Проект: Среќниот Принц (дела на добрината)

Made with Padlet

На часот по македонски јазик со учениците од шесто одделение работевме за сказни. Откако се запознавме со најубавите сказни на браќата Грим, Андерсен, Цепенков, ја читавме и прекрасната авторска сказна на Оскар Вајлд „Среќниот Принц“

Овде може да ја симнете скенирана (бидејќи во учебникот за шесто одделение има само мал извадок од неа)

„Среќниот принц“ – Оскар Вајлд

„Кога златото не вреди ништо“

Прашања за дискусија:

  1. Зошто статуата на Принцот би можела да плаче?
  2. Може ли нешто „неживo“ да покаже човечност?

„Ќе зборуваме за тоа што значи вистинска среќа.“

  1. Кого и зошто му помага Принцот?
  2. Каква е улогата на Ластовичката?
  3. Што го прави крајот тажен, а сепак возвишен?

„Среќниот принц во нашиот град“ – Што би направил?

  1. На кого би му помогнала денес?
  2. Како би изгледала? Нацртај го.

  3. „Писмо до Ластовичката“

напиши писмо во кое ѝ се заблагодаруваш дека ти помогнала

„Среќата не е во тоа да имаш, туку во тоа да даваш.“

  1. Што нè прави навистина „среќни“?
  2. Дали денес има луѓе како Принцот и Ластовичката?
  3. Како би изгледала приказната ако ја пишуваме ние?

ИДЕИ ЗА ПОСТЕРИ (помош од вештачката интелигенција)

  • „Среќата не е злато, туку срце“

Дизајн: Во центарот — статуа на Принцот, поделена на две половини: една страна златна и блескава, другата сива, но од неа излегува светлина во форма на срце.
Текст/слоган: „Блескај со добрина, не со богатство.“ или „Кога даваш, светот станува посреќен.“

  • „Ластовичката на добрината“

Дизајн: Небо со град под него, Принцот на висок столб, а Ластовичката лета со сино зрно во клунот. Околу нив можеш да додадеш срца, цитати или зборови: љубов, жртва, сочувство, храброст.

Текст/слоган: „Малите добрини носат големи чуда.“ или „Крилја на љубовта — највредното богатство.“

  • „Два херои – еден дух“

Дизајн: Профили на Принцот и Ластовичката, споени со симбол на светлина или ангелски круг. Боите може да бидат контрастни: ладно злато и топло синкаво небо.
Текст/слоган: „Вистинската убавина е во делата, не во изгледот.“ или „Среќата е кога некому си ја дал својата радост.“

  • „Што ако Принцот беше денес?“

Дизајн: Современа градска сцена (луѓе со телефони, реклами, гужва), а во средина стои модерна верзија на Принцот (може дури и дигитална статуа). Ластовичката носи писмо со порака: „Не заборавај да гледаш со срцето.“

  1. „Моето злато за нивната среќа“

Дизајн: Слики или симболи од моментите кога Принцот им помага на луѓето (сираче, шивачка, студент…). Може да биде колаж со цитати од делото.
Цитати за постерот:

„Нема ништо поскапо од љубовта.“
„Дадов сè, а сепак добив сè.“
„Кога срцето зборува, среброто молчи.“

Трето место на Детски Рацинови средби

На моја голема радост, ученичката Ана Ангелеска го освои престижносто трето место на 58. Детски Рацинови средби. Од вкупно 1172 творби кои не беа само од Македонија, нашата Ана се надмина себеси.

Иако допрва ќе учиме за Црвениот Поет, Ана твореше како да го знае, можеби затоа што на ист ден се родени 😊

Овој посебен настан за неа, беше проследен и од нејзините прекрасни родители кои беа поддршка и нè однесоа во Велес за заедно да се радуваме на успехот.

Со Ана бевме дел од работилница: „Писмо до Рацин“ во кое учениците му пишуваа на поетот. Потоа тука беше, секогашприсутниот писател Горјан Петревски со кого имавме разговор и дискутиравме за различни теми.

Она што ни остави голем впечаток беше посетата на спомен-куќата на Рацин во кој научивме многу работи. Од „перото“ на Ана сигурно ќе произлезат некои стихови инспирирани од тоа што го виде.

