Работилница со Александар Манасиев

Оваа година нашето училиште се вклучи во проектот „Младите размислуваат“, проект за медиумска писменост кој во моментов, меѓу другото, работи на јакнење на втора генерација медиумски клубови низ Македонија. Нашиот Медиумски клуб К имаше чест да добие едукација за мобилно новинарство од новинарот Александар Манасиев.

Александар Манасиев е наградуван новинар со повеќе од 17 години искуство во печатени медиуми, ТВ и дигитални медиуми. Тој има искуство како истражувачки новинар, дописник и главен уредник во повеќе медиуми во регионот и пошироко. Тој исто така работи како регионален обучувач за мобилно новинарство, дигитални медиуми и истражувачко новинарство.

Манасиев заедно со Ивона Василова (одговорна за програмската поддршка на проектот) беа наши гости и во неколкучасовно дружење ни пренесоа позитивна енергија која нè мотивира многу.

На работилницата учествуваа членовите од Клубот и научија низа „финти“ со кои ќе знаат подобро да фотографираат и да снимаат видеа.

Манасиев ни покажа како можеме да ја користиме опремата што ја добивме од проектот. Техничкиот дел, но и оној уметнички, визуелен доем.

Учениците правеа кратки интервјуа, фотографираа профилни фотографии. Дискутираа за позицијата на објектите што се сликаат/снимаат. Учеа како да фокусираат, ги вклучија мрежните линии. Дискутираа за експозиција, композиција на слика… секвенци при снимање видео од мобилен телефон. Правеа кратки интервјуа во кои учеа како да снимаат, каде да биде поставен телефонот, микрофонот, рисиверот… низа подробности кои ќе ги направат нашите идни интервјуа подобри.

Учениците поставија и прашања поврзани со нашите идни училиштни проекти и добија јасни и прецизни одговори кои многу ќе ни помогнат во иднина.

Задоволството беше обострано. Големото присуство на учениците покажа колку им значеше посетата.

Јас, како наставник-ментор сум многу среќна што ја имаме можноста преку проектот да научиме нови работи и да се обидеме да ги описмениме медиумски младите, да ги протнеме вистинските вредности низ работите кои ним им се интересни и важни. Бидејќи тие навистина голем дел од денот го поминуваат со телефоните и многу често снимаат и фотографираат, но тоа не значи дека знаат како. За сите работи, како и за оваа, поребно е вистинско насочување.

Се надеваме на уште посети од новинари и на соработки кои ќе нè јакнат и ќе нè направат достоинствен клуб.

Читање мапа

На часот по македонски јазик, според новата концепција учениците треба да совладаат вештини за читање мапа. Кога треба да се научи такво нешто, најдобро е да се повика извидник 🙂

Во нашата училница ни дојде на гости Филип Стојаноски, извидник од извидничкиот клуб „Феникс“ од Прилеп. Од Филип научивме многу работи. Ни покажа што значат боите, симболите и линиите на картата на светот и на Македонија. Како да се ориентираме на мапата. Ја баравме Селечка Планина, каде се наоѓа на картата, ама и каде е, на која страна од светот, кога ја гледаме од училиштниот прозорец.

На учениците им беше најинтересна играта со страните на светот. Кога научивме каде е која страна, требаше да се вртиме со лицето кон страната којашто ќе ни ја кажеше Филип. Па кој погреши – испаѓа.

На часот се цртаа и симболи кои се користат во мапите и се објаснуваше нивното значење. Учениците имаа задача за дома да измислат свој знак и да го нацртаат.

Работилница (медиумска писменост) со Огнен Јанески

Во петокот ја имавме таа чест и привилегија на часот по македонски јазик да ни дојде на гости Огнен Јанески. Неговото доаѓање беше потврда на моето искуство со вакви часови. Навистина, кога професионалец, во областа која се предава, ќе дојде на час – реализацијата е совршена.

Јанески е наш ученик. Своето основно образование го завршил во „Климент Охридски“ и токму поради тоа, оваа негова посета е уште позначајна. Неговата мотивација беше голема и да се биде сведок на радоста што повторно е во училиштето, беше многу убаво искуство.

Сите ние, вработените и учениците многу се радувавме пто нЕ посети.

