Втора и трета фаза од проектот „Поддршка на интегрираното образование“

img_4182

Во рамките на проектот „Поддршка на интегрираното образование“ спроведен од „Мировна акција“ – Прилеп, Тетово  и Центар за мировно образование – Загреб, се одржаа уште две средби со наставниците.

Имено на 27 септември беше втората средба на која наставниците се стекаа со методи и техники потребни за подобрување на наставниот процес и особено важни за развивање на МИО вештини кај учениците.

Оваа средба, но и претходната беше многу умешно замислена: имено, сите техники и методи, заедно со игри кои децата многу ги сакаат, ги правиме сите ние како група. Па нема да сокриеме дека многу уживавме „играјќи се“.

img_4412

Тимот од проектот, со целосна поддршка на она што го направи, и уште го прави проектот за меѓуетничко образование, финансиран од УСАИД, ја продолжува и продлабочува нивната работа.

Овој втор дел ги зајакна наставниците и им даде појасни насоки како и зошто е потребно да се спроведат МИО активностите.

img_4489

На третата средба во октомври, наставниците споделија како им беше на часовите во кои ги применија научените техники и методи. Се дискутираше за позитивните практики и за предизвиците со кои се судрија наставниците.

Исто така во оваа фаза се направија партнерства кои заеднички ќе работат на промоција на мултикултурализмот и она што го стекнаа на трите средби ќе го пренесат во своите училишта.

Во оваа фаза наш гостин беше Софи Беамонт, претставничка од Европската делегација. Таа ги поздрави учесниците и разговараше со нив за искуството од овој проект.

Она што особено е важно во овие изминати три средби е ДРУЖЕЊЕТО, СПОДЕЛУВАЊЕТО НА ПРАКТИКИ, ПОДДРШКАТА И СВЕДОШТВОТО ДЕКА МОЖЕМЕ ЗАЕДНО!!!

Согласките на крајот од зборовите (Обезвучување)

ВОВЕДЕН ДЕЛ:

Наставничката поставува прашања од изучениот материјал од фонетика, а учениците се потсетуваат на претходните знаења и ги одговараат прашањата. За испрашувањето ја користи техниката змија: На хартија има нацртано змија чие што тело е поделено на 14 делови. Секој дел е означен со броеви. Учениците, доброволно се јавуваат и одбираат број. Наставничката лепи стикер на бројот од змијата и им го чита прашањето. Ако не го знаат, сами одбираат ученик/чка кои ќе го одговорат.

Прашања:

  • Од што е составен текстот?
  • Од што се составени речениците?
  • Од што се составени зборовите?
  • Од што се составени слоговите?
  • Што одговара на секоја буква?
  • Колку гласови има во македонскиот јазик?
  • Што е гласот?
  • Како се вика науката што ги проучува гласовите?
  • Kако се делат гласовите?
  • Што се согласки?
  • Што се самогласки?
  • Која согласка може да има функција на самогласка?
  • Како се делат самогласките според звучноста?
  • Што претставуваше едначење на согласките по звучност?

ГЛАВЕН ДЕЛ:

Откако се заклучува дека е совладан материјалот за едначење на согласките, наставничката започнува со новата наставна содржина. На учениците им дели листови на кои има напишано зборчиња. Секој ученик влечи по едно. Нивната задача е да го препишат зборчето во тетратката и еден по еден да ги прочитаат.

Наставничката поставува прашање: Дали тоа што го прочитавте исто се запишува? Учениците забележуваат дека на крајот од зборот имаме промена на гласот. Наставничката користејќи го ѕидниот весник демонстрира дека сите примери ја содржат гласовната промена: обезвучување на согласките на крајот од зборот.

Бара од учениците, гледајќи ја табелата да кажат која звучна согласка преминала во безвучна. Ги слуша внимателно и ако има потреба се вклучува со дообјаснувања.

Наставничката го диктира во тетратката она до што се дојде:

Гласовната промена кога звучните согласки на крајот од зборот се изговараат како безвучни се вика ОБЕЗВУЧУВАЊЕ НА СОГЛАСКИТЕ.

Потоа бара од учениците да ги членуваат зборчињата што ги добиле. Запишува на таблата неколку примери: леб-лебот. Им образложува на учениците: ако некогаш не се сигурни која буква треба да стои, нека го членуваат зборот и така нема да погрешат.

ЗАВРШЕН ДЕЛ:

Им дели на учениците наставни листови во кои учениците треба да ги пронајдат грешките и да ги запишат речениците како што е правилно. Дискутираат за секој пример одделно:

Наставен лист:

  1. Денес беф в грат.
  2. Мечката јаде мет.
  3. Нис дворот протрча еш.
  4. Отидоф в грат и купиф орис, леп и прас.
  5. Заврна силен дош.

