Картичките од Биби: ПОГОДИ ШТО? како ресурс во наставата

Во наставниот процес многу работи можат да бидат ресур. Често ние наставниците ресурсите си ги правиме сами или со помош на учениците. Но многу е убаво кога ресурсот е готов:

Сигурно сте чуле за брендот Биби, Светот на Биби, за Боби, Зази, Зина, за Дедо Мраз од Заз… и многу други ликови кои ја богатат нашата македонска детска литература. Сликовниците се нешто со кое секогаш се заспиваме, и со големиот син, а сега и со малиот. Но исто така низ дома ни се врткаат и еден куп други производи од Биби 😊 Така, картите ПОГОДИ ШТО? еден ден ги искористив како ресурс за час.

Со седмите одделенија имавме: Вежби за стилски фигури, со акцент на ономатопеја и компарација, како последни стилски изразни средства кои ги зедовме. Картичките дојдоа како нарачани.

Имено, жолтите картички се картички со предмети. Тие ги користевме за да правиме КОМПАРАЦИЈА. Предметот што ќе се извлечи да се искористи во реченица во која ќе биде спореден со нешто друго. А сините картички, звучните картички, ги користевме за ОНОМАТОПЕЈА.

Како одеше часот: Учениците беа поделени на групи. Секоја група доби по 12-15 картички. Измешани. Во круг, еден по еден влечеа картичка. Ученикот што влечи ја гледа картичката и треба да им го имитира звукот (ако е сина картичката) или со пантомима да им го објасни предметот (ако е жолта картичката). Штом го погодат звукот или предметот, заеднички пишуваат реченица: со ономатопеја или со компарација.

Произлегоа многу интересни реченици:

Интересна е како фудбал.

Кукуригу, кукуригаше петелот и ме разбуди рано.

Леле! Полека, ме згазна како да ме згазнал слон

На часот беше забавно. Се играше, а истовремено се учеше.

Бидејќи испадна дека картичките се многу корисни, ги искористив и со деветтите одделенија. Со нив работевме ИЗВИЦИ. Па доброволно учениците влечеа картичка и правеа извик од животното што го извлекле или од предметот.

Пр: Тик-так (часовник)

Туп-туп (топка)

мјаууу (маче)

Пробајте!

РАБОТИЛНИЦА ЗА КРЕАТИВНО ПИШУВАЊЕ – ГО ЧЕСТВУВАМЕ ПАТРОНОТ

Нека е честит Денот! За многу години да е!

На седми јануари се одржаа низа настани во нашето училиште, еден од нив беше работилницата за креативно пишување. Имено, во духот на досегашната традиција на литературно читање, кое најчето е поезија, решивме овој пат да биде проза.

Учениците создадоа прозно дело (краток расказ) со помош на

техниката РАСКАЖУВАЊЕ СО КОЦКИ. Секој од ученичките фрли девет коцки на кои имаше различни илустрации или симболи, од кои три беа за воведот, три за главниот дел и три за завршниот дел. Зборовите што паѓаат треба да се вметнат во раскажувањето.

Осум ученички, идни писатели напишаа прекрасни раскази мотивирани од илустрациите на коцките (кои своевремено ги направија учениците од деветто четири одделение).

Коцките се одличен ресурс за мотивација и инспирација. Можат да се комбинираат во групи, но може и индвидуално. Податни се и за усно изразуање.