„Силјан Штркот“ е детски театарски фестивал кој опстојува веќе пет години. Една прекрасна идеја реализирана и на мускули истуркана од Ангела и Марија! Две храбри идеалистки, одлични актерки, жени змејови 😊
Овој Фестивал е нешто што задолжително треба да се поддржи! Тој носи вредности кои се забораваат, кои се запоставуваат, се бришат! Прилеп е театарски град. Прилеп го има Чернодрински, Прилеп има низа големци кои дале многу за театарот. Тој е театарскиот епицентар. Свесноста дека публиката се создава од најмали нозе веќе се покажа во последните две изданија на МТФ „Чернодрински“, и тоа донесе многу плод. Затоа не смее да се остани само со тоа, треба да се афирмира и да се работи овој Фестивал да се стреми кон чернодринските висини.
Затоа со мојата неуморна дружина „Од глаата си патиме“ бевме дел од отворањето на фестивалот. Десет штркчиња ја донесоа театарската пролет, иако есента се покажа во силно светло, ние ги расцутивме душите на сите театарски вљубеници.




Исто така драмската секција направи промотивно видео за Фестивалот коешто беше снимено во дворот на нашето училиште.
Уште две видеа беа направени во чест на Фестивалот:
Бојана Тодороска ја раскажа накратко приказната за Силјан и четири умни глави кажаа мудрости за театарот.
Овогодинешната програма e богата, побогата од претходните. Таа воведе и две младински претстави. Младински претстави! Такво нешто ние сме немале досега! А таа генерација е онаа која веќе почнува критички да размислува и да се гради себеси како идна личност, а ние во поглед на театарот низ годините ја губиме, ја запоставуваме. Добиваме по една детска претстава годишно реализирана од театарот „Војдан Чернодрински“, и неколку аматерски, најчесто многу лоши, наменети за претшколска возраст и за ученици во одделенска настава. Поголемите и средношколците немаат можност да погледнат претстави соодветни за нив.
Полните сали во изминатите четири фестивалски денови покажаа дека има интерес и свесност кај родителите, но и кај наставниците, да ги носат децата во театар. Бев сведок на многу мои драги колешки и колеги кои самоиницијативно, се организираа, купија карти и ги донесоа своите ученици. Да не заборавиме, тоа го прават надвор од часовите, не добиваат парична надомест. Одат пешки од училиштата до салите и будно се грижат дечињата да ги вратат безбедни. Рамо до рамо со родителите. Видов организирани родители кои од своите автомобили претворени во автобуси 😊, кога беше дождливо носеа дечиња. На сред претстава смируваат, тешат, поучуваат… Што е тоа, ако не љубов кон театарот? Тој подвиг треба да се поздрави и да се препознае како ветер кој ќе ги донесе промените!
Културното издигнување на еден народ може да донесе негова подобра иднина. Денешните генерации се обземени со многу погрешни вредности кои многу лесно им се пласираат на интернет. Само уметноста може да ги спаси! Мора да ја имаме пошироката слика. Создавајќи културна младина ние ја создаваме иднината за сите нас. За нашите деца, за нашите внуци.
Моето мислење е дека Општината треба да го прегрне силно овој настан и да даде голема поддршка. Училиштата во своите години програми треба да планираат задолжително барем една театарска претстава. Бидејќи овие претстави се внимателно одбрани. Во нив замешале прсти професионалци. Училиштата треба многу сериозно да одбираат што им нудат на своите ученици. Не да се задоволи само формата. Не сè што се нарекува театарска претстава треба да се гледа. Не сè што се предлага, без претходно да се испита и да се добие опис, треба да им се понуди на учениците. Оти на крај на денот родителите ги плаќаат тие карти!
Општината треба од својот буџет да оддели средства со кои ќе ги покрие трошоците за карти на учениците од ранливите категории. Ќе овозможи секој да може да изгледа барем една (професионална) претстава годишно.
Училиштата можат средствата од панаѓурите да ги искористат за карти. Секако тие средства секогаш се наменски. Ете една идеја којашто колегите можат да ја земат предвид. Може да се предложи кога се оди на роденден, место подароци, да се оди на театар. Лани, во Скопје, заедно со моите деца бев да ја гледам прекрасната изведба на „Волшебната флејта“ од Детски драмски театар, и случајно бевме дел од роденден. Родителите одлучиле својот син да го слави роденденот в театар! Колку прекрасна идеја. Кога заврши претставата славеникот беше повикан на сцена и сите присутни му пеевме „Среќен роденден“!
Моите ученици беа многу среќни што имаа можност да бидат дел од овој Фестивал. Да додадат од волшебниот прав кој цела недела трепери во воздухот.
Останаа уште два дена. Утре „Книголандија“ и за крај Петко. Со нетрпение ги чекаме!!!





Има низа начини да се поддржат убавите работи! Треба само волја и љубов! А овој Фестивал дефинитивно ја заслужува таа љубов!!!
