Поговорки и пословици (Народна литература)

Народната литература

 Таа се создавала и се пренесувала од генерација на генерација преку усната традиција. Народната литература вклучува приказни, песни и други видови што ги отсликуваат верувањата, обичаите и историјата на заедницата. Во овие творби е зачувана колективната (заедничката) мудрост на народот.

Народните приказни се едни од најпознатите видови во народната литература. Тие се раскажувале низ вековите и ги пренесувале учења та и искуствата на предците.

Видови народни приказни: мит, легенда, предание, реалистична приказна, фантастична приказна, хумористични приказни, анегдоти.

Кратки фолклорни видови: пословици, поговорки, благослови, здравици, пораки, желби

Поговорки и пословици

Собирањето на македонските умотворби (нешто што е создадено со мислење, а воедно е и корисно за умот) започнало во 19 век. Тогаш се развила свесноста за нивната важност и за тоа колку се значајни за еден народ.

Во 1072 година излегле собраните дела на Марко Цепенков во 10 книги. Во осмата се објавени: пословици, поговорки, гатанки, клетви и благослови.

Како се создале поговорките и пословиците?

Во почетокот пословиците се јавуваат како искази на поединци, талентирани индивидуи кои имаат моќ да забележат и да се изразат убаво. Потоа кога ќе ја изречат им се допаѓа на останатите и тие ја користат. Таа може да претрпи некои измени низ времето. Тие се мудрости, животни искуства искажани во кратка форма.

Значи умотворбата настанува од еден човек кој ја создава предизвикан од некое случување околу него, или некое внатрешно, интимно искуство, нешто што е дел од неговиот живот. Таа умотворба заживува бидејќи подеднакво исто е употреблива и за останатите – и токму тоа ја одржува да постои и да се пренесува.

Пословиците се мудри народни изреки што пренесуваат важна животна поука. Тие имаат дводелна структура: во првиот дел се опишува некоја ситуација или случка од животот, а во вториот дел се дава поука или заклучок.

Пословиците користат едноставни споредби за да ги направат поуките полесни за разбирање. По-слов-ица (доаѓа по словото, по кажаното, како заклучок на некоја содржина). Затоа многу често таа е дел и од народните приказни. Кузман Шапкарев на пример ги ставал пословиците во насловите на приказните што ги собирал, а Цепенков пак редовно давал објаснување (забележува д-р Марко Китевски во своите „Македонски народни умотворби“)

„Колку пријатели има човек, толку благослови има.“ (Оваа пословица сака да ни каже дека луѓето што имаат пријатели ќе имаат поголема поддршка и помош во животот, ќе им биде полесно.) „Без мака нема наука.“ (Оваа поговорка нагласува дека без труд и напор не може да се постигне успех или знаење.)

Поговорките се кратки народни изрази што на едноставен начин искажуваат некоја животна вистина. Тие се едноделни, директни и често ги користиме во секојдневниот говор.

Поговорката може да настане од пословицата ако пословицата го изгуби едниот дел:

Пословицата: „Лозјето не сака молитва, ами мотика сака“ може да се каже и скратено, како поговорка: „Лозјето не сака молитва“

КарактеристикаПоговоркаПословица
ФормаКратка, едноделна реченицаДводелна структура: ситуација + поука
СодржинаИзразува директна животна вистинаОпишува случка и извлекува заклучок
СтилЈасна, едноставна, без споредбиКористи споредби за полесно разбирање
ФункцијаБрзо пренесува мудрост или советДава поширока поука и објаснување
Примери„Без мака нема наука.“ „Убави зборови железни врати отвораат.“„Кој рано рани, две среќи граби.“ „Кој му копа јама на друг, самиот паѓа во неа.“

Домашна работа: Најди ја на интернет епизодата од „Бушава азбука“ на буквата на којашто започнува твоето име. Изгледај ја и штом чуеш поговорка или пословица, запиши ја во тетратката.

https://l1nk.dev/n1uk4sp   (Џумерко)
https://www.youtube.com/watch?v=f1F7-8PYht0 (Јовица Михајловски)

Вежби:

  • Секоја група добива по 2 поговорки и 2 пословици.

Задача: да ги објаснат со свои зборови и да измислат кратка ситуација од секојдневието каде би се употребиле.

  • Учениците да создадат модерна поговорка или пословица што би се користела на социјални мрежи (пример: „Кој лајк бара, коментар губи.“).
  • Се делат картончиња со поговорки или пословици на неколку групи ученици (најдобро е тоа да бидат веќе чуени).

Задача: Учениците треба да ја претстават поговорката со пантомима, без да ја кажат. Останатите погодуваат која поговорка е.

  • Секоја група добива една поговорка или пословица.

Задача: да ја преработат во современ стил:

Пример:  „Кој рано рани, две среќи граби.“ → „Кој рано станува, прв го фаќа интернет-сигналот.“

  • Задача: Учениците добиваат празни рамки (како стрип), Треба да нацртаат кратка ситуација во која поговорката или пословицата се применува.
  • Задача: Секој ученик избира една пословица што најмногу го опишува неговиот карактер или искуство.

Прави постер којшто сам го црта или со помош на АИ.

Примери за поговорки

  • „Без мака нема наука.“
  • „Убави зборови железни врати отвораат.“
  • „Вистината е посјајна од сонцето.“
  • „Пријателот во неволја се познава.“
  • „Здравјето е најголемо богатство на човекот.“
  • „Лагата е краста“
  • „Лажи-суши!“
  • „Парата е Јуда“
  • „Пес вера немат“
  • Примери за пословици
  • „Кој рано рани, две среќи граби.“
  • „Колку пријатели има човек, толку благослови има.“
  • „Речи, одречи, пак мрзата го гмечи.“
  • „Кој му копа јама на друг, самиот паѓа во неа.“
  • „Двајца се караат, третиот користи.“
  • „На две глави една капа не се тура“
  • „Две гнезда една квачка не може да квачи“
  • „Поарно чоек да проси одошто да кради“
  • „С едно дрво кашта не се гради“
  • „Сит гладен не веруа“