КРАТКИ ЖАНРИ ВО НАРОДНАТА ЛИТЕРАТУРА

Благословите се кратки говорни изрази. Тие потекнуваат од дамнешни времиња и се поврзани се со магиското верувањето во силата на изговорените зборови. Луѓето во минатото верувале дека ако некој израз се повторува, тоа ќе се оствари.

Преку благословите се изразуваат искрени желби за здравје, среќа, успех, долг живот и благосостојба во семејството и заедницата.

Благословите најчесто се изговараат од повозрасни членови на семејството, бидејќи се смета дека зборовите на искусните луѓе имаат посебна тежина. Структурата на благословите е едноставна – обично се состојат од една или две реченици што се изговараат со сериозност и искреност.

Благословите најчесто одат со обредите: свадба, крштевка, но и со настани како: дипломирање, вработување и сл.

Примери:

 „Бог да ти даде здравје и среќа!“

 „Да растеш голем и паметен!“

„Да си жив и здрав, да ти е куќата полна со деца!“

„Од арно да не куртулиш“

 На свадби: „Господ здравје и љубов да ви дарува.“; Аирлија да ви е радоста, еднуш за век, да се ќердосаат, пак на помали да си исчекате. Ај да си ми блаосоен

При раѓање и крштевка: „Да ни е живо и здраво детето, да

порасне високо.“

За време на верски празници: „Да ви даде Свети Никола

здравје…“

При земјоделски работи: „Да роди нивата бериќет!“, Аирлија пазар. Аирлија работа

Со доаѓањето на христијанството благословите се насочиле кон повикување на господ или светителите да го дадат благословот:

Ангело да ти седи на рамена и од лошо да те чуа.; Бог да те пази од зло начисто.;  Бог да ти пази стоката.; Бог да ти поживи децата.; Господ да те надари.; Господ да те радвит со машко дете. Господ да те удостои.; Господ да те чува од лошо.; Господ да ти ги отвори патиштата.; Честит Свети Јован – напомош.

Денес на литургиите, кога завршуваат, свештеникот излегува пред олтарот, свртен кон народот, искажува благослов: „Благословот господов и милоста негова да биде со сите вас!“

Според формата благословите се многу блиски на поговорките и пословиците, а според пораката што ја содржат се доближуваат до баењата. (Баењата се изговарање на таинствени зборови за кои се верува дека ќе помогнат да се оствари она што се посакува. Тие се разликуваат од благословите и клетвите по тоа што биле изговарани од одредени луѓе: бајачи, гатачи. Нивната моќ, како што верувале луѓето, се остварувала само ако е изговорена од нив.)

Спротивност на благословите се клетвите. Тие имаат иста форма и намена, само во обратна насока. Со клетвите се посакува нешто лошо.

Оган силен да те изгори!

Аир да не видиш!

Акнала та пукнала!

Бог да те убие!

Бел ден да не видиш!

Благословите се убави работи коишто им ги посакуваш на луѓето. И денес тие функционираат во секојдневната комуникација. Еве како изгледа некој современ благослов:

Да ти е секогаш полна батеријата на телефонот!

Јак да ти е сигналот на интернетот! (Да не можеш мрежа да фатиш – клетва)

Да даде Господ да ти дадат плејстејшан за роденден!

Здравиците или наздравувањата претставуваат свечени изрази што се изговараат при посебни пригоди, најчесто со подигната чаша. Овој обичај е присутен во многу култури и е особено значаен дел од традицијата при прослави како свадби, слави, крштевки, именден, роденден и други семејни собири.

Здравиците се разликуваат од секојдневниот разговор по својот свеченост.

Здравиците се всушност благослови коишто се кажуваат во определени прилики на маса. Името им доаѓа поради тоа што најпрвин се посакува здравје. Луѓето што ја кажуваат здравицата се луѓе кои имаат некаква функција во прославата: кум, татко на невестата, кума, мајка, одговорно лице за прославата или заслужно лице за успешниот проект…

Во записите на Марко Цепенков, можеме да прочитаме за луѓе за коишто зборува Цепенков дека биле вешти при говорење на маса. Кога ќе прозбореле сите внимателно ги слушале и многу се радувале на слушнатото.

„… некој учени луѓе у нас што знаат да блаошаваат било на свадба, било на сведен, кога ќе ја земат чашата во левата рака и со десната ќе почнат да се крстат и да блаошаваат, да ти е мило и драго да и слушаш“

Пораките и желбите се изрази со кои се пренесуваат желби за среќа, успех или благосостојба на поединци, групи или заедници. Тие се кратки текстови што можат да бидат искрени, мотивирачки или инспиративни. Пораките и желбите се користат за да се изразат добри намери, да се поздрават одредени празници или значајни настани во животот на поединецот. Тие се различни од здравиците и благословите затоа што се полични и емотивни, а не се поврзани со официјални настани.

