Час по мир и соработка преку книги и сликовници

(дискусија за моќта на книгата)

Во саботата (19.9.2026) во Лабораториум во Скопје се одржа прекрасна средба со уште попрекрасни луѓе. Виновници за средбата се Искра Димковска и Филип Димевски – сопствениците на најдобрите издавачки куќи: „Сказнувалка“ и „Бегемот“.

Си се собравме и си дискутиравме на една многу важна тема: „Дали книгите и сликовниците помагаат во процесот на изградба на мир и ненасилство?

Дискусијата ја водеше Искра, а гости бевме: јас (Јулијана Талеска), Александра Прошева (детскиот психолог) и Марија Павлеска-Јанкулоска (едукатор).

Еве кои се моите ставови и мисли поврзани со темата:

Ако се вратиме многу назад низ времето и почнеме со периодот кога немало книги, немало писмо, имало усна традиција која создавала приказни. Зборувам за митот, за оние свети приказни кои го чувале племето, го „држеле редот“ и кои се раскажувале од колено на колено. Сите истражувања поврзани со митовите, со обредите, со сказните: кај Фрејзер, кај Проп… кај низа истражувачи, во согледбите на нашите ценети професорки Нина Атанасова-Шкријнариќ, Ана Витанова-Рингачева… недвосмислено е прикажано огромното влијание и моќта на приказната. На нејзината сила свесно, но и несвесно да протне, да засади некоја идеја, мисла, некое верување или правило. Имајќи го сето тоа предвид, многу јасно може да се согласиме дека книгите се вистинскиот сојузник да се допре до детското срце и да се испрати соодветната порака.

Имајќи го предвид последниот резултат од ПИСА тестирањето, трендот на нечитање и зголеменото насилство во училиштата, може да кажеме дека „лекот“ е тука, но треба мудро да се најде начин како да се натера немуштиот да го испие.

Мојот метод за промена на овие нечитачки генерации е снисходењето. Изнаоѓањето пат како лесно, полека, чекор по чекор, залак по залак, да се дојде до читатели. Сликовницата е вистинскиот избор. Богато илустрираните страници. Многу шаренило и вистински избрани зборови.

Тоа го искусив со „Лола и јас“. Ја работев и со шесто и со осмо одделение. Им ја пуштив како аудиокнига, потоа им ја дадов да ја разгледаат. Никој не рече ова е за мали деца. Сите беа воодушевени од неа. И развивме многу разговори,  а тргна сè од учење за тоа што е наратор. И секако, предизвик: во овој случај: Кој раскажува?

„Приказната за црвеното јаболко“ – Јан Леф – и текст и илустрација, одлична приказна за правдата на овој свет. За тоа како завршува оној што нанесува зло и потценува.

„Денес ти не играш“ – за Ема којашто сакаше да биде главна и да ги придобие сите, но кога едно девојче почна да се спротивставува и да не ја слуша, само за да ја заштити својата пријателка, сите почнаа да им се придружуваат и таа остана сама. Оваа приказна помогна и спречи едно момче да стане како Ема. Одделението ја сфати моќта на мнозинството (нешто што ние го немаме сфатено).

Наставникот мора да е виртуоз, да протне материјал кој е корисен – да интегрира и да оствари цели, а истовремено учениците да слушнат, да прочитаат нешто добро за што може потоа да се зборува.

Значи најпрво треба да се создадат услови, атмосфера која соодветствува на денешните потенцијални читатели: тие се постојано изложени на визуелни слики. Листаат кратки видеа до недоглед… како сакаме да читаат издание постаро и од нивите родители, со пожолтени страници, со ниедна или една, многу чудна и прилично лоша илустрација… ете затоа не читаат…

Мора да најдеме начин да се прилагодиме, а потоа, ако успееме да ги навлечеме, ќе биде на нив дали ќе ја читаат „Војна и мир“ или „Браќа Карамазови“.

Лекот е кратки, сликовнички или стрип-раскази, коишто се читаат на час и носат силни пораки.

„Книгите им помагаат на децата уште од најрана возраст да ги разберат емоциите, различностите, конфликтите и емпатијата. Особено сликовниците создаваат безбеден простор за разговор за пријателството, различностите, инклузијата и мирното решавање на конфликтите.“

Значи може, литературата ја има моќта, само наставникот треба да ја има литературата и да знае како да ја работи на часот. Или и да не знае, да има некој што може да му помогне, да му даде идеја…

Зошто приказните влијаат врз емоционалниот развој

  • Приказните им овозможуваат на децата да препознаваат и именуваат емоции.
  • Ликовите и нивните искуства создаваат модели за справување со страв, радост, тага, љубопитност.
  • Симболите и метафорите во литературата им помагаат да ги разберат комплексните чувства на едноставен начин.

Метафората и алегоријата се најголемите сојузници и врската меѓу детските читатели и возрасните. Детски автор не може да биде кој сака… денес многумина се обидуваат да пишуваат за деца… имаме хиперпродукција на детска литература, ама не секој може да биде детски автор!

Читањето како средство за развивање емпатија

  • Децата се ставаат „во чевлите“ на ликот и тоа поистоветување ги сензибилизира
  • Читањето за различни култури, семејства и предизвици гради разбирање и толеранција.
  • Емпатијата се развива преку дискусија: „Како би се чувствувал ти ако беше на негово место?“
  • Сликовниците отвораат разговори за загуба, развод, различност, болест, миграција.
  • Визуелниот елемент ја олеснува комуникацијата и ја прави темата помалку застрашувачка.
  • Наставникот може да постави прашања: „Што мислиш дека чувствува ликот?“ или „Како би му помогнал?“

Читањето како средство за култура на мир

Кога децата читаат приказни за различност, пријателство и добрина, тие учат да градат мостови, а не ѕидови. Читањето станува средство за ненасилна комуникација и за градење општество засновано на толеранција и почитување.

Практични активности за во училница

  1. Постер на емоции: учениците пишуваат или цртаат како се чувствувале додека ја читале приказната: ликот и тие самите.
  2. Играње улоги: драматизација на сцени инспирирани од прочитаното.
  3. Мапа на чувства: визуелна оска каде што се бележат емоциите на ликовите низ приказната.
  4. Евалуација во круг: секој ученик споделува мислење за тоа што научил од приказната…

За овогодинешниот Силјанов лет!

