ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „НИЕ-ВРАПЧИЊАТА“

ввв

Кога прв пат го прочитав романот „Ние – Врапчињата“ од Јордан Радичков, бев восхитена. Еве го Балканскиот Егзипери  – си реков. И посакав еден ден да ја поставам на сцена. Тој мој животен сон, еден од многуте –  ми се оствари. Благодарение на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“ јас имав можност да го реализирам сонот. И тој сон беше уште поубав, бидејќи не го направив сама. Со мене, рамо до рамо стоеја колегите: Аднан Мехмети, Ирмела Папиќ, Јусуф Синани, Моника Богданоска, Дарко Јовески и Панде Магдеска – Николоска.

Исто така, тука се и дечињата кои сами ги сечеа парчињата, сами ги кроеја крилјата, сечеа хартија, лепеа, правеа врапчиња, смислуваа сцени, глумеа, остануваа до доцна на училиште… Благодарност и до Башким Керими, Евгенија Башеска и еден куп дечиња кои ни помогна со костимите; благодарност и до Влатко Николоски и Сара Нинеска – кои ја оживеаја сцената.

Оваа екипа од ентузијасти координираше 23 ученици од три училишта. ООУ „Климент Охридски“, ЦОУ „Лирија“ – Житоше и ООУ „Добре Јованоски“.

Поминавме месеци макотрпна работа. Заеднички средби во кои дечињата се запознаваа, се дружеа, градеа мостови и покажуваа дека можеме заедно да живееме. Релацијата Житоше- Прилеп – Долнени изроди многу заеднички средби полни со радост и убавина.

IMG_8176

Дечињата во целиот процес покажаа дека можеме заедно да направиме нешто што ќе биде убаво само ако нЕ има сите задно!

Неизмерно сум благодарна и на поддршката на „Мировна акција“, на Боро, Горан, Емрах, на скапоценото искуство на актерот Александар Тодески, кој е најмногу заслужен што овие дечиња блескаа на сцената. Им благодарам на сите дечиња и родители што дојдоа, и што нЕ поддржаа.

Ја оживеавме заборавената сала во Долнени. Мислам дека и таа се радуваше на чврчорењето на врапчињата.

This slideshow requires JavaScript.

Се надеваме дека овој проект нема да згасне овде, дека ќе нЕ има барем уште неколку пати, бидејќи овие деца освен тоа што ја оставаат на театарските штици енергијата, тие ја иссцртуваат иднината на оваа земја, ги разобличуваат стереотипите, ги рушат предрасудите,  покажуваат како треба да се живее!

Трето место на државниот литературен фестивал „Ракатки“

17973929_1387916771273822_3003337882052590152_o.jpg

Неизмерна среќа на мојата ученичка Климентина Котеска и чест и радост за мене, како ментор, беше учеството на овогодинешниот фестивал „Ракатки“. Уште од првите години на моето вработување слушав за „Ракатки“ и многу сакав да бидам дел од фестивалот. По неколку неуспешни обиди, оваа година со песната „Желба неостварена“ од Климентина Котеска IX – 4 одделение, го освоивме третото место.

Климентина имаше можност да разговара со Филип Димкоски, со Горјан Петревски, Славица Арсова и ред други автори… Да се дружи со радовишани и да запознае дел од знаменитостите на градот.

Филип (почитуваниот млад автор, член на Одборот, и мој драг пријател) во групата на Фејзбук побара од нас да кажеме како си поминавме, кои се нашите коментари. Размислував многу на евалуацијата која требаше да ја направиме…

Фестивалот е една реткост, една бесценетост која не ја почитуваме доволно. Едно нешто што ја афирмира нашата младина, го промовира нашиот јазик и литература. Го афирмира мултикултурализмот (слушнавме творби на влашки, албански, турски…). Собира триесетина ментори од цела Македонија, кои се вредни и вешти во својата област. И сето тоа, оставено на милост и немилост од добронамерниците. За среќа ги имаше оваа година – но според мене, тоа не е доволно. Огромна пофалба на градоначалникот и на Општината Радовиш – Одборот вели: без нивна поддршка, фестивалот немаше ни да го има – СЕПАК, ова е фестивал кој исто како „Рацинови средби“ – ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВА, да не речам ЖИВУРКА!!!

Каде е нашиот патриотизам овде? Каде е нашата грижа за јазикот? За литературата? За младите генерации?

Овие дечиња и нивните ментори заслужуваат повеќе. Одборот, поетите, писателите, гостите – заслужуваат подобар третман. Потребна е логистика, финансии, свеж ветар!

Треба да се цени богатството што го дава овој фестивал!

20170422_195328.jpg