И на крај присуствувавме на свеченото доделување на наградите. Моите драги колешки, скромно ама со големо срце приредија прекрасна свеченост. Дишеше духот на посветениот наставник, во случајов наставнички 😊

Прекрасен перформанс од „МДПС Премиера“ по текст на Анита Мирчева од кој човек ќе смрзне, па ќе се стопли и силно силно ќе се замисли за својата одговорност и за нашата иднина…

Им благодарам од име на мојата ученичка и нејзиното семејство на целиот тим што е вклучен во оваа скапоцена манифестација! Догодина! За Рацин!

За овогодинешниот Силјанов лет!

Сакам и овој пат да кажам нешто за фестивалот „Силјан Штркот“. Да зборувам за Силјановиот лет! Пофалните зборови не можат да изостанат затоа што силни женски мускули беа во прашање и оваа година! Во некоја од моите претходни објави Марија и Ангела ги нареков „лавици“, море не само „лавици“ туку јаки и силни кралици!!! 😊 Мои прекрасни девојки кои знаат што сакаат и тоа го остваруваат. Среќа што не се сами и што од година во година, како што љубат да напишат во објавите: „јатото се зголемува“. Само тоа ќе нè спаси од сивилото, од орлите кои нè напаѓаат во летот што го правиме сите заедно!

Сведоци сме на затворање на театарот, на немање никакви конкретни насоки каде ќе води таа кома во која што е театарот во моментов… и во сета таа приказна се појавува светлината наречена „Силјан Штркот“! Ако некој има очи да види, ќе види дека има публика која допрва ќе е жедна за убава претстава, ќе е гневна ако ја нема и ќе прај бељи!… дај Боже да не дојде до тоа…

Таа мала, слатка, искрена и нежна публика овие четири дена живееше и учеше, учеше како да е цела година во училница. Тие мали штркчиња научија како да се однесуваат во театар. Посветените волонтери и „лошата Ангела“ 😊 покажаа како треба да се однесуваме в театар. Силјан укажуваше пред почетокот на секоја претстава кои се правилата, а будните светнати очиња следеа без да трепнат.

Најпрво го гледавме Велешкиот театар со многу интересна изведба на „Мачорот в чизми“ каде што воденичарот беше заменет со автомеханичар и наместо еден мачор имавме две мачки. Актерот Фаик (Мачорот) беше фантастичен, всушност целата актерска екипа беше одлична. Дворските дами носеа ведрина и ја разигруваа атмосферата. Автомобилот и мегафонот беа одлични режисерски решенија.

Особено ми остави впечаток кралот. Многу наликуваше на водителот на познатото шоу во филмот „Игри на гладните“. Тоа негово кратко појавување беше прекрасно одиграно. Оскарот оди за него 😊

Втората претстава беше мојот фаворит! Битолчани покажаа и докажаа дека вложуваат во театарот. Претставата отскокнуваше со актерската игра, со сценографијата, костимографијата, режијата, музика и драматизацијата. Значи целокупно беше она што секоја претстава, не само детска, треба да го има.

Музиката беше соодветна, ненаметлива, се слеваше со атмосферата. Сцената беше богата. Се менуваше и изобилуваше со можности за движење на актерите. Костимите беа многу убави и модерни, освен класичниот фустан и фризура според која е препознатлива Снежана.

Режисерското решение за огледалото-наратор беше досетливо и многу интересно. Џуџињата беа урнебесни. Весели, сите различни на свој начин. Разиграни во стилот на музиката. Тоа беше сериозна уиграна кореографија која ја гледаме во големите претстави во кои има колективни улоги. Но оскарот оди на Јулијана Мирчевска! Лошата кралица која толку суптилно и со оригинална, сериозна актерска игра ја одигра улогата. Едноставно пленеше со леснотија и убавина за гледање. Човек да ја засака, 😊 иако лоша.

Оваа претстава треба да биде пример за сите национални театри, бидејќи од она што го имам гледано, не се вложува доволно во детските претстави, а битолчани имаат свесност како се гради публиката уште од најмали нозе.