На часот, кој всушност беше работилница, учениците имаа можност да го подобрат знаењето од медиумска писменост. Имаа можност и да прашаат што не им е јасно и да поразговараат на разни теми.

По краткото запознавање, на кое сите кажаа по некој збор за себе, се дискутираше за два, претходно дадени текстови:

https://www.calameo.com/read/006304464c96a7fbefee7?fbclid=IwAR0Q6niY7fVaA9dcDI4pFcA6aUjx8mkkquJH6ovRcL4epOXM6yTR-bMn77U  (Колку учениците од основно ги читаат лектирите)

Низ дискусијата учениците се запознаа со она што е потребно да се напише еден новинарски текст. Огнен многу суптилно, лесно и искуствено им ги приближи сите предизвици, но и начини како да се дојде до финалниот производ.

Низ разговорот, што ним им е интересно да читаат, што прочитале или слушнале тој ден, се излистаа наслови кои подоцна се рангираа и се поставија визуелно на табла која претставуваше весник.

Учениците имаа задача да напишат кратка вест позврзана со една од излистаните теми.

Потоа во групи избираа нова тема, од претходно предложените или некоја што ним им е интересна да пишуваат. Групите имаат задача нарендиот период да се организираат, во консултации со Огнен, да напишат текстови кои ќе бидат објавени на интернет.

Она што мене, како наставничка ми беше од непроценливо значење е разговорот со него. Професионалните консултации за терминологија, наставни единици, начини на предавање на работите, поврзани со медиумска култура и медиумска писменост. Силната потреба да се работи на осовременување на терминологијата, избистрување на поими што се предаваат, поддршка на кадарот да се носи со новото време и сл.

Наставниците треба редовно да имаат можност за средби со професионалци во областа. Со новинари, поети, писатели, стрип-цртачи, професори од факултетите од каде што завршиле… тоа ги надградува, ги држи во кондиција и го подобрува наставниот процес.

Оваа средба ми го потврди тоа.

„Силјан Штркот“ со актерот Александар Тодески и драмската секција

Дел од драмската секција

Соработката со актерот Александар Тодески е непроценлива за нашата драмска дружина „Од глаата си патиме.“ 🙂 Контактот со професионалец секогаш е успешен. Учениците се радуваат на овие средби и од нив учат многу.

Со Александар се расчита извадок од „Силјан Штркот“ и се поделија улогите. Учениците имаа можност и да научат како се игра со куклите. На гости ни дојде Силјан и Божин, татко му на Силјан. Напорно работеа и се спремија да се претстават пред учениците од седмо одделение.

Со учениците од седмо одделние најпрвин ја изгледавме куклената претстава „Силјан Штркот“ во која што беа куклите со кои вежбаа учениците од драмската.

Учениците имаа задача да ја прочитаат книгата и да се подготват за обработка на лектрирата. Па, на часот ги чекаше изненадување. Учениците од драмската секција беа прекрасни. Го разубавија часот и создадоа прекрасна енергија.

По завршувањето на куклената престава, седмооделенците имаа можност да се запознаат со куклите и да ја земат нивната улога, па останатите ученици им поставуваа прашања. Низ прашањата се дискутираше за содржината.

На крај се правеше и селфи со куклите 🙂 за Инста.

Стрип-авторот Здравко Гиров, гостин на часот по македонски јазик

Час на ТИМС

Би сакала најпрвин да им се заблагодарам на стрип-книжарницата Бункер и на Фросина и Давор за тоа што ми овозможија да се запознаам со Здравко Гиров и да договорам да ни гостува на часот.

Уште сум под импресии од часот и од сето она што го видовме во 65 минути. Среќа што учениците имаа блок-часови и што заборавивме дека има одмор од 5 минути, па можевме да уживаме во она што ни беше презентирано.

Презентација во која го претставувам Здравко Гигов пред учениците

Факт е дека малку се знае за стрип-културата, многу малку се читаат стрипови и во наставната програма стрипот е скоро исчезнат.

Контактот со групите на вљубеници на стрипот, со Здравко и со она што тој го сподели, кај мене побуди мисија да ја промовирам оваа култура и да наоѓам начини како да ја доближам до моите ученици.