Сакам и овој пат да кажам нешто за фестивалот „Силјан Штркот“. Да зборувам за Силјановиот лет! Пофалните зборови не можат да изостанат затоа што силни женски мускули беа во прашање и оваа година! Во некоја од моите претходни објави Марија и Ангела ги нареков „лавици“, море не само „лавици“ туку јаки и силни кралици!!! 😊 Мои прекрасни девојки кои знаат што сакаат и тоа го остваруваат. Среќа што не се сами и што од година во година, како што љубат да напишат во објавите: „јатото се зголемува“. Само тоа ќе нè спаси од сивилото, од орлите кои нè напаѓаат во летот што го правиме сите заедно!

Сведоци сме на затворање на театарот, на немање никакви конкретни насоки каде ќе води таа кома во која што е театарот во моментов… и во сета таа приказна се појавува светлината наречена „Силјан Штркот“! Ако некој има очи да види, ќе види дека има публика која допрва ќе е жедна за убава претстава, ќе е гневна ако ја нема и ќе прај бељи!… дај Боже да не дојде до тоа…

Таа мала, слатка, искрена и нежна публика овие четири дена живееше и учеше, учеше како да е цела година во училница. Тие мали штркчиња научија како да се однесуваат во театар. Посветените волонтери и „лошата Ангела“ 😊 покажаа како треба да се однесуваме в театар. Силјан укажуваше пред почетокот на секоја претстава кои се правилата, а будните светнати очиња следеа без да трепнат.

Најпрво го гледавме Велешкиот театар со многу интересна изведба на „Мачорот в чизми“ каде што воденичарот беше заменет со автомеханичар и наместо еден мачор имавме две мачки. Актерот Фаик (Мачорот) беше фантастичен, всушност целата актерска екипа беше одлична. Дворските дами носеа ведрина и ја разигруваа атмосферата. Автомобилот и мегафонот беа одлични режисерски решенија.

Особено ми остави впечаток кралот. Многу наликуваше на водителот на познатото шоу во филмот „Игри на гладните“. Тоа негово кратко појавување беше прекрасно одиграно. Оскарот оди за него 😊

Втората претстава беше мојот фаворит! Битолчани покажаа и докажаа дека вложуваат во театарот. Претставата отскокнуваше со актерската игра, со сценографијата, костимографијата, режијата, музика и драматизацијата. Значи целокупно беше она што секоја претстава, не само детска, треба да го има.

Музиката беше соодветна, ненаметлива, се слеваше со атмосферата. Сцената беше богата. Се менуваше и изобилуваше со можности за движење на актерите. Костимите беа многу убави и модерни, освен класичниот фустан и фризура според која е препознатлива Снежана.

Режисерското решение за огледалото-наратор беше досетливо и многу интересно. Џуџињата беа урнебесни. Весели, сите различни на свој начин. Разиграни во стилот на музиката. Тоа беше сериозна уиграна кореографија која ја гледаме во големите претстави во кои има колективни улоги. Но оскарот оди на Јулијана Мирчевска! Лошата кралица која толку суптилно и со оригинална, сериозна актерска игра ја одигра улогата. Едноставно пленеше со леснотија и убавина за гледање. Човек да ја засака, 😊 иако лоша.

Оваа претстава треба да биде пример за сите национални театри, бидејќи од она што го имам гледано, не се вложува доволно во детските претстави, а битолчани имаат свесност како се гради публиката уште од најмали нозе.

Третиот ден беше за нашите. „Мал театар“ со своите сили, со двете голи раце креира сцена, костими и одигра одлична претстава. Кога заврши претставата првата реакција ми беше: „ах каква ли ќе беше да имаа богата продукција“. Нашите актери се веќе докажани и прекрасни. Марија, Александар, Ангела и Волче се зрели да играат во каква и да било претстава, а младата девојка, за која разбрав дека е наша прилепчанка, скоро завршена, ме израдува најмногу. Таа покажа дека традицијата продолжува и дека имаме уште актери кои ќе донесат свежина, нормално ако некој им ја даде таа шанса и со надеж да не чекаат колку Иле… овде оскарот оди на цела екипа, вклучувајќи ги и Томе, Кире, блиска фамилија и сите Зонавци кои не излегоа од Цепенков сите пет фестивалски дена!

На крај Пепелашка. Струмичани беа многу интересни. Имав чувство како режисерот да го гледал цртанот 😊 Дури и актерската игра потсетуваше на стариот и добар цртан за Пепелашка. Колку го сакав… знам дека имаше и албум со сликчиња и ги собирав во детството… Ми се допадна балот. Џез-бал во кој принцот беше ептен кул. А мајката, Гризела и Анастасија беа оскаровките. Колку добри гестикулации, муцкања, негодувања… фантастични! А Пепелашка, нежна, мила и омилена на сите дечиња во публиката.

За жал поради обврски не бев дел од ниедна работилница, но следев на социјалните мрежи и разговарав со учесниците. Впечатоците им беа позитивни. А изработките ги гледавме низ фестивалските денови. Креативниот дух на максимум!

Ете, едно мое нестручно, кратко и искрено видување на четирите претстави…

А сега едно стручно, мајчинско видување: Ќе зборувам за искуството на едно штркче Војдан (мојот син со кого имав среќа да ги изгледам сите претстави)

Војдан ми го проверуваше телефонот дали ми е исклучен и ми викаше: „Шшшш!“ кога го прашував да не му е ладно.

Војдан се запозна со чудната направа мегафон. И сфати дека тоа е стар микрофон 😊

Војдан беше најпрво преплашен кога на „Пепелашка“ се појави од никаде магла и дојде до нас… но јас веднаш му објаснив и потоа со нетрпение го очекуваше секое нејзино појавување. Уживаше во прелевањето на светлината низ чадната завеса.

Војдан навиваше за Лео да биде сопруг на царската ќерка. Оти препозна дека тој е добар и дека искрено ја љуби принцезата.

Војдан ја препозна лошотијата на маштеата и викаше Јованче и Марика да не одат во шумата, да не влегуваат во куќичката… ја осети опасноста.

Војдан се чудеше како жената облечена во сиво е огледалото, ама потоа сфати дека во театарот и предметите може да бидат претставени преку актерите.

Војдан се воодушеви на тоа дека сцената може да се врти и од озгора да се симнуваат дрвја, кочии и многу други чудесии.

Војдан ја знаеше приказната за Пепелашка и пред да тргнат Гризела и Анастазија да ја нападнат, рече: „сега че ѝ го скинат фустанот“. Тој покажа дека внимателно слушал кога навечер му ги читам приказните.