Третиот ден беше за нашите. „Мал театар“ со своите сили, со двете голи раце креира сцена, костими и одигра одлична претстава. Кога заврши претставата првата реакција ми беше: „ах каква ли ќе беше да имаа богата продукција“. Нашите актери се веќе докажани и прекрасни. Марија, Александар, Ангела и Волче се зрели да играат во каква и да било претстава, а младата девојка, за која разбрав дека е наша прилепчанка, скоро завршена, ме израдува најмногу. Таа покажа дека традицијата продолжува и дека имаме уште актери кои ќе донесат свежина, нормално ако некој им ја даде таа шанса и со надеж да не чекаат колку Иле… овде оскарот оди на цела екипа, вклучувајќи ги и Томе, Кире, блиска фамилија и сите Зонавци кои не излегоа од Цепенков сите пет фестивалски дена!

На крај Пепелашка. Струмичани беа многу интересни. Имав чувство како режисерот да го гледал цртанот 😊 Дури и актерската игра потсетуваше на стариот и добар цртан за Пепелашка. Колку го сакав… знам дека имаше и албум со сликчиња и ги собирав во детството… Ми се допадна балот. Џез-бал во кој принцот беше ептен кул. А мајката, Гризела и Анастасија беа оскаровките. Колку добри гестикулации, муцкања, негодувања… фантастични! А Пепелашка, нежна, мила и омилена на сите дечиња во публиката.

За жал поради обврски не бев дел од ниедна работилница, но следев на социјалните мрежи и разговарав со учесниците. Впечатоците им беа позитивни. А изработките ги гледавме низ фестивалските денови. Креативниот дух на максимум!

Ете, едно мое нестручно, кратко и искрено видување на четирите претстави…

А сега едно стручно, мајчинско видување: Ќе зборувам за искуството на едно штркче Војдан (мојот син со кого имав среќа да ги изгледам сите претстави)

Војдан ми го проверуваше телефонот дали ми е исклучен и ми викаше: „Шшшш!“ кога го прашував да не му е ладно.

Војдан се запозна со чудната направа мегафон. И сфати дека тоа е стар микрофон 😊

Војдан беше најпрво преплашен кога на „Пепелашка“ се појави од никаде магла и дојде до нас… но јас веднаш му објаснив и потоа со нетрпение го очекуваше секое нејзино појавување. Уживаше во прелевањето на светлината низ чадната завеса.

Војдан навиваше за Лео да биде сопруг на царската ќерка. Оти препозна дека тој е добар и дека искрено ја љуби принцезата.

Војдан ја препозна лошотијата на маштеата и викаше Јованче и Марика да не одат во шумата, да не влегуваат во куќичката… ја осети опасноста.

Војдан се чудеше како жената облечена во сиво е огледалото, ама потоа сфати дека во театарот и предметите може да бидат претставени преку актерите.

Војдан се воодушеви на тоа дека сцената може да се врти и од озгора да се симнуваат дрвја, кочии и многу други чудесии.

Војдан ја знаеше приказната за Пепелашка и пред да тргнат Гризела и Анастазија да ја нападнат, рече: „сега че ѝ го скинат фустанот“. Тој покажа дека внимателно слушал кога навечер му ги читам приказните.

Војдан ме праша дали Мачорот во чизми платил за чизмите што ги украл.

Војдан ја играше играта на џуџињата и викаше: „мамо јас сум џуџе: ло, ло, лоо, лоо“, клекнуваше и стануваше, како нив.

Војдан играше и се веселеше на музиката од претставите и се стегаше во мене кога гавраните летаа и ги јадеа парчињата леб што ги фрлаше Јованче во шумата.

Војдан секоја вечер по претставата бараше да му ја читам сказната од претставата што ја гледавме тој ден.

Војдан ме праша денес зошто не одиме пак на театар. Кога му кажав дека фестивалот заврши, ме праша кога ќе има повторно претстава.

Што ни кажува ова прашање? Нема потреба да објаснувам…

А воодушевувачките погледи што си ги упатувавме по сто пати во театарскиот мрак. Гушкањето и одобрувачките кимнувања дека се согласуваме со тоа што го играат актерите, се непроценливи. Едно квалитетно поминато време со своето дете што создава кај него сигурност, топлина и можност да расне здраво.

