Социјална песна „Ни за една мастика“

Летото е време кога успеаш да се собереш, да се видиш со драги луѓе и да се присетиш на полно работи кои си ги започнал и не си ги завршил. Една од нив е и проектот Социјална песна. Започнавме пред две години да го правиме. На часот кога учевме за социјални песни учениците (сите четири одделенија) во групи твореа социјални песни. Од сите песни се правеше компилација и се создаде една. Идејата беше една моја поранешна ученичка, која знае да рапува да дојде на час, да ја стегне песната и да ја вежба со учениците, да ја пеат, да ја снимиме и да се фалиме 🙂

Но, учениците завршија, Сара не стигна, јас не бев доволно упорна и остана само песната, која за волја на вистината беше доработена од Сара. Вчера јас и Сара се видовме и мене ми светна дека имаме suno. Па му ја пратив и еве што излезе! Уживајте!!!

„Дневникот“ од Ана Франк – интегрирање наставни содржини во рамките на предметот македонски јазик

Интегрирањето на наставни содржини во рамките на ист предмет е нешто што сè повеќе ме привлекува. Навистина бара време и доста енергија, ама ефектот е голем и тој труд останува за идните генерации. Едно такво интегрирање на содржини од литература, изразување и творење: усно и писмено, се случи неодамна. Виновник за нашата училишна авантура е Zrinka Jurčević – моја драга колешка од Хрватска која ја запознав виртуелно во една наставничка група на Фејзбук. Ѝ пристапив отворено и ја замолив да ми го испрати материјалот што го користела за обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“. Претходно на групата бев воодушевена од досетливоста и од пристапот на нејзината работа. Таа веднаш, без да има потреба да се објаснувам дополнително, ми го испрати материјалот. Тој беше една муза која ме инспирира да создадам цел проект кој траеше седум наставни часа.

Со него ги покрив следните содржини:

цртеж од ученичка

Обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“ – три часа

Дебата на теми извлечени од исказите на Ана – еден час

Писмена вежба – подготовка за писмена инспирирана од изреки од Дневникот – еден час

Писмена работа – пишување есеј инспириран од Дневникот – еден час

Поим за дневник – еден час

Најпрво на учениците им дадов задачи додека ја читаат книгата. Често при обработка на лектира дел од учениците тврдат дека ја прочитале, а не знаат да одговорат на основни прашања поврзани со содржината или ликовите. Затоа го применив овој пристап и излезе дека е полезен. Фокусот на одговор на прашањата им помага да ја разберат содржината подобро.

1. Што е холокауст? Напиши ги изворите од кои го дозна тоа.

2. За својот тринаесетти роденден Ана доби подарок дневник. Што мислиш за тој подарок? Што би издвоил ти, како посебен подарок за твојот тринаесетти роденден.

3. Наведи три севременски, општи теми од Дневникот на Ана.

4. Во кој временски период е пишуван Дневникот?

5. Кој го пронашол Дневникот и каде?

6. Кој одлучил да го објави, каде и зошто е објавен?

Семејството Франк

7. Запиши накратко што знаеш за семејството Франк пред да дојде во Тајното скривалиште. (може да ти помогнат деновите: 20 јуни 1942 година и од 8 мај 1944)

Евреите во Втората светска војна

8. Што учиш за односот кон Евреите од дневникот на Ана? Поддржете со примери од текстот?

Запиши кои работи им биле забранети, наброј ги.

Тајно засолниште

9. Одговорете на прашањата.

а) Каде се наоѓа?

б) Кога семејството оди во засолништето?

в) Колку луѓе престојуваат во засолништето?

г) Кои се најголемите стравови и проблеми?

д) Како завршуваат животите на жителите на Тајното засолниште?

10. Како Ана го поминувла денот во засолништето, наброј некои активности.

11. Именувајте ги помошниците на Ана. На што беа изложени?

12. Напишете ги пет особини на Ана кои сметаш дека се многу важни.

Препиши од книгата места каде што се дадени информации за неа. Надворешен и внатрешен опис. Одбери уште еден лик: Марго, мајка ѝ, татко ѝ Петер… за кој исто така ќе препишеше од книгата.

13.Препиши 5-10 цитати во кои има убави мисли

14. Запишувај ги датумите на позначајните настани во книгата: кога стигнаа во засолништето, кога беше роденденот на Ана… и други работи за кои што ти мислиш дека се значајни.

Потоа, на час учениците реализираат активности:

Активност 1: Учениците добиваат крстозбор, којшто треба да го решат. Крстозборот се прави многу едноставно на страницата: https://crosswordlabs.com/

Активност 2: На табла или со помош на апликацијата MindMup (https://www.mindmup.com/) се прават мисловни мапи и се листаат карактеристики на Ана, Марго, Петар и уште еден член од Скривалиштето по избор на учениците. Учениците читаат извадоци што ги запишале, во кои се зборува за карактеристиките на Ана или на некој од другите членови на засолништето.

