Светот на Хари Потер е одлична матрица на која може да се реализираат многу работи од наставната програма за деветто одделение. Книгата „Хари Потер и каменот на мудроста“, е сè уште актуелна приказна и изобилува со опции кои може да ги направат часовите интересни и продуктивни. Оваа лектира не е задолжителна, но јас никако не би ја заобиколила.
Во духот на интеграцијата, месец јануари и дел од февруари го посветивме на Хари Потер. Нашиот проект го нарековме: „Во светот на Хари Потер“. Приказната започна пред да заврши првото полугодие. Учениците имаа задача да се „заразат со потеризмот“ и читајќи го романот, требаше да се подготват за авантурата што започна со второто полугодие.
Бидејќи првото полугодие го завршивме со наставната единица: Изразни средства во филм, второто полугодие го започнавме со презентација на проектите изработени од учениците во кои применуваа по избор некое од изразните средства. За да се заокружи тој материјал, второто полугодие го продолживме со гледање кратки видеа во кои се прикажани изразните средства од филмовите за Хари Потер.
Ја чувме музиката:
https://www.youtube.com/watch?v=UuPb1J_RCJM&list=PLYXfr3Na3Iuf8Kg__C6Fll5bapkVOXp9b
Го гледавме трејлерот на филмот, за да ги заинтересира оние што не го гледале да го гледаат:
Гледавме и видеа како се снима филмот:
како се прават визуелните ефекти:
костими и шминка во Хари Потер:
Овие активности беа вовед во приказната. Видеата помогнаа уште повеќе да се заинтересираат за приказната, некои дури ги наведе и да ги изгледаат сите филмови, помал дел почнаа да ги читаат другите делови од серијалот. На интернет, само со мало пребарување може да се изнајдат многу корисни и визуелно интересни видеа.
Анализата на романот ја започнавме со биографијата на авторката, но не класично читање, туку изнесување на еден факт кој им оставил впечаток. Оваа техника ја користам и за да вежбаме активно слушање. Учениците слушаат внимателно кој факт го споделуваат другите, па кога ќе им дојде ред читаат досега некажан факт или ако сите нивни факти се веќе изнесени, велат: „понатаму“. Тие факти отворија кратки дискусии: Зборувавме и за родови прашања: за советот на уредникот од издавачката куќа која решила да ја печати првата книга, да стои име кое ќе звучи како да е книгата напишана од маж, бидејќи сметал дека машките читатели нема да купуваат книги од жена. Или тоа што идејата за Хари Потер ѝ дошла додека се возела во воз… дека книгата била одбивана од повеќе издавачки куќи… дека сега Џ.К.Роулинг е многу богата писателка, а пред да ја стекне таа слава била на работ на егзистенција… Сите овие поединости беа убави поуки за сите нас.
Потоа влеговме во филмот 😊 Секој од учениците си направи УЧЕНИЧКА ЛЕГИТИМАЦИЈА



- На еден дел од тетратката за лектири се нацртаа себе си.
- Потоа го бараа своето волшебничко име, користевме готови имиња на англиски јазик (ги изнајдов на Printerest има безброј идеи), ние ги преведивме и ги имаме сега за идните генерации волшебници:
Волшебник
| Првата буква од името | Последната буква од презимето | |
| А-В | Албус | Флит |
| Г-Е | Аргос | Лок |
| Ж-И | Сириус | Свит |
| Ј-М | Арсениус | Думбал |
| Н-Р | Перси | Паркинсон |
| С-У | Ерол | Гош |
| Ф-Ч | Демитриус | Хафел |
| Џ-Ш | Вирџил | Грин |
Волшебничка
| Првата буква од името | Последната буква од презимето | |
| А-В | Калипсо | Дор |
| Г-Е | Минерва | Спарт |
| Ж-И | Атена | Вик |
| Ј-М | Корнелија | Паф |
| Н-Р | Миранда | Хоуп |
| С-У | Виола | Хафал |
| Ф-Ч | Хермија | Свит |
| Џ-Ш | Росалин | Грејџер |
Потоа следуваше Капата Бирачка. Не ја направиме, иако на интернет има многу видеа кои можат да се искористат за да се направи од картон. Може дури и да се нарача од интернет… Ние едноставно отпечативме ливчиња со бројот на учениците од сите четири куќи и секој влечеше по едно ливче. Среќни беа само Грифиндорците 😊 што покажуваше дека голем дел од нив ја имаат читано книгата и се идентификуваат со главните ликови.