Не би сублимирала, јасно е како ден колку многу работи ова штркче научи во четири дена гледање претстави. Е па драги мои, проценете дали треба да ги носите или праќате со учителките/ите, своите деца на театар.

Театарот е место каде што фантазијата е пуштена на максимум! Таму детските очи гледаат работи кои не може да се најдат на Јутуб. На Роблокс нема да ги научат вистинските вредности за животот и светот. Ако сакаме да пораснеме луѓе кои ќе мислат со своја глава и ќе бидат идни совесни граѓани на овој град, треба да работиме на нивото културно издигнување.

Уметноста ќе го спаси градот!!!

Летај Силјане, есента само што не заседнала. Врати ни се догодина со нови, прекрасни претстави!!!

Те чекаме со нетрпение!!!

Првиот час

Предлози за првиот час:

  • Бидете насмеани и ведри, поздравете ги учениците со радост и дајте им време да се адаптираат на новата средина.
  • Претставете им се, кажете некоја интересна работа за себе. Што сакате да јадете, каде сакате да патувате…
  • Запознавање: има низа игри за запознавање… Ако одделението доаѓа од одделенска (значи веќе пет години учеле заедно) учениците се знаат меѓусебе, па може да се примени играта: Претстави го твоето другарче: Се започнува со еден ученик кој избира друг за кого кажува неколку реченици во кои го претставува. Во претставувањето треба да каже убави зборови за својот соученик/ничка. Пр: Ана свири многу убаво на пијано. Таа игра и одбојка. Сака да се дружи со сите и секогаш ми помага кога ми треба помош…
  • Напишете на таблата листа со работ кои им се потребни за вашиот час
  • Јасно и едноставно објаснете им ја програмата. Што ќе учат и кои се очекувањата за тоа што ќе стекнат со тоа што ќе го научат.
  • Кажете им како ќе ги оценувате, кои работи се важни на часовите
  • Заедно направете правила кои ќе ги отпечатите или ќе ги запишете и ќе стојат цела година на ѕид во училницата. Еве идеја како да ги сработите:

Наставничката чита изјави, учениците од нејзините изјави треба да извлечат една или две реченици. Така ќе се реализира стандардот:

Слушање со разбирање: Резимира во 1-2 реченици (во пишана или усна форма) слушнат или прочитан текст од 5-6 реченици.

Многу ми е важно, за да може да тече часот непречено, кога зборувам учениците да ме слушаат внимателно и да постапуваат според насоките коишто им ги кажувам. Ако ме слушате внимателно ќе може да ме разберете што ви кажувам и ќе учите полесно.

1.Слушај внимателно што зборува наставничката и следи ги насоките! (можен одговор од учениците)

Сакам моите ученици да бидат искрени со мене и да ми ги кажуваат работите какви што се. Јас ќе најдам начин да им помогнам и да ги разберам. Сакам исто така да бидат одговорни и да ги завршуваат сите задачи.

2. Биди искрен/а

3. Биди одговорен/на! (можен одговор од учениците)

Моите ученици треба да ја сакаат училницата како да е нивниот дом. Да се грижат да биде чиста. Да не чкртаат по клупите, да не лепат мастики, да не оставаат под клупа ѓубре. Да ги фрлаат сите отпадоци во кантата за ѓубре.Во училницата има крпа и средство за чистење, секој може кога има потреба да го користи.

4. Грижи се училницата да биде чиста! (можен одговор од учениците)

Моите ученици сакам да бидат добри другари. Да се почитуваат меѓусебе и да се поддржуваат. Да нема насилство во училница ниту исмевање. Секој ученик да се чувствува пријатно во училницата.

5. Почитувај ги другите и помагај му на оној што му е потребна помош!

6. Не биди насилен/на! Не навредувај! (можен одговор од учениците)

За да има ред во училницата сите треба да седат на своето место. Ако некој сака да каже нешто, да седи во својата клупа и да крене рака, штом добие збор може да зборува.

7. Крени рака кога сакаш да кажеш нешто! (можен одговор од учениците)

Моите ученици сакам да бидат културни. Да не користат погрдни зборови. Она што сакам да го слушам е литературен јазик и употреба на убави, пријатни зборови.

