
„Спасувањето на Дедо Мраз“ е новогодишна претстава која ја работиме од почетокот на школската година. Главната рамка на приказната е заробувањето на Дедо Мраз од една вештерка која не ја сака Нова година бидејќи никогаш не добила подарок. Таа не била на листата на добри деца и поради тоа Дедо Мраз неа не ѝ давал подароци. Таа сака сите шумски животни и сите деца од светот да се чувствуваат како неа. Никој да не добие подарок! Но, едно мудро девојче кое многу сака да чита книги, а и будно ги следи социјалните мрежи, открива (на Инстаграм) во профилот на Вештерката дека таа многу сака приказни. Ама не сака приказни каде што има вештерки оти тие таму секогаш губат. Таа сака басни – приказни за животни, оти таму нема вештерки. Ете така, шумските животни кои на почетокот од претставата се забавуваа со Дедо Мраз и играа на новогодишна музика, повикани од девојчето, на Вештерката ѝ раскажаа три басни: Лисицата и Гавранот, Зајакот и Желката и Волкот и Јарето. Вештерката се воодушеви од тоа што го виде и реши да стане добра. Го ослободи Дедо Мраз и му дозволи да им подели на сите добри дечиња подароци. Ама Дедо Мраз не ја остави ни Вештерката без подарок. За тоа што одлучи да биде добра, доби подарок и ветување дека ќе добива секоја година! На крајот, сите заедно играат на звуците на познатата „Ѕвончиња, ѕвончиња“.



Оваа приказна ги пренесе поуките за трезвена процена на ласкањата што ги добиваме, за многуте „лајкови“ и прегледи кои не значат ништо, за упорноста којашто треба да ја дадеме за да се оствари и тоа во што не веруваме дека можеме, за послушноста и држењето до ближните додека сме малечки и неискусни…
Учениците од драмската секција, којашто во оваа претстава броеше 14 ученици (тоа не е нашиот полн состав, нè има уште) се претстави пред четири одделенија во ООУ „Климент Охридски“ на часовите по македонски јазик. Тие беа гости кај своите помали соученици. Искуството беше непроценливо. Дечињата уживаа во тоа што го гледаа, а овие, „големите“ живееја да покажат што научиле.
Откако убаво се навежбавме со настапите по училниците кај одделенците, заминавме во градинката „Бизи Би – Монтесори“. Таму бевме топло пречекани од најубавата публика што можевме да ја замислиме. Дечињата не трепнаа цела претстава, а потоа нè опсипаа со прегратки и прашања.
Навистина, вреди човек да се вложи во еден ваков проект кој имаше буџет со еден минус пред бројот…




Како успеавме: Со волонтери 😊 како и секогаш: Голема благодарност за актерот Александар Тодески кој работеше со дел од учениците. Колегата по ликовно образование Влатко Николоски кој ни помогна со маската за желката, родителите на ученците кои се вклучија во изработките на маските. Некои шиеја (маската на Лисицата, на Јарето), печатеа (домашни печатачи во боја), позајмуваа… (од тетка ми, од братучед ми, има кај баба ми…) Колешката Наташа Колеска која редовно нè обезбедува со костимот за Дедо Мраз, но и со две убави елки-облекувалки, ученици-добронамерници, кои слушаат што ни треба, не се дел од драмска, ама сакаат да помогнат (Мила – наставничке имам четири обрачи, новогодишни се, со сенгулки со ѕвончиња, ќе ви ги донесам…) домашни работи, кукли, играчки… лепила, ножици, фломастери, креп трака (тоа е основен ресурс!)
И што имавме: имавме куклен театар направен од картонот од столицата што си ја купив минатото лето. Имавме кукли отпечатени, обоени од учениците, залепени на стапчиња за ражнич. Имавме три кукли-маскоти од Џамбо, позајмени од син ми Војдан, имавме маски отпечатени од интернет, залепени со лепило на картон, со ластик. Рециклирани стари костими од театарската претстава „Ние врапчињата“… и многу многу љубов и снаодливост. Зад секој костим стоеше тимска работа. (Зајакот: наставничке Иринеја ќе донеси обрач со ушиња, имам опавче, од волна, со безопасна ќе го закачиме за хеланките, Тамарта носи хеланки и блуза, ќе земи креон, за да се нацрта лицето… а морковче? Јована има од сестра ѝ пластични зеленчуци и овошје, а Гуски? Мајка ми наставничке ќе ни отпечати? Лепило имам јас, а картон, може од блоков, веќе ми е истрошен?… и така за сите костими и реквизити… 10 кеси полни со тимска работа.
И кога ќе го видиш конечниот производ, радоста е неизмерна!





Како мравки се, само дај им насока и сè ќе направат! Слушаат, впиваат и се даваат целосно! Во настапите во училиште имавме едно одделение со момче со аутизам. Моите ученици го положија тестот на инклузивноста. Додека траеше претставата ученикот љубопитно истражуваше што се случува. Тие глумеа и имаа интеракција со него. Тоа толку ја збогати претставата, така изгледаше прекрасно што јас бев воодушевена. Им требаше само еден поглед од нас трите: наставничките и образовната асистентка, дека е во ред, дека може да се движи слободно, дека само сака да види што се случува, да ѕирни зад куклениот театар, да провери дали нашите рачно изработени реквизити се навистина интересни како што изгледаат оддалеку… Моите ученици не го игнорираа момчето. Тие глумеа, фрлаа одобрувачки погледи, споделуваа од реквизитите со него и не паничеа дека претставата не оди стриктно како што е вежбана. Тие гледаа во неговите очи, глумеа и се адаптираа на ситуацијата, а јас, јас бев пресреќна што доживеав вистинска инклузија!
Ние не ги учиме овие деца само на наставната програма што ја изработуваме или ја препишуваме од колегите, ние овие деца ги водиме низ низа процеси кои многу често ги нарекуваме проекти, низ нив, многу години потоа, ќе дознаат дека научиле животни лекции!
Моите херои беа:
Вештерката: Сара Тошеска
Девојчето: Теодора Малкоска
Нараторки: Теодота Малкоска и Иринеја Мечева
Баба: Бојана Гаралоска
Гавранот: Душица Илиеска
Лисица: Илијана Јорданоска
Зајакот: Тамара Паскоска
Желката: Надица Миленкоска
Гуска 1: Јоана Талеска
Гуска 2: Марко Петрески
Ученици зад куклениот театар: Јоана Талеска и Марко Петрески
Јарето: Никита Николоски
Песот: Ивана Бошкоска
Волкот: Саша Бошков
Дедо Мраз: Миле Нешкоски











