Centropa како извор за настава

55441156_823700421330869_608138687321997312_n.jpgВо рамките на училишниот актив од јазичното, естетското и општественото подрачје, беше изведено кратко предавање во кое се претстави интернет страницата http://www.centropa.org.                              Порталот „Центропа

Присутните наставници беа запознати со материјалите кои се дел од страницата, а кои можат да се користат на часовите по: историја, граѓанско образование, македонски јазик, англиски јазик, германски јазик, француски јазик, историја на религии и сл.

55441224_574275633088419_5322323722311303168_n.jpg

Исто така, во рамките на предавањето на колегите им беше претставена целта и постоењето на Институтот Центропа, координаторите и програмите на за наставници.

55840500_444117686129960_7851311053014040576_n.jpg

Наставниците го гледаа и часот реализиран од Јулијана Талеска и Каролина Јовеска, користејќи ја патувачката изложба „Изгубениот свет на сафардските Евреи“ и беа запознати дека нивните часови можат да ги прават и да ги испратат до координаторот за Македонија.

 

Изложба: За изгубениот Сефардски свет

На 25.9.2018 во изложбениот салон на домот за култура „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „За изгубениот Сефардски свет“ – патувачка изложба од еврејскиот историски институт „Центропа“ во соработка со Меморијалниот музеј на холокаустот – Скопје. Овој институт од 2000 година работи на собирање интервјуа и приказни од Западен Балкан поврзани со холокаустот и со животот на Евреите. Исто така, со дел од тие материјали снимаат документарни филмови кои се одлични дигитални ресурси за настава.

Благодарение на „Центропа“ и „Меморијалниот музеј на холокаустот“ јас бев дел од нивниот семинар на кој се запознав со нивната работа и проследив дел од документарните филмови. Исто така имав и тогаш можност да ја видам изложбата.

На изложбата, покрај секој панел, стоеја спремни ученици, подготвени од нивиот наставник Роберт Конески, кои знаеја многу работи поврзани со текстот и фотографиите. Исто така, изложбата ја отворија и нашите талентирани ученици Михаил Јагуриноски и Марија Стојческа, со ладино песната Аидо Керида.

Наредните денови, додека изложбата беше поставена, заедно со наставничката Католина Јовеска – историја, со учениците држевме час на самата поставка.

Несекојдневното искуство и невообичаениот начин на држење час, нЕ направи сите среќни и нЕ научи на многу работи.

Еве како течеше часот:

ВОВЕДЕН ДЕЛ

Учениците претходно се воведени во она што ги очекува. Дискутирано е накратко за изложбата и за тоа што таа го претставува. Учениците заедно со наставничката одат во изложбениот простор на домот за култура „Марко Цепенков“.

Почнуваат со почетно разгледување на изложбата. Наставничката им ги објаснува термините: Сафарди, Евреи и холокауст. Одговара на прашања, ако ги има.

ГЛАВЕН ДЕЛ

Во средината на изложбениот салон наставничката поставува аквариум со прашања. Учениците влечат по едно прашање-предизвик.

Одговорот на прашањето го имаат на некој од изложбените паноа. Имаат 15 мин. Да продолжат со разгледување на изложбата и да го пронајдат одговорот. Наставничката, бидејќи претходно ја има видено изложбата и детално ја знае поставката, помага онаму каде што гледа дека има тешкотии да се пронајде одговорот. Но не со директно посочување на панелот, туку со потпрашања. Исто така, дава дополнителни објаснувања на они ученици кои го бараат тоа.

Прашања:

  1. Од каде дошле Сефардските Евреи?
  2. Раскажи ја накратко приказната за Бено и Роза.
  3. Каде се запознале Бено и Роза?
  4. Кои занаети од Шпанија ги донеле Евреите?
  5. Каков бил животот на Евреите со распадот на Отоманската Империја?
  6. Што станал Бено Русо кога завршила војната?
  7. Кои се причините што Бено Русо се приклучил на Хошомер? (наведи ги двете причини)
  8. Која е симпатијата на Бено?
  9. Кога се зеле Бено и Роза, кој друг се оженил?
  10. Што е Треблинка?
  11. Што знаеш за Аврам Садикарио, Исак и Салво Леви?
  12. На кој јазик зборувале Евреите Сефарди?
  13. Што е Центропа?
  14. Кога се венчаа Роза Камхи и Бено? Раскажи што најде за тоа случување?
  15. Што е Хошомер Хацаир (млада гарда)?
  16. Што пронајде за Јосиф и Вида Садикарио?
  17. Колку Евреи во 1544 живееле во Битола?
  18. Колку Евреи во 1863 живееле во Битола?
  19. Најди име и презиме на некој праведник и раскажи што прочита за него/неа?
  20. Најди неколку имиња на Евреи од Македонија кои што биле партизани.
  21. Што пронајде за Аврам Садиакрио и Жамила?
  22. Кого спасил Праведникот Богоја Силјановски во Битола?
  23. Кој ги скрил сестрите Калеф и нивната мајка?
  24. Најди една фотографија. Што гледаш? Кои прашања ти дојдоа?

Прашањата се фокусирани на Евреите од Македонија или Евреите кои имаат некаква поврзаност со Македонија. Причината за тоа е да им бидат приказните поблиски и полесно да развијат емпатија.

ЗАВРШЕН ДЕЛ

Откако сите одговори се пронајдени, ги собира учениците во круг и бара од секој да го прочита прашањето и да го даде одговорот. Поставува дополнителни прашања ако има потреба или ако се во функција на дознавање на повеќе информации. Така учениците усно се изразуваат и го богатат својот речник, а останатите ученици добиваат информации кои можеби не ги забележале додека ја гледале изложбата.

За домашна работа учениците од информациите што ги дознаа од изложбата, но и од интернет страницата: http://www.lostsaphardworld.org треба да напишат состав на тема: „Што научив јас за Евреите Сефарди, како тоа влијаеше на мене?“

Исто така, со учениците од деветто одделениа, наредниот ден го изгледавме документарниот филм за Роза и Бено и така учениците ги продлабочија своите знаења кои ги стекнаа на изложбата.

IMG_20180928_131502.jpg

Centropa – семинар со поддршка на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје

32687922_1728576240554390_5388204345923731456_o.jpg

Од 4 до 6 мај ја имав несекојдневната можност да бидам дел од шестиот по ред семинар во „Меморијалниот центар на холокаустот“ во Скопје. Имено се работи за семинар за наставници припремен и спроведен од ЦЕНТРОПА со поддршка на Меморијалниот центар на холокаустот.

Невладината организација од Австрија најпрвин почнала со собирање приказни, интервјуа и фотографии на Евреи кои пострадале или преживеале во холокаустот. Сето тоа го складирале во базата на податоци на интернет. Еден ден решиле од тие интервјуа да прават документарни филмови за кои подоцна им текнало да ги користат во настава.

Токму поради тоа се најдов и јас на семинарот. Наставници и професори од Македонија, Хрватска, Словенија и Србија беа дел од прекрасно случување од кое многу се научи.

Семинарот се одвиваше во просториите на Меморијалниот центар. Наставниците добивавме едукација од вработените од Центарот која вклучуваше и историја на Сафардските Евреи, поединости за Евреите од Македонија, злогласниот период на депортација во Треблинка… и прошетка низ новата поставка во музејот која што ми остави многу силен впечаток.

Маја Суша заедно со вработените во Центарот беа добри домаќини кои ги делеа истите цели со сите нас: да научиме што било, да споделиме и да работиме на тоа – никогаш да не се повтори.

Три работи ме воодушевија:

  1. Можноста на филмовите да се искористат во процесот на меѓуетничка интеграција – податливи, сведочат за тоа колку е важно да се има соживот, за тоа дека многу лесно може историјата да се повтори…
  2. Дискусиите со колегите и споделувањето на добри практики: часови, проекти, интеграции…
  3. И потребата на организаторите да ги претстават Евреите како сите нас, односно да ги претстават онакви какви што навистина се – исти како нас!!! Свесноста за тоа дека е време да се излезе од позицијата на жртви, да се крене глава, да се оди напред и да не биде холокаустот единствена асоцијација за Евреите.

Она што сакам да го споделам е линкови од документарните филмови, од кои ќе издвојам неколку:

ДРУГИОТ ПАТ http://www.centropa.org/node/83049

ПРЕЖИВУВАЊЕТО ВО САРАЕВО http://www.centropa.org/centropa-cinema/prezivjeti-u-sarajevu-prijateljstvo-za-vrijeme-rata

ТРИ ВЕТУВАЊА http://www.centropa.org/centropa-cinema/matilda-kalef-three-promises

РИФКА И ЕЛВИРА http://www.centropa.org/centropa-cinema/rifka-and-elvira-coming-age-time-war

И особено го препорачувам македонскиот филм БЕНО И РОЗА http://www.centropa.org/centropa-cinema/beno-and-roza-kamhi-years-make-their-own?subtitle_language=

Ги има уште, но не сум ги изгледала сите… сигурно ќе се најдат уште поинтересни и попогодни за настава…

Во иднина со идеите кои ги видов таму и со соработката на моите драги колешки по историја и граѓанско образование, верувам дека ќе произлезат добри практики кои ќе ги споделиме со сите.