8. Биди културен/културна, користи убави зборови! (можен одговор од учениците)

На интернет има најразлични постери со правила за час… учениците во Канва може подоцна направените правила да ги направат постер кој ќе го закачите во училницата.

Социјална песна „Ни за една мастика“

Летото е време кога успеаш да се собереш, да се видиш со драги луѓе и да се присетиш на полно работи кои си ги започнал и не си ги завршил. Една од нив е и проектот Социјална песна. Започнавме пред две години да го правиме. На часот кога учевме за социјални песни учениците (сите четири одделенија) во групи твореа социјални песни. Од сите песни се правеше компилација и се создаде една. Идејата беше една моја поранешна ученичка, која знае да рапува да дојде на час, да ја стегне песната и да ја вежба со учениците, да ја пеат, да ја снимиме и да се фалиме 🙂

Но, учениците завршија, Сара не стигна, јас не бев доволно упорна и остана само песната, која за волја на вистината беше доработена од Сара. Вчера јас и Сара се видовме и мене ми светна дека имаме suno. Па му ја пратив и еве што излезе! Уживајте!!!

Генерација 2024-2025 Драмска секција

Тадаааам! Еве го нашето табло. Голема благодарност на Ленче Бумбароска-Радосављевиќ којашто волонтерски го направи овој спомен. Се надеваме дека традицијата ќе продолжи и наредните години. Ова се учениците од деветто одделение кои со својата креативност создадоа многу убави моменти. Тоа останува засекогаш. Ви благодарам ученици! Бевте прекрасни! Ви посакувам успеси и чувајте ја театарската жар којашто ја запаливме!

ДЕТСКА ЗОНА на МТФ Чернодрински! „Сакам лав“ – драмска дружина „Од глаата си патиме“

Само што не почнал театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“! Оваа година и ние сме едно мало парче од мозаикот. Ќе мотивираме, ќе едуцираме и ќе се забавуваме!

Дојдете во недела (8.6.2025) кај Саатот, од 10-12 часот ќе се дружиме во Детската зона! А околу 11 часот ќе се претставиме со нашата претстава: „Сакам лав.“ (15 мин.)

„Сакам лав“ е рамка на драмскиот текст кој произлезе од двогодишната работа на часовите на драмската секција. Тоа е една прекрасна сликовница од Анемари ван Еем, Марк Јансен, во издаваштво на Сказнувалка (https://www.instagram.com/skaznuvalka/)

„Сликовница за имагинацијата која ја имаат децата, знаењата кои ги стекнуваат, нивните начини на убедување на возрасните. И колку на децата им е важно да имаат милениче со кое ќе поминуваат време заедно.“ (Мама ми чита).

Во таа примамлива рамка се вметнати три добро позанати басни од коишто со учениците направивме драматизации: Гавранот и Лисицата, Зајакот и Желката и Јарето и Волкот.

Нашата дружина „Од глаата си патиме“ е креативна средина во која учиме да се сакаме онакви какви што сме, учиме да веруваме во себеси, но и во моќта на заедницата! Учиме што е театар и како тој може да ги направи вистинските промени!

Текстот нЕ учи да бидеме храбри, да веруваме во она што ни го кажуваат блиските, да се бориме и да бидеме вешти за да преживееме во сивилото што нЕ обзема. Да се смееме и да се осмелиме!

Први имаа можност да нЕ видат првачињата од нашето училиште и дечињата од градинката Бизи би

Се гледаме во недела!!!

Проект репортажа

Учениците од деветто одделние реализираа проект: Репортажа. Еве дел од креативните изработки:

Оваа репортажа е дел од учениците: Саша Бошков, Никита Николоски и Димитар Иваноски од 9-2 одделение.

Ученичките Ивана и Мирјана Думбалоски и Анастасија Амбароска од 9-1 ја направија репортажата за Матка.

Голем број ученици напишаа и патописи. И на сите им беше мотивацијата тридневното патување. Исто така тоа е еден поттик и вистински начин како да се изведе една екскурзија. Учениците треба за време на ексурзијата да имаат креативни задачи на кои ќе се фокусираат и ќе учат и креираат нови работи.