Активност 3: Тајно засолниште

На учениците им се покажуваат автентични фотографии од скривалиштето и се бара од нив да одговорат на прашањата:

а) Каде се наоѓа?

б) Кога семејството оди во засолништето?

в) Колку луѓе престојуваат во засолништето?

г) Кои се најголемите стравови и проблеми?

д) Како завршуваат животите на жителите на Тајното засолниште?

Активност 4: Временска линија

Учениците цртаат една права линија на која означуваат точки, треба да ги напишат најважните настани кои се случиле на тие денови. Ако имаат потреба од помош наставничката им запишува датуми, а тие ги проверуваат во книгата:

  • 12 јуни 1929 СЕ РАЃА АНА
  • лето 1933 ЕМИГРИРААТ ВО ХОЛАНДИЈА
  • 12 јуни 1942 ГО ЗАПОЧНУВА ДНЕВНИКОТ
  • 9 јули 1942 ВСЕЛУВАЊЕ ВО ТАЈНОТО ЗАСОЛНИШТЕ
  • 17 ноември 1942 – ВСЕЛУВАЊЕТО НА ДИСЕЛ
  • 1 август 1944 – ПОСЛЕДНИОТ ЗАПИС НА АНА
  • 4 август 1944 – ФАТЕНИ

  • Активност 5: Т-табела
  • На табела учениците ги запишуваат своите активности во текот на денот и активностите на Ана. Се чита и се дискутира.
  • Активност 6: Помошници
  • Учениците ги именуваат помошниците и споделуваат на што биле изложени. На подготвена презентација се покажува фотографии од нив. Го гледаат извадокот од интервјуто со Мип Гис https://www.youtube.com/watch?v=G6kQUYQCZpc
  • Активност 7: Постер
  • Учениците ги читаат цитатите што ги запишале додека ја читале книгата. Имаат задача да направат постер во тетратката или во Canva на кој ќе стои цитатот и некоја фотографија или илустрација која потсетува на книгата.

Активност 8: Ѕиден весник:

Учениците предлагаат теми кои ќе се користат на наредниот час на кој ќе има дебата. Теми кои ги начнала или зборувала Ана, теми кои ним им се интересни.

Дебата: Техника аквариум: (За оваа техника види: https://rb.gy/izhpa3 )

Учениците беа мотивирани да дебеатираат и да ги користат прочитаните делови, кои им оставиле впечаток, како аргументи.

Писмена вежба и писмена работа

Учениците излистаа десет теми кои им беа интересни да пишуваат. На часот секое одделение доби различна.

„Јас живеам во лудо време“

„Сите ние живееме со цел да бидеме среќни, нашите животи се различни, а сепак исти“

„Хартијата има повеќе трпение од луѓето“

„Ќе бидеме гладни, ама сè е подобро отколку да бидеме откриени“

Учениците имаа прекрасни писмени во кои зборуваа за Ана, за тоа што научиле, но и кое е нивното мислење за холокаустот и лудилото на Втората светска војна.

На крај се заокружува со теоретски дел за тоа што е дневник и како се пишува. Па завршна активност, имајќи го предвид искуството, пишуваат дневник во кој опишуваат три дена од неделата.

Лектира „Бојан“ – Глигор Поповски

Романот „Бојан“ одново ме изненади со можностите за работа и со прекрасната нарација која се нижи така убаво и ведро, како пролетното ветре на Орелска Чука.

Бидејќи сум свесна дека станува сЕ потешко да се мотивираат денешните генерации да читаат и дека часовите за лектира стануваат досадни и монотони… анализата веќе е надмината… кратка содржина ликови… тема, идеја… препишување од претходните генерации… ништо прочитано, ништо сработено од срце… онака како што им доликува на едни вакви прекрасни нарации…

Затоа го променив начинот на работа. Класичниот пристап веќе одамна надминат јасно не функционира, па затоа се решив на тактика: Активности.

Еве како ние ја работевме „Бојан“

  1. Биографијата на авторот е неизбежна. Кратка дискусија и кој е човекот, поврзување со веќе сработени дела од него, како „Сказна за Вилен“, посочување други книги кои некои од умните главчиња ќе ги заскокотка и можеби ќе ги земат од библиотека.
  • Наброј ги топонимите спомнати во книгата.

Ако читале внимателно, тогаш ќе се присетат барем на пет: Селиште, Гогов Валог, Штип, Струмица, Велков гроб, врв Чукарот, Рамни Ливади, Грамадна, на север Осоговски Планини, превалец Гола глава, Трештени буки, Орелска Чука  далечни планини: Пирин, Рила на север, Беласица, Кочани, Велков гроб…

  • Отпечатена мала нема карта на Македонија: Да се најде планината каде што е дејството на романот, да се нацрта.