Војдан ме праша дали Мачорот во чизми платил за чизмите што ги украл.

Војдан ја играше играта на џуџињата и викаше: „мамо јас сум џуџе: ло, ло, лоо, лоо“, клекнуваше и стануваше, како нив.

Војдан играше и се веселеше на музиката од претставите и се стегаше во мене кога гавраните летаа и ги јадеа парчињата леб што ги фрлаше Јованче во шумата.

Војдан секоја вечер по претставата бараше да му ја читам сказната од претставата што ја гледавме тој ден.

Војдан ме праша денес зошто не одиме пак на театар. Кога му кажав дека фестивалот заврши, ме праша кога ќе има повторно претстава.

Што ни кажува ова прашање? Нема потреба да објаснувам…

А воодушевувачките погледи што си ги упатувавме по сто пати во театарскиот мрак. Гушкањето и одобрувачките кимнувања дека се согласуваме со тоа што го играат актерите, се непроценливи. Едно квалитетно поминато време со своето дете што создава кај него сигурност, топлина и можност да расне здраво.

Не би сублимирала, јасно е како ден колку многу работи ова штркче научи во четири дена гледање претстави. Е па драги мои, проценете дали треба да ги носите или праќате со учителките/ите, своите деца на театар.

Театарот е место каде што фантазијата е пуштена на максимум! Таму детските очи гледаат работи кои не може да се најдат на Јутуб. На Роблокс нема да ги научат вистинските вредности за животот и светот. Ако сакаме да пораснеме луѓе кои ќе мислат со своја глава и ќе бидат идни совесни граѓани на овој град, треба да работиме на нивото културно издигнување.

Уметноста ќе го спаси градот!!!

Летај Силјане, есента само што не заседнала. Врати ни се догодина со нови, прекрасни претстави!!!

Те чекаме со нетрпение!!!

За фестивалот „Силјан Штркот“…

„Силјан Штркот“ е детски театарски фестивал кој опстојува веќе пет години. Една прекрасна идеја реализирана и на мускули истуркана од Ангела и Марија! Две храбри идеалистки, одлични актерки, жени змејови 😊

Овој Фестивал е нешто што задолжително треба да се поддржи! Тој носи вредности кои се забораваат, кои се запоставуваат, се бришат! Прилеп е театарски град. Прилеп го има Чернодрински, Прилеп има низа големци кои дале многу за театарот. Тој е театарскиот епицентар. Свесноста дека публиката се создава од најмали нозе веќе се покажа во последните две изданија на МТФ „Чернодрински“, и тоа донесе многу плод. Затоа не смее да се остани само со тоа, треба да се афирмира и да се работи овој Фестивал да се стреми кон чернодринските висини.

Затоа со мојата неуморна дружина „Од глаата си патиме“ бевме дел од отворањето на фестивалот. Десет штркчиња ја донесоа театарската пролет, иако есента се покажа во силно светло, ние ги расцутивме душите на сите театарски вљубеници.

Исто така драмската секција направи промотивно видео за Фестивалот коешто беше снимено во дворот на нашето училиште.

Уште две видеа беа направени во чест на Фестивалот:

Бојана Тодороска ја раскажа накратко приказната за Силјан и четири умни глави кажаа мудрости за театарот.

Овогодинешната програма e богата, побогата од претходните. Таа воведе и две младински претстави. Младински претстави! Такво нешто ние сме немале досега! А таа генерација е онаа која веќе почнува критички да размислува и да се гради себеси како идна личност, а ние во поглед на театарот низ годините ја губиме, ја запоставуваме. Добиваме по една детска претстава годишно реализирана од театарот „Војдан Чернодрински“, и неколку аматерски, најчесто многу лоши, наменети за претшколска возраст и за ученици во одделенска настава. Поголемите и средношколците немаат можност да погледнат претстави соодветни за нив.

Полните сали во изминатите четири фестивалски денови покажаа дека има интерес и свесност кај родителите, но и кај наставниците, да ги носат децата во театар. Бев сведок на многу мои драги колешки и колеги кои самоиницијативно, се организираа, купија карти и ги донесоа своите ученици. Да не заборавиме, тоа го прават надвор од часовите, не добиваат парична надомест. Одат пешки од училиштата до салите и будно се грижат дечињата да ги вратат безбедни. Рамо до рамо со родителите. Видов организирани родители кои од своите автомобили претворени во автобуси 😊, кога беше дождливо носеа дечиња. На сред претстава смируваат, тешат, поучуваат… Што е тоа, ако не љубов кон театарот? Тој подвиг треба да се поздрави и да се препознае како ветер кој ќе ги донесе промените!

Културното издигнување на еден народ може да донесе негова подобра иднина. Денешните генерации се обземени со многу погрешни вредности кои многу лесно им се пласираат на интернет. Само уметноста може да ги спаси! Мора да ја имаме пошироката слика. Создавајќи културна младина ние ја создаваме иднината за сите нас. За нашите деца, за нашите внуци.

Моето мислење е дека Општината треба да го прегрне силно овој настан и да даде голема поддршка. Училиштата во своите години програми треба да планираат задолжително барем една театарска претстава. Бидејќи овие претстави се внимателно одбрани. Во нив замешале прсти професионалци. Училиштата треба многу сериозно да одбираат што им нудат на своите ученици. Не да се задоволи само формата. Не сè што се нарекува театарска претстава треба да се гледа. Не сè што се предлага, без претходно да се испита и да се добие опис, треба да им се понуди на учениците. Оти на крај на денот родителите ги плаќаат тие карти!

Општината треба од својот буџет да оддели средства со кои ќе ги покрие трошоците за карти на учениците од ранливите категории. Ќе овозможи секој да може да изгледа барем една (професионална) претстава годишно.

Училиштата можат средствата од панаѓурите да ги искористат за карти. Секако тие средства секогаш се наменски. Ете една идеја којашто колегите можат да ја земат предвид. Може да се предложи кога се оди на роденден, место подароци, да се оди на театар. Лани, во Скопје, заедно со моите деца бев да ја гледам прекрасната изведба на „Волшебната флејта“ од Детски драмски театар, и случајно бевме дел од роденден. Родителите одлучиле својот син да го слави роденденот в театар! Колку прекрасна идеја. Кога заврши претставата славеникот беше повикан на сцена и сите присутни му пеевме „Среќен роденден“!