Вежби за зависносложени реченици

Првата задача е учениците да направат табела во која ќе ги внесат имињата на сите девет зависносложени реченици. Потоа во табелата ги нпишуваат и сврзниците. Така ќе имаат појасна слика за секоја реченица одделно.

Втора задача е да изберат по еден сврзник од секоја реченица и да напишат девет реченици.

Трета задача е играта бинго. На посебно ливче или во тетратката цртаат табела со девет колони. Задачата е да пристапат до девет различни ученици на коишто ќе им прочитаат по една реченица од претходно напишаните. Ако ученикот погоди каква е реченицата во табелата штиклираат со точно, ако погреши со неточно.

Ако има ученик со сите девет полиња точно одговорени реченици вика БИНГО! Во спротивно, се бараат линии и се освојуваат поени, знаци, чоколада, привилегии за следната вежба…

Медиумска култура: Социјалните медиуми и сликата за телото.

Оваа година, иако се одлучи да се оди со старата програма за седмо одделение, сепак беа додадени содржини од Медиумска писменост. Една од тие содржини е и „Социјалните медиуми и сликата за телото“. Навистина интересна тема и многу значајна, особено за учениците од пониските одделенија. Размислував како да ја реализирам целта на оваа содржина: влијанието на социјалните медиуми врз нас, и веднаш се досетив на еден прекрасен расказ од книгата „Расположенијата на Хиполит Колбас“ од Роксана Јендежејевска – Врубел во издание на „Бегемот.“ Тоа е првиот текст на изданието кој се вика „Не е сè изгубено“. Во него Хиполит е куче од видот јазовичари и има потешкотии со неговата претстава на социјалната мрежа „Куќарка“ којашто е пандан на Фејзбук, но можеби уште подобро на Инстаграм. Хиполит понесен од тоа што исчистил и зготвил вкусно јадење, се фотографира и тоа го објавува, но веднаш по објавата се загледува низ профилите на другите кучиња и гледа: освоени награди, патувања, фотографии крај базени… и се чувствува лошо. Ја брише фотографијата и се обвинува себеси како можел да си дозволи да става таква фотографија… Приказната добива уште повеќе можност за дискусија кога доаѓа неговиот пријател, мачката Среќко, кој има сосем различни гледања за социјалниот медиум.

Овој прекрасен текст прави одличен вовед во содржината којашто треба да се реализира. Ликот на Хиполит треба да ги научи учениците за лошото влијание на социјалните мрежи. За лажната слика која пред сè сами си ја создаваме и за несвесноста дека тоа што го гледаме нема никаква врска со реалноста.

            Потоа со учениците се прави експеримент: работат во парови, секој ученик е фотографиран неколку пати. Избира која фотографија сака да ја стави како профилна на Инстаграм, но дава и образложение зошто. Доброволно се отвора профил на некој ученик или на некоја позната личност и се разгледува. Се дискутира што се објавува најмногу и како изгледаат личностите чии профили се разгледуваат.

На учениците им покажувам фотографии кои се направени со дополнителни ефекти или монтажи:

Исто така се разгледуваат фотографии на кои се познати личности со шминка и без шминка. Се дискутираат разликите. Се дава до знаење колку многу може да промени шминката и колку филтрите на сите паметни телефони ја менуваат реалноста. Може да се демонстрира на некој од мобилните телефини како лесно со инсталирање на некои апликации или користење на филтри може целосно да се промени ликот.

Особено е значајно да се работи на самодовербата на учениците, бидејќи гледајќи „совршенства“ на социјалните медиуми, а не знаејќи дека тоа не е реално, не може да се остане рамнодушен.

Се дискутира за фокусот на телото, на телото како модел и статусен симбол на социјалните медиуми, на „културата на изложување на телото“ која често е причина и за нарушувања на психичкото здравје на децата во период на пубертет. За нивната склоност кон имитација и идентификација, особено во пубертетот за нивната преокупираност со „себе“ и со „сликата за себе“, како форсирањето на телото на медиумите остава посебен печат врз нивниот развој.

Се гледаат и видеата:

и потоа се коментира за содржините. За стереотипите за женското тело и за предизвиците со кои се носиме додека растиме.