Авторот намерно не одбрал постоечки локации, иако дејството е веројатно дека се случило на Малешевските Планини или можеби на Плачковица, но детската фантазија, истражувањето и предзнаењето од географија можат да бидат предизвик.

  • Наброј ги обврските на Бојан додека бил сам во колибата, спореди ги со твоите

Тука може да се отвори дискусија за сериозноста на неговите обврски. Да се повикаат учениците на одговорност и на будење на свесноста дека можат многу повеќе да направат на нивна возраст.

  • Нацртај ја плевната, колибата и наброј кои животни беа таму:

Оваа активност може да биде забавна за оние што сакаат да цртаат, останатите може само да ги набројат, може да залепат или да ги нацртаат онака како што сакаат.

А имаат да цртаат:  две кучиња: Караман и Стрела, три крави, едно јуне, две јуници и два вола. 30 овци, срната Кротка.

  • Кој е твојот Јурук? Нацртај го.

Трупецот кој го одржа Бојан во живот. Кој ја стабилизираше неговата психичка состојба.

Учениците тука го цртаат своето оружје за смирување. Како се снајдуваат во стресни ситуации? Што прават за да се смират, да се соберат.

  • На кои работи во книгата не добивме одговор: да шпекулираме со факти:

Се листаа прашања за кои во текстот не добивме одговор, па си ги одговараме онакак како што сакаме.

Пр: Колку дена беше таму? Што рече мајка му: децата на училиште? Учителот? Кој друг бил дел од семејството на Бојан?

  • Учиме нови работи:

Препиши еден поим или нешто што научи од книгата а не си го знаел претходно:

пр: ЛЕТИЦА – посебен вид планински рж што се сее на пролет.

Поскок џиркалец – џирка

И секако најважните активности:

  • Дискусии:
  • трансформацијата на шумарот во очите на Бојан (како еден јак, силен, голем, моќен човек, вози џип… му се тресат рацете, трепери, бара помош, не може да се носи со смртта на двете овчарчиња, ниту со соочувањето со семејствата)
  • Дали и ти би живеел на планина?
  • Дали Елена и Бојан беа зрели за љубов?
  • Зошто качувањето на Орелска Чука беше многу важно за Бојан?
  • Како влијаеше минатото на Бојан?…
  1. Извадоци од романот може да се поврзат со материјалот од граматика. Еден мал извадок од него може да биде текст од кој учениците ќе најдат предлози и ќе определат кое е нивото значење во реченицата.

Волшебен е светот на „Бојан“

Може да нè научи на многу работи!!!

ГЛАСНО ГОВОРИМЕ

20160310_121632

Во рамките на наставната програма, решивме наставната единица: Поим за говор, да ја сработиме искуствено. Имено, откако го работевме текстот „Цвеќе на мирот“. Дознавме кој е Цветин, и како тој зборува пред својата публика. Потоа пристапивме теоретски:

„За секоја една минута јавно говорење, потребен е еден час подготовка.“

Потребни работи за добар јавен настап:

  • Совладување на стравот и тремата пред јавен настап
  • Правилна употреба на глас и дикција
  • Правилна употреба на говорот на тело во презентирање
  • Развој на самодовербата и сигурноста во настапот
  • Учење на техники за подготовка на говор и презентација
  • Шема, композиција или редослед на говорот (излагањето)
  • Реакција на забелешки, прашања и напади
  • Контакт со очите
  • Динамичност, комуникација со публиката
  • Ги убедуваш останатите дека ти си во право.

Подготовка:

  1. Одбирате тема
  2. Ја разработувате, барате цел поради која го држите говорот
  3. собирате аргументи кои ви го поткрепуваат кажаното
  4. ја убедувате публиката во своите искази преку примери
  5. завршувате со заклучок.

Најпрвин мислев дека ова ќе биде интересна вежба за неколкумина. Но испадна дека децата сакаат да играат улоги. Сите сакаа да настапат. Се спремија добро, говорите беа прекрасни. Од таа нивна огромна желба произлезе и училиштниот натпревар во кој имаше 22 финалисти. Тешко им беше на 14 те ученици кои беа жири-комисија да одлучат, сите дечиња беа беспрекорно спремни, само нијанси во настапот. Текстовите на говорите кај сите беа многу добри.

This slideshow requires JavaScript.

На натпреварот првото место го делеа: Филип Крстески и Иван Крстески. Второ место: Мила Николоска, Михаела Јанеска, Теона Стојческа, Климентина Котеска, Веселина Јованоска. Трето место: Никола Илијоски, Андријана Лимбевска, Сара Нинеска и Леонарда Кајџаноска.

