Тадаааам! Еве го нашето табло. Голема благодарност на Ленче Бумбароска-Радосављевиќ којашто волонтерски го направи овој спомен. Се надеваме дека традицијата ќе продолжи и наредните години. Ова се учениците од деветто одделение кои со својата креативност создадоа многу убави моменти. Тоа останува засекогаш. Ви благодарам ученици! Бевте прекрасни! Ви посакувам успеси и чувајте ја театарската жар којашто ја запаливме!
Само што не почнал театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“! Оваа година и ние сме едно мало парче од мозаикот. Ќе мотивираме, ќе едуцираме и ќе се забавуваме!
Дојдете во недела (8.6.2025) кај Саатот, од 10-12 часот ќе се дружиме во Детската зона! А околу 11 часот ќе се претставиме со нашата претстава: „Сакам лав.“ (15 мин.)
„Сакам лав“ е рамка на драмскиот текст кој произлезе од двогодишната работа на часовите на драмската секција. Тоа е една прекрасна сликовница од Анемари ван Еем, Марк Јансен, во издаваштво на Сказнувалка (https://www.instagram.com/skaznuvalka/)
„Сликовница за имагинацијата која ја имаат децата, знаењата кои ги стекнуваат, нивните начини на убедување на возрасните. И колку на децата им е важно да имаат милениче со кое ќе поминуваат време заедно.“ (Мама ми чита).
Во таа примамлива рамка се вметнати три добро позанати басни од коишто со учениците направивме драматизации: Гавранот и Лисицата, Зајакот и Желката и Јарето и Волкот.
Нашата дружина „Од глаата си патиме“ е креативна средина во која учиме да се сакаме онакви какви што сме, учиме да веруваме во себеси, но и во моќта на заедницата! Учиме што е театар и како тој може да ги направи вистинските промени!
Текстот нЕ учи да бидеме храбри, да веруваме во она што ни го кажуваат блиските, да се бориме и да бидеме вешти за да преживееме во сивилото што нЕ обзема. Да се смееме и да се осмелиме!
Први имаа можност да нЕ видат првачињата од нашето училиште и дечињата од градинката Бизи би
„Спасувањето на Дедо Мраз“ е новогодишна претстава која ја работиме од почетокот на школската година. Главната рамка на приказната е заробувањето на Дедо Мраз од една вештерка која не ја сака Нова година бидејќи никогаш не добила подарок. Таа не била на листата на добри деца и поради тоа Дедо Мраз неа не ѝ давал подароци. Таа сака сите шумски животни и сите деца од светот да се чувствуваат како неа. Никој да не добие подарок! Но, едно мудро девојче кое многу сака да чита книги, а и будно ги следи социјалните мрежи, открива (на Инстаграм) во профилот на Вештерката дека таа многу сака приказни. Ама не сака приказни каде што има вештерки оти тие таму секогаш губат. Таа сака басни – приказни за животни, оти таму нема вештерки. Ете така, шумските животни кои на почетокот од претставата се забавуваа со Дедо Мраз и играа на новогодишна музика, повикани од девојчето, на Вештерката ѝ раскажаа три басни: Лисицата и Гавранот, Зајакот и Желката и Волкот и Јарето. Вештерката се воодушеви од тоа што го виде и реши да стане добра. Го ослободи Дедо Мраз и му дозволи да им подели на сите добри дечиња подароци. Ама Дедо Мраз не ја остави ни Вештерката без подарок. За тоа што одлучи да биде добра, доби подарок и ветување дека ќе добива секоја година! На крајот, сите заедно играат на звуците на познатата „Ѕвончиња, ѕвончиња“.
Оваа приказна ги пренесе поуките за трезвена процена на ласкањата што ги добиваме, за многуте „лајкови“ и прегледи кои не значат ништо, за упорноста којашто треба да ја дадеме за да се оствари и тоа во што не веруваме дека можеме, за послушноста и држењето до ближните додека сме малечки и неискусни…
Учениците од драмската секција, којашто во оваа претстава броеше 14 ученици (тоа не е нашиот полн состав, нè има уште) се претстави пред четири одделенија во ООУ „Климент Охридски“ на часовите по македонски јазик. Тие беа гости кај своите помали соученици. Искуството беше непроценливо. Дечињата уживаа во тоа што го гледаа, а овие, „големите“ живееја да покажат што научиле.
Откако убаво се навежбавме со настапите по училниците кај одделенците, заминавме во градинката „Бизи Би – Монтесори“. Таму бевме топло пречекани од најубавата публика што можевме да ја замислиме. Дечињата не трепнаа цела претстава, а потоа нè опсипаа со прегратки и прашања.