 Наставничката им лепи на таблата веќе нацртан крстозбор на кој се напишани дел од зборовите. Учениците треба да ги пронајдат останатите, со тоа што знаат дека се работи за зборови кои во себе ја содржат гласовната промена обезвучување. Ако нема време од часот, наставничката го лепи табакот и го остава да го решат на одморот. Од акростихот кој произлегува од крстозборот, таа се збогува со учениците.

П р а в
Р и д
И Г Л А
Ј А С Н О
А В И О Н
Т А Т К О
Н о ж
О б р а з

*За реализација на воведната активност им благодарам на ученичките од IX – 4 одд. што ја нацртаа и украсија змијата. Создадоа ресурс кој ќе се користи во иднина.

Усно изразување – техника АКВАРИУМ

Под импресии од несекојдневните тренинг-обуки од последната средба, дел од проектот „Поддршка во процесот на интегрирано образование“, решив, без некој особен интузијазам да ја работан на час техниката аквариум. На почеток не ми изгледаше толку интересна, и немав намера да ја искористам, но колегите учесници на тренингот споделуваа дека ја искористиле и дека имаат многу убаво искуство… и мотивирана од тоа, решив да се обидам и јас.

Наставна единица Усно изразување: техника аквариум
Одделение XI (деветто) одделение
Време на реализација Октомври, 2016 год.
Наставно подрачје Изразување и творење
Тип на часот Час за примена на стекнати знаења
Цели на часот Да се подобри усното изразување, да се поттикнат ученците на креативно размислување, да се охрабрат во искажување на нивите ставови, да го збогатат речникот, да размислуваат и дискутираат на МИО теми.
Форми на работа Групна, мали групи од 4 ученици
Наставни методи и техники
Дијалошки метод, техника: аквариум
Наставни средства и материјали Листови со теми, четири столици, училница, табла, часовник.
Корелација Општество, култура, спорт, музика…
Поими

аквариум

На средината од просторијата се поставуваат четири столици кои формираат замислен аквариум. Се повикува доброволец кој сака да дискутира на одредена тема. Темите се претходно зададени и се отпечатени секоја на посебен лист хартија и се лепат на табла.

Доброволецот ја зема темата на која сака да дискутира и ја поставува на средина на аквариумот на под. Тој/таа може да повика некој со кого сака да дискутира на темата, а останатите слободно се приклучуваат на останатите слободни столчиња во „аквариумот“. Во текот на вежбата можат да говорат само оние кои во тој момент седат во „аквариумот“.

Кога некој посака да зборува, се приближува до столиците и го допира по рамото оној/онаа на чие што место сака да влезе во „аквариумот“.  Ученикот/чката може да ја заврши реченицата, а потоа мора да му/ ѝ отстапи место.

Кога ќе се заврши разговорот на една тема (или по поминатото време предвидено за тоа, пр. 5-10 минути по тема) учесниците/чките кои што учествувале во аквариумот се враќаат на своите места, и тогаш се задава нова тема така што повторно се повикува доброволец кој сака да дискутира на некоја од другите теми…

Теми:

  • Образовен систем; турбо-фолк музика; хип-хоп; дискриминација во училиштето; фудбал; предметот македонски јазик; Албанци, Роми, гардероба за излегување в град…

Може во текот на процесот, некој од учениците сам да напише на лист тема и кога ќе дојде време за нова тема да ја стави во аквариумот и да се дискутираа на неа.

За оваа возраст доволно е 5 минути од тема. Ако се работи техниката со поголема возраст (средно образование) тогаш може 10 минути. ВАЖНО Е НАСТАВНИКОТ ДА НЕ СЕ МЕША ВО РАЗГОВОРОТ. Учениците на почетокот имаа тешкотија да се замислат себе си во аквариумот, па често се вртеа кон мене, и мене ми зборуваа. Но кога им објаснив дека во аквариумот имаат сигурен простор и говорат само тие што се внатре, и јас се повлеков и седнав во толпата од ученици, аквариумот почна да функционира.

Во дискусијата наставникот може да искаже свое мислење само ако седне на едно од четирите столчиња и стане учесник во аквариумот.

Единствена негативност која што ја забележав е дека оваа активност неколку ученици не ги интрересираше. Односно немаа храброст да седнат во акватиумот и да дискутираат. Препорака до наставниците кои ќе ја работат, да забележат кои ученици не се вклучиле, па на наредните часови да најдат начин да ги извлечат нивните размислувања, и да ги охрабрат да зборуваат гласно. Бидејќи неколкумината кои не зборуваа денес, се навистина интелигентни ученици и имаат што да кажат…

Пробајте, во рефлексијата со учениците чув многу позитивни критики и желба повторно да го направиме.

КОДИФИКАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК

Часовите од историја на македонскиот јазик често знаат да бидат монотони, досадни и ретко од нив нешто се научува на час. Најчесто учениците чекаат да заврши часот, а наставникот/чката да заврши со предавањето. Подоцна се учат на памет значајните датуми и факти. А сепак, тој материјал е многу значаен… во насока да се разберат одредени случувања од историјата на јазикот, а тоа да биде на интересен и искуствен начин, решив часот за кодификација на македонскиот литературен јазик да биде вака:

  • Поделба во четири групи со играта: 1,2,3,4.
  • игра на улоги (roll play) – учениците се познати лингвисти од една земја која што тие ќе ни ја кажат. Повикани се како комисија за да го кодифицираат јазикот кој се зборува во таа земја. Задачата им е:

да се даде име на државата

да се даде име на јазикот

да се состави азбука

да се измислат 5 првописни правила

да се определат луѓе кои ќе ја напишат граматиката на јазикот, ќе напишат речник и правопис

да напишат 5 зборови на литературниот јазик

Потоа, откако искуствено имаа можност да сфатат како оди тој процес, слушаат за датумите, комисијата, околностите… и сето тоа подоцна го учат самостојно од учебникот:

Кодификацијата на македонскиот литературен јазик претставува официјално потврдување и озаконување на литературната норма на mакедонскиот јазик.
Официјалната употреба на македонскиот јазик практично започнува со воспоставување македонска власт на првите ослободени територии во 1943 година и се озаконува со конституирањето на највисоката институција на македонската власт во 1944 година − Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Озаконувањето на македонскиот јазик опфаќа:

  1. воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (со Решение на АСНОМ донесено на 2 август 1944 година);
  2. усвојување на македонската азбука (со Решение на Народната влада на Македонија донесено на 5 мај 1945 година);
  3. озаконување на македонскиот правопис (со Решение на Министерството за просвета донесено на 7 јуни 1945 година).

Основни научни трудови во кои се дава нормата на македонскиот литературен јазик се:

  • Македонски правопис од 1945 година и Македонски правопис со правописен речник од 1950 година од Блаже Конески и Крум Тошев;
  • Граматика на македонскиот литературен јазик И и ИИ дел од 1952 и 1953 година од Блаже Конески
  • Речник на македонскиот јазик во три тома (I − 1961, II −1965, III − 1966 година) во редакција на Блаже Конески.

Еве дел од сработените активности:


Две втори места на литературни читања

14375359_590103114495537_695904641_o

Ученичката Јована Стојческа од IX –  4 одделение е добитник на две награди (две втори места) на литературните конкурси по повод патроните празници на училиштата: „Добре Јованоски“ – Прилеп и средното училиште „Наум Наумовски – Борче“

Честитки за ученичката, нека ја следат уште многу успеси!

Наградените песни:

За Крушево

На Втори август Илинден светол
Крушево слави секое лето.
Се собираат сите, младо и старо,
насмеани, среќни, со насмевка ведра
на Мечкин Камен, споменик знаен
го празнуваат секој Илинден значаен.
Во илјада деветстотини и трета
година мачна, година клета,
во Крушево гратче славно,
се создала република рамноправно.
Никола Карев бил нејзин претседател прв
кој во нерамна борба со турски аскер
деветстотини и петта ја пролеал својата крв.
Питу Гули, војвода Илинденски
одел гордо напред со својата чета,
но на Мечкин Камен тој храбро загинал
од турската рака клета.
Крушево-гратче на Балканот мало,
и други познати личности дало.
Една од нив беше и нашиот Тоше,
ангел со милозвучен глас
кој со сите негови испеани песни
не` мамеше сите нас.
Но и тој на небото ангел стана,
ни остави во срцето длабока рана.
Останаа песните да ги пееме,
зашто само така душата да си ја залечиме ќе успееме.
И денес, ако појдеш во ова гратче мало,
потсети се што тоа во историјата дало.
На Мечкин Камен, Македониум и гробот на Тоше појди
и оттаму со убави спомени дојди.
Сето тоа врежи го во срцето,
сеќавај се на Крушево со насмевка на лицето.

Што е слободата

Слободата е шарено цвеќе
во градина што цвета,
слободата е златокрила птица
на небо слободно што лета.
Таа е сонце што силно не грее,
таа е детенце што милозвучна песна пее.
Во ливада црвена булка,
бебе што мирно спие во лулка.
Ветар што знаменце вее,
мајка што над сите нас бдее.
Бистра вода што течи,
песна што насекаде ечи.
Насмевка на лице што царува,
подарок на сите што се дарува.
Низ ливада што шета девојка мила
облечена во фустан од свила.
Птици што сакаат слободен лет,
деца што барат слободен и мирен свет.
Ајде сега да се фатиме рака за рака
без никаква тешкотија и мака,
орото на слободата да го развееме
за неа песна да запееме