Автобиографија

Наставната единица Автобиографија оваа година ја сработивме на овој начин:

Во издание на Просветно дело има една едиција НЕВЕРОЈАТНИ ПРИКАЗНИ. Една од тие книги е и 20 НЕВЕРОЈАТНИ ЕКО ХЕРОИ. Во едицијата направени се автобиографии за многу познати луѓе. Една од тие автобиографии е и автобиографијата на Грета Тунберг. (тоа во реалност не е напишано од неа, но стилот и начинот на раскажување содржи автобиографски елементи и е одличен за основно).

Илустрација од книгата

Започнавме со разговор за Грета Тунберг. Дел од учениците чуле и знаеја, па споделија некои информации. Ја прочитавме „нејзината автобиографија“ од книгата и изгледавме едно промотивно видео:

Тука се отвори и кратка дискусија: дали некој од нив направил нешто слично или планира да биде дел од некоја еколошка акција.

Бидејќи наставната единица е поим за автобиографија, се вративме на теореткиот дел и учениците ја запишаа дефиницијата: Автобиографијата е литературно-научен вид творба во која авторот го раскажува својот живот, сопствените доживувања, а ги изнесува и условите во кои живее и работи.  Ги изделивме научните карактеристики наспроти литературните од претходно прочитаниот текст.

Сепак би било погрешно на овој час ако не се споменат автобиографиите на Прличев и Цепенков, па затоа во вториот дел од часот се читаат извадоци и се објаснуваат – бидејќи јазикот на кој се пишувани е тешко разбирлив за учениците.

Особено интересен е извадокот за тоа како Марко го добил својот прекар Цепенко:

„Татко ми се викаше Коста Марков Цепенков. Дедо ми беше от село Ореоец, Прилепско и работеше самарџилак во Прилеп. Деда ми јаз не го зафтасаф. Татко ми прикажуаше за деда ми, како му го клале прекарот Цепенко. Еден неделен ден бил обуен со едни бели гајчи, многу разцепени, дури до газот, и излегол настред село да играт со децата. Едно [г]о виделе и му свикале: „Марко Цепенко, Марко Цепенко”,и от тои ден беше му останало прекарот Цепенко.“

На крајот од часот учениците добијаа наставен лист: Фејкбук (Fakebook), кој всушност претставува копија на Фејзбук ѕид. Запишуваа статуси и податоци за нив. Односно креираа своја автобиографија.

Второ видео на Јазичната патрола

Јазичната патрола на Денот на македонскот јазик го сними своето второ видео. Ова видео содржи основни правила од Правописот на македонскиот јазик за пишување голема и мала буква. Идејата е бушава – да се пренесе порака дека писменоста секогаш треба да биде „во мода“.

#2

Ден на македонскиот јазик

Кога празнуваш некој ден, ден што ти значи, радосен си… и таа радост е уште поголема кога некој однадвор ти честита и ја дели радоста со тебе.

Учениците од Средното медицинско училиште од Зајечар, Република Србија, под раководство на нивната класна раководителка Ленче Бумбароска-Радосављевиќ, снимија кратко видео со кое ни го честитаа Денот на македонскиот јазик. Во видеото рецитираат стихови од антологиската песна „Т га за Југ“ од Константин Миладинов.

видео од честитката

Драги наши пријатели, ви благодариме за вниманието!!!

Девојчето од Шестата Месечина – лектира која отвора нови светови

Серијалот за Нина

Продолжуваме со практитката да ја работиме лектирата на несекојдневен, активносен начин 😊

Лектира која за некои ученици беше премногу детска, но за други предизвикувачка и богата со информации кои можат да се искористат во активностите на час.

Еве како ја сработивме:

На почетокот, неизбегнувајќи го класичниот дел на претставување на авторката, нејзиното вистинско име и фактот дека е наш современик, ги споменавме и нејзините книги кои се поврзани со серијалот на Нина. Тоа овозможи да се мотивираат учениците да продолжат да ги читаат и другите книги и да се запознаат со понатамошниот тек на главното дејство.

Дискусија и разговор со учениците, при што се проценува на индивидуално ниво, низ прашања, дали е прочитана лектирата. Во текот на тој процес се задаваат активностите и учениците се вклучуваат.

Алхемиска формула

Еве дел од активностите:

  1. Напиши азбука која ќе биде азбуката од Ксораск. За секоја наша буква напиши една ксораскова. Потоа со неа напиши реченица.
  2. Нацртај го симболот на Каркон. (буквата К)
  3. Опиши еден лик: Љуба можеби
  4. Состави една алхемиска формула која може да направи нешто, користи ги опишаните суптанции од крајот на книгата.
  5. Нацртај ги клучевите што ги доби Нина од дедо ѝ
  6. Нацртај го Ксоракс – нацртај галаксија каде е
  7. Кој ќе биде твојот извик? Измисли еден. (како оној на Нина: Жими сите чоколади на светот…)
  8. Спореди ја Бескрајна приказна со Нина – книгите – барај сличности
  9. Најди ги Велигденските Острови, каде се? Истражи нешто за Моаи?
  10. Збакио – нацртај го. Измисли некое слично суштество и опиши го.