Примери

„Oваа година нека ти биде исполнета со нови можности и радости!“

„Среќа и успех во училиштето!“

„Секој нов ден нека ти носи нови причини за насмевка и радост!“

„Твојот труд сигурно сега ќе се исплати. Знам колку многу работеше и колку време потроши. Само храбро! Успехот те чека!

Пораките и желбите често се користат и за охрабрување, мотивација или поддршка во тешки моменти од животот на некоја личност. Иако традиционално пораките и желбите се разменувале усно или преку честитки и писма, денес тоа најчесто се прави преку дигиталните медиуми: социјални мрежи, текстуални пораки, имејл или други апликации за комуникација. Благодарение на современата технологија луѓето можат во секој момент да испратат добри желби до своите блиски, без оглед на физичката оддалеченост.

https://rozemak-rozemak.blogspot.com/2025/11/blog-post_38.html (примери за здравици, благослови и клетви)

Активности:

„Мој семеен благослов“

Учениците да измислат краток благослов што би го кажале на член од семејството.

 „Импровизирана здравица“

Секој ученик добива замислена ситуација (роденден, свадба, патување). Треба да состави кратка здравица (2–3 реченици) и да ја изговори со подигната чаша вода.

„Порака за охрабрување“

Учениците да напишат кратка порака или желба за соученик (пример: „Среќа на тестот по математика!“)

Поговорки и пословици (Народна литература)

Народната литература

 Таа се создавала и се пренесувала од генерација на генерација преку усната традиција. Народната литература вклучува приказни, песни и други видови што ги отсликуваат верувањата, обичаите и историјата на заедницата. Во овие творби е зачувана колективната (заедничката) мудрост на народот.

Народните приказни се едни од најпознатите видови во народната литература. Тие се раскажувале низ вековите и ги пренесувале учења та и искуствата на предците.

Видови народни приказни: мит, легенда, предание, реалистична приказна, фантастична приказна, хумористични приказни, анегдоти.

Кратки фолклорни видови: пословици, поговорки, благослови, здравици, пораки, желби

Поговорки и пословици

Собирањето на македонските умотворби (нешто што е создадено со мислење, а воедно е и корисно за умот) започнало во 19 век. Тогаш се развила свесноста за нивната важност и за тоа колку се значајни за еден народ.

Во 1972 година излегле собраните дела на Марко Цепенков во 10 книги. Во осмата се објавени: пословици, поговорки, гатанки, клетви и благослови.

Како се создале поговорките и пословиците?

Во почетокот пословиците се јавуваат како искази на поединци, талентирани индивидуи кои имаат моќ да забележат и да се изразат убаво. Потоа кога ќе ја изречат им се допаѓа на останатите и тие ја користат. Таа може да претрпи некои измени низ времето. Тие се мудрости, животни искуства искажани во кратка форма.

Значи умотворбата настанува од еден човек кој ја создава предизвикан од некое случување околу него, или некое внатрешно, интимно искуство, нешто што е дел од неговиот живот. Таа умотворба заживува бидејќи подеднакво исто е употреблива и за останатите – и токму тоа ја одржува да постои и да се пренесува.

Пословиците се мудри народни изреки што пренесуваат важна животна поука. Тие имаат дводелна структура: во првиот дел се опишува некоја ситуација или случка од животот, а во вториот дел се дава поука или заклучок.

Пословиците користат едноставни споредби за да ги направат поуките полесни за разбирање. По-слов-ица (доаѓа по словото, по кажаното, како заклучок на некоја содржина). Затоа многу често таа е дел и од народните приказни. Кузман Шапкарев на пример ги ставал пословиците во насловите на приказните што ги собирал, а Цепенков пак редовно давал објаснување (забележува д-р Марко Китевски во своите „Македонски народни умотворби“)

„Колку пријатели има човек, толку благослови има.“ (Оваа пословица сака да ни каже дека луѓето што имаат пријатели ќе имаат поголема поддршка и помош во животот, ќе им биде полесно.) „Без мака нема наука.“ (Оваа поговорка нагласува дека без труд и напор не може да се постигне успех или знаење.)

Поговорките се кратки народни изрази што на едноставен начин искажуваат некоја животна вистина. Тие се едноделни, директни и често ги користиме во секојдневниот говор.

Поговорката може да настане од пословицата ако пословицата го изгуби едниот дел:

Пословицата: „Лозјето не сака молитва, ами мотика сака“ може да се каже и скратено, како поговорка: „Лозјето не сака молитва“

КарактеристикаПоговоркаПословица
ФормаКратка, едноделна реченицаДводелна структура: ситуација + поука
СодржинаИзразува директна животна вистинаОпишува случка и извлекува заклучок
СтилЈасна, едноставна, без споредбиКористи споредби за полесно разбирање
ФункцијаБрзо пренесува мудрост или советДава поширока поука и објаснување
Примери„Без мака нема наука.“ „Убави зборови железни врати отвораат.“„Кој рано рани, две среќи граби.“ „Кој му копа јама на друг, самиот паѓа во неа.“

Домашна работа: Најди ја на интернет епизодата од „Бушава азбука“ на буквата на којашто започнува твоето име. Изгледај ја и штом чуеш поговорка или пословица, запиши ја во тетратката.

https://l1nk.dev/n1uk4sp   (Џумерко)
https://www.youtube.com/watch?v=f1F7-8PYht0 (Јовица Михајловски)

Вежби:

  • Секоја група добива по 2 поговорки и 2 пословици.

