Не знам ниеден филм, каде во училницата некому се случило нешто лошо.
2.Дали ја сакате оваа професија?
Најмногу на целиот свет. Не знам што друго би работела, ако не бев професорка, и ако не работев со книги. Можеби ќе цртав. Ама не знам да правам многу други работи. Немам слух, математика не знам најдобро, од физика слабо се разбирам, а дури не знам ни да готвам добро. Но, ете, од книги се разбирам и нив ги сакам. Некогаш си мислам дека човек не мора да знае многу работи. Но, таа професија што ќе ја одбере, треба да ја сака и да се труди да ја работи најдобро што може.
3.Дали сметате дека вашата професија е една од најнтересните и најкреативните?
Да, токму овие два одговори: најинтересна и најкреативна. Еве да замислам дека работам како хемичарка во лабораторија. Тоа е прекрасна професија, ќе работам со хемиски елементи. И цинкот е прекрасен, но за оној што знае да го „слушне“. Јас не знам, мене цинкот не знае да ми „зборува“ (ме разбирате што сакам да кажам нели? Цинкот не зборува, но за хемичарите, тој сепак „зборува“).
А во училницата, секој ден зборуваме за убава книга, читаме убава мисла. Кога ќе отворите убава книга, тоа е како да сте разбудиле некој добар дух, кој дотогаш спиел. И потоа со тој дух може да разговарате преку другите луѓе, што исто така го разбудиле. Тој дух не’ прави подобри, погрижливи, посреќни.
4.Како може да се стекне оваа професија?
Лесно. Требаат само три работи. Да се сака оваа професија. Да се учи. И да се читаат книги. Значи треба љубов, знаење и читање. А тие се трите најубави работи на светот.
5.Од каде ја црпите инспирацијата за пишување?Од книгите, од себеси и од луѓето. На пример, јас не знам да пишувам за пејзажите или за предметите. Знам да пишувам само за луѓето. Секогаш кога читам, потоа сакам и да пишувам. Не можам да пишувам, ако не сум читала пред тоа.
Има и една финта. Порано сакав да пишувам како моите омилени писатели. И се обидував. Ќе седнев и ќе напишев нешто што мислев дека би го напишал Толстој ако е жив, или Гете, или Сервантес, но тоа секогаш звучеше лошо. Никој не може да пишува како некој друг. Потоа почнав да пишувам од моето срце, иако тоа не е секогаш лесно, затоа што ти е срам, или ти се чини дека е лошо напишано. Но, потоа луѓето ми велеа дека само тие текстови, што излегуваат од моето срце, се добри. Тогаш си помислив дека човек може да пишува само според самиот себеси.

6.Колку студенти имате?Околу 50 студенти. Но, оваа година имам околу 90, бидејќи сега предавам повеќе предмети. Но, ние се гледаме на часовите во помали групи. И во училницата секогаш има околу 30-тина студенти. Како во секое училиште.
7.Колку книги имате прочитано?

Оф, ова е најтешкото прашање. Навистина не знам. Знам дека немам прескокнато ниедна лектира. Ги прочитав сите книги во основно училиште. Потоа сите во средно. И потоа сите на факултет. Потоа веќе никој не ми кажуваше што да читам, па почнав да ги читам книгите што ги читале писателите што ги сакам. Па почнав да откривам нови и нови книги. Денес читам книги на екран, барем исто толку колку што читам и на хартија. Не е важно каде се читаат книгите, тие секаде се убави.
Всушност, ако размислам подобро, мора да сум прескокнала некоја лектира.  Невозможно е да сум ги прочитала баш сите книги за училиште. Можеби сум ги прочитала подоцна. Но, затоа некои книги сум прочитала по повеќе од еден пат. Книгата не треба да бара напор. Треба да се сака книгата што се чита.
8.Колку вашиот ангажман за вашата професија влијае врз вашиот живот?
Влијае доста. На пример, јас имам син кој има 7 години. Читам и пишувам кога тој е во училиште од 8 до 3 (оди во целодневна), но по 3 часот попладне избегнувам да работам се’ додека син ми не си легне. Тоа време сме сите заедно. Потоа, кога ќе си легне, пак читам или пишувам, понекогаш до доцна во ноќта. И некогаш сум ненаспана, но сум среќна. Најчесто пишувам дома, бидејќи на работа имаме мали кабинети, во кои има многу професори, па таму нема место да се чита и да се пишува. Затоа читам и пишувам дома. Кога чукам на тастатурата, тоа го нервира маж ми, па тој ми купи тастатура на Епл која не испушта звуци. И сега немам проблем да работам дома. Исто така, често пати мора да станам на пола реченица за да направам нешто по дома. Но, ако испуштам една мисла, ќе дојде друга. Не треба да им се робува на мислите. Едни ќе си одат, ама ќе дојдат подобри.