Бидејќи со учениците ја имавме сработено „Бескрајна приказна“ од Михаел Енде, можевме да правиме споредба на двете нарации и да пронаоѓаме многу сличности во нив. Ликот на Бастијан и Нина, на Атреј, на волшебните средства и волшебните суштества, нивните мисии… отвараат многу дискусии кои го богатат часот и кај учениците поттикнуваат креативно размислување.

Од ученичката Душица Петкоска

Интервју со градоначалникот Борче Јовчески

Во рамките на наставната програма по македонски јазик, учениците од шестите одделенија реализираа проект: „Правиме интервју“. Целта на проектот беше да ги научиме основите на интервјуирањето, како изгледа процесот и која е потребна подготовка за едно добро интервју.

Четири одделенија беа поделени во групи (вкупно 16) и секоја група направи по едно интервју. Беа интервјуирани: наставници, стручна служба, директор, актери, спортисти… едно од нашите омилени интервјуа беше интервјуто со градоначалникот на Прилеп, господинот Борче Јовчески.

Моите мали новинари беа гости кај градоначалникот и со него поминаа убаво време. Восхитувачки беше тоа што учениците цел ден зборуваа за посетата на општината, средбата со градоначалникот и подароците што ги добија. Искуството е непроценливо, а радоста незимерна.

Еве што сработија учениците:

Јазична (бушава) патрола

Промотивно видео

Драмската секција оваа година реши да формира ЈАЗИЧНА ПАТРОЛА. Патролата има цел да претставува на креативен начин правописни правила и правописни грешки.

Промотивното видео ја претставува нашата акција. Деновиве ќе следат уште видеа кои ќе бидат поставени на Тик-ток. Гледајте нЕ!

Од снимањето…

Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Ако разговараш со некој на јазикот што го знае, ќе допреш до неговиот ум. Ако зборуваш со некој на неговиот јазик, ќе допреш до неговото срце.

-Нелсон Мандела-

Мајчиниот јазик е јазикот кој си го научил прв, јазикот на кој наједноставно се изразуваш, јазикот на кој што зборуваш кога си полн со емоции…

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик почнува да се празнува во 1999 година. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеж во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик.

Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети за грижата за својот јазик, но и да ни укаже за присуството на други јазици и на нашата должност тие да ги почитуваме и да ја промовираме лингвистичката разновидност и повеќејазичност низ светот.

Секоја култура има јазичен систем кој овозможува меѓусебно комуницирање помеѓу луѓето. Јазикот ги отелотворува вредностите и значењето на самата култура. Го означува човековиот културен идентитет.

Тој има големо влијание врз нашата перцепција и како ние се изразуваме за она што го гледаме. Оттука јазикот, како основно средство за комуникација е дефинирачка карактеристика на една одредена културна популација. Заедничкиот јазик не е само знак за општествени идентитет, туку е и означувач на заедничка историја, обичаи, верувања и вредности.

Затоа денес моите ученици од додатната настава поделија пораки во сите училници и канцеларии во училиштетот. Им прочитаа на учениците за значењето на Денот, со надеж дека пораките што ги направија ќе допрат до нивните срца.

        Да го негуваме нашиот јазик со тоа што ќе го научиме!

Сакајќи си го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици.

СЕКОЈ ЈАЗИК Е НЕЧИЈ МАЈЧИН ЈАЗИК!

Вежби за прирок – пантомима

Пантомимата започна

Синтакса… прирок… кога ќе сфатат дека глаголот не е прирок 😊 е тогаш работите се комплицираат. Па кога поминале два часа во објаснување за глаголски и глаголско-именски прирок и сега треба да се работат вежби… уф… знае да биде гоолем предизвик.

Како ние го направивме часот интересен?

Ни се смачи од маските, па решивме да одиме надвор. Во училишниот двор. Секој ученик носеше дополнителен учебник 😊 на кој можеше да седи, тетратка и пенкало.

Во круг заеднички повторивме за главни реченични членови, која е функцијата на прирокот, како можеме да го препознаеме во реченица и какви видови прирок има.

Погодување…

Откако се доби впечаток дека знаеме по нешто, почнаа активностите:

Учениците се делат во пет групи (поделбата е 1,2,3,4,5 – се именуваат со броеви како што седат во круг. Оваа поделба може да биде и покреативна, на пример да се направат листови со животни и учениците да влечат. Штом им се даде знак, почнуваат да го имитираат звукот на животното што го извлекле и така според звукот се групираат во група).

Групите си заземаат позиции и почнува ПАНТОМИМАТА.