Здравко со нас сподели многу работи. Најпрвин ни покажа како изгледа еден уметник кој се занимава со деветтата уметност. За тоа дека е потребен еден молив, обична хартија и линијар за да се започне со магијата.

Извадоци од книгата How to drow Comics the Marvel way

Сепак познавањето на математиката, особено геометријата и паралелно со тоа големиот багаж со прочитана литература се клучните елементи кои треба да ги поседува еден стрип-цртач.

Не мора да се биде одличен цртач, многу работи се учат. Се почнува од основни геометриски форми и се оди кон досредување на карактерот.

Гостинот несебично ја сподели со нас книгата: „Како да црташ стрип на Марвеловски начин“ (How to drow Comics the Marvel way) од легендарните Стен Ли и Џон Бусема. Низ прегледот на книгата учениците се запознаа со начинот на цртање, пропорциите на карактерите, како до конструктор, американ кадар, холандски кадар… панели… како се цртаат негативци, а како херои.

Фасцинантно беше тоа што со прости геометриски тела се стигнува до совршена фигура.

Од горенаведената книга…

Сепак Здравко напомна дека стрипот не е само цртеж. Тој е низа илустрации кои имаат своја нарација, тој е новела. Стрипот во себе впива повеќе уметности. Ако нема приказна, нема стрип!

Цртањето на стрипот се поставува врз основа на златната пропорција. Луѓето кога нешто гледаат за прв пат го перципираат според неговите пропорции. Симетричноста го произведува убавото. Тоа е она што се следи при цртањето. Иако, Здравко потенцира дека во реалноста тоа не е така. Убавината не ја носат симетричните работи, убавината е она што доаѓа од нашата внатрешност. За да се спознае убавината, треба време, трпение и посветеност.

Дел од неговата работа во Photoshop

Гостинот сподели и дел од своите први цртежи. Својот прв стрип, нацртан со молив на преслатка тетратка со Нинџа-желки, на кој го има нацртано Один.

Позборувавме и за тоа дека во денешниот стрип-свет има поделени мислења за користењето на таблетот за цртање. Некои цртачи сметаат дека тоа е некој вид мамење, но мислам дека обајцата, а вклучително и учениците, се согласивме дека тоа е претерано. Користењето на технологијата е она што е нужно, но и овозможува усовршување на талентот кој го има стрип-цртачот.

Првиот стрип на Здравко Гиров

Здравко ги мотивира ученците да се обидат да нацртаат нешто. Сподели со нас и еден панел во кој го избриша текстот и сега чека од нас колку ќе бидеме креативни.

На крајот од часот Здравко одговори на неколку прашања поставени од учениците, кои будно го следеа секој негов збор.

Прашања…

За тие што не знаат кој е Здравко:

Здравко Гиров живее и работи во Скопје. Тој е дипломиран машински инженер кој се занимава веќе 20 години професионално со цртање: стрип-автор, илустратор, аниматор, професор, но и татко на две ќерки.

Првиот стрип го нацртал на 12-13 години. А уште од најмала возраст сака да црта и тоа го прави многу убаво.

Освен како стрип автор, Гиров работел и како илустратор за издавачката куќа „Просветно Дело“, како и за „Арс Ламина“ и „Пчелица“ од соседна Србија; потоа како аниматор во „Storyboard Studio“; како илустратор, сторибордист и главен 2D аниматор во „Vertigo Visual“ od Скопје; и како сениор графички артист во „V House Animation“.

Во периодот 2008-2009 предавал карактер дизајн на факултетот за визуелни уметности ЕСРА во Скопје. Во 2009-та на македонскиот стрип форум ја започнал онлајн стрип школата, а во 2010-та со Михајло Димитриевски – „Тхе Мичо“, Давор Драмиќанин, Дамјан Михаилов, Ласко Џуровски и Игор Јовчевски го формирале здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“ http://www.makstrip.com.mk/

Ова е блогот на Здравко Гиров: https://zdravkogirov.blogspot.com/

Презентацијата која што ја користев на часот за да го претставам:

По не знам кој пат, голема благодарност за издвоеното време и несебичното споделување на непроцениливото знаење за една култура која чека да биде истражена!