9.Дали некогаш сте се покајале што сте ја одбрале оваа професија?
Прво ми дојде да речам никогаш. А потоа ми текна дека тоа не е вистина. Имало моменти кога сум си помислила дека во другите професии е подобро. Тоа било кога сум била уморна, или кога некој ме повредил, или кога не сум го добила тоа што сум го сакала. Но, потоа ќе излезам да се прошетам или ќе се дружам со пријателите. И потоа знам дека сакам да им се вратам на книгите и на пишувањето. Тие сомнежи се нормални. Замислете човек да не се сомнева во ништо. Нешто нема да биде во ред, нели?

10.Колку години сте професорка на факултет?
15 години.

11.Дали сте работеле во основно или средно училиште?
Работев една година како професор во средното училиште „Арсениј Јовков“. Тогаш имав 22 години, а моите ученици 15. Таму запознав прекрасни ученици, а некои од нив ми останаа пријатели до ден денес.

12.Дали ви се допаѓа пишувањето на колумни?
Мора да признаам дека не ми се допаѓа. Прво сакав да пишувам колумни, затоа што се чувствував горда што токму мене ме поканиле за да пишувам, затоа што колумните се кратки, затоа што те има во весник и затоа што сите ќе дознаат што мислиш за некоја работа. Мислев дека е тоа важна професија. Сите комшии ме поздравуваа со почит.
Но, кога почнав да ги пишувам колумните, сфатив дека се мачам со нив, затоа што колумните најмногу личат на вести. А јас не сакам вести. Во колумните на пример, не може да ја опишеш твојата омилена видео игра, и зошто сакаш да ја играш. Не можеш да раскажеш бајка, оти луѓето не купуваат весници за да читаат бајки. Не можеш да го опишеш своето куче и колку е тоа прекрасен пријател. Ниту можеш да опишеш како денес те израдувал твојот пријател. Луѓето не ги купуваат весниците за да прочитаат убави работи. Тие сакаат да знаат што мислиш за Груевски или за Црвенковски. А јас на нив не мислам воопшто, или многу ретко. Или луѓето сакаат да знаат што мислиш за земјотресот или за поплавата, а јас се растажувам од земјотресите и од поплавите и не знам зошто треба да нападнам некого затоа што имало земјотрес. Исто така луѓето понекогаш купуваат весници за да им се смеат на туѓите маки. Сакаат да напишеш зошто некој водител на телевизија бил смешен или глупав. Но, јас речиси и не гледам телевизија. И не ги знам водителите. Гледам филмови, цртани филмови и читам книги. Потоа се извинив и реков дека не сакам повеќе да пишувам колумни. Затоа што јас всушност не сакам да читам весници, туку книги.
Освен тоа колумните за весниците мора да се пишуваат секоја недела и треба секогаш да имаат по една и пол страница. А мене ми се случуваше, во една недела да сакам да напишам 30 страници, а во другата недела да не сакам да напишам ниедна страница. Затоа престанав да пишувам колумни и сега сум повторно среќна.
13.Што сакате најмногу да читате?
Најмногу сакам да читам филозофија. Сакам да прочитам како некој филозоф го разбира и го опишува светот и луѓето. Потоа сакам да читам романи. Па поезија. Па раскази. По тој редослед. Но, признавам дека читам се’. Сакам да читам стрипови, сакам да читам блогови на интернет. И кога не сакам да читам, пак читам: читам налепници на шампоните, читам реклами по билбордите, читам имиња на продавниците по улица, и некогаш не може да престанам да читам се’ околу мене. Тоа не е секогаш погрешно, но човек треба да се внимава да не му се направи гужва во главата. Ако тоа ми се случи, тогаш одам на прошетка покрај Вардар каде што нема реклами. Или седнувам покрај прозорецот. Главата треба да се полни со зборови, но треба и да се празни од мисли, затоа што мислите и туѓите реченици понекогаш знаат и да не’ уморат.
14.Каква е вашата соработка со студентите?

