Сакам и овој пат да кажам нешто за фестивалот „Силјан Штркот“. Да зборувам за Силјановиот лет! Пофалните зборови не можат да изостанат затоа што силни женски мускули беа во прашање и оваа година! Во некоја од моите претходни објави Марија и Ангела ги нареков „лавици“, море не само „лавици“ туку јаки и силни кралици!!! 😊 Мои прекрасни девојки кои знаат што сакаат и тоа го остваруваат. Среќа што не се сами и што од година во година, како што љубат да напишат во објавите: „јатото се зголемува“. Само тоа ќе нè спаси од сивилото, од орлите кои нè напаѓаат во летот што го правиме сите заедно!
Сведоци сме на затворање на театарот, на немање никакви конкретни насоки каде ќе води таа кома во која што е театарот во моментов… и во сета таа приказна се појавува светлината наречена „Силјан Штркот“! Ако некој има очи да види, ќе види дека има публика која допрва ќе е жедна за убава претстава, ќе е гневна ако ја нема и ќе прај бељи!… дај Боже да не дојде до тоа…
Таа мала, слатка, искрена и нежна публика овие четири дена живееше и учеше, учеше како да е цела година во училница. Тие мали штркчиња научија како да се однесуваат во театар. Посветените волонтери и „лошата Ангела“ 😊 покажаа како треба да се однесуваме в театар. Силјан укажуваше пред почетокот на секоја претстава кои се правилата, а будните светнати очиња следеа без да трепнат.
Најпрво го гледавме Велешкиот театар со многу интересна изведба на „Мачорот в чизми“ каде што воденичарот беше заменет со автомеханичар и наместо еден мачор имавме две мачки. Актерот Фаик (Мачорот) беше фантастичен, всушност целата актерска екипа беше одлична. Дворските дами носеа ведрина и ја разигруваа атмосферата. Автомобилот и мегафонот беа одлични режисерски решенија.
Особено ми остави впечаток кралот. Многу наликуваше на водителот на познатото шоу во филмот „Игри на гладните“. Тоа негово кратко појавување беше прекрасно одиграно. Оскарот оди за него 😊
Втората претстава беше мојот фаворит! Битолчани покажаа и докажаа дека вложуваат во театарот. Претставата отскокнуваше со актерската игра, со сценографијата, костимографијата, режијата, музика и драматизацијата. Значи целокупно беше она што секоја претстава, не само детска, треба да го има.
Музиката беше соодветна, ненаметлива, се слеваше со атмосферата. Сцената беше богата. Се менуваше и изобилуваше со можности за движење на актерите. Костимите беа многу убави и модерни, освен класичниот фустан и фризура според која е препознатлива Снежана.
Режисерското решение за огледалото-наратор беше досетливо и многу интересно. Џуџињата беа урнебесни. Весели, сите различни на свој начин. Разиграни во стилот на музиката. Тоа беше сериозна уиграна кореографија која ја гледаме во големите претстави во кои има колективни улоги. Но оскарот оди на Јулијана Мирчевска! Лошата кралица која толку суптилно и со оригинална, сериозна актерска игра ја одигра улогата. Едноставно пленеше со леснотија и убавина за гледање. Човек да ја засака, 😊 иако лоша.
Оваа претстава треба да биде пример за сите национални театри, бидејќи од она што го имам гледано, не се вложува доволно во детските претстави, а битолчани имаат свесност како се гради публиката уште од најмали нозе.
Третиот ден беше за нашите. „Мал театар“ со своите сили, со двете голи раце креира сцена, костими и одигра одлична претстава. Кога заврши претставата првата реакција ми беше: „ах каква ли ќе беше да имаа богата продукција“. Нашите актери се веќе докажани и прекрасни. Марија, Александар, Ангела и Волче се зрели да играат во каква и да било претстава, а младата девојка, за која разбрав дека е наша прилепчанка, скоро завршена, ме израдува најмногу. Таа покажа дека традицијата продолжува и дека имаме уште актери кои ќе донесат свежина, нормално ако некој им ја даде таа шанса и со надеж да не чекаат колку Иле… овде оскарот оди на цела екипа, вклучувајќи ги и Томе, Кире, блиска фамилија и сите Зонавци кои не излегоа од Цепенков сите пет фестивалски дена!
