Гостување во Скопје со „Ние Врапчињата“

Ние - врапчињата

На 13 јуни, во 13:30 часот, малата, интимна, скромна, но мнооогу мнооогу театарска сцена на Детскиот театарски центат на Бит Пазар беше прекрасно гнездо од кое летнаа нашите „врапчиња“.

Пријатната атмосфера не ја направија само „врапчињата“ и сцената, тоа го направи публиката. Исполнета со драги колеги и пријатели, љубители на театарот, актери и претставници од невладиниот сектор кои се рамо до рамо со сите нас во желбата за подобро утре. ИМ БЛАГОДАРАМ ОД СРЦЕ НА СИТЕ ШТО ДОЈДОА!!!

„Врапчињата“ го имаа најубавиот настап досега. Се почувствуаа како вистински актери. Го дишеа воздухот кој вибрираше од штиците и цилкурилаше низ сите нас во салата.

Беше прекрасно да гледаш како луѓето уживаат во она што си го работел и си сакал да излезе баш така!

Благодарност безброј пати на сите луѓе, а ги имаше многу, што дадоа дел од себе, од своето слободно време, за ова што ќе ни остане како една убава убавина – силна како лавина!!!

Врапчињата долетаа кај своите другарчиња

img_8758-e1496875653783.jpg

Денес дел од екипата на „Ние Врапчињата“  се претстави пред дечињата со посебни образовни потреби кои учат во нашето училиште „Климент Охридски“.

Врапчињата беа среќни што можат да се подружат со своите другарчиња и соученици и да ја споделат својата радост.

Учество на Драмски аматерски фестивал во Кочани

 

IMG_8682.JPGНа 30 мај драмската дружина „Заедно можеме најдобро“ учествуваше на 53 – от Драмски аматерски фестивал во Кочани. Трите училишта (ООУ „Климент Охридски“, ООУ „Добре Јованоски“ и ЦОУ „Лирија“ – Житоше) заедно по втор пат се претставија пред преполна сала со ученици од одделенска настава од пет училишта од Кочани.

Текстот „Ние – Врапчињата“ е произлезен од романот на бугарскиот автор Јордан Радичков и од неговата досетлива критика на општеството и на луѓето.

Она што Радичков – балканскиот Егзипери, го прави со врапчињата, е обид да се направи и со оваа претстава: една приказна – две читања: детско и алегориско.

Врапчињата сме сите ние. А она што се игра е нашето општество. Случките кои се случуваат не се воопшто случајни, напротив – видени се многупати и голем дел од нас биле директни учесници во нив.

Како што Радичков ги критикува појавите и конкретните карактери преку дејствувањата на врапчињата, така и ние, низ претставата допираме до сериозни теми: етнички предрасуди, стереотипи, социјална дискриминација, дијаспора, брзо стекнување слава без особен труд, патријархален модел…

Процесот на раснење:

  • Проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование“ започна во август 2016 год. (Овој проект ги јакне училиштата и ја зголемува јавната поддршка за меѓуетничката интеграција во образованието, дава придонес кон мирот и стабилноста на државата).
  • Наставниците имаа четири обуки (15 дена) во кои беа сензибилизирани и обучени во полето на изградба на мир: работа на себе си и методологија за работа во училница.
  • Двете училишта: „Климент Охридски“ и „Лирија“ воспоставија партнерство и имаа средби и состаноци во кои ги дефинираа активностите.
  • Интегрираниот еко-ден и театарската претстава „Ние – Врапчињата“ беа две главни активности кои се договорија.
  • Училиштата избраа театарски дружини и вклучија уште едно училиште („Добре Јованоски“) и така се создаде театарската дружина „ЗАЕДНО МОЖЕМЕ НАЈДОБРО“.
  • Театарските групи имаа многу заеднички средби во кои се запознаваа, се дружеа и ја вежбаа претставата.
  • Премиерата беше изведена на 30 април 2017 г. во с. Долнени.

 

По претставата сите учесници (23 ученици, наставници и соработници) разговара со селекторот на фестивалот Дарко Јан Спасов кој го поздрави проектот „Поддршка на интегрираното образование“ и го пофали дизајнот на плакатот и летокот.

Разговорот со учениците беше конструктивен, полн со совети и идеи како поубаво да изгледа претставата.

Чест е да се учествува на една ваква манифестација. Огромен е успехот на трите училишта во она што го зацртаа како цел. Дечињата имаа можност да се дружат повторно и да бидат уште подобри од претходниот пат.

This slideshow requires JavaScript.

Театарската претстава „Ние  – Врапчињата“ има уште два настапи, во Прилеп и Скопје.