Моите студентите се поголеми од вас, но на некој начин се’ уште се деца. И јас честопати се чувствувам како дете, иако не изгледам така. Па понекогаш се збунувам. Ако чекаме во редица и ако некој рече дека треба да излезат децата, мене понекогаш ми доаѓа да излезам од редот, но потоа ми текнува дека не сум дете, па се враќам во редот. И вашите родители честопати се чувствуваат како деца, иако вам не ви изгледаат како деца. И никогаш нема да ви признаат дека понекогаш се чувствуваат како деца. Затоа што се плашат и мислат дека секогаш треба да бидат возрасни.
Со некои студенти до ден денес се допишувам по е-маил, иако тие дипломирале одамна. Како со вашата Џули, која е прекрасна. Некои студенти ми ги испраќаат своите раскази и песни и јас ги читам и потоа им кажувам кои ми се допаднале најмногу. Некои студенти редовно ми доаѓаат на гости, да си размениме книги, или за да гледаме заедно филм. Со некои студенти веќе не се гледам редовно, тие си заминале во своите градови, но кога ќе се видиме на улица, секогаш се поздравуваме, а понекогаш и се гушкаме.
15.Кои предмети ги предавате?
Предавам словенечка книжевност – тоа е книжевноста од Република Словенија. Потоа предавам светска книжевност, тоа е предмет на кои ги читаме најубавите книги од светот. Потоа предавам еден предмет што се вика Методика на наставата по книжевност, таму учиме како еден професор треба да ја предава книжевноста во училницата. Предавам и еден предмет за најмладите македонски писатели. И еден предмет за женската книжевност, за книгите што ги напишале жените. А најново, предавам и еден предмет за филмот.

16.Кои оцени најмногу ги пишувате?
Најмалку пишувам петки. Мене ми е срам ако некој студент добие петка. Тоа значи дека јас не сум се потрудила, дека не сум работела со него или со неа, дека не сум им посветила внимание. Не ги сакам ни шестките. Тоа значи дека студентот само се потрудил да помине, но дека вистински не ги засакал книгите. А најмногу сакам да пишувам десетки. И честопати пишувам десетки и тогаш сум горда на моите студенти.

17.Дали сте работеле нешто поразлично од професорка на факултет?
Мора да признаам дека никогаш не сум работела ниедна друга работа. Јас некако толку многу ја засакав училницата, што цел живот останав во неа.
Мора да ви откријам една тајна. За една моја другарка од основното училиште. Се вика Весна. Весна сакаше да биде стјуардеса. Стјуардесите летаат со авион, патуваат во различни земји, знаат многу јазици, секогаш се насмеани и убави. Но, Весна не беше убава, не и’ одеа јазиците, и беше најсрамежливото девојче во училницата. Сите од класот се смееја кога Весна велеше дека сака да биде стјуардеса. Сепак, кога останувавме сами Весна ми велеше дека најмногу на светот, сепак, сака да биде стјуардеса. Потоа завршивме основно, па средно и јас веќе студирав на факултет, кога по многу години на улица повторно ја сретнав Весна. Весна ми раскажа дека не се запишала на факултет, но се запишала на курс за стјуардеси, дека оди на курс по јазици, и дека секој ден плива во базенот. Потоа поминаа уште неколку години. Еднаш требаше да одам на конференција во Словенија и да летам со авион. Кога седнав на моето место, го кренав погледот и ја видов Весна во прекрасно сино одело. Весна беше стјуардеса во нашиот авион. Потоа уште многу пати летав со авиони во кој Весна беше стјуардеса. Не треба да ви кажам дека Весна е најдобрата стјуардеса што ја знам. Весна е секогаш насмеана. Весна ги има најубавите топли очи. Секогаш ги смирува патниците кои се уплашени, им вели дека летањето со авион е прекрасно нешто. Затоа што летањето е прекрасно за Весна. Затоа што на Весна и’ е убаво во авионот. Потоа им станува убаво и на другите патници покрај Весна.
Тајната што сакам да ви ја кажам е дека секој станува тоа што ќе посака. Знам дека ви звучи глупаво и неточно, но кога денес го гледам албумот со сликите од основно, гледам дека навистина секој стана тоа што посакуваше. Испадна дека не е тешко да се стане тоа што сакаш. Тешко е да станеш тоа што не сакаш, а некој друг те убедил дека е тоа најдобро за тебе, иако ти тоа не си го сакал. Никогаш не треба да се откажеш од својата желба. Весна беше последното девојче во нашето одделение, кое имаше шанса да стане стјуардеса, но ви велам, таа стана стјуардеса, затоа што сакаше да биде стјуардеса, затоа што работеше напорно за да стане стјуардеса и затоа што веруваше дека ќе стане стјуардеса. Денес е среќна.
Исто така, честопати човек не знае која професија да ја одбере. Всушност, не знаев ни јас. На пример, кога завршивме основно училиште, мојата најдобра другарка, Маријана, одлучи да се запише на право. Дојдов дома и на мајка ми и’ кажав дека ќе се запишам на право. Сакав да бидам во истата училница со Маријана. Мајка ми ме праша дали знам што е тоа право. И’ одговорив дека не знам. Но, дека сакам да учам каде што ќе учи Маријана. Мајка ми ми вети дека со Маријана ќе се гледам секој ден. И, повторно ме праша што најмногу сакам да правам. Реков дека сакам да читам книги и дека сакам да цртам. Мајка ми ме праша што сакам повеќе од тие две работи. Одговорив дека повеќе сакам да читам книги. Штом е така, ми рече, треба да се запишам во јазичната гимназија. Се запишав и не зажалив. Беше во право.
Човек треба да одбере да го работи тоа што го сака. Дури и кога тоа што го сака звучи чудно. Како читањето стрипови. Или како гледањето цртани филмови. Или како играњето видео игри. Тие што играат видео игри, кога ќе пораснат стануваат инженери и прават видео игри за другите деца. Тие што сакаат да гледаат филмови, може да станат режисери или камермани. Тие што сакаат стрипови, може да станат сликари или цртачи. А сликар, режисер, камерман, инженер… тоа се убави професии, нели?