Навистина, вреди човек да се вложи во еден ваков проект кој имаше буџет со еден минус пред бројот…
Како успеавме: Со волонтери 😊 како и секогаш: Голема благодарност за актерот Александар Тодески кој работеше со дел од учениците. Колегата по ликовно образование Влатко Николоски кој ни помогна со маската за желката, родителите на ученците кои се вклучија во изработките на маските. Некои шиеја (маската на Лисицата, на Јарето), печатеа (домашни печатачи во боја), позајмуваа… (од тетка ми, од братучед ми, има кај баба ми…) Колешката Наташа Колеска која редовно нè обезбедува со костимот за Дедо Мраз, но и со две убави елки-облекувалки, ученици-добронамерници, кои слушаат што ни треба, не се дел од драмска, ама сакаат да помогнат (Мила – наставничке имам четири обрачи, новогодишни се, со сенгулки со ѕвончиња, ќе ви ги донесам…) домашни работи, кукли, играчки… лепила, ножици, фломастери, креп трака (тоа е основен ресурс!)
И што имавме: имавме куклен театар направен од картонот од столицата што си ја купив минатото лето. Имавме кукли отпечатени, обоени од учениците, залепени на стапчиња за ражнич. Имавме три кукли-маскоти од Џамбо, позајмени од син ми Војдан, имавме маски отпечатени од интернет, залепени со лепило на картон, со ластик. Рециклирани стари костими од театарската претстава „Ние врапчињата“… и многу многу љубов и снаодливост. Зад секој костим стоеше тимска работа. (Зајакот: наставничке Иринеја ќе донеси обрач со ушиња, имам опавче, од волна, со безопасна ќе го закачиме за хеланките, Тамарта носи хеланки и блуза, ќе земи креон, за да се нацрта лицето… а морковче? Јована има од сестра ѝ пластични зеленчуци и овошје, а Гуски? Мајка ми наставничке ќе ни отпечати? Лепило имам јас, а картон, може од блоков, веќе ми е истрошен?… и така за сите костими и реквизити… 10 кеси полни со тимска работа.
И кога ќе го видиш конечниот производ, радоста е неизмерна!
Како мравки се, само дај им насока и сè ќе направат! Слушаат, впиваат и се даваат целосно! Во настапите во училиште имавме едно одделение со момче со аутизам. Моите ученици го положија тестот на инклузивноста. Додека траеше претставата ученикот љубопитно истражуваше што се случува. Тие глумеа и имаа интеракција со него. Тоа толку ја збогати претставата, така изгледаше прекрасно што јас бев воодушевена. Им требаше само еден поглед од нас трите: наставничките и образовната асистентка, дека е во ред, дека може да се движи слободно, дека само сака да види што се случува, да ѕирни зад куклениот театар, да провери дали нашите рачно изработени реквизити се навистина интересни како што изгледаат оддалеку… Моите ученици не го игнорираа момчето. Тие глумеа, фрлаа одобрувачки погледи, споделуваа од реквизитите со него и не паничеа дека претставата не оди стриктно како што е вежбана. Тие гледаа во неговите очи, глумеа и се адаптираа на ситуацијата, а јас, јас бев пресреќна што доживеав вистинска инклузија!
Ние не ги учиме овие деца само на наставната програма што ја изработуваме или ја препишуваме од колегите, ние овие деца ги водиме низ низа процеси кои многу често ги нарекуваме проекти, низ нив, многу години потоа, ќе дознаат дека научиле животни лекции!
Моите херои беа:
Вештерката: Сара Тошеска
Девојчето: Теодора Малкоска
Нараторки: Теодота Малкоска и Иринеја Мечева
Баба: Бојана Гаралоска
Гавранот: Душица Илиеска
Лисица: Илијана Јорданоска
Зајакот: Тамара Паскоска
Желката: Надица Миленкоска
Гуска 1: Јоана Талеска
Гуска 2: Марко Петрески
Ученици зад куклениот театар: Јоана Талеска и Марко Петрески
„Силјан Штркот“ е детски театарски фестивал кој опстојува веќе пет години. Една прекрасна идеја реализирана и на мускули истуркана од Ангела и Марија! Две храбри идеалистки, одлични актерки, жени змејови 😊
Овој Фестивал е нешто што задолжително треба да се поддржи! Тој носи вредности кои се забораваат, кои се запоставуваат, се бришат! Прилеп е театарски град. Прилеп го има Чернодрински, Прилеп има низа големци кои дале многу за театарот. Тој е театарскиот епицентар. Свесноста дека публиката се создава од најмали нозе веќе се покажа во последните две изданија на МТФ „Чернодрински“, и тоа донесе многу плод. Затоа не смее да се остани само со тоа, треба да се афирмира и да се работи овој Фестивал да се стреми кон чернодринските висини.