Моите ученици беа многу среќни што имаа можност да бидат дел од овој Фестивал. Да додадат од волшебниот прав кој цела недела трепери во воздухот.

Останаа уште два дена. Утре „Книголандија“ и за крај Петко. Со нетрпение ги чекаме!!!

Има низа начини да се поддржат убавите работи! Треба само волја и љубов! А овој Фестивал дефинитивно ја заслужува таа љубов!!!

(Не)еднаков пристап во образованието – истражување од Сунаи Сабриоски

Врска до истражувањето: https://vidivaka.mk/istrazuvanja/pristap-obrazovanie/?fbclid=IwAR3BsvYxUiA1Kl-drZXQjAleeGTJmFNljG-Xva3c9dWX55sB-NSkCd61bN4

Извадок од истражувањето

Чинам беше јануари, 19. кога ми се јави Сунаи и разговараме за неговото истражување „(Не)еднаков пристап во образованието“. Бев пријатно изненадена што ми ја дава таа можност да се искажам по тоа прашање. Читајќи го истражувањето, согледувам дека ги опфатило сите предизвици со кои се соочуваме во овие две учебни години.

Пандемијата откри многу недостатоци. Пред сè го постави наставникот во позиција на ученик. Голем дел од нас почнавме од почеток. Навечер и во викендите сме ученици, а во текот на работната недела наставници. Предизвиците со учењето од далечина се безброј. Се стартува со импровизации, но полека се соземаме и се обидуваме во од да бидеме достојни на повикот.

               Се најдовме пред сосем нов начин на предавање, нови методи, нови алатки… поддршката доаѓаше, но времето за нејзиното применување е мало… овој шок тешко се надминува. Психичките последици допрва ќе дојдат…

               Родителите имаат несекојдневна можност да бидат дел од наставниот процес, што намерно, што нужно (поради условите во кои што се наоѓаат). Судовите доаѓаат веднаш, негодувања, споредувања, незадоволства… тоа прави уште поголем притисок кај наставникот.

               Во основа секоја новост е дочекана со недоверба. Потребно е време да се прифати…

               Оваа присилно забрзана дигитализација е нешто прекрасно што можеше да му се случи на образованието во Македонија. Добро обучените наставници, кои континуирано работат на себе создаваат нови дигитални ресурси и сосем различно поучување од она што го имавме предолго. Штом пандемијата заврши, сите тие ресурси, алатки, платформи ставени во функција ќе го постигнат она што сите го бараме веќе одамна: добро образование.

Извадок од статијата

               Сепак, она што се зборува во статијата е точно. Сите немаат исти можности. Имаме деца кои имаат своја соба со персонален компјутер со најнови перформанси, а има и деца кои живеат во многудетно семејство, со ниски примања, па дури немаат и струја… Така што за тие, ранливи категории целиот говор за убавината на дигитализацијата на образовниот процес паѓа во вода.

Учениците од ранливите категории најчесто следат настава преку мобилен телефон… тоа ја отежнува нивната вклученост во активностите. Особено ако наставникот ја владее платформата и вклучува алатки и задачи во кои треба да се пишува, да се додаваат работи… едноставно телефонот не е соодветен за пишување, есеј на пример…

Тука се и учениците со стари компјутери или со еден компјутер кој го делат сите во семејството… истовремени часови… слаб интернет поради вклученост на повеќе уреди…

Учењето од далечина им го скрати на учениците со ИОП она најмногу што им беше потребно: СОЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА. Наставникот е немоќен во реализација на основната цел за тие ученици.

Тежината во наставниот процес за тие ученици целосно падна на родителот. Наставникот може да испраќа дигитални материјали, но тие многу не можат да му помогнат… може само да ја смират совеста на посветениот наставник…

 И најнакрај, за недораснатоста за овој тип настава. Злоупотребувањата, препишувањата, дошепнувањата… без свесност дека се нема никаква корист од тоа. Наставникот е немоќен пред таа несериозност…

Мио активност со Сунаи Сабриоски. Учиме за новинарска статија

IX-1

На часовите по македонски јазик во вторникот и средата имавме драг гостин. Новинарот Сунаи Сабриоски. Причината за неговата посета беше наставната единица НОВИНАРСКА СТАТИЈА. Сабриоски е познат македонски новинар кој има зад себе оставено многу колумни, статии, истражувања и прилози. Исто така тој е добитник и на награди кои го потврдуваат квалитетот на неговата работа.

IX-2

               Нескромно ќе се пофалам дека Сунаи е мој драг пријател кој со еден збор се согласи да учествува во часовите. Тој многу професионално, избалансирано според возраста на децата, им објасни од што се состои новинарската статија и како може таа да се напише. Исто така во прилог ни ја остави неговата наградувана новинарска статија „Децата жртви на родителите и институциите: Прекинато образование заради стапување во брак“ низ која што учениците практично ги согледаа карактеристиките на новинарската статија.

IX-1

               Учениците имаа можност да видат и инспиративни видеа, дел од работата на Сунаи, а имаа и простор да постават прашања. Научија нешто повеќе и за новинарството, но и за самиот Сунаи.

Повикувањето на професионалец да зборува за одредена тема која што е негов фокус е полн погодок. Тоа ја разбива секојдневната динамика и ги активира учениците.

IX-4

               Исто така, особено важно за мене беше тоа што присуството на Сунаи неосетно разбиваше стереотипи за ромската заедница.

Токму со овие ученици на неколку наврати имам дискутирано низ наставниот процес на теми кои ја вклучуваат етничката заедница Роми. Застрашувачки е фактот дека таа етничка заедница од перспектива на ученикот Македонец, или можеби попрецизно, во случајов, прилепчанец, е сосем маргинализирана. Тоа се некои луѓе кои се некаде таму, сиромашни, прости… и низа други етикети кои функционирале низ годините… на само 10 минути од нашето училиште е населбата „Тризла“, училиштето „Добре Јованоски“, тие луѓе се многу блиску до нас, ама ние не сакаме да ги видиме. Голем дел од нив завршуваат средни училишта, факултети и се дел од оптествените текови. Но тоа некако не се гледа, се провлекува невидено. Токму поради ова сакав и се радував на гостувањето на Сунаи.

