КРАТКИ ЖАНРИ ВО НАРОДНАТА ЛИТЕРАТУРА

Благословите се кратки говорни изрази. Тие потекнуваат од дамнешни времиња и се поврзани се со магиското верувањето во силата на изговорените зборови. Луѓето во минатото верувале дека ако некој израз се повторува, тоа ќе се оствари.

Преку благословите се изразуваат искрени желби за здравје, среќа, успех, долг живот и благосостојба во семејството и заедницата.

Благословите најчесто се изговараат од повозрасни членови на семејството, бидејќи се смета дека зборовите на искусните луѓе имаат посебна тежина. Структурата на благословите е едноставна – обично се состојат од една или две реченици што се изговараат со сериозност и искреност.

Благословите најчесто одат со обредите: свадба, крштевка, но и со настани како: дипломирање, вработување и сл.

Примери:

 „Бог да ти даде здравје и среќа!“

 „Да растеш голем и паметен!“

„Да си жив и здрав, да ти е куќата полна со деца!“

„Од арно да не куртулиш“

 На свадби: „Господ здравје и љубов да ви дарува.“; Аирлија да ви е радоста, еднуш за век, да се ќердосаат, пак на помали да си исчекате. Ај да си ми блаосоен

При раѓање и крштевка: „Да ни е живо и здраво детето, да

порасне високо.“

За време на верски празници: „Да ви даде Свети Никола

здравје…“

При земјоделски работи: „Да роди нивата бериќет!“, Аирлија пазар. Аирлија работа

Со доаѓањето на христијанството благословите се насочиле кон повикување на господ или светителите да го дадат благословот:

Ангело да ти седи на рамена и од лошо да те чуа.; Бог да те пази од зло начисто.;  Бог да ти пази стоката.; Бог да ти поживи децата.; Господ да те надари.; Господ да те радвит со машко дете. Господ да те удостои.; Господ да те чува од лошо.; Господ да ти ги отвори патиштата.; Честит Свети Јован – напомош.

Денес на литургиите, кога завршуваат, свештеникот излегува пред олтарот, свртен кон народот, искажува благослов: „Благословот господов и милоста негова да биде со сите вас!“

Според формата благословите се многу блиски на поговорките и пословиците, а според пораката што ја содржат се доближуваат до баењата. (Баењата се изговарање на таинствени зборови за кои се верува дека ќе помогнат да се оствари она што се посакува. Тие се разликуваат од благословите и клетвите по тоа што биле изговарани од одредени луѓе: бајачи, гатачи. Нивната моќ, како што верувале луѓето, се остварувала само ако е изговорена од нив.)

Спротивност на благословите се клетвите. Тие имаат иста форма и намена, само во обратна насока. Со клетвите се посакува нешто лошо.

Оган силен да те изгори!

Аир да не видиш!

Акнала та пукнала!

Бог да те убие!

Бел ден да не видиш!

Благословите се убави работи коишто им ги посакуваш на луѓето. И денес тие функционираат во секојдневната комуникација. Еве како изгледа некој современ благослов:

Да ти е секогаш полна батеријата на телефонот!

Јак да ти е сигналот на интернетот! (Да не можеш мрежа да фатиш – клетва)

Да даде Господ да ти дадат плејстејшан за роденден!

Здравиците или наздравувањата претставуваат свечени изрази што се изговараат при посебни пригоди, најчесто со подигната чаша. Овој обичај е присутен во многу култури и е особено значаен дел од традицијата при прослави како свадби, слави, крштевки, именден, роденден и други семејни собири.

Здравиците се разликуваат од секојдневниот разговор по својот свеченост.

Здравиците се всушност благослови коишто се кажуваат во определени прилики на маса. Името им доаѓа поради тоа што најпрвин се посакува здравје. Луѓето што ја кажуваат здравицата се луѓе кои имаат некаква функција во прославата: кум, татко на невестата, кума, мајка, одговорно лице за прославата или заслужно лице за успешниот проект…

Во записите на Марко Цепенков, можеме да прочитаме за луѓе за коишто зборува Цепенков дека биле вешти при говорење на маса. Кога ќе прозбореле сите внимателно ги слушале и многу се радувале на слушнатото.

„… некој учени луѓе у нас што знаат да блаошаваат било на свадба, било на сведен, кога ќе ја земат чашата во левата рака и со десната ќе почнат да се крстат и да блаошаваат, да ти е мило и драго да и слушаш“

Пораките и желбите се изрази со кои се пренесуваат желби за среќа, успех или благосостојба на поединци, групи или заедници. Тие се кратки текстови што можат да бидат искрени, мотивирачки или инспиративни. Пораките и желбите се користат за да се изразат добри намери, да се поздрават одредени празници или значајни настани во животот на поединецот. Тие се различни од здравиците и благословите затоа што се полични и емотивни, а не се поврзани со официјални настани.

Примери

„Oваа година нека ти биде исполнета со нови можности и радости!“

„Среќа и успех во училиштето!“

„Секој нов ден нека ти носи нови причини за насмевка и радост!“

„Твојот труд сигурно сега ќе се исплати. Знам колку многу работеше и колку време потроши. Само храбро! Успехот те чека!

Пораките и желбите често се користат и за охрабрување, мотивација или поддршка во тешки моменти од животот на некоја личност. Иако традиционално пораките и желбите се разменувале усно или преку честитки и писма, денес тоа најчесто се прави преку дигиталните медиуми: социјални мрежи, текстуални пораки, имејл или други апликации за комуникација. Благодарение на современата технологија луѓето можат во секој момент да испратат добри желби до своите блиски, без оглед на физичката оддалеченост.

https://rozemak-rozemak.blogspot.com/2025/11/blog-post_38.html (примери за здравици, благослови и клетви)

Активности:

„Мој семеен благослов“

Учениците да измислат краток благослов што би го кажале на член од семејството.

 „Импровизирана здравица“

Секој ученик добива замислена ситуација (роденден, свадба, патување). Треба да состави кратка здравица (2–3 реченици) и да ја изговори со подигната чаша вода.

„Порака за охрабрување“

Учениците да напишат кратка порака или желба за соученик (пример: „Среќа на тестот по математика!“)

Напишете коментар