Збирката песни „Бели мугри“ од Кочо Рацин е збирка за која треба секој да знае. Антологиските песни во неа во минатото беа задолжителни да се знаат наизуст. Не знам дали има некој кој не чул за „Ленка“, за „Копачите“, за „Тутуноберачите“… но денес, од можеби очигледни, а можеби и не толку јасни причини, не се знае кој е Кочо Рацин, а уште помалку за неговата социјална лирика која носи многу пораки и го вее аловото знаме на тоа време. Мотивирана од тој наш пораз, решив да се задржам на „Бели мугри“ малку повеќе од вообичаено. Такви „луксузи“ се можни само со интегрирање на наставни содржини. Откако ја начив таа финта, животот ми стана поедноставен, а наставниот процес поучинковит.
Започнавме со историја на јазик, каде што зборувавме за македонскиот јазик меѓу двете светски војни. Тука ги спомнавме драмските автори, но и поетите кои со своето творештво многу придонеле за зачувување на јазикот и поттикнале, направиле притисок да се размислува за кодификација.
Се присетивме на песната „Работник“ од Коле Неделковски и за социјалната лирика, за кои учевме во осмо одделение. По нешто за кратките, а многу значајни животи на Рацин и Коле. Повеќе за Рацин низ документарните филмови кои може да се најдат на јутуб:
https://www.youtube.com/watch?v=eIlltxuJAFM (во овој извадок зборува Петре Прличков, па може да се поврзи со Игор Џамбазов и учениците да научат за него, за Анче Џамбазова, за маестро Александар Џамбазов… важно е да се работи и на општата култура и познавањето на личностите кои имаат многу направено за нашата земја, Македонија.)
Проектот на драмската секција со кој нашите ученици учествуваа на „Детски Рацинови средби“ и можност учениците да се запознаат со таа манифестација: https://www.youtube.com/watch?v=cR0f_5xybW4
Картичките, коишто секогаш се содржина која им е најинтересна. Нивно разгледување, но и разговор за музата, за платонската љубов по која го добил своето име…
Потоа два часа кои беа планирани за лектира. Лектира ни беше „Бели мугри“. Ја одбравме „Ленка“ за класична анализа, која не е нешто што сакаат да го прават, но сепак е потребно за да се потсетат како се изделуваа поетски слики, какви се строфите, стихот, мотивот… Потоа, за да ни биде интересно, секој одбра по една песна и на неа ја изработи техниката блекаут. Од песната извлекоа зборчиња кои ним им се гледаа логични и интересни. Ги затемнаа „непотребните“ и креираа нови уметнички дела.
Во минатогодишните евалуации остана недоучено пронаоѓањето на метафората. Со метафората си имаме мака, а не бива да не ја знаеме кралицата на стилските фигури. Наредниот час, чинам четврт по ред, имавме вежби за стилски изразни средства и на него ги баравме метафорите во „Бели мугри“. Учениците добија и изборен проект (тоа е опција во текот на годината самостојно да изработат некој проект кој се вреднува во евидентниот лист) да ги најдат и запишат во Ворд документ сите метафори од збирката. На тој час повторивме за метафора и од тоа што успеаја да го пронајдат имав впечаток дека голем дел од учениците научија како да ја наоѓаат.
Следниот час беше од литература: Видови рими. Во поезијата на Рацин ги баравме римите. Тука ги вклучивме и песните од Конески, од Константин Миладинов… и се потсетувавме за тоа што ни е учено во делот од историја на македонскиот јазик за Конески, за Константин…
Последно што не ни е уште направено, а би било убаво да се види е творење песни инспирирани од збирката „Бели мугри“. За оние што не им легнува на рамо музата, може да прават компилација од стихови. Пред себе да ги имаат песните на Рацин и да изберат неколку строфи кои ќе ги спојат и ќе создадат нова песна.
Овде наставникот може да продолжи со писмена работа во која ќе творат песна (може да го користат агрегатот https://rimuvaj.mk/), може да направи проект за Рацин, да ги однеси во неговата спомен-куќа во Велес… да направи натпревар на кој ќе се рецитираат песните… Да ја гледаат серијата „Црвениот поет“ (https://youtu.be/upBm7cQDhqs?si=MLWNu-yPohBUnBny) па да напишат осврт… да го нацртаат Рацин и тоа да го изложат во кабинетот..