Првата пантомима е: погоди што правам? (ученикот стои пред групата и прави некакво движење, учениците треба да го погодат дејството. Штом го знаат, ученикот им кажува: прост или сложен. Тие треба да напишат реченица во која ќе имаат прост глаголски прирок или сложен глаголски прирок)

Пр: Сара прави движења дека ТРЧА. Ученците запишуваат: Сара трча. Или запишуваат: Сара почна да трча.

Така играат додека не помине два пати секој од учениците во групата.

Втората пантомима е: која професија сум? (ученикот прави движења кои се карактеристични за професијата која треба да се погоди, аучениците откако ќе погодат запишуваат.

Пр: Таа е наставничка. Тој е доктор, Таа е гимнастичарка или Таа треба да биде наставничка, Таа почнува да станува многу добра гимнастичарка и сл., и добиваат глаголско-именски прироци.

Потоа речениците се читаат во групата и се потенцираат прироците.

Лектира „Бојан“ – Глигор Поповски

Романот „Бојан“ одново ме изненади со можностите за работа и со прекрасната нарација која се нижи така убаво и ведро, како пролетното ветре на Орелска Чука.

Бидејќи сум свесна дека станува сЕ потешко да се мотивираат денешните генерации да читаат и дека часовите за лектира стануваат досадни и монотони… анализата веќе е надмината… кратка содржина ликови… тема, идеја… препишување од претходните генерации… ништо прочитано, ништо сработено од срце… онака како што им доликува на едни вакви прекрасни нарации…

Затоа го променив начинот на работа. Класичниот пристап веќе одамна надминат јасно не функционира, па затоа се решив на тактика: Активности.

Еве како ние ја работевме „Бојан“

  1. Биографијата на авторот е неизбежна. Кратка дискусија и кој е човекот, поврзување со веќе сработени дела од него, како „Сказна за Вилен“, посочување други книги кои некои од умните главчиња ќе ги заскокотка и можеби ќе ги земат од библиотека.
  • Наброј ги топонимите спомнати во книгата.

Ако читале внимателно, тогаш ќе се присетат барем на пет: Селиште, Гогов Валог, Штип, Струмица, Велков гроб, врв Чукарот, Рамни Ливади, Грамадна, на север Осоговски Планини, превалец Гола глава, Трештени буки, Орелска Чука  далечни планини: Пирин, Рила на север, Беласица, Кочани, Велков гроб…

  • Отпечатена мала нема карта на Македонија: Да се најде планината каде што е дејството на романот, да се нацрта.

Авторот намерно не одбрал постоечки локации, иако дејството е веројатно дека се случило на Малешевските Планини или можеби на Плачковица, но детската фантазија, истражувањето и предзнаењето од географија можат да бидат предизвик.

  • Наброј ги обврските на Бојан додека бил сам во колибата, спореди ги со твоите

Тука може да се отвори дискусија за сериозноста на неговите обврски. Да се повикаат учениците на одговорност и на будење на свесноста дека можат многу повеќе да направат на нивна возраст.

  • Нацртај ја плевната, колибата и наброј кои животни беа таму:

Оваа активност може да биде забавна за оние што сакаат да цртаат, останатите може само да ги набројат, може да залепат или да ги нацртаат онака како што сакаат.

А имаат да цртаат:  две кучиња: Караман и Стрела, три крави, едно јуне, две јуници и два вола. 30 овци, срната Кротка.

  • Кој е твојот Јурук? Нацртај го.

Трупецот кој го одржа Бојан во живот. Кој ја стабилизираше неговата психичка состојба.

Учениците тука го цртаат своето оружје за смирување. Како се снајдуваат во стресни ситуации? Што прават за да се смират, да се соберат.

  • На кои работи во книгата не добивме одговор: да шпекулираме со факти:

Се листаа прашања за кои во текстот не добивме одговор, па си ги одговараме онакак како што сакаме.

Пр: Колку дена беше таму? Што рече мајка му: децата на училиште? Учителот? Кој друг бил дел од семејството на Бојан?

  • Учиме нови работи:

Препиши еден поим или нешто што научи од книгата а не си го знаел претходно:

пр: ЛЕТИЦА – посебен вид планински рж што се сее на пролет.

Поскок џиркалец – џирка

И секако најважните активности:

  • Дискусии:
  • трансформацијата на шумарот во очите на Бојан (како еден јак, силен, голем, моќен човек, вози џип… му се тресат рацете, трепери, бара помош, не може да се носи со смртта на двете овчарчиња, ниту со соочувањето со семејствата)
  • Дали и ти би живеел на планина?
  • Дали Елена и Бојан беа зрели за љубов?
  • Зошто качувањето на Орелска Чука беше многу важно за Бојан?
  • Како влијаеше минатото на Бојан?…
  1. Извадоци од романот може да се поврзат со материјалот од граматика. Еден мал извадок од него може да биде текст од кој учениците ќе најдат предлози и ќе определат кое е нивото значење во реченицата.

Волшебен е светот на „Бојан“

Може да нè научи на многу работи!!!