Не можам да ви опишам колку многу енергија имаше во нивните настапи.Можам само да ви предложам врски до дел од нив и до говорите што ги држеа, па вие сами може да се уверите во она што го кажувам. Секоја чест ученици, се гордеам со вас!!!

https://youtu.be/_gvr-PM2dmI

http://https://youtu.be/IoQyF-fngBE

http://https://www.youtube.com/watch?v=oQkVdja7qpo

http://https://youtu.be/rKgPSPWLxQM

http://https://youtu.be/M1xA7Xi62kI

http://https://youtu.be/6YKxuZf87cw

http://https://youtu.be/yuCzJFe4zHY

http://https://youtu.be/3zDRX3te0Tc

http://https://youtu.be/p9EsxbNTuZQ

http://https://youtu.be/HtZgO-MQItY

Учество на 48 – те Детски Рацинови средби

 

12271440_514646858713271_1524148588_oНа 48 – те „Детски Рацинови средби“ ученичката Климентина Котеска беше пофалена заедно со уште 10 ученици кои во конкуренција од 200 лични творби беа избрани и наградени со пофалници.

JA ЉУБАМ МОЈАТА ЗЕМЈА
Од рани зори златести крилја разбиваш,
До темни ноќи во мракот заспиваш.
Тебе лице ти жолто поле разлеало,
Тебе очи ти чисти води езерски.
Само туѓа крв-црни робови,
Темни долгови, ти дамнешни времиња засенила.
Каде ли си сега ти, ти моја светлино?
Каде ли е твојот ден, ден да не остане-земја да покрие?

Пуста си ме земјо родила, гледала па израснала.
Тук, пусти да не останат жар, чад животот ни кучешки.
Само горчина во душа не бега,
Војна, куршум и револвер се стега.
Магла тивка однадвор надоаѓа.
Бура силна низ очи ми проаѓа.
К’тно време на уво ми шепоти.

Не, повеќе нема народ да плачи.
Не, повеќе нема страв душа да мачи.
Не, од сега ќе само радост гледаме.
Не, од сега ќе ново време везиме.
Земјо моја, земјо родна ти татковино, Македонијо плодна.
Денес, македонско знаме гордо се вее,
Татковино моја ЉУБЕНА, вечно нек` тлее!

ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп
ученичка: Климентина Котеска VIII-4
ментор: Јулијана Талеска

Домаќините срдечно не` пречекаа. Не` прошетаа низ градот. Ги видовме спомениците на Кочо Рацин, Музејот на град Велес, Цветниот замок и најмногу од се` ни беше драго што зачекоривме по Сокакот на поезијата и поминавме незаоборавни мигови во куќата на Рацин. Излеговме на терасата каде што на свеќа ги пишувал песните кои ние денес ги читаме и им се восхитуваме.

Еве дел од она што можеше нашиот апарат да засведочи:

This slideshow requires JavaScript.

Второ место на општинскиот натпревар за лична творба во организација на градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

На овогодинешниот натпревар за лична творба, ученичката Јована Стојческа од VIII – 4 одделение го освои второто место за расказот „Необичната пролет“. И` честитаме на ученичката и во прилог го споделуваме наградениот расказ:

12255421_469530336552816_490915120_oНеобичната пролет

Таа пролет беше топла, разиграна, исполнета со детски џагор, смеење, викање, со црцорлив глас на птиците. Беше тоа најубавата, но и досега невидена пролет во градот Скопје, градот во кој постојано сè се движи и каде што има многу места за младите. Иако, сето ова беше исто, оваа пролет беше некако поразлична, помила, поубава од останатите. Во воздухот се чувствуваше опојниот мирис на цвеќињата, кои најмногу ги имаше во „Паркот на жената“ – омиленото место на учениците од VIII – a одд. од ООУ „Димитар Миладинов“.
Ова за што ќе Ви раскажувам се случи токму таму, во тоа одделение. Во VIII – a, одделението на строгиот и стар, но добродушен и весел г. Иван Цветков, учеа добри деца, по малку немирни, секогаш весели и насмеани, кои никогаш не се караа. На наставничките совети никогаш не беше спомнато дека VIII – a одд. избегало од часови, или пак дека некој се однесувал непристојно кон наставниците. Во VIII – a одд. учеше девојчето по име Симона. Беше најубавото девојче, не само во одделението, туку и во целото училиште. Имаше костенлива коса и зелени очи, во кои како да се насобрала целата убавина. „Лика и прилика на мајка ѝ Ана“ – како што често знаеше да рече дедо Димо, нивниот сосед. Навистина, дедо Димо беше во право. И мајка ѝ, г-ѓа Ана беше убава жена. Имаше долга црна коса и темнокафеави очи. Живееше во голема куќа, со ќерка си Симона, сопругот Атанас и секако, да не го заборавам кученцето Бинго – домашното милениче на Симона.
Во училиште Симона беше одлична ученичка. Убава, но и интелегентна девојка. Повеќето од децата ја сакаа и ја сметаа како добра другарка, а оние што не ја сакаа, поточно не ја познаваа многу, си ги вртеа главите и знаеја да речат: „Пих, што има толку убаво во неа?“ Но тоа не ѝ беше важно на Симона. Во училиште, нејзин најдобар другар беше Марко. Тие постојано беа заедно, заедно седеа во иста клупа, заедно одеа на одмор, ја делеа ужинката, заедно се враќаа кон дома.
Тој ден, заедно одеа кон училиште и разговараа:
– Знаеш, Симона ти си ми најдобрата другарка – ѝ рече Марко.
– Па, и ти мене – му врати Симона.
– Тебе, тебе… можам да ти ги доверам сите мои тајни – рече тој.
– Па, знаеш дека и јас ништо не кријам од тебе, а верувам дека ниту ти од мене – рече Симона смирено.
– Знаеш, јас не знам како да ти кажам… – полугласно изусти Марко.
– Што да ми кажеш? Ајде Марко, немој да се срамиш од мене, та нели сме најдобри другари – му рече Симона.
– Да, така е. Епа, вака… јас, јас најдобро се чувствувам покрај тебе, без тебе се чувствувам некако празен – ѝ рече тој на Симона.
– Па, и мене без тебе не ми е убаво – рече насмеана Симона.
– Јас, јас тебе многу те сакам – пелтечејќи рече Марко.
– И јас тебе те сакам, будалче – му рече Симона, бакнувајќи го во образот.
Марко се вцрвени. Не очекуваше такво нешто. Тој ја сакаше Симона, но не очекуваше нешто такво од неа. Така, зборувајќи, стигнаа до училиште. Првиот час имаа ликовно. Симона многу убаво црташе, и тој исто така. Затоа, тој под клупата напиша: „Марко и Симона“. Си помисли, кога Симона ќе го види тоа, сигурно ќе ја прифати неговата љубов. Симона го виде тоа додека црташе и само се насмеа. До завршувањето на првиот час имаше уште пет минути. На крај, ѕвончето заѕвони и по пет минути требаше да започне вториот час. Наставникот по математика, Иван Цветков влезе во училницата. Додека го запишуваше часот, однадвор наеднаш се слушна силно брчење на автомобил. Сите погледнаа надвор, освен Симона. Надвор имаше лимузина, а во неа едно згодно момче со кафеава коса. Некои од девојчињата го препознаа тој фраер, па тивко почнаа да си дошепнуваат:
– Види, види, ене го шмекерот!
– Му купиле и лимузина!
– Сега се прави фраер пред нас!
– Станал позгоден!
Наставникот ги прекина тие дошепнувања, велејќи: „Ива, ајде на табла!“. Сите замолчија за да не покажат непристојност пред својот одделенски раководител. Само Марко не мислеше на она за што зборуваше наставникот. Мислите му патуваа некаде далеку, далеку каде што ќе биде заедно со Симона. Заврши и вториот час. Ѕвончето заѕвони и сите излегоа на голем одмор. Симона излезе со Марко. Него навистина го сакаше како другар и можеше да му се довери. А тој тоа многу го ценеше. Наеднаш, пред нив се исперчи истиот автомобил што пред малку со своето брчење го прекинуваше часот по математика. И од автомобилот излезе она момче за кое се дошепнуваше во одделението, Виктор, со надимак Викса. Кога ја виде Симона, многу му се допадна, а и неа ѝ се допадна типот. Наеднаш, Марко ја тргна Симона, и автомобилот остана зад нив.