И ако некој рече: зошто е сето ова потребно? За да запомнат. Мора да им е интересно, необично, обоено со многу бои, визуелно и примамливо. Такви се овие генерации, а не смееме да ги оставиме неписмени, должност ни е да најдеме начин…
„Силјан Штркот“ е детски театарски фестивал кој опстојува веќе пет години. Една прекрасна идеја реализирана и на мускули истуркана од Ангела и Марија! Две храбри идеалистки, одлични актерки, жени змејови 😊
Овој Фестивал е нешто што задолжително треба да се поддржи! Тој носи вредности кои се забораваат, кои се запоставуваат, се бришат! Прилеп е театарски град. Прилеп го има Чернодрински, Прилеп има низа големци кои дале многу за театарот. Тој е театарскиот епицентар. Свесноста дека публиката се создава од најмали нозе веќе се покажа во последните две изданија на МТФ „Чернодрински“, и тоа донесе многу плод. Затоа не смее да се остани само со тоа, треба да се афирмира и да се работи овој Фестивал да се стреми кон чернодринските висини.
Затоа со мојата неуморна дружина „Од глаата си патиме“ бевме дел од отворањето на фестивалот. Десет штркчиња ја донесоа театарската пролет, иако есента се покажа во силно светло, ние ги расцутивме душите на сите театарски вљубеници.
Исто така драмската секција направи промотивно видео за Фестивалот коешто беше снимено во дворот на нашето училиште.
Уште две видеа беа направени во чест на Фестивалот:
Бојана Тодороска ја раскажа накратко приказната за Силјан и четири умни глави кажаа мудрости за театарот.
Овогодинешната програма e богата, побогата од претходните. Таа воведе и две младински претстави. Младински претстави! Такво нешто ние сме немале досега! А таа генерација е онаа која веќе почнува критички да размислува и да се гради себеси како идна личност, а ние во поглед на театарот низ годините ја губиме, ја запоставуваме. Добиваме по една детска претстава годишно реализирана од театарот „Војдан Чернодрински“, и неколку аматерски, најчесто многу лоши, наменети за претшколска возраст и за ученици во одделенска настава. Поголемите и средношколците немаат можност да погледнат претстави соодветни за нив.
Полните сали во изминатите четири фестивалски денови покажаа дека има интерес и свесност кај родителите, но и кај наставниците, да ги носат децата во театар. Бев сведок на многу мои драги колешки и колеги кои самоиницијативно, се организираа, купија карти и ги донесоа своите ученици. Да не заборавиме, тоа го прават надвор од часовите, не добиваат парична надомест. Одат пешки од училиштата до салите и будно се грижат дечињата да ги вратат безбедни. Рамо до рамо со родителите. Видов организирани родители кои од своите автомобили претворени во автобуси 😊, кога беше дождливо носеа дечиња. На сред претстава смируваат, тешат, поучуваат… Што е тоа, ако не љубов кон театарот? Тој подвиг треба да се поздрави и да се препознае како ветер кој ќе ги донесе промените!
Културното издигнување на еден народ може да донесе негова подобра иднина. Денешните генерации се обземени со многу погрешни вредности кои многу лесно им се пласираат на интернет. Само уметноста може да ги спаси! Мора да ја имаме пошироката слика. Создавајќи културна младина ние ја создаваме иднината за сите нас. За нашите деца, за нашите внуци.
Моето мислење е дека Општината треба да го прегрне силно овој настан и да даде голема поддршка. Училиштата во своите години програми треба да планираат задолжително барем една театарска претстава. Бидејќи овие претстави се внимателно одбрани. Во нив замешале прсти професионалци. Училиштата треба многу сериозно да одбираат што им нудат на своите ученици. Не да се задоволи само формата. Не сè што се нарекува театарска претстава треба да се гледа. Не сè што се предлага, без претходно да се испита и да се добие опис, треба да им се понуди на учениците. Оти на крај на денот родителите ги плаќаат тие карти!
Општината треба од својот буџет да оддели средства со кои ќе ги покрие трошоците за карти на учениците од ранливите категории. Ќе овозможи секој да може да изгледа барем една (професионална) претстава годишно.
Училиштата можат средствата од панаѓурите да ги искористат за карти. Секако тие средства секогаш се наменски. Ете една идеја којашто колегите можат да ја земат предвид. Може да се предложи кога се оди на роденден, место подароци, да се оди на театар. Лани, во Скопје, заедно со моите деца бев да ја гледам прекрасната изведба на „Волшебната флејта“ од Детски драмски театар, и случајно бевме дел од роденден. Родителите одлучиле својот син да го слави роденденот в театар! Колку прекрасна идеја. Кога заврши претставата славеникот беше повикан на сцена и сите присутни му пеевме „Среќен роденден“!
Моите ученици беа многу среќни што имаа можност да бидат дел од овој Фестивал. Да додадат од волшебниот прав кој цела недела трепери во воздухот.
