Работилница со Александар Манасиев

Оваа година нашето училиште се вклучи во проектот „Младите размислуваат“, проект за медиумска писменост кој во моментов, меѓу другото, работи на јакнење на втора генерација медиумски клубови низ Македонија. Нашиот Медиумски клуб К имаше чест да добие едукација за мобилно новинарство од новинарот Александар Манасиев.

Александар Манасиев е наградуван новинар со повеќе од 17 години искуство во печатени медиуми, ТВ и дигитални медиуми. Тој има искуство како истражувачки новинар, дописник и главен уредник во повеќе медиуми во регионот и пошироко. Тој исто така работи како регионален обучувач за мобилно новинарство, дигитални медиуми и истражувачко новинарство.

Манасиев заедно со Ивона Василова (одговорна за програмската поддршка на проектот) беа наши гости и во неколкучасовно дружење ни пренесоа позитивна енергија која нè мотивира многу.

На работилницата учествуваа членовите од Клубот и научија низа „финти“ со кои ќе знаат подобро да фотографираат и да снимаат видеа.

Манасиев ни покажа како можеме да ја користиме опремата што ја добивме од проектот. Техничкиот дел, но и оној уметнички, визуелен доем.

Учениците правеа кратки интервјуа, фотографираа профилни фотографии. Дискутираа за позицијата на објектите што се сликаат/снимаат. Учеа како да фокусираат, ги вклучија мрежните линии. Дискутираа за експозиција, композиција на слика… секвенци при снимање видео од мобилен телефон. Правеа кратки интервјуа во кои учеа како да снимаат, каде да биде поставен телефонот, микрофонот, рисиверот… низа подробности кои ќе ги направат нашите идни интервјуа подобри.

Учениците поставија и прашања поврзани со нашите идни училиштни проекти и добија јасни и прецизни одговори кои многу ќе ни помогнат во иднина.

Задоволството беше обострано. Големото присуство на учениците покажа колку им значеше посетата.

Јас, како наставник-ментор сум многу среќна што ја имаме можноста преку проектот да научиме нови работи и да се обидеме да ги описмениме медиумски младите, да ги протнеме вистинските вредности низ работите кои ним им се интересни и важни. Бидејќи тие навистина голем дел од денот го поминуваат со телефоните и многу често снимаат и фотографираат, но тоа не значи дека знаат како. За сите работи, како и за оваа, поребно е вистинско насочување.

Се надеваме на уште посети од новинари и на соработки кои ќе нè јакнат и ќе нè направат достоинствен клуб.

Поетско читање – Ден на мајчиниот јазик

Ако разговараш со некој на јазик што го знае, ќе допреш до неговиот ум. Ако зборуваш со некој на неговиот јазик, ќе допреш до неговото срце. -Нелсон Мандела-

Мајчиниот јазик е јазикот кој си го научил прв, јазикот на кој наједноставно се изразуваш, јазикот на кој што зборуваш кога си полн со емоции…

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик почнува да се празнува во 1999 година. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеж во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик.

Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети за грижата за својот јазик, но и да ни укаже за присуството на други јазици и на нашата должност тие да ги почитуваме и да ја промовираме лингвистичката разновидност и повеќејазичност низ светот.

Поради важноста на овој ден и љубовта кон јазиците што се зборуваат во нашата земја Македонија, направивме литературно читање на кое учествуваа десет ученици од различни училишта низ земјава и надвор од неа.

 Име и презимементоручилиштепеснајазик
 Павла РадосавлјевиќСтеван Дидула Јовановиќ„Десанка Максимовиќ“ – Зајечар, Република Србија„Благодарам на сонцето, на земјата, на тревата – Стеван РачовиќСрпски јазик
 Онур ХусениБурчу Али„Мариф“ – ГостиварТиесет и петгодишна песнаТурски јазик
   Магдалена Радева    Стојна Живиќ    ООУ „Круме Кепески“ – Скопје  „Гуска“ Луо Пин ВангКинески јазик
 Дукаѓин ЈашариФросина ДодевскаООУ ,,Наим Фрашери” Куманово„Мама“ – Алекс Ставри Дренова – АсдрениАлбански јазик
 Ивана Колчакоска оддНадица НанеООУ „Никола Карев” – Крушево“Нашето знаме” – “Flambura a noastra”Влашки јазик
 Марија ЈовескаЈулијана Талеска„Ѓорче Петров“ – Прилеп„Дожд“ – Блаже КонескиМакедонски јазик
 Салија ШабанАна КостадиновскаСУГС „Шаип Јусуф“ – СкопјеDUR TUTAR (превод: ДАЛЕКУ ОД ТЕБЕ) – од Ибраим ЏемаилРомски јазик
 Михаела ПурдескаЈулијана ТалескаООУ „Климент Охридски“ – Прилеп„Девојче“ – Ненад ЏамбазовМакедонски јазик
 Сумеја ЏеладинАна КостадиновскаСУГС „Шаип Јусуф“ – СкопјеHAJDE AMALA TE OVA (превод: АЈДЕ ДА БИДЕМЕ ДРУГАРИ) – од Азис СелимРомски јазик
 Насир ЗимбериМејрем Кадриу„Панче Караѓозов“ – СкопјеИсмаил КадареАлбански јазик
Учесниците на настанот

Беше вистинско богатство да се чујат сите овие прекрасни јазици на кои се зборува во Македонија. Учениците беа моитивирани и спремни да кажат и некој збор за авторот и на тие што не го разбираме јазикот на кој рецитираат ни кажуваа што се пее во песната. Иако, емоциите беа доволни да се почувствуав убавината на изборот што го направиле.

Овој настан беше збогатен и со учеството на поетот Филип Димкоски, кој беше водител на настанот. Филип започна со прекрасната песна „Македонскиот јазик“ од Гане Тодоровски.

Филип Димкоски (1995) е македонски поет, новинар и преведувач.

Автор е на книгите: „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“, „Во градината има само љубов“, „И каменот има душа“ и „Овошје и зеленчук“

Долгогодишен соработник е со додатокот за деца „Колибри“ и со најстариот дневен весник во Македонија, „Нова Македонија“. Преведува од хрватски, српски, бугарски и руски на македонски јазик.  Препеал над 300 песни, две стихозбирки, еден драмски текст и еден роман.

 Добитник е на наградите „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво, „Сима Цуциќ“ на Банатскиот културен центар. Добитник е и на престижната третономвриска награда што ја доделува Град Прилеп за афирмација на македонскиот јазик и образованието.

По професија е дипломиран земјоделски инженер. Живее, пишува и ја одгледува својата градина во родниот град Прилеп.

Да го негуваме нашиот јазик со тоа што ќе го научиме!

Сакајќи си го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици.

СЕКОЈ ЈАЗИК Е НЕЧИЈ МАЈЧИН ЈАЗИК!

За тие што сакаа, а не можеа или подоцна дознаа, еве врска од настанот. Уживајте!