IX-3

Мио-активностите редовно се фокусирани со албанската заедница, што не е воопшто за критика. Потребно е за соживот и за запознавање, но ние во Прилеп треба да работиме на соживот со ромската заедница, таму треба да ни се фокусирани мио-активностите. Несправедливо долго оваа заедница е пресирана, стигматизирана и омаловажувана. Новите генерации само ги повторуваат фразите од своите дома, од она што го слушаат во опкружувањето… тоа мора да прекине… Локалната самоуправа треба да финиансира проекти во кои ќе се вклучуваат општинските училишта заедно со „Добре Јованоски“, ќе им се даде можност на учениците да се запознаат, да комуницираат… треба многу да се стори на овој план…

8 Март – Денот на мајката и учителката?!

Што е 8 Март? Ден на мајката??? Ден на подароци? Ден на чајанки? Ден на учителката? Што е?

Интернационалниот ден на жената, како што официјално се вика, е ден во кој се промовира РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ! Овој празник не е само за жената, туку е за сите нас!

Ќе зборувам од позиција на наставничка, бидејќи начинот на кој се празнува во голема мера ме вклучува од таа позиција.

Многу работи поминале низ образовниот процес. Свесни или несвесни ние знаеме да поддржуваме или да не се спротивставиме на многу невистини, лажни вредности и заблуди кои ги учат децата в училиште. Некогаш од немоќ, некогаш од страв, мислиме ќе помине, не се мешај, остави… но тоа наше неделување на долг план оневозможува напредок, остава истовило на генерациите, затупува…

На овој ден, како и на сите позначајни празници во моето училиште се чита реферат во кој се кажува како овој празник почнал да се празнува, но никој не го слуша тоа. Потоа се слушаат прекрасните гласови на учениците, најчесто од одделенска настава, од кои произлегуваат безброј љубовни стихови за мајката и учителката. Се полни канцеларијата со подароци. Наставничките се затрупани со честитки и среќни мали главчиња кои скокаат како зајачиња, се радуваат што подаруваат… Паралелно на тие детски радости, редовно на овој празник се читаат и се слушаат низа обвинувања:

„Блазеси му на учителкине, за нив е денов“; „Леле види ја, можи цвеќарница да отвори“; „Тешко на родители, сите пари си ги дадоа“; „Колкав ваучер доби овој пат“; „Не знае колку чанти има“…

И што е најстрашно од сè, овие муабети често се искажани пред децата…

Една година, како одделенски раководител, забранив да ми купуваат подарок. Одржав работилница за родова еднаквост и зборував за значењето на празникот. Учениците инсистираа да ми подарат нешто. Допуштив букет со цвеќе. Добив низа критики и од нив и од родителите: „Сакаат децата, им значи, зошто им ја одземаш радоста?“ Во ред, убаво е да подаруваш. Убаво е да правиш некого среќен. Јас сакам подароци – има некој што не сака? Ама која е смислата на обетките, ваучерот, ташната? Што покажува тоа? Тоа внимание каде води? Што им останува на децата в глава за овој ден? Дека треба да се купи некој подарок, ден за подароци?

Смислата на празникот е нешто многу посилно. Вистинското значење на празникот кај нив ќе предизвика промена. Ако доаѓаат од семејство каде што мајката е таа што ги врши сите домашни работи, што е пресирана, па можеби и физички малтретирана, ќе научат дека тоа е погрешно. Ќе научат дека нема женска работа и дека тоа некој во минатото го платил со својот живот.

Кога прв пат со учениците зборував за празникот сфатив дека не знаат зошто се празнува. Тоа им е ден на мајката и на учителката. Ете баш така, тоа е соодветниот назив на празникот кој кај нас се слави: ДЕН НА МАЈКАТА И УЧИТЕЛКАТА. На овој ден мајките добиваат подарок: тенџере, ѓезве, чанта, обетки, можеби и парфем… а учителката, ааа таа добива ваучер. Мајките на учениците губат скапоцено време организирајќи се преку вибер групи, месинџери: ова да биде – она да биде… и на крај учителката е виновникот. Таа, што си изнасобра куп подароци, како не ѝ е срам…

Зошто треба да се прекине со подарување подароци на учителката за 8 Март? Затоа што тоа е сквернавење и потценување на празникот. Тоа е ден на кој се потсетуваат сите за борбата која секојдневно се води за родова еднаквост. Тој ден треба да се искористи и да се сензибилизира, да се поучува, да се зборува со учениците. Детето да реагира дома кога неговиот татко нема да се вклучува во домашните работи. Уште од мала возраст да учи како да се грижи за домот, за другите, за себе: без разлика дали е момче или девојче. Јас имав ситуации на час кога учениците мислеа дека лажам споделувајќи им дека домашните обврски ги делиме со сопругот и дека немаме машки и женски обврски, едноставно кој како може и како стигнува. Не им се веруваше дека е тоа можно! Замислете во 21 век, во време кога бар на хартија сме далеку од патријархатот… и истите тие ученици подаруваа скапи подароци за 8 Март. Која е смислата на сето тоа?

Сум видела, особено учениците во одделенска настава, колку се среќни и возбудени. Па се подготвуваат, прават изненадувања, зрачат во лицата. Тоа е многу убаво да се гледа, но што празнуваат? За што го даваат тој подарок? Не знаат… Тука е грешката!!!

               Подарувањето е убава работа. Да се учат учениците да подаруваат е прекрасно. Но Тоа може да се направи на друг ден, може и да е обичен ден. Да се покаже благодарност, да се покаже дека некого сакате… да биде искрено, не наместено и изнудено…

За жал има жени кои само на овој ден добиваат некакво внимание. Затоа им е значаен денот да се празнува баш така… за жал има жени кои само тогаш или многу ретко излегуваат со своите пријателки на прослави… токму за нив, за нив треба да се знае што точно се празнува! Има мајки кои не излегле од кујна со години, кои одамна не се почувствувале женствено нити чуле некој комплимент за себе. Зар цвеќето или марамата ќе им го потполни празнилото?

Треба да се менува овој свет, а младите се тие кои ќе го направат тоа. Треба да им се каже, тие брзо учат и ги согледуваат работите! Родовата еднаквост е она кон што треба да се стремиме!

Соодветното славење на празникот може да ни донесе подобра иднина!

За крај, врска од една наша прекрасна активност, на мојата мила Драмска секција: ДА ЈА ПРЕДИЗВИКАМЕ ЕДНАКВОСТА!