Останаа уште два дена. Утре „Книголандија“ и за крај Петко. Со нетрпение ги чекаме!!!
Има низа начини да се поддржат убавите работи! Треба само волја и љубов! А овој Фестивал дефинитивно ја заслужува таа љубов!!!
Испровоцирана од дискусијата со колегите по македонски јазик којашто се оствари на работниот состанок со советниците од БРО одржан за дополнувањата на содржини за програмата за седмо одделние, се решив да ја направам оваа објава. Имено голем број од колегите се согласуваа со една загрижена колешка дека материјалот од Историја на јазик е обемен и многу досаден за предавање. Затоа решив да се обидам да ги направам тие „досадни“ содржини интересни за слушање и за држење. Дали успеав… ќе проверам оваа недела…
Еве една од содржините: Словенска писменост
Часот може да се започне со поделба на учениците во четири групи (Јас тргнувам од моите класови кои се по 23-25 ученици. Во зависност од вашиот број на ученици, групите може да бидат и помали и поголеми, може да се парови, а може и индивидуално да работат)
Две групи добиваат извадок од житијата, а другите две групи раскажани податоци од самите житија. Треба да извадат податоци од текстовите. Сè што мислат дека е важно да се знае го запишуваат кратко со цртички во своите тетратки. Оваа активност може да се направи и за домашна работа и така ќе се заштеди дел од часот. Учениците ги имаат текстовите и дома во тетратката ги вадат најважните работи: толкуваат клучни зборови, важни фрази, го резимираат текстот во неколку важни реченици. (Овде се интегрира со читање со разбирање.)
2. Се запишуваат непознатите зборови кои произлегле од читањето: житие, монах, патријаршија, Цезар, човекољубие... може усно да се објаснат, но подобро е заеднички да се најдат во дигиталните речници или ако во училницата има Толковен речник, да се провери во него.
Пр. Житиее текст во кој се зборува за животот и дејноста на некој човек кој е прогласен за свет од страна на Црквата. Во него се раскажува на висок стил за мисијата, делото, чудата што ги правел и историските случувања во времето во кое живеел.
Житие – жизан – живот – животопис – хагиографија
Непознатите зборови може само да се објаснат, може да се запиша во тетратката, но може и учениците да имаат посебно мало тефтерче во кое ќе ги запишуваат. Заеднички во зависност од обврските, на месечно или неделно ниво може да се договара број на нови зборови. На пример за оваа недела секој да има запишано по 10 нови збора. На некој од часовите, учениците ги споделуваат пред класот. (богатење на речникот)
3. Учениците ги читаат белешките, наставничката дополнува, потпрашува, проверува дали основните податоци се запишани во тетратките:
Пр:
Македонскиот јазик потекнува од прасловенскиот јазик.
Прасловенскиот јазик е јазикот на кој зборувале Словените. Овој јазик бил само говорен, тој не бил писмен јазик.
Свети Кирил Филозоф ја напишал првата словенска азбука ГЛАГОЛИЦА на која што се пишувал старословенскиот јазик.
Старословенскиот јазик е првиот писмен јазик на Словените.
Старословенскиот јазик се пишувал со две писма: ГЛАГОЛИЦА и КИРИЛИЦА
Глаголица (38 букви) Кирилица (44)
Константин Филозоф 826—869
Методиј 815—885…
4. На карта на Европа да им се покаже на учениците територијата на Византија. Ако во училиштето има карта на Византија од тој период, може да се искористи. Учениците треба да знаат кои се денешните територии за кои се зборува на часот. Да знаат дека Моравија е област која што била меѓу Чешка и Полска… и сл.
Пр: Денешните територии кои ги опфаќала Византија во времето на св. Кирил: Турција, Грција, Албанија, Кипар, Бугарија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, делови од Романија и делови од Сирија, делови од Италија.
Може додека гледаат да фаќаат белешки и да се дискутира откако ќе се изгледа. Или само да се дискутира усно што се виде, што се разбра. Наставничката може да се навраќа на видеото и да дава дообјаснувања. (слушање со разбирање)
6. Во соработка со некоја од локалните цркви кои се во близина или со некој манастир, библиотека, институт, може и приватна библиотека… учениците одат во посета каде што ќе имаат можност да видат стари книги, листови, фототипни изданија на глаголица и кирилица. Се разгледуваат, се прават споредби. Наставничката или некое лице што знае да чита, им чита од книгите, да го чујат јазикот. Таму ќе имаат можност да го видат кирилското писмо, во црковните службени книги. Може со помош да се обидат да читаат.
Да увидат дека не се оставало место при пишувањето. Да ги препознаваат титлите и другите знаци, да ги видат калиграфските способности на препишувачите и сл…
Ако нема можности за посета може да се отворат на интернет. Запишете на некој од пребарувачите: стари црковни книги, црковнословенски, старословенски, глаголица, кирилица… одете на филтер за фотографии и ќе излезат многу фотографии кои може да ги покажувате на учениците. (За да не настанат некои несакани ситуации, најдобро е да пребарате дома и да ги симните фотографиите, при заедничко пребарување може да се појават некои содржини кои ќе им го одвлечат вниманието на часот)
7. Ако се посети црковен објект, може да се опсервира иконата или фреската на св. Кирил и св. Методиј. Да се дискутира што претставуваат и така да се зголеми општата култура, значењето на одредени претстави во христијанската култура. Тоа воопшто нема потреба да се доживува религиозно. Пристапот може да биде чисто уметнички, бидејќи христијанството е дел од нашата традиција и култура.
Можни прашања за опсервација:
-Кој е кој на фреската? Како знаеме дека св. Кирил е тој оддесно? (помлад е, ја држи в рака азбуката. Носи схима – монашки знак.)
-Што значат круговите околу главите? (тоа се ореоли, тоа покажува дека ликовите се светители)
-Дали сте виделе некаде вака облечени луѓе?
–Зошто Методиј ја држи книгата? Која книга е таа? (Евангелието, бидејќи тој го преведе)
–Што значи симболиката на десната рака на св. Методиј? (тоа е знак за благословување. Свештениците ги благословуваат луѓето)
–Која азбука ја држи св. Кирил? Зошто? (Глаголицата, бидејќи таа ја создаде тој)
8. Активности со глаголица
„Глаголицата е самостоен и доследен графиски систем настанат како резултат на лична инспирација. Таа е типично христијанско писмо во чии рамки има христијански симболи.“
Глаголицата за секоја буква си има свое име и како што вели Ласко Ѓуровски во својот извонреден труд за глаголицата кој може да го видите подолу: „Имињата на буквите не се произволни туку секое има свое значење. Поточно, првите девет букви на глаголското писмо (Аз, буки, веди, глаголи, добро, ест живете, ѕело, землја), ја изрекуваат пораката: Јас кој ги познавам буквите зборувам дека е добро да се живее на земјата. Таа мисла го потврдува ставот дека познавањето на буквите и писменоста се темели на добриот живот.“
*овој документ е дел од бесплатниот глаголски пакет од господинот Ласко Ѓуроски на кој му сум неизмерно благодарна. Во него има теоретски делови кои може да бидат многу корисни за наставниците.
9. Учениците добиваат листови на кои е напишана глаголицата и со секоја буква од глаголицата стои нејзината соодветница во денешната наша кирилица. Се користат и новите графеми кои ги дизајнира Ласко Ѓуроски. Според претходно даден или нацртан на табла шаблон, учениците пишуваат наслов на неко краток текст на глаголица.
Пример за шаблон кој би симулирал бланко страница од некој глаголски ракопис. Го направив во Ворд со додавање на форми. Учениците може да гледаат на интерактивна табла и да пишуваат во тетратките нешто слично, пришто ќе си го украсуваат и бојат.
Како примери би можеле да стојат пред нив некој од овие листови:
10. И за крај ДОМАШНА РАБОТА
ако е изводливо овие активности може да се работат и на час, воннаставно, на додатна настава, проектна настава… како милува наставникот
Најди споменици, фрески, икони, други претстави, на кои се изобразени св. Кирил и св. Методиј. Пронајди ја нивата локација и запиши ја на фотографијата (скрин шот) испрати ги каде што е договорено со наставничката (папка на OneDrive, Вибер група, ClassNotebook, не дај боже на месинџер и сл.
– Разгледај ја глаголицата. Кои симболи можеш да ги препознаеш? Најди го значењето на тие симболи во Речникот на симболи или разговарај со некој од домашните. (крст, круг, триаголник. Крстот е симбол на христијанството, триаголникот е симбол на Света Тројца. Отец, Син и Свет Дух, а кругот симбол на бесконечност и совршенство)
– нацртај ги св. Кирил и Методиј (ова за оние ученици кои сакаат да цртаат, не да биде задолжително)
– направи постер во Canva на кој ќе напишеш еден податок кој го научи на часот
– инсталирај го фонтот глаголица: https://rb.gy/qnjw34 (овде може да се симне бесплатно)
Напиши нешто и отпечати го, донеси го на час. Или сними го и препрати го. Напиши го: твоето име, името на симпатијата 😊 напиши некоја тајна или раскажи некоја интересна случка, напиши ја твојата омилена песна од македонски автор…
Гледајќи ги буквите од глаголицата, преведи го следниот текст: