(дискусија за моќта на книгата)

Во саботата (19.9.2026) во Лабораториум во Скопје се одржа прекрасна средба со уште попрекрасни луѓе. Виновници за средбата се Искра Димковска и Филип Димевски – сопствениците на најдобрите издавачки куќи: „Сказнувалка“ и „Бегемот“.
Си се собравме и си дискутиравме на една многу важна тема: „Дали книгите и сликовниците помагаат во процесот на изградба на мир и ненасилство?
Дискусијата ја водеше Искра, а гости бевме: јас (Јулијана Талеска), Александра Прошева (детскиот психолог) и Марија Павлеска-Јанкулоска (едукатор).

Еве кои се моите ставови и мисли поврзани со темата:
Ако се вратиме многу назад низ времето и почнеме со периодот кога немало книги, немало писмо, имало усна традиција која создавала приказни. Зборувам за митот, за оние свети приказни кои го чувале племето, го „држеле редот“ и кои се раскажувале од колено на колено. Сите истражувања поврзани со митовите, со обредите, со сказните: кај Фрејзер, кај Проп… кај низа истражувачи, во согледбите на нашите ценети професорки Нина Атанасова-Шкријнариќ, Ана Витанова-Рингачева… недвосмислено е прикажано огромното влијание и моќта на приказната. На нејзината сила свесно, но и несвесно да протне, да засади некоја идеја, мисла, некое верување или правило. Имајќи го сето тоа предвид, многу јасно може да се согласиме дека книгите се вистинскиот сојузник да се допре до детското срце и да се испрати соодветната порака.
Имајќи го предвид последниот резултат од ПИСА тестирањето, трендот на нечитање и зголеменото насилство во училиштата, може да кажеме дека „лекот“ е тука, но треба мудро да се најде начин како да се натера немуштиот да го испие.
Мојот метод за промена на овие нечитачки генерации е снисходењето. Изнаоѓањето пат како лесно, полека, чекор по чекор, залак по залак, да се дојде до читатели. Сликовницата е вистинскиот избор. Богато илустрираните страници. Многу шаренило и вистински избрани зборови.
Тоа го искусив со „Лола и јас“. Ја работев и со шесто и со осмо одделение. Им ја пуштив како аудиокнига, потоа им ја дадов да ја разгледаат. Никој не рече ова е за мали деца. Сите беа воодушевени од неа. И развивме многу разговори, а тргна сè од учење за тоа што е наратор. И секако, предизвик: во овој случај: Кој раскажува?
„Приказната за црвеното јаболко“ – Јан Леф – и текст и илустрација, одлична приказна за правдата на овој свет. За тоа како завршува оној што нанесува зло и потценува.
„Денес ти не играш“ – за Ема којашто сакаше да биде главна и да ги придобие сите, но кога едно девојче почна да се спротивставува и да не ја слуша, само за да ја заштити својата пријателка, сите почнаа да им се придружуваат и таа остана сама. Оваа приказна помогна и спречи едно момче да стане како Ема. Одделението ја сфати моќта на мнозинството (нешто што ние го немаме сфатено).
Наставникот мора да е виртуоз, да протне материјал кој е корисен – да интегрира и да оствари цели, а истовремено учениците да слушнат, да прочитаат нешто добро за што може потоа да се зборува.
Значи најпрво треба да се создадат услови, атмосфера која соодветствува на денешните потенцијални читатели: тие се постојано изложени на визуелни слики. Листаат кратки видеа до недоглед… како сакаме да читаат издание постаро и од нивите родители, со пожолтени страници, со ниедна или една, многу чудна и прилично лоша илустрација… ете затоа не читаат…
Мора да најдеме начин да се прилагодиме, а потоа, ако успееме да ги навлечеме, ќе биде на нив дали ќе ја читаат „Војна и мир“ или „Браќа Карамазови“.
Лекот е кратки, сликовнички или стрип-раскази, коишто се читаат на час и носат силни пораки.
„Книгите им помагаат на децата уште од најрана возраст да ги разберат емоциите, различностите, конфликтите и емпатијата. Особено сликовниците создаваат безбеден простор за разговор за пријателството, различностите, инклузијата и мирното решавање на конфликтите.“
Значи може, литературата ја има моќта, само наставникот треба да ја има литературата и да знае како да ја работи на часот. Или и да не знае, да има некој што може да му помогне, да му даде идеја…
Зошто приказните влијаат врз емоционалниот развој
- Приказните им овозможуваат на децата да препознаваат и именуваат емоции.
- Ликовите и нивните искуства создаваат модели за справување со страв, радост, тага, љубопитност.
- Симболите и метафорите во литературата им помагаат да ги разберат комплексните чувства на едноставен начин.
Метафората и алегоријата се најголемите сојузници и врската меѓу детските читатели и возрасните. Детски автор не може да биде кој сака… денес многумина се обидуваат да пишуваат за деца… имаме хиперпродукција на детска литература, ама не секој може да биде детски автор!
Читањето како средство за развивање емпатија
- Децата се ставаат „во чевлите“ на ликот и тоа поистоветување ги сензибилизира
- Читањето за различни култури, семејства и предизвици гради разбирање и толеранција.
- Емпатијата се развива преку дискусија: „Како би се чувствувал ти ако беше на негово место?“
- Сликовниците отвораат разговори за загуба, развод, различност, болест, миграција.
- Визуелниот елемент ја олеснува комуникацијата и ја прави темата помалку застрашувачка.
- Наставникот може да постави прашања: „Што мислиш дека чувствува ликот?“ или „Како би му помогнал?“
Читањето како средство за култура на мир
Кога децата читаат приказни за различност, пријателство и добрина, тие учат да градат мостови, а не ѕидови. Читањето станува средство за ненасилна комуникација и за градење општество засновано на толеранција и почитување.
Практични активности за во училница
- Постер на емоции: учениците пишуваат или цртаат како се чувствувале додека ја читале приказната: ликот и тие самите.
- Играње улоги: драматизација на сцени инспирирани од прочитаното.
- Мапа на чувства: визуелна оска каде што се бележат емоциите на ликовите низ приказната.
- Евалуација во круг: секој ученик споделува мислење за тоа што научил од приказната…




