Прирачник по граматика за 6 одделение

На моја голема радост, Прирачникот по граматика за шесто одделение од проф. д-р Симон Саздов е излезен во печат. Издавачката куќа „Просветно дело“ ќе издаде уште три вакви прирачници соодветни за останатите одделенија (седмо, осмо и деветто).

Ја имав таа привилегија и чест да бидам рецензентка на четирите извонредни дела. Зборувам со многу емоции, не само поради честа, туку и поради растечкиот процес низ кој поминав додека ги читав.

Веќе 10 годни во настава, би требало човек да се чувствува комотно и сигурно во наставниот материјал што го предава, нели? Но кога човек сака да напредува и навлегува подлабоко, често знае да се преиспита себе си. Верувам дека дел од нас, наставниците го делат тоа чувство.

Понекогаш низ предавањето ќе се појави некоја умна глава која ќе те поттикне со некое прашање, ќе те размрда… и тогаш следува процесот на потрага по одговорот. Е во тие ситуации или во процесот на креирање час Прирачникот е соодветна литература. Убаво избрана, прилагодена за возраста на учениците, а и соодветна за дилемите на наставникот.

Факт е дека учебниците што ги користиме се лоши, со грешки, со не доволно јасни содржини. Не се поткрепа на која треба да се потпреме. За среќа со пандемијата се изменија работите, па пополека стануваме сами креатори на материјалите од кои што ќе учат нашите ученици. Во целиот тој процес, комуникацијата со литература која е произлезена од универзитетски професор, од оној од кој сте научиле многу за јазикот, е навистина она што ни е потребно. Во таа насока, Прирачниците по граматика за 6, 7, 8 и 9 одделение се токму тоа.

Имајќи ја привилегијата да ги прочитам уште пред да излезат, се радувам на она што ќе го овозможат кај наставниците. Читајќи, најдов кај себе грешки, недоречености, пренесени наставни единици на потежок начин… Се анализирав и сфатив дека „граматичките финти“ како што јас си ги нарекувам со моите ученици, кои што се претставени во прирачниците се едноставни, лесно сфатливи и податни за работа. Токму тоа го охрабрува наставникот, го прави посигурен почетникот. Ете затоа се многу корисни.

Вежбите пак се прецизно и многу досетливо избрани, токму да те замислат, да те подготват да го совладаш материјалот. Ги решавам една по една и со секоја нова вежба се восхитувам. И од самите вежби се гледа авторовото одлично познавање на јазикот.

Благодарам професоре, за грижата кон напредокот на своите студенти коишто завршиле со студиите и сакаат да бидат на нивото на задачата! Вашето дело е великодушно и неизмерно грижливо!

Драги колеги, топло ги препорачувам. Содржините се вистинска поддршка за наставникот, создаваат сигурност и стручност во наставниот процес. ТРЕБА ДА ГИ ИМА СЕКОЈ НАСТАВНИК!!

Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Мајчиниот јазик е јазикот кој си го научил прв, јазикот на кој наједноставно се изразуваш, јазикот на кој што зборуваш кога си полн со емоции…

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик почнува да се празнува во 1999 година. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеж во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик.

Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети за грижата за својот јазик, но и да ни укаже за присуството на други јазици и на нашата должност тие да ги почитуваме и да ја промовираме лингвистичката разновидност и повеќејазичност низ светот.

Основната функција на јазикот е општењето меѓу луѓето во една човекова заедница.

Секоја култура има јазичен систем кој овозможува меѓусебно комуницирање помеѓу луѓето. Јазикот ги отелотворува вредностите и значењето на самата култура. Го означува човековиот културен идентитет.

Тој има големо влијание врз нашата перцепција и како ние се изразуваме за она што го гледаме. Оттука јазикот, како основно средство за комуникација е дефинирачка карактеристика на една одредена културна популација. Заедничкиот јазик не е само знак за општествени идентитет, туку е и означувач на заедничка историја, обичаи, верувања и вредности.

Јазикот е од една страна едноставно, а од друга страна сложено средство за комуникација. Едноставноста ја поврзуваме со способноста за секојдневно комуницирање со средината во која живееме, а сложеноста пак со познавањето на јазичните законитости. Некои од нив ги стекнуваме спонтано, додека за некои треба да се потрудиме да ги совладаме.

Да го негуваме нашиот јазик со тоа што ќе го научиме!

Сакајќи си го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици.

СЕКОЈ ЈАЗИК Е НЕЧИЈ МАЈЧИН ЈАЗИК!

Како да се подобри јазичната писменост кај учениците од основните училишта?

Како наставничка по македонски јазик, која веќе брои девет години работно искуство, тринаесет години од дипломирање и три години од магистрирање (цело споменато образование во рамките на македонистиката), можам да се обидам и да направам една анализа на јазичната писменост кај учениците во основното образование.

Секако, колегите со подолг работен стаж сигурно можат многу подобро да проанализираат, но и да се согласат со она што ќе го наведам подолу. Верувам дека голем дел од нив го имаат увидено сето долуспоменато. Некои можеби и се обиделе да го променат и изморени од немањето слух… од борбата со ветерници, се откажале.

Имено, она со што се соочуваме секојдневно, а што со секоја година станува сѐ почесто и поочигледно е континуираното намалување на јазичната писменоста кај учениците. Дека проблемот е едностран, дека зависи само од една работа – наивно е да веруваме. Факт е дека е комплексен и во него се испреплетени многу фактори кои влијаат на лошата состојба за која што зборуваме:

  1. Наставната програма:

Бирото за развој на образованието предлага 144 – те часови што ги имаме на располагање да се поделат на подрачјата: 50 часа Литература, 50 часа Јазик, 10 часа Медиумска култура и 34 часа Изразување и творење. Горе-долу, барем колку сум јас информирана, оваа поделба ја следат сите наставници.