Од поделбата на еден евидентен лист се запишаа сите ученици и низ сите часови посветени на овој проект учениците добиваа плус за активност. На крајот од потеровските часови се избра куќа победник (онаа група која имаше најмногу активност) и ученик на генерацијата (ученик што имаше најмногу плусови). На овие ученици може да им се даде некоја награда, претходно подготвена. Може обележувачи за книги во стилот на Хари Потер… може да се направи пехар… има многу начини кои не мора да чинат многу, а да им останат како спомен.
Во својата легитимација ја запишуваат куќата каде што ги избрала „Капата Бирачка“ и се вклучуваат во разговорот. Дел од учениците ги имаат гледано сите филмови, имаше некои кои ги имаа прочитано и книгите. Па се зборуваше за карактеристиките на волшебниците, за тоа што е ПАТРОНУМ, што е БОГАРТ, АНИМАГУС… и од тоа произлегоа следните особености кои ги запишуваа во својата легитимација:
- Кој е твојот патронум?
- Во што се престорува богартот кога ќе го видиш? (кој е твојот најголем страв)
- Во кое животно се трансформираш? Каков анимагус си?
- Кое животно го имаш? (Знаејќи дека Хари го има Хедвик, Рон го имаше глушецот, Хермиона портокаловата мачка, Невил жаба… учениците беа креативни па имаа најразлични животни, од лав до камелеон.
Учениците во своите легитимации ги запишаа и своите омилени предмети и неомилени предмети коишто ги слушаат во Хогвортс. Тука чувме многу интересни предмети кои, за жал не се предаваат во нашето училиште 😊: Напивки, Одбрана од мрачни сили, Трансформација, Ботаника, Летање со метла, Волшебни суштества, Историја на волшебниците, Претскажување…
Малку се шегувавме, па дававме наше мислење кои од предметите може да ги предаваат нашите актуелни наставници. Јас го зазедов местото на Минерва Мегонагал 😊 и се радував што не сум професорката Трилони 😊 (иако Ема Томсон многу си ја сакам) некој го спомна и нејзиниот предмет како опција да го предавам јас, ама го изигнорирав.
Учениците запишуваа и какви им се стапчињата. Па имаше многу интересни идеи: ореово дрво и влакно од еднорог. Буково дрво и пердув од паун…
Тие импровизираа со пенкалата кои им станаа стапчиња и ја изведуваа својата омилена магија која ја запишаа од таблата:

Користејќи го речникот на латински јазик https://mk.glosbe.com/la/mk и консултација со професорка по латински јазик сфативме дека авторката многу умешно ги користи латинските корени на зборовите и оформува уметнички зборови кои звучат латински и така ги создава магиите. Не се сите поврзани со конкретни латински зборови. Некои влечат паралели, а некои се целосно измислени и само звучат латински. Па заедно со ученците ги запишавме магиите и клетвите кои најмногу се користеа и низ нивната употреба во филмот ги влечевме значењата:
- Аксио – кога сакаш некој предмет што е оддалечен од тебе да дојде кај тебе.
- Редукто – враќа назад, поправа нешто што е расипано (Хермиона му ги пораваше очилата на Хари кога му се кршеа)
- Импедименто – препрека, пречка. Да се запри некоја клетва која доаѓа кон тебе или да се задржи да не падне на тебе.
- Протего – заштитува, заштитуваш некој да не му падне клетва нему.
- Алохамора – да се отвори затворена врата, овде не најдовме поврзаност со латински (recludo – отклучувам, incendo – запалувам)
- Вингардиум левиоса – некој предмет или човек да лебди во воздух
- Дифендо – да се одбраниш од магијата што ти доаѓа
- Експекто патронум – заштитна светлина која зема некоја форма и штити (Хари се заштитуваше од дементорите)
- Силенцио – некој да го замолчиш, да не му се слуша глас
- Ступифај се здрвува, се закочува. Оваа магија ја искористи Хермиона на Невил.
- Експелиамус – брка, истерува, ја трга настрана клетвата. Оваа магија најмногу ја користеше Хари.
- Круцио – распнување или мачење – смртна клетва што ја користат лошите волшебници.
- Адава кавадра – директно убивање. Клетвата од која само Хари има преживеано.
Штом се заврши со ученичката легитимација, преминавме на игра. Игравме пантомима. Зборовите кои се објаснуваа беа поврзани со содржината: волшебник, метла, був, Капа Бирачка, волшебно стапче, котел, змија, пајак, глушец, мачка, напивка, еднорог, трол, Хогвордс експрес… може и да се остави на учениците да измислуваат сами.
Еден поголем дел од часот помина во преглед на содржината низ прашања, за кои добија плусови во евидентните листови и токму тие прашања изнудија дискусии и учениците поставуваа многу прашања. Првиот дел отвора многу дилеми, а тие, љубопитни сакаат да знаат како ќе одат работите.
За да може да се одговори на сите прашања или да се мотивираат за да ги читаат треба да се имаат прочитано сите книги. Како направив јас: ги прочитав сите седум книги на македонски јазик, ги изгледав филмовите, потоа ги слушав како аудио книги во оригинал, на англиски јазик. Така, поткрепена со целата приказна, а исто така и со филмовите Фантастични ѕверови, ја имам јасната слика на волшебничкиот свет.
Сметам дека секој наставник треба да ги има овие знаења за да може да создава активности кои ќе им бидат интересни. Дури и да има ученици кои не ја прочитале, а ги гледале филмовите, со нив може да се работи на усно изразување. Да им се даде можност да се истакнат на часот, тоа ќе им ја зголеми самодовербата, ќе добијат желба и да читаат. Сум имала неколку вакви примери, вниманието и давањето простор прави чуда кај децата!
Следна активности ни беше листање на настани кои за учениците беа интересни. Ги запишавме на таблата и потоа секој во својата тетратка ги распореди според нивното значење. Учениците ги оценуваа со броеви од 1 до 10.


Пица: во секое од осумте парчиња од пицата да се запише име од некој од ликовите и да се нацрта симбол кој потсетува на него/неа.


Т-табела, споредба на ликови:




Лов на ликови. Оваа актиност ја искористив од планирањата за овој час од еден мој колега со кого споработуваме и навистина е една од најинтересните, а може да се користи со сите лектири. Имено, учениците запишуваат реченици кои се однесуваат на еден лик, другите треба да го погодат.

Секогаш во анализите на ликовите може да се користат и веќе видените: венов дијаграм и грозд


За да се поттикне фантазијата на учениците: Корица и содржина на еден од учебниците во Хогвордс:

Во таа насока, фантазирајќи, учениците добија и вакви активности:
- казнет си (размисли што си направил) и треба да одиш во Забранетата шума. Што се случи таму?
- имаш наметка на невидливост, за што ќе ја употребиш?
- Што гледаш во волшебното огледало?
- Дали би го чувал за себе Каменот на мудроста?
- Кој играч би бил во квидич тимот?
- Измисли игра, слична на квидич. Како се игра? Кои правила ги има?
- Хагрид чува некое волшебно суштесво за кое ти бара помош да го причуваш. Што е тоа што ќе чуваш и како си помина со него?
- И оваа листа може да оди до бесконечност… може и да им дадете на учениците да измислуваат задачи кои другите ќе ги исполнуваат…
Како последна активност беше квизот на кахут: https://create.kahoot.it/details/da568ad3-7842-4341-bca4-ddfe4fc775fd кој може да се преземи од оваа врска.



За учениците со потешкотии во совладувањето може да им се даде да слушаат аудиокнига или да гледаат исечоци од филмот. А може за ученци со посебни потреби да им се отпечатат листови кои може да ги бојат на часот. На Принтерест има низа активности за помалите одделенија кои можат да бидат соодветни за ученици со посебни потреби.



И на самиот крај, кога сите активности се исцрпија, барем оние на кои се досетивме или ги уловивме од интернет, учениците добија задача да размислуваат за некој од ликовите. Се ставија себе си во улога на ученик во Хогвордс и ја раскажаа својата приказна во писмениот состав за кој допрва ќе добијат соодветни оцени.
Анализите на лектири треба да се најубавите часови. Таму треба учениците да се чувствуаат слободно, да ја засакаат книгата. Тетратките за лектира треба да бидат шарени, податливи и да мамат погледи дури и по години од нивната употреба…