18.Што имавте по македонски јазик во основно училиште?
Имав прекрасна наставничка и имав петка. Петките веќе не ги помнам, но наставничката Љубица ќе ја помнам цел живот. Таа ме научи да ги сакам книгите.

Учениците беа пресреќни на искрените одговори од професорката. во нивата евалуација на пректот го рекоа следното:

ЈАНА НАУМАОСКА:

Неколку пати ги прочитав одговорите на нашите прашања од професорката Котеска и како ден ми стана јасно дека во животот една од најважните работи е да ја сакате својата професија. Прво, низ одговорите на професорката јасно се гледа колку таа ја сака својата, и со колку  многу љубов, трпение и разбирање одговара на нашите прашања. Второ и многу битно за мене е тоа што видов и прочитав за тоа колку многу може да се сака книгата и пишаниот збор. Трето и  многу поучно за сите нас е примерот даден од професор Котеска за моментите при изборот на професијата и желбата да бидеме заедно со својата другарка. Низ него ни кажува дека со правилен сопствен  избор и слушањето на својата желба нема да не оддалечи од никого. Исто така нејзините зборови ме уверија дека во животот е во ред да се сомневаме, да се преиспитуваме,да се препрашуваме за направените работи и дека тоа е нормално. Но, најважно од се за мене е дека после прочитаните одговори се преиспитав себеси во врска со мојот однос кон книгата и читањето. Знам дека во иднина ќе се трудам повеќе да  читам, затоа што само човек што чита и ја сака книгата може  толку убаво, јасно, широко, искрено и лесно да си оговори на своите, но и на туѓите прашања.

АНДРЕЈ ТАНЕСКИ:

Интервјуто со Јасна Котеска за нас учениците претставува неповторлива можност да се запознаеме со еден посветен професор, за кого литературата е извор од кој таа црпи енергија за нејзиниот професионален ангажман со студентите но секако и за во приватниот живот. Пишаниот збор претставува нешто свето за неа и инспирација за постигнување на врвни резултати. Ние учениците кои сме на почетокот на нашиот професионален живот во Јасна можеме да нејдеме пример како се сака и како посветено се работи. Затоа што таа ни покажува дека не е доволно само да се извршуваат работните обврски туку треба да се извлечи максимумот од себе и несебично да се стремиме кон совршенство. Така таа безрезервно се дарува себе си на пишаниот збор но и на образовната и воспитна дејност со студентите. 

ТИМОТЕЈ РИСТЕСКИ:

По интервјуто со Јасна Котевска можам да кажам дека остави голем и позитивен впечаток кај мене.Се работи за една комплетна и исполнета личност.Дефинитивно ја работи работата со љубов и голема посветеност.Особено сум восхитен од нејзината позитивност и ведар дух.Прекрасно е тоа што работи она што го сакала од секогаш.Не само што е таа позитивна туку тоа го пренесува и на своите студенти.Тоа е една многу важна работа која им го олеснува студирањето на студентите.Мислам дека со една ваква професорка покрај себе многу полесно се  совладуваат тешкотиите во студирањето. Љубовта што професор Јасна Котевска ја има кон книгата ја пренесува на своите студенти.Ми се допаѓа и начинот на кој таа комуницира со студентите.Многу е битно и тоа што комуницира со нив и надвор од факутетот,како и взаемното почитување и после завршувањето на студиите.Со еден збор кажано професор Јасна Котевска е една од ретките личности што имаат толку квалитети.