Задача: да ги објаснат со свои зборови и да измислат кратка ситуација од секојдневието каде би се употребиле.

  • Учениците да создадат модерна поговорка или пословица што би се користела на социјални мрежи (пример: „Кој лајк бара, коментар губи.“).
  • Се делат картончиња со поговорки или пословици на неколку групи ученици (најдобро е тоа да бидат веќе чуени).

Задача: Учениците треба да ја претстават поговорката со пантомима, без да ја кажат. Останатите погодуваат која поговорка е.

  • Секоја група добива една поговорка или пословица.

Задача: да ја преработат во современ стил:

Пример:  „Кој рано рани, две среќи граби.“ → „Кој рано станува, прв го фаќа интернет-сигналот.“

  • Задача: Учениците добиваат празни рамки (како стрип), Треба да нацртаат кратка ситуација во која поговорката или пословицата се применува.
  • Задача: Секој ученик избира една пословица што најмногу го опишува неговиот карактер или искуство.

Прави постер којшто сам го црта или со помош на АИ.

Примери за поговорки

  • „Без мака нема наука.“
  • „Убави зборови железни врати отвораат.“
  • „Вистината е посјајна од сонцето.“
  • „Пријателот во неволја се познава.“
  • „Здравјето е најголемо богатство на човекот.“
  • „Лагата е краста“
  • „Лажи-суши!“
  • „Парата е Јуда“
  • „Пес вера немат“
  • Примери за пословици
  • „Кој рано рани, две среќи граби.“
  • „Колку пријатели има човек, толку благослови има.“
  • „Речи, одречи, пак мрзата го гмечи.“
  • „Кој му копа јама на друг, самиот паѓа во неа.“
  • „Двајца се караат, третиот користи.“
  • „На две глави една капа не се тура“
  • „Две гнезда една квачка не може да квачи“
  • „Поарно чоек да проси одошто да кради“
  • „С едно дрво кашта не се гради“
  • „Сит гладен не веруа“

Лектиронерска работа (Мисија за успешно читање на лектирите)

Бидејќи читањето станува сЕ поголем предизвик за денешните генерации, нужно е да се употребат сите можни средства за да се придобијат колку што може повеќе читатели. Ова веќе стана како мисија, а ние, наставниците по македонски, како апостоли на спасоносниот метод од „заглупување“. Затоа, во континуитет ќе објавувам насоки за читање лектири. Секако тоа не се универзални правила, ниту се волшебни средства кои ќе направат огромни промени, но сметам дека се нужни и потребни обиди да се мисионери 🙂 и да се придобиваат нови верници (читатели).

Па, ете, и со чичко Вештачка ќе си правиме и постери, за да им е интересно да видат, да прочитаат.

Според апостолскиот говор: Со Евреите сум Евреин, со Грците сум Грк 🙂 мора да се прилагодуваме и да им ја сервираме „брокулата“ прималиво, за да ја изедат.

Исто така, за време на читањето може да им се дадат прашања кои ќе им помогнат да читаат со разбирање. На пример:

  • За да бидеш сигурен/сигурна дека читаш со разбирање, откако ќе го прочиташ текстот треба да ги знаеш одговорите на овие прашања:
  1. Каде започнува дејството на приказната и кои се членовите на семејството?
  2. Зошто таткото Божин е незадоволен од однесувањето на Силјан?
  3. Која е желбата на Силјан?
  4. Каква е пораката од приказната за врапчињата Сиве и Чуле?
  5. Што се случува со гемијата на патот кон Божјиот гроб?
  6. Какви луѓе живеат во чудната земја и каква е нивната судбина?
  7. Како се менува Силјан додека живее во земјата на штрковите?
  8. Зошто првпат не успева да се врати во човечки облик?
  9. Какви чувства има Силјан кога како штрк го гледа своето семејство?
  10. Со што докажува дека навистина бил штрк и дека приказната е вистинита?

Она што ретко го правиме, а треба, е да ги насочуваме и подготвуваме како да читаат. Текстот треба максимално да се искористи:

  • Да се дознае нешто повеќе за Цепенков, за неговиот живот и за собирачката дејност. Може да се читаат приказни, да се извлекуваат поговрки. Бидејќи оваа лектира е во седмо одделение, интеграцијата може да оди со народна литература: Кратки фолклорни видови (пословици, поговорки, благослови, здравици, пораки и желби), а и клетви исто така.
  • Да се поврзи со реалниот живот: со желбата да се биде поинаков, да се биде свој
  • Турзцизмите во македонскиот јазик – да се збогати речникот со зборови кои се користат уште или веќе се во фаза на изумирање, може да се направи и аанализа кои зборови денес го зазеле нивното место
  • Релацијата родител-дете