– Зошто ме повлече така? – го праша Симона.
– А што, да не требаше да те оставам така со часови да се гледате?- го повиши тонот Марко.
– Јас сигурно немаше да стојам со часови таму! – го повиши гласот и Симона.
– Изгледаше како ти да ме контролираш! Ме срамиш! – додаде Симона.
– Се извинувам – рече Марко.
– Нема да ти простам ако уште еднаш ми го направиш ова! – се налути Симона.
– Добро, се извинувам, ама не сакав со оној тип така да се гледате в очи.
– Добро, простено ти е – како да сакаше да го заврши побрзо разговорот Симона, бидејќи се плашеше да не го повреди Марко, затоа што тој толку искрено ја сакаше. И двајцата се упатија кон училницата.
Часовите конечно завршија. Марко и Симона заедно тргнаа кон дома. Симона го забрзуваше чекорот.
-Зошто толку брзаш? – ја праша.
– Уште малку ќе заврне! – му рече Симона.
Повеќе не зборнаа… Кога тој си појде дома, навистина почна да врне. А нему во мислите му се вртеше истото име: Симона, Симонче, Монче… Кап, кап, кап. Тоа беше дождот што се слеваше по прозорските стакла и го претвораше тој звук во една мелодија што во тој момент, во него побудуваше емоции. Дојде ноќта со својата темна покривка. А тој сè уште мислеше на Симона. Но, уморот брзо му легна врз очите и тој заспа.
Следното утро, заедно со Симона одеа на училиште. По патот го сретнаа дедо Димо, кој им се насмевна и им рече: „Колку сте убави заедно!“ – на што тие се заблагодарија. На училиште денот помина како и обично: испрашување, оценки, предавање. На големиот одмор, Симона излезе сама, кога пред себе го виде оној дечко со лимузината, Викса. Стоеја еден пред друг. Двајцата како да беа сами на светот. Стоеја неми, неподвижни, гледајќи се очи в очи. Тој прв ѝ пријде и ѝ рече:
– Здраво! Јас сум Виктор, скратено Викса- и ѝ ја подаде раката за поздрав.
– Здраво! Јас сум… Симона – изусти збунето.
– Во кое одделение учиш?- ја праша.
– Осмо А. Ти, ти сигурно не си од нашето училиште? – рече.
– Не, не сум. Учам гимназија, втора година- рече тој.
– Сакаш да одиме во слаткарницата „Шарлота“?- праша Виктор повторно.
– Сега, јас не можам, имам испрашување по хемија- некако излага Симона, бидејќи не сакаше да отсуствува од часови, а потоа да си има проблеми со наставниците, за момче што не го познава.
– Ако сакаш, попладне во пет часот, тогаш сум слободна!- извика Симона.
– Добро, како сакаш. Во пет часот те чекам пред слаткарницата „Шарлота“. Или, сакаш со лимузинава да те повозам од дома до слаткарница?- прашуваше Виктор.
– Не, не, сама ќе дојдам. А сега чао! Морам да одам на часови- рече Симона.
– Чао! Се гледаме!- со рака мавташе тој.
Сите љубопитно гледаа во нив. Сите девојки посакуваа да бидат на местото од Симона. Симона замислено трчаше по скалите, така што за малку ќе се судреше со наставникот по хемија. Таа само се извини и продолжи нагоре по скалите. Кога конечно завршија часовите, Симона без да го почека Марко замина дома. Во пет часот со Виктор се сретнаа пред слаткарницата „Шарлота“. Влегоа внатре. Сите со прашални погледи гледаа во нив. Очигледно сите го познаваа Виктор. Симона и Виктор порачаа бајадери и по една чаша боза. Потоа започнаа разговор:
– Каде живееш?- ја праша тој.
– Близу универзалната сала- рече таа.
– Знам каде е, таму живее тетка ми – се израдува Виктор.
– Може утре да се сретнеме?- ја праша.
– Може… ама по часовите- некако збунето говореше Симона.
– Ќе те чекам утре во тринаесет часот пред „Паркот на жената“- рече Виктор.
– Добро, се гледаме- рече Симона. Чао!
– Чао!- збунето промрморе Виктор, кој не успеа да ја покани да ја оденесе со неговата лимузина.
Симона одеше по улицата, замислена, не обрнувајќи внимание на никој и ништо. Размислуваше – дали добро постапи што прифати да се сретне со него? И дали за овие средби да ѝ каже на мајка си? Реши да не ѝ кажува, за да не ѝ здодева со некакви обични дружби. Потоа си појде дома, ја напиша домашната задача, пребара нешто на интернет, а потоа замина во својата соба и си легна. Во сонот се појавуваше Виктор, со насмевка на лицето. Одеше кон неа и ја прегрна. А таа задоволно се смешкаше, како да беше најсреќната девојка на светот.
Следниот ден цело време мислеше на Виктор. Ни на крај памет не и доаѓаше Марко, кој можеби ја чекаше пред „Паркот на жената“, за заедно да одат в училиште. На училиште сè помина обично, само што Марко беше некако без волја за ништо. Симона го забележа тоа, и како некој што сака да се извини за нешто, тивко му пријде и го праша:
– Еј, како си?
– Добро…
– Не си добро. Кажи ми што не е во ред?
– Ништо, онака. Ме боли главата.
– Те знам јас тебе. Не е во прашање тоа. Извини затоа што не дојдов пред „Паркот на жената“ за заедно да одиме на училиште. Излегов со мајка ми порано, бевме в чаршија.
– Добро, нема да ти се мешам во приватните работи.
– Кои приватни работи?
– Па излегувањата со Викса во слаткарница, твоето присуство во негова близина- налутено зборуваше Марко.
– Ама… јас- некако сакаше да објасни Симона.
– Што ти?!?
– Па што? Тоа е моја работа, не твоја- викаше Симона.
– Симона, јас го знам него…- продолжуваше Марко.
– Не, ти ништо не знаеш. Тој е многу добар кон мене- Симона го бранеше Виктор.
– Тој, тој е лажливец, глупак. Ти мора да ја знаеш вистината за него- со понизок тон рече Марко.
– Па, ајде, да ја слушнам вистината!- настојуваше Симона.
– Тој, е еден од многубројните типови израснати во пари. Тој вистински не те сака тебе… Те сака само за да се забавува- велеше Марко.
– Не, тоа не е точно!
– Да, точно е. Неговата цел е да те придобие, за да му станеш девојка, а потоа полека, полека ќе те отфрли од неговиот живот. Не му верувај, тој се заљубува во секоја трета.
– А ти, од каде го знаеш сето ова?
– Па, брат ми ми кажа. Во неговото одделение учело девојче по име Софија. Тој, и со неа го испробал тој трик, исто како и со тебе. Се вселил во нејзиното срце, а потоа ја оставил велејќи ѝ дека се заљубил во друга.
– Не ти верувам, готово е. Крај на разговорот! – заврши Симона.
Марко вчудовидено гледаше во неа. Не очекуваше дека вакво нешто ќе се случи. Знаеше дека добро постапи што ѝ кажа на Симона и веруваше дека таа сигурно ќе сфати што е вистината. А вистината беше една: Виктор е лажливец.
Откако завршија часовите, Симона повторно отиде во „Паркот на жената“ да се сретне со Виктор. Но, кога појде таму во договореното време, се изненади. Таму беше Виктор со една русокоса девојка, која му беше во прегратките. Симона не можеше да им поверува на своите очи. Тој, сега беше со друга девојка. Таа беше вчудовидена од тоа што го виде. Седна на една клупа и почна да размислува за она што ѝ го кажа Марко. Сега веќе знаеше дека Марко ја кажувал вистината. По образите почнаа да ѝ се тркалаат солзи, затоа што не му поверува. Стана и се упати кон неговиот дом. Кога заѕвони, на вратата се појави Марко. Веднаш го гушна, силно, толку силно, извинувајќи му се за тоа што не му веруваше претходно. Но сега знаеше дека тој ѝ е другар и секогаш и го мисли најдоброто, без размилка на сè, без разлика на тоа што ќе се случи. Така прегрнати стоеја неколку секунди, а потоа Симона влезе внатре, во неговиот дом и му раскажа што се случило. Во тој момент ѝ заѕвони телефонот. Беше Виктор. Симона се јави.
– Ало!- рече таа.
– Здраво Симонче- ѝ врати тој.
– Здраво!- му врати Симона налутено.
– Како си, да не не е нешто во ред?
– Не, сè е во ред.
– Нешто си ми лута.
– Што сакаш?!?
– Сакам да се сретнеме во „Паркот на жената“. Може?
– Не, не може.
– А зошто?
– Јас бев тука во тринаесет часот, и сега не можам.
– Се извинувам што не дојдов во тринаесет часот, но не можев тогаш, имав…
– Знам, ти многу добро се забавуваше со девојката со кратко здолниште, сина блуза, руса коса…
– Но јас…
– Што ти?!? Ме измами, ме измами со онаа девојка, а јас ти верував… Како можев да ти поверувам, Господи?
– Јас не сакав тоа да го сторам.
– Но, го стори!
– Но, јас само тебе те сакам…
– Видов денес колку ме сакаш, и повеќе не ти верувам.
– Верувај ми, Симона те молам…
– Заборави ме веќе. Крај!
Симона го исклучи телефонот. Повеќе не сакаше да му го чуе гласот на лажливецот. Му се доближи на Марко и му шепна на уво: „Ти си ми вистински другар. Само тебе ти верувам. Само тебе искрено те сакам. Верувај ми“.
– Ти верувам, Симона. И јас тебе те сакам.
Двајцата се прегрнаа. Се прегрнаа онака како двајца најдобри другари. И Симона повторно го бакна Марко, исто како и оној пат кога тој прв пат ѝ кажа дека ја сака. Потоа и тој ја бакна во образот. И двајцата си ветија дека никогаш повеќе нема да се разделат, секогаш ќе си веруваат и секогаш ќе бидат другари. Засекогаш вистински другари. А вистинските другари секогаш ти ја кажуваат вистината, никогаш не лажат, ти го мислат најдоброто, имаат доверба во тебе, секогаш се тука за тебе, тие се како дел од тебе. Затоа, таквите другари треба да се чуваат, бидејќи се ретки!