Затоа со мојата неуморна дружина „Од глаата си патиме“ бевме дел од отворањето на фестивалот. Десет штркчиња ја донесоа театарската пролет, иако есента се покажа во силно светло, ние ги расцутивме душите на сите театарски вљубеници.
Исто така драмската секција направи промотивно видео за Фестивалот коешто беше снимено во дворот на нашето училиште.
Уште две видеа беа направени во чест на Фестивалот:
Бојана Тодороска ја раскажа накратко приказната за Силјан и четири умни глави кажаа мудрости за театарот.
Овогодинешната програма e богата, побогата од претходните. Таа воведе и две младински претстави. Младински претстави! Такво нешто ние сме немале досега! А таа генерација е онаа која веќе почнува критички да размислува и да се гради себеси како идна личност, а ние во поглед на театарот низ годините ја губиме, ја запоставуваме. Добиваме по една детска претстава годишно реализирана од театарот „Војдан Чернодрински“, и неколку аматерски, најчесто многу лоши, наменети за претшколска возраст и за ученици во одделенска настава. Поголемите и средношколците немаат можност да погледнат претстави соодветни за нив.
Полните сали во изминатите четири фестивалски денови покажаа дека има интерес и свесност кај родителите, но и кај наставниците, да ги носат децата во театар. Бев сведок на многу мои драги колешки и колеги кои самоиницијативно, се организираа, купија карти и ги донесоа своите ученици. Да не заборавиме, тоа го прават надвор од часовите, не добиваат парична надомест. Одат пешки од училиштата до салите и будно се грижат дечињата да ги вратат безбедни. Рамо до рамо со родителите. Видов организирани родители кои од своите автомобили претворени во автобуси 😊, кога беше дождливо носеа дечиња. На сред претстава смируваат, тешат, поучуваат… Што е тоа, ако не љубов кон театарот? Тој подвиг треба да се поздрави и да се препознае како ветер кој ќе ги донесе промените!
Културното издигнување на еден народ може да донесе негова подобра иднина. Денешните генерации се обземени со многу погрешни вредности кои многу лесно им се пласираат на интернет. Само уметноста може да ги спаси! Мора да ја имаме пошироката слика. Создавајќи културна младина ние ја создаваме иднината за сите нас. За нашите деца, за нашите внуци.
Моето мислење е дека Општината треба да го прегрне силно овој настан и да даде голема поддршка. Училиштата во своите години програми треба да планираат задолжително барем една театарска претстава. Бидејќи овие претстави се внимателно одбрани. Во нив замешале прсти професионалци. Училиштата треба многу сериозно да одбираат што им нудат на своите ученици. Не да се задоволи само формата. Не сè што се нарекува театарска претстава треба да се гледа. Не сè што се предлага, без претходно да се испита и да се добие опис, треба да им се понуди на учениците. Оти на крај на денот родителите ги плаќаат тие карти!
Општината треба од својот буџет да оддели средства со кои ќе ги покрие трошоците за карти на учениците од ранливите категории. Ќе овозможи секој да може да изгледа барем една (професионална) претстава годишно.
Училиштата можат средствата од панаѓурите да ги искористат за карти. Секако тие средства секогаш се наменски. Ете една идеја којашто колегите можат да ја земат предвид. Може да се предложи кога се оди на роденден, место подароци, да се оди на театар. Лани, во Скопје, заедно со моите деца бев да ја гледам прекрасната изведба на „Волшебната флејта“ од Детски драмски театар, и случајно бевме дел од роденден. Родителите одлучиле својот син да го слави роденденот в театар! Колку прекрасна идеја. Кога заврши претставата славеникот беше повикан на сцена и сите присутни му пеевме „Среќен роденден“!
Моите ученици беа многу среќни што имаа можност да бидат дел од овој Фестивал. Да додадат од волшебниот прав кој цела недела трепери во воздухот.
Останаа уште два дена. Утре „Книголандија“ и за крај Петко. Со нетрпение ги чекаме!!!
Има низа начини да се поддржат убавите работи! Треба само волја и љубов! А овој Фестивал дефинитивно ја заслужува таа љубов!!!
