Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Ако разговараш со некој на јазикот што го знае, ќе допреш до неговиот ум. Ако зборуваш со некој на неговиот јазик, ќе допреш до неговото срце.

-Нелсон Мандела-

Мајчиниот јазик е јазикот кој си го научил прв, јазикот на кој наједноставно се изразуваш, јазикот на кој што зборуваш кога си полн со емоции…

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик почнува да се празнува во 1999 година. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеж во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик.

Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети за грижата за својот јазик, но и да ни укаже за присуството на други јазици и на нашата должност тие да ги почитуваме и да ја промовираме лингвистичката разновидност и повеќејазичност низ светот.

Секоја култура има јазичен систем кој овозможува меѓусебно комуницирање помеѓу луѓето. Јазикот ги отелотворува вредностите и значењето на самата култура. Го означува човековиот културен идентитет.

Тој има големо влијание врз нашата перцепција и како ние се изразуваме за она што го гледаме. Оттука јазикот, како основно средство за комуникација е дефинирачка карактеристика на една одредена културна популација. Заедничкиот јазик не е само знак за општествени идентитет, туку е и означувач на заедничка историја, обичаи, верувања и вредности.

Затоа денес моите ученици од додатната настава поделија пораки во сите училници и канцеларии во училиштетот. Им прочитаа на учениците за значењето на Денот, со надеж дека пораките што ги направија ќе допрат до нивните срца.

        Да го негуваме нашиот јазик со тоа што ќе го научиме!

Сакајќи си го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици.

СЕКОЈ ЈАЗИК Е НЕЧИЈ МАЈЧИН ЈАЗИК!

Вежби за прирок – пантомима

Пантомимата започна

Синтакса… прирок… кога ќе сфатат дека глаголот не е прирок 😊 е тогаш работите се комплицираат. Па кога поминале два часа во објаснување за глаголски и глаголско-именски прирок и сега треба да се работат вежби… уф… знае да биде гоолем предизвик.

Како ние го направивме часот интересен?

Ни се смачи од маските, па решивме да одиме надвор. Во училишниот двор. Секој ученик носеше дополнителен учебник 😊 на кој можеше да седи, тетратка и пенкало.

Во круг заеднички повторивме за главни реченични членови, која е функцијата на прирокот, како можеме да го препознаеме во реченица и какви видови прирок има.

Погодување…

Откако се доби впечаток дека знаеме по нешто, почнаа активностите:

Учениците се делат во пет групи (поделбата е 1,2,3,4,5 – се именуваат со броеви како што седат во круг. Оваа поделба може да биде и покреативна, на пример да се направат листови со животни и учениците да влечат. Штом им се даде знак, почнуваат да го имитираат звукот на животното што го извлекле и така според звукот се групираат во група).

Групите си заземаат позиции и почнува ПАНТОМИМАТА.

Првата пантомима е: погоди што правам? (ученикот стои пред групата и прави некакво движење, учениците треба да го погодат дејството. Штом го знаат, ученикот им кажува: прост или сложен. Тие треба да напишат реченица во која ќе имаат прост глаголски прирок или сложен глаголски прирок)

Пр: Сара прави движења дека ТРЧА. Ученците запишуваат: Сара трча. Или запишуваат: Сара почна да трча.

Така играат додека не помине два пати секој од учениците во групата.

Втората пантомима е: која професија сум? (ученикот прави движења кои се карактеристични за професијата која треба да се погоди, аучениците откако ќе погодат запишуваат.

Пр: Таа е наставничка. Тој е доктор, Таа е гимнастичарка или Таа треба да биде наставничка, Таа почнува да станува многу добра гимнастичарка и сл., и добиваат глаголско-именски прироци.

Потоа речениците се читаат во групата и се потенцираат прироците.

Лектира „Бојан“ – Глигор Поповски

Романот „Бојан“ одново ме изненади со можностите за работа и со прекрасната нарација која се нижи така убаво и ведро, како пролетното ветре на Орелска Чука.

Бидејќи сум свесна дека станува сЕ потешко да се мотивираат денешните генерации да читаат и дека часовите за лектира стануваат досадни и монотони… анализата веќе е надмината… кратка содржина ликови… тема, идеја… препишување од претходните генерации… ништо прочитано, ништо сработено од срце… онака како што им доликува на едни вакви прекрасни нарации…

Затоа го променив начинот на работа. Класичниот пристап веќе одамна надминат јасно не функционира, па затоа се решив на тактика: Активности.

Еве како ние ја работевме „Бојан“

  1. Биографијата на авторот е неизбежна. Кратка дискусија и кој е човекот, поврзување со веќе сработени дела од него, како „Сказна за Вилен“, посочување други книги кои некои од умните главчиња ќе ги заскокотка и можеби ќе ги земат од библиотека.
  • Наброј ги топонимите спомнати во книгата.

Ако читале внимателно, тогаш ќе се присетат барем на пет: Селиште, Гогов Валог, Штип, Струмица, Велков гроб, врв Чукарот, Рамни Ливади, Грамадна, на север Осоговски Планини, превалец Гола глава, Трештени буки, Орелска Чука  далечни планини: Пирин, Рила на север, Беласица, Кочани, Велков гроб…

  • Отпечатена мала нема карта на Македонија: Да се најде планината каде што е дејството на романот, да се нацрта.

Авторот намерно не одбрал постоечки локации, иако дејството е веројатно дека се случило на Малешевските Планини или можеби на Плачковица, но детската фантазија, истражувањето и предзнаењето од географија можат да бидат предизвик.

  • Наброј ги обврските на Бојан додека бил сам во колибата, спореди ги со твоите

Тука може да се отвори дискусија за сериозноста на неговите обврски. Да се повикаат учениците на одговорност и на будење на свесноста дека можат многу повеќе да направат на нивна возраст.

  • Нацртај ја плевната, колибата и наброј кои животни беа таму:

Оваа активност може да биде забавна за оние што сакаат да цртаат, останатите може само да ги набројат, може да залепат или да ги нацртаат онака како што сакаат.

А имаат да цртаат:  две кучиња: Караман и Стрела, три крави, едно јуне, две јуници и два вола. 30 овци, срната Кротка.

  • Кој е твојот Јурук? Нацртај го.

Трупецот кој го одржа Бојан во живот. Кој ја стабилизираше неговата психичка состојба.

Учениците тука го цртаат своето оружје за смирување. Како се снајдуваат во стресни ситуации? Што прават за да се смират, да се соберат.

  • На кои работи во книгата не добивме одговор: да шпекулираме со факти:

Се листаа прашања за кои во текстот не добивме одговор, па си ги одговараме онакак како што сакаме.

Пр: Колку дена беше таму? Што рече мајка му: децата на училиште? Учителот? Кој друг бил дел од семејството на Бојан?

  • Учиме нови работи:

Препиши еден поим или нешто што научи од книгата а не си го знаел претходно:

пр: ЛЕТИЦА – посебен вид планински рж што се сее на пролет.

Поскок џиркалец – џирка

И секако најважните активности:

  • Дискусии:
  • трансформацијата на шумарот во очите на Бојан (како еден јак, силен, голем, моќен човек, вози џип… му се тресат рацете, трепери, бара помош, не може да се носи со смртта на двете овчарчиња, ниту со соочувањето со семејствата)
  • Дали и ти би живеел на планина?
  • Дали Елена и Бојан беа зрели за љубов?
  • Зошто качувањето на Орелска Чука беше многу важно за Бојан?
  • Како влијаеше минатото на Бојан?…
  1. Извадоци од романот може да се поврзат со материјалот од граматика. Еден мал извадок од него може да биде текст од кој учениците ќе најдат предлози и ќе определат кое е нивото значење во реченицата.

Волшебен е светот на „Бојан“

Може да нè научи на многу работи!!!