Моето мислење е дека оваа поделба е несоодветна за денешното време. Часовите по Медиумска култура треба да се зголемат. Учениците се постојано врзани со медиумите. Треба да се описменат медиумски. Имаме низа животни приказни во кои многумина пострадале поради интернет злоупотреби. Имаме ученици кои детските денови ги поминуваат на паметните телефони, а не знаат уредот да го користат за да научат нешто повеќе. Интернетот нуди многу олеснувања за совладување на наставниот материјал по сите предмети, ама денешните деца не знаат да го искористат. Треба да им се покаже. Да се насочат. Постојат безброј апликации, портали, страници, видеа… кои пластично, визуелно – онака како што нивните мозочиња сакаат и се навикнати, можат да им овозможат да воспримат нови информации. Децата треба да гледаат филмови, цртани. Да посетуваат (па нека е тоа и гледано на интернет) театарски престави… да ги користат пребарувачите за да реализираат проект даден од наставникот/чката, да креираат свои блогови и да ги ставаат изработките, да сакаат да се пофалат на социјалните мрежи со видеа што ги сработиле за потребите на часот, а не со селфиња и празни муабети… На пример: учат за документарен филм: да направат документарен филм. Проект во кој ќе им се даде конкретен проблем; чекори како да истражуваат за него; насоки како да го снимат тоа; која програма да ја искористат, кои алатки… како да го спакуваат и на крај да го објават на интернет. Тие со тоа научиле многу, а создале и ресурс за идните генерации… Но тоа да се направи потребни се најмалку десет часа (да потсетам, толкав е фондот на целото подрачје Медиумска култура), плус менторирање на групите ученици (што е поприлично предизвикувачки)…

Подрачјето Изразување и творење е само 34 часа. Денешните деца, едвај писмени… тешко се изразуваат, уште потешко творат… Особено што секое второ дете посетува логопед и подоцна проговорува. Таа состојба во понатамошниот развој влијае и со помал фонд на зборови, тешкотии при изразувањето… Денес во училница има ученици кои знаат многу работи, но немаат фонд на зборови, речникот им е мал, па не можат да се изразат… зборуваат дијалектно, немаат свесност за грешките што ги прават, повторуваат исти зборови, се заплеткуваат, звучат страшно!

Сето тоа може да се поправи со читање, раскажување, предизвикување на младиот дух да твори и да фантазира. Ова подрачје треба да е многу позастапено. Исполнето со работилници за креативно пишување, со драматизации во кои учениците ќе се вложат креативно, со свои дијалози и монолози. Часови во кои ќе зборуваат на теми кои ги интересираат, а наставникот ќе ги коригира…

Во таа насока, имањето пет часови во неделата по македонски јазик сметам дека е повеќе од неопходно. Или намалување на наставните едници од граматика. На пример: зависносложени реченици. Што ќе му е од корист на ученикот да ги изрецитира насловите на зависносложените реченици, наизуст да ги научи сврзниците и да ги заборави по две недели. Во деветто одделение се учат девет типа на зависносложени реченици. Тоа се девет часа предавање уште толку вежби или вкупно 18 часа, вклучувајќи тука и контролна за нив, подготовка за контролна… значи два месеци учениците ги учат и не ги научуваат. Во тие два месеци може да се работи на зголемување на речникот, на работилници за творење… да се анализира некое дело… да се зголеми бројот на лектири… Моето искуство покажува дека 1% од учениците ги запомниле некои од сврзниците и знаат да ги кажат имињата на речениците. Само еден или два ученици ги препознаваат во текст, тоа се најчесто учениците со кои одам на натпревар, останатите се сеќаваат само дека тоа беа најдосадните часови од кои не научил ништо…

  1. Наставните форми, методи и техники

Фронталната настава е нешто што носи најмалку резултати и време е да ја заборавиме… едноставно денешните деца се различни од нас, од постарите генерации кои можеа да издржат со часови да следат… или барем го имаа трпението да молчат и да слушаат цел час. Денес децата немаат проблем да кажат дека им е досадно, не успеваат да доседат в клупа, часот не функционира… концентрацијата е мала, трпението им е на ниско ниво. Ја немаат свесноста за важноста на предавањето… Едноставно методите  и формите ни се застарени. Секоја чест на низа колеги кои се трудат, прават чуда на часовите. Од ништо прават нешто… но сепак, реалноста е дека поголем дел од колегите се наоѓаат во тешка позиција. Дел од нив се одлични наставници, наставниот материјал им е одлично совладан, но не можат да одолеат на предизвикот кој се вика „незаитересиран ученик“. Се сеќавам една драга и почитувана колешка, која што сега е во пензија, еднаш рече: „На што личи ова, се претворивме во кловнови.“ И навистина, на прв поглед тоа така изгледа, бидејќи борба се води во училница да им се задржи вниманието, да научат нешто… отсекаде бомбардираат: „низ игра да се учи, низ игра…“. Да, тоа е многу едноставно да се каже… и навистина е изводливо, ама потребна е огромна подготвеност на наставникот/чката. Ресурси, електронски помагала, поддршка од колеги, служба, директор…

Конкретно, за јазичната писменост, но и за која и да било наставна материја, потребна е анализа на одделението, да се направи студија на случај. Да се увиди нивото на писменост, потоа тоа да се анализира. Со стручната службата да се увидат резултатите и на јазичниот актив да се направи стратегија. Врз основа на тоа да се предложат форми, методи и техники за работа. И верувајте, сето ова звучи изводливо, ама не е! Бидејќи, пред сЕ стручната служба, а потоа и наставниците се обременети со тони администрација. Условите во кои работат се на незадоволително ниво. Ретко кој има своја канцеларија, кабинет, за да седни да работи. Сите анализи, тестови, аналитички листи… ги правиме дома, надвор од работно време… изоставајќи ги купиштата семејни обврски… и во сета таа неорганизираност, напнатост, немање сатисфакција, слаба платеност на трудот… наставниците одлучуваат да ги реализираат базичните обврски: „Колку пари-толку музика“. Тоа не ги прави неработници, бидејќи не се неработници. Ја реализирале наставната програма, направиле тестови, оцениле… Сѐ е според барањата, но нивниот капацитет, потенцијалот на голем број деца… останал неискористен… а нивото на писменост… опаѓа…

3.Спремноста на наставникот/чката

Гласините за лош наставник во минатото важеа за наставник кој ги тепа учениците, им бара премногу да читаат, да знаат граматика… денес тој „епитет“ ги краси колегите кои не си го знаат материјалот. За жал, тоа е присутно сѐ повеќе и повеќе. Паѓањето на квалитетот на образованието, конкретно зборувам на Филолошкиот и Педагошкиот факултет е една од причините. Пуштање на неписмени студенти да полагаат испити, „штанцање“ магистерски… доведе до кадар кој не ја познава материјата доволно. Партизацијата, партиските вработувања го зациментираа тоа незнаење. И човек ќе рече, ништо страшно, не може да се знае сѐ. И јас самата имам потешкотии со одредени делови од материјалот, уште учам… доучувам… повторувам… се консултирам, не се срамам од тоа… но она на што погоре зборувам е немањето желба да се совлада несовладаното. И тоа оди така до бескрај, бидејќи нема никој што ќе застане и ќе опомени, ќе едуцира, ќе советува, ќе насочи, ако е нужно и ќе казни, ќе суспендира ако треба!

