Филмски играчки

20170125_090751

На часовите по македонски јазик за седмо одделение, предвидени за МЕДИУМСКА КУЛТУРА, поточно за Анимиран филм, учениците правеа повеќе активности кои им помогнаа на интересен начин да ја совладаат предвидената материја.

Еве дел од активностите, слободно користете ги и правете ги на вашите часови, или со вашите другарчиња:

  • Гледање на првиот анимиран македонски филм „Embrio No. M“ од Петар Глигоровски (1971)
    Виде кое покажува различни типови на анимација:
  • Кратки анимирани филмови од Пиксар кои ги има на овој линк: https://www.youtube.com/watch?v=eBqhKEzcw0w
  • Учениците твореа и цртаа стрипови во групи, кои подоцна ги презентираа пред класот
  • Но, најинтересниот дел од овие часови беше правењето филмски играчки. Учениците правеа тауматроп. Неговата подготовка е едноставна, потребни се: ножици, картон, хартија, боички, лепило и конец или стапче.Еве како може да се направи: https://www.youtube.com/watch?v=dlUggq_uvy
  • Ако на учениците не им оди цртањето, можете да им испечатите листови со готови цртежи:

  • Но учениците можат да се направат и други филмски играчки или да им се даде за домашна работа:

Матноскоп (flip book animation) е всушност тетратка (тефтерче) во која на средина на листовите се нацртани фигури во разни ситуации и при брзо вртење со палецот се добива впечаток дека фигурите се движат:

Зo(у)отроп, или колце на животот, всушност е цилиндер направен од картон; на внатрешната страна се цртаат  сликички (на пример, раце во разни ситуации: кренати, спуштени, полукренати, мавтаат и сл.) од надворешната страна се сечат вертикални отвори; при движењето се добива впечаток дека сликите се движат:

  • Или пинакистоскоп (во однос на имињата, не сум сигурна дали баш вака се викаат кај нас, можеби со некое идно истражување и тоа ќе го објавам 🙂

 

ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИ – Претставување на проектот и презентирање на наставниците техники за работа на часови со имплементација на МИО

IMG_5042.JPG

Активностите на тимот за поддршка на МИО имплементацијата во училиштата започнаа. Денес (13.1.2017) во ООУ „Климент Охридски“ одржа кратка обука на заинтересираните наставници поврзана со техники кои можат да се користат на МИО – часови. Оваа обука е дел од обврските кои наставниците учесници на проектот „Поддршка на процесот на итегрирано образование во училиштата“ треба да ја спроведат.

img_5045

Тренерскиот тим: Дарко Јовески (наставник по англиски јазик), Моника Богданоска (наставничка по математика) и јас – Јулијана Талеска (наставничка по македонски јазик) пред колегите претставивме неколку техники: барометар, аквариум, цртачка битка… и игрици за размрдување.

Присутните наставници беа задоволни од прикажаното. Заедно со нас, искуствено се запознаа со техниките и размислуваа за нивна примена на часовите. Дел од нив сподели со групата како планира да ги искористат и тоа уште повеќе ја направи корисна оваа средба.

Овој тип на средби е многу важен за напредокот и соработката меѓу наставниците. Сите едногласно го потврдивме тоа и решивме повторно да се собереме и да споделиме некои нови искуства стекнати од обуките на кои што учествуваме.

Азбука на мирот

Во рамките на проектот „Поддршка на процесот на интегрираното образование во училиштата“, стекнувајќи се со нови техники за работа на час, искористив една, така наречена: АЗБУКА НА МИРОТ. Активноста ја спроведив со учениците од деветто одделение, во рамките на наставната едница: Симбол. Часот беше МИО – самостојна активност.

Активноста освен што ги научи учениците како може да се создаде стилската фигура симбол, ги растреси нивните предрасуди и стереотипи на етничка и религиска основа. Дел од нив си ги потврдија, дел ги зацврснаа, но добар дел размислија и дискутираа отворено анализирајќи од каде тие доаѓаат.

ВОВЕДЕН ДЕЛ

Учениците добиваат наставен лист на кој има нацртано една линија и на едната страна стои МИР на другата стои војна. Наставничката ја кажува азбуката, учениците имаат задача на секоја буква што ќе ја слушнат да се присетат на еден поим, предмет, животно, човек… прв што ќе им дојде на ум и да го запишат, но го запишуваат онаму каде што мислат дека повеќе одговара: во делот војна или во делот мир.

%d0%b0%d0%b7%d0%b1%d1%83%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%b8%d1%80%d0%be%d1%82

ГЛАВЕН ДЕЛ

Ги читаат зборовите. Наставничката поставува прашање: Кои зборови ги има повеќе? Тие во мир или во војна? Зошто? Додека ги читаат зборовите фаќа белешки за конкретни зборови кои можат да овозможат да се отвори дискусија која ќе помогне да се реализираат МИО – целите. Ако никој од учениците нема такви зборови, ја продолжува активноста со тоа што таа кажува зборови, а учениците треба да ги запишат во војна или во мир. Зборовите се: АЛБАНЦИ, РОМИ, ЏАМИЈА, ТЕРОРИСТИ, НАВИВАЧИ, АЛБАНИЈА, ЖЕНА, БУЛА, БОМБА… и сл. и потоа започнува дискусија.

Откако ќе заврши дискусијата на учениците им објаснува дека дадените зборови кои им асоцираа на војна или мир стануваат симболи на војна и мир, односно им ја објаснува стилската фигура симбол.

Учениците ја запишуваат дефиницијата, пишуваат примери и се поставуваат прашања ако не им е јасно.

ЗАВРШЕН ДЕЛ

Еден ученик излегува на табла и кажува некој збор, друг треба да погоди тој збор што симболизира (пр. Крст, лисица, зајак…), ако погоди го зазема неговото место и така продолжува до крајот на часот.