На крај Пепелашка. Струмичани беа многу интересни. Имав чувство како режисерот да го гледал цртанот 😊 Дури и актерската игра потсетуваше на стариот и добар цртан за Пепелашка. Колку го сакав… знам дека имаше и албум со сликчиња и ги собирав во детството… Ми се допадна балот. Џез-бал во кој принцот беше ептен кул. А мајката, Гризела и Анастасија беа оскаровките. Колку добри гестикулации, муцкања, негодувања… фантастични! А Пепелашка, нежна, мила и омилена на сите дечиња во публиката.
За жал поради обврски не бев дел од ниедна работилница, но следев на социјалните мрежи и разговарав со учесниците. Впечатоците им беа позитивни. А изработките ги гледавме низ фестивалските денови. Креативниот дух на максимум!
Ете, едно мое нестручно, кратко и искрено видување на четирите претстави…
А сега едно стручно, мајчинско видување: Ќе зборувам за искуството на едно штркче Војдан (мојот син со кого имав среќа да ги изгледам сите претстави)
Војдан ми го проверуваше телефонот дали ми е исклучен и ми викаше: „Шшшш!“ кога го прашував да не му е ладно.
Војдан се запозна со чудната направа мегафон. И сфати дека тоа е стар микрофон 😊
Војдан беше најпрво преплашен кога на „Пепелашка“ се појави од никаде магла и дојде до нас… но јас веднаш му објаснив и потоа со нетрпение го очекуваше секое нејзино појавување. Уживаше во прелевањето на светлината низ чадната завеса.
Војдан навиваше за Лео да биде сопруг на царската ќерка. Оти препозна дека тој е добар и дека искрено ја љуби принцезата.
Војдан ја препозна лошотијата на маштеата и викаше Јованче и Марика да не одат во шумата, да не влегуваат во куќичката… ја осети опасноста.
Војдан се чудеше како жената облечена во сиво е огледалото, ама потоа сфати дека во театарот и предметите може да бидат претставени преку актерите.
Војдан се воодушеви на тоа дека сцената може да се врти и од озгора да се симнуваат дрвја, кочии и многу други чудесии.
Војдан ја знаеше приказната за Пепелашка и пред да тргнат Гризела и Анастазија да ја нападнат, рече: „сега че ѝ го скинат фустанот“. Тој покажа дека внимателно слушал кога навечер му ги читам приказните.
Војдан ме праша дали Мачорот во чизми платил за чизмите што ги украл.
Војдан ја играше играта на џуџињата и викаше: „мамо јас сум џуџе: ло, ло, лоо, лоо“, клекнуваше и стануваше, како нив.
Војдан играше и се веселеше на музиката од претставите и се стегаше во мене кога гавраните летаа и ги јадеа парчињата леб што ги фрлаше Јованче во шумата.
Војдан секоја вечер по претставата бараше да му ја читам сказната од претставата што ја гледавме тој ден.
Војдан ме праша денес зошто не одиме пак на театар. Кога му кажав дека фестивалот заврши, ме праша кога ќе има повторно претстава.
Што ни кажува ова прашање? Нема потреба да објаснувам…
А воодушевувачките погледи што си ги упатувавме по сто пати во театарскиот мрак. Гушкањето и одобрувачките кимнувања дека се согласуваме со тоа што го играат актерите, се непроценливи. Едно квалитетно поминато време со своето дете што создава кај него сигурност, топлина и можност да расне здраво.
Не би сублимирала, јасно е како ден колку многу работи ова штркче научи во четири дена гледање претстави. Е па драги мои, проценете дали треба да ги носите или праќате со учителките/ите, своите деца на театар.
Театарот е место каде што фантазијата е пуштена на максимум! Таму детските очи гледаат работи кои не може да се најдат на Јутуб. На Роблокс нема да ги научат вистинските вредности за животот и светот. Ако сакаме да пораснеме луѓе кои ќе мислат со своја глава и ќе бидат идни совесни граѓани на овој град, треба да работиме на нивото културно издигнување.
Уметноста ќе го спаси градот!!!
Летај Силјане, есента само што не заседнала. Врати ни се догодина со нови, прекрасни претстави!!!
Те чекаме со нетрпение!!!