Факт е дека има наставници на кои им е застанат сатот, не се замараат со ништо. Си го предаваат она што им е во пожолтеното тетраче… и тоа е тоа… Монотонијата, досадните часови ги прави и нивните животи досадни. Тие се мрготни, децата не ги сакаат – негативната енергија се шири наоколу. Има колеги кои не сакаат да доаѓаат на работа, им одмилело да влезат в училница.

Кога ќе им се даде можност или во полош случај ќе им се наметне да увидат дека промените можат да ја сменат атмосферата в училница и нивите состојби ќе се подобрат. Убавите часови ги прават учениците поуспешни, позадоволни, а со тоа и наставниците ќе се чувствуваат подобри, посреќни.

Лиценцата за работа не мора да е трајна. Нека се обновува од време на време. Нека се оценуваат наставниците (но не со циркузот наречен интегрална евалуација! Ве молам… пониско и понижувачки во живот не сум се чувствувала. На час ми доаѓа економист и ми ги брои ливчињата кои сум ги приложила, штиклира во формулар и така ме оценува… ве молам!) Нека се назначат повеќе советници за образование, или од поискусните колеги нека ротираат, нека доаѓаат на часови. Да гледаат како се работи, да советуваат, да се дискутира… од тоа нека произлезе оцена…

 Иако, искуствено, можам да кажам дека иако има низа пропусти во едукацијата на наставниците, тоа може да се поправи, само треба да се има волја. Самите ние, низ заедници за учење, со поддршка, искреност и волја за работа можеме да ги поправиме работите.

Што се однесува пак до обуките, нека бидат полезни. Доста се заработува, се навредува нашата интелигенција. Стои некој и „млати празна слама“, врти слајдови, а ние седиме и чекаме диплома… Доста ни е од хартивчиња со благодарници, дипломи, сертификати… еден куп стојат… може човек да се грее цела зима со нив. Потребна е квалитетна поддршка, меѓусебна, но и институционална.

  1. Вклученоста на родителите во образувањето на ученикот

Времето во кое што живееме не им дозволува на родителите да поминуваат многу време со нивните деца. А дури и да го имаат, тие го трошат во развозувања на англиски, спорт, музичко… на спремање по математика… Во сите тие трчаници, самите родители не читаат. Нивните деца немаат во своите домови книги. Нема читачка култура. Децата тоа го гледаат, ги стекнуваат истите навики. Зјапаат во телефоните, книгата им е страна, бескорисна, тешка…

Оние пак родители кои со крајни сили се обидуваат да ја поправат работата, почнуваат да читаат, но не за себе, туку за децата. Им ги читаат на глас лектирите, им ги раскажуваат… им го џвакаат лебот и право в уста им го ставаат. Тоа не е помагање… тоа е целосно онеспособување на ученикот да учи…

Таа невклученост само ја „храни“ состојбата на паѓање на писменоста кај учениците. Денес некои семејства не стигнуваат заедно да седнат на маса, да ручаат и да разговараат… изумираат попладневните прошетки, седенки на тераса и разговарање за книгата што се прочитала… навечер уморни од денот, не стигнуваат да прочитаат приказна за добра ноќ…

А има опции, еден куп… додека го возиш детето на училиште, додека ручате, се шетате. Кога се јавуваш да праша дали јадело… потпрашај го: А таа Хајди, кога беше во планината, што сакаше најмногу да јаде? Лисецот зошто е фантастичен?… Или подготви му игра, загатки кои треба да ги одгатнува и така да добие нешто што сака… На таблет пребарај илустрации од лектирата која треба да ја работат наскоро. Покажи му ги, нека се замисли што сака ислустрацијата да ни каже, нека му се јави желба да ја прочита книгата…

Зошто е важна јазичната писменост?

Денешните ученици треба да ги подготвиме да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Што дека ќе знае еден куп информации кои со еден клик ќе ги најди на интернет – а не знае да се изразува? Што дека ќе изрецитира дефиниции за именки, глаголи, за директен предмети… а не стекнал навики за читање, не знае да пишува соодветно на правописните правила… не го користи стандардниот јазик?

Она што треба да го совладаат како вештина е правилното користење на стандарниот јазик. Да се изразуваат со богат речник, да знаат на напишат текст на која било тема. Да бидат јасни, кратки, темелни. Да ги препознаат и соодветно да ги користат функционалните стилови. Така ќе можат да се вработат побрзо, ќе поминат лесно на интервју и нема да бараат готови мотивациски писма.

Денешните наставници се пред голем предизвик. Се борат со заостанати, неревидирани или лошо ревидирани програми… лоши и несоодветни учебници, часовите се досадни, се брза да се сработи наставната програма, целите горе-долу да се остварат… од училница учениците излегуваат изморени, наставникот исфрустриран… тука се и родителите, кои не се сојузници како порано…

Проблемот е голем, решение има! Само треба да се започне од некаде. Еве, јас од мојата училница почнувам, следете ме!!!

Филмска-проекција „Лола на зрно грашок“

Уште сум под импресии од прекрасниот германски филм „Лола на зрно грашкок“ (http://www.vip-agazin.deFilme_Kino_DVDsKinofilme_DVDs_LLola_auf_der_Erbse.html) кој ми отвори многу прашања и ме замисли за многу работи…

Пред сЕ прекрасно филмче кое покажува дека треба да им се даде поголема шанса на европските филмови. Холивуд нЕ нападна жестоко, навикнати сме на брзи кадри, високи продукции, што не е лошо, но европските филмови ја имаат онаа нежност, едноставност и висок уметнички дострел… уживав додека го гледав… браво, секоја чест за режисерот Thomas Heinemann.

Еве го трејлерот:

Во комуникација со колегите, заеднички заклучувме дека филмот е многу податлив и за настава.Отвара дискусии за разведените бракови, за животот и предизвиците на самохраните родители, децата кои се сведоци на нови семејства, но и тука е и темата за другата култура, за различните од нас, за тешкотиите со кои се соочуваат другите… зависливоста на „силниот“ и сл.

Со еден збор, гледајте го!!! Прекрасен е!