Јована Стојческа VIII-4 одд.
ООУ „Климент Охридски“- Прилеп
ментор: Јулијана Талеска

ВИОЛЕТОВИ ЦРВИ СО ПОРТОКАЛОВИ ЛИНИИ – ЕКО – ЧАС

2015-09-29 08.22.29

 

На час за изразување и творење, со осмооделенеците искористивме работилница од прирачникот за Животни вештини, адаптирајќи ја работилницата за наши потреби. Приказната за виолетовите црви со портокалови линии и задачата да ги зачуваат, им беше поттик на учениците да создадат неколку литературни дела кои подоцна усно ги презентираа. Учениците работеа во четири групи и одлично се забавуваа. Тие низ работилницата го реализираа и еко-имплементирањето бидејќи низ активноста тие имаа дискусии и задача да ги заштитат црвите кои беа во изумирање.

This slideshow requires JavaScript.

Еве дел од делата кои произлегоа од часовите:

Изјави од научниците:

Ние сме истражувачкиот тим „ДАНИМ“ од Африка. Моментално ги изучуваме виолетовите црви со портокалови линии. Тие всушност биле обични црви кои живееле под земја. Со загадувањето на природата од страна на човекот, тие ја промениле својата боја. Значајни се за почвата затоа што ја прават поплодна. Со цел да ги заштитиме црвите треба постојано да засадуваме нови растенија и да не ја загадуваме природата. Ние, научниците, сакаме да ги поттикнеме сите жители на планетава да ги зачуваат виолетовите црви со една порака: ЗАСАДИ ДРВО,ЗАСАДИ ЦВЕТ СПАСИ ГИ ВИОЛЕТОВИТЕ ЦРВИ ОД ЦЕЛ СВЕТ.

Виолетови црви

Виолетовите црви (лат. violetus crvus), потекнуваат од праисториско време, а денес ги има само во Македонија, поточно во Прилеп.

Тие се многу специфични, бидејќи имаат портокалови линии по нивното тело. Мнозина ги користат црвите, при ловење на риби, како мамец на јадицата. Тие се познати по тоа што им овозможуваат на луѓето да ловат златни риби.

Ние, како научници, неколку години се обидуваме да најдеме решение, со цел да ги зачуваме овие вредни суштества… и по долго време поминато во истражување, пронајдовме начин со кој ќе се спречи уништувањето на ова природно богатство. Црвите треба да се сместат во посебни земјени базени, каде што се безбедни и е оневозможено нарушување на нивното здравје!

Песна:

 Црви, црви, црви

Зошто ги убивате тие мали црвчиња

што живеат на дрвцина

црви црви црви

еднаш нека бидат и тие први

дајте им храна за да немаат мана

дајте им храна за да бидат без мана

и на гости да ве кана

и кафе да ви свара

и никој со никого да не се кара.

Драмски текст:

Трите црви и децата

(Трите црва седат во виолетовата градина со останатите пријатели црви)

Црв С: Слушајте Црв Е и Црв Т! Јас ова не можам да го трпам!

Црв Т: Што тоа?

Црв С: Сакам некоја авантура!

Црв Е: Ајде да избегаме!

Црв Т и Црв С: Ајде!

(бегаат кон планината и ги сретнуваат најнемирните деца во селото)

Црвите: Хиииииии!

Црв С : Човециии!

Црв Т: Што е тоа?

Црв Е: Бегајте!

Ивица: Еј Коле, види!

Никола: Што бе Иво? Што да видам?

Ивица: Абе виолетови црви!

Никола: Еј да! Слушнав дека ако ги запалиш испуштаат убава миризба.

Ивица: Чекај, имам чкорчиња!

Никола: Фрли им три!

(фрлаат и црвите бегаат)

Црвите: Леле! Бегајте! Брзо!

Никола и Ивица: Ахахахахахахаха! Уште…

(Доаѓа млекарот)

Никола: Еј види! Млекарот

Ивица: чичко Млекар!

(Млекарот истура млеко на огнот и ги трга децата за уво)

Ивица: Ауч! Ова болеше…

Млекарот: Така ви треба вас неранимајковци! Оставете ги црвите на мира, заслужуваат да живеат!

(црвите преплашени се заблагодаруваат и бегаат кон планините)

Црв Т: Ете ти авантура Црв С.

Расказ за виолетовите црви

Еден убав сончев ден, додека се шетавме со моите другари слушнавме силен вресок и се упативме кон местото од каде што доаѓаше. На улицата „Илинденска“ стоеше едно мало девојченце, на околу шест годишна возраст, со руса коса сплетена во две плетенки. Тоа беше многу исплашено. Го прашавме што се случило, а тоа ни одговори дека видело голем виолетов црв, кој што гори и умира. На ваквиот одговор прво се зачудивме, но потоа имајќи ја предвид возраста на детето, помисливме дека тоа измислува. Во тој момент, забележавме три исто такви виолетови црви коишто се движат по улицата. Одеднаш трите црви ни се приближија, но ние не се исплашивме од нив. Туку, ги погаливме по главите, а тие од страмежливост почнаа да трепкаат со очите, а на телото им се појавија портокалови црти. Во тој момент, движејќи се по улицата кон црвите се упатуваше еден многу забрзан автомобил. Тогаш, едно од другарчињата ја крена раката во знак автомобилот да ја намали брзината. Му објаснивме на     возачот за црвите и тој ни беше благодарен што му помогнавме да избегне несакана ситуација. Исто така и црвите ни беа благодарни што ги спасивме од сигурна смрт. Така тие ни останаа верни пријатели и секогаш се не поздравуваат кога ќе не сретнат на улица.