Детективски роман

Детективскиот роман е секогаш интересна наставна единица. Иако досега во програмата го немаше, јас со моите ученици го работев низ лекциите: видови романи. Се споменуваше, но не се работеше со извадок. Денес, според новата концепција тој е вклучен во програмата за осмо одделение. А ги има толку многу интересни книги што човек просто не смее, а да не им го допушти тоа задоволство на децата.

Еве еден мој „скоцкан текст“, (исечен од интегралниот роман „Синиот гранат“ во издание на Арс Ламина, Детската едиција за Шелок Холмс (која топло ја препорачувам да се исчита!)

Илустрација фотографирана од книгата „Синиот гранат“

Како да се започне: На учениците им се дава извадок кој е внимателно избран од романот. Го читаат, во него задолжително да се наведат и непознати зборови и на часот да се допишат на таблата ако ги има. Ќе се изненадите колку едноставни зборови можат да бидат непознати… за жал, сЕ помалку се чита и сЕ помалку се усвојуваат убави зборови…

Еве го мојот предлог за извадок:

Непознати зборови:

истрага Постапка за утврдување докази за извршено кривично дело.

Одгатна Открие, се досети, сфати смисла на нешто загадочно, замрсено, непознато; реши загатка.

Мистерија – нешто тајно, таинствено

лулеНаправа за пушење која се соcтои од цевка, чибук (низ кој поминува димот) и вдлабнат проширен дел каде што согорува тутунот.

Филц – фина материја за шапка

Гранат – скапоцен камен

Власест – нешто што има долги влакна

газиена ламба – ламба која свети на течен гас.

Шапката, гуската и синиот гранат

Беа изминале два дена по Божиќ. Поминав извесно време со семејството, па се враќав во станот на улицата „Бејкер“, каде што живеев со Шерлок Холмс. Додека чекорев накај бр. 221Б почна да паѓа обилен снег.

***

Иако живеевме заедно само неколку месеци, Холмс ме имаше покането да му помагам во повеќе истраги. Уживав во таа активност и додека чекорев среде зимските улици се прашував дали Холмс одгатнувал некакви нови мистерии или, пак, празникот го минал мирно.

***

Ја отворив вратата од дневната соба, но го затекнав Холмс сè уште во ноќница и во неговата виолетова наметка. Црната коса му беше несредена, а сјајот од огништето му го осветлуваше остриот профил додека пушеше едно од неговите лулиња со долги дршки.

На подот имаше расфрлено голем број весници и зјапаше во некаква стара и излитена шапка што ја имаше обесено на столот. Во близина ја видов и лупата, што наложуваше дека внимателно ја проучувал шапката. Истото можеше да значи само една работа.

  • Се случило некое злосторство? – прашав. – Зарем оваа навидум шапка е поврзана со некаква фатална приказна? – Холмс бавно се насмевна и навидум воопшто не се изненади што ме виде, иако се вратив неколку дена порано одошто му бев рекол.
  • Ах, не, Вотсон. Сепак, се работи за мошне интересна мистерија. Влези, мило ми е што можам да ја споделам приказната со пријател.
  • Те молам раскажи ми ја приказната на шапкава, Холмс – реков, седнувајќи спроти него и топлејќи ги рацете на огнот.
  • Претпоставувам дека, покрај секојдневниот изглед, таа претставува трага што ќе ти помогне да одгатнеш некаква мистерија и да го фатиш престапникот што ја предизвикал.

***

  • Шапката пристигна вечерта на Бадник – почна. – Заедно со една гуска.