Поминаа чинам шест години откако со една мала креативна група од драмската секција направивме видео (https://youtu.be/9pntsfPaWuk?si=gzjXoNabaoPilZra), во рамките на еден проект посветен на Ханс Кристијан Андерсен. Го освоивме првото место и јас, како наставник-ментор бев поканета на едно студиско патување во Словачка. Нејсе, ете дојде ден, пак да го поставиме на сцена, ама сега театарска.
Творечкиот процес беше поткрепен од нашиот драг пријател, актерот Александар Тодески. Заедно со неговото искуство и несебична поддршка направивме прекрасно дело на кое јас многу се гордеам.
Осум месеци полни со активности и работа. Се навраќам на ладниот ноември, кога прв пат се собравме. Јас имав некаква визија во главата, програмата ни беше испратена, имавме неколку разговори со Ана, уште пред да започне целиот процес… се најдовме на иста мисла, за потребата, за важноста на ваквата програма. Таа беше радосна и полна со идеи, со силна желба многу работи да се направат, а јас, јас едвај чекав креативниот дожд да се истури на мене.
Се запознавме со Милош, режисерот од Куманово, со нашите драги и почитувани актерки Дани и Марија, и започнавме… еднаш месечно со Милош, секоја недела со Дани и Марија. Во меѓувреме разговори со моите четири ученика: како беше, што ни се допадна, што научивме, кога одиме пак, што треба да подготвиме…
Како течеше процесот ние зборувавме само за тоа… на часовите, по ходниците, во интернет комуникацијата. Кога започна фестивалот официјално прекинавме да зборуваме за други работи. Учениците решија да бидат волонтери, па нивната вклученост беше уште подлабока, а јас, јас бев горда на нив и многу многу се радував.
Нашиот настап помина одлично. Јас имав многу стравови поради текстот, поради нивната возраст. Неговата мрачност и филозовското настроение, но учениците беа силно мотивирани и сакаа да глумат. Тие ги изнесоа своите ликови како професионалци, за тоа им сум многу благодарна. А Дани, таа ни беше сè. Колку ја сакаат децата, а и јас. Бидејќи беше пријател, со сите нас и се даде целосно, цело нејзино време беше за нас, енергијата и театарскиот порив. Без неа, немаше да бидеме она што бевме, што сме…
Го гледам сертификатот, го вртам од задната страна и гледам кои работи всушност ги стекнавме… да, многу се, сериозни се: драмска игра, режија, сценографија, костимографија… вежбавме етиди, дишење, драматизиравме, пишувавме сценарија, изготвуваме костими за „Вејка…“, сцени… и дружевме, разговаравме, се спријателувавме…
И кога ќе се навратам на сите моменти, јас сфаќам дека оваа едукативна програма ни ги отвори вратите на светот на театарот. Ние влеговме внатре, ѕирнавме во неговата внатрешност и зборувавме со тамошните луѓе, со жителите на тој волшебен свет. И ние се спријателивме, изградивме личносен однос со нив, пријателство кое ќе дава плодови уште многу долго време. Јас велам: Милош, Дани, Марија, Мартин, Биле, Габи, Филип… јас зборувам за мои пријатели кои кога ќе ги сретнам на улица имам што да им кажам.
Непроценливи се разговорите со актерите од прилепскиот театар, старите пријателства, но и новите. Нивната непосредност и достапност. Тоа мотивира и создава можност за соработка, идни проекти, нови можности. Ние ги имаме децата кои утре може да бидат нивни колеги, или верна публика, од заеднички интерес ни е да соработуваме.
Во овие осум месеци ние ги носевме радостите и тагите со нас, излегуваа низа предизвици кои заеднички ги решававме. Овој процес делуваше на нас баш како што делува театарот на својот верен гледач: катарзички, очистувачки, преобразувачки!
Учениците стекнаа животни вештини, но тие и силно го засакаа театарот. Ми се наполни душата кога ги видов вечерава, по затворањето, сите околу една маса, се забавуваат. Ние направивме банда, банда театарџии кои допрва ќе нè радуваат.
Едукативната програма ме охрабри, ми даде нов концепт според кој ќе ја водам драмската секција. Ме научи на многу работи кои ќе ми помогнат да поттикнувам нови генерации театарџии.
Позивот на наставникот, родителот, едукаторот, тренерот… е да создаде идни одговорни граѓани кои ќе го направат животот подобар за сите нас. Такви граѓани може да имаме ако отворено, со силна жар ги разобличуваме лагите и стегите кои се создавале во минатото, а денес отворено се поддржуваат. Ако се има свесност дека од мали нозе може да се искалат генерации на совесни граѓани кои од темел ќе го променат општеството, можеме да живееме многу подобро…
Да им се кажува на децата дека 8 Март е денот на мајката е лага! Да им се кажува дека денес е денот кога треба да се подарува е исто така лага! Да го менуваме одност кон жените само тој ден и од наредниот да продолжувам по старо е страшен пример кој создава луѓе полоши од нас.
Овој ден е ден за ЕДНАКВОСТ!!! ТОА ГО ПРАВИ ДЕН НА СИТЕ НАС!!!
Моите ученици треба да знаат дека во минатото жените ги добиле правата што ги имаат денес со силна борба, со протест, со ненасилна акција, со делување, со многу мака. И да знаат дека таа борба не е завршена. Да знаат како треба да функционира едно семејство. Да знаат дека обврските се делат на мои и твои, не на машки и женски! Да знаат дека не мора да си мајка за да го славиш овој ден. Дека немаш обврска да купуваш подарок, дека подарувањето е убаво кога е од срце и не е изнудено. Кога е направено од тебе и во него има дел кој потсетува на тој што го подаруваш.
Секоја година се ужаснувам од изместените чествувања на денот. Силно ги сожалувам радосните жени на кои можеби тој ден им е единствениот кога се чувствуваат како жени. Силно се сочувстувам со жените и девојките кои трпат насилство, за оние кои се злоставени и кои се воспитани во духот на патријархатот. За оние кои немаат сила и поддршка да застанат и да речат НЕ!
Е за тие жени, за овие мои мили девојчиња да не бидат тие жени, за нив треба да го правиме тоа освестување!
Славењето е убава работа кога си го добил она што си го барал!
Подарувањето е доблесно кога сакаш да подариш,
а ПРОТЕСТОТ Е ОНА ШТО Е НУЖНО!!!
Денешните девојчиња треба да се јакнат и да се храбрат. Да им се зголеми самодовербата и да се поддржуваат во своите желби да бидат подобри. На момчињата треба да им се укажува, да се разговара со нив, уште од мали нозе да се вклучуваат во домашните обврски. Така се создаваат зрели луѓе за заедница, за соживот, за хармонија. Треба да се делува, неуморно да се зборува…
За овој ден, многу значаен за мене и за моите драмски надежи, направивме видео. Видеото е збир на низа активности кои се случија неколку дена пред 8 Март. Сите активности водеа кон вистинскиот начин на „прослава“ на празникот! Од особена важност е, постојано да им се кажува на учениците, идните граѓани на ова наше општество, дека славењето на овој ден е за еднаквост!! Празникот не е само празник на мајката и учителката, на бабата и комшивката. Тоа е ден за кој во минатото многу жени се жртвувале за да застаната рамо до рамо со мажите! Моите ученици искуствено научија што е 8 Март и сакаа да им покажат и на останатите како треба да се слави!!!
Соработката со актерот Александар Тодески е непроценлива за нашата драмска дружина „Од глаата си патиме.“ 🙂 Контактот со професионалец секогаш е успешен. Учениците се радуваат на овие средби и од нив учат многу.
Средбата со актерот
Со Александар се расчита извадок од „Силјан Штркот“ и се поделија улогите. Учениците имаа можност и да научат како се игра со куклите. На гости ни дојде Силјан и Божин, татко му на Силјан. Напорно работеа и се спремија да се претстават пред учениците од седмо одделение.
Со учениците од седмо одделние најпрвин ја изгледавме куклената претстава „Силјан Штркот“ во која што беа куклите со кои вежбаа учениците од драмската.
Учениците имаа задача да ја прочитаат книгата и да се подготват за обработка на лектрирата. Па, на часот ги чекаше изненадување. Учениците од драмската секција беа прекрасни. Го разубавија часот и создадоа прекрасна енергија.
По завршувањето на куклената престава, седмооделенците имаа можност да се запознаат со куклите и да ја земат нивната улога, па останатите ученици им поставуваа прашања. Низ прашањата се дискутираше за содржината.
Јазичната патрола на Денот на македонскот јазик го сними своето второ видео. Ова видео содржи основни правила од Правописот на македонскиот јазик за пишување голема и мала буква. Идејата е бушава – да се пренесе порака дека писменоста секогаш треба да биде „во мода“.
Драмската секција оваа година реши да формира ЈАЗИЧНА ПАТРОЛА. Патролата има цел да претставува на креативен начин правописни правила и правописни грешки.
Промотивното видео ја претставува нашата акција. Деновиве ќе следат уште видеа кои ќе бидат поставени на Тик-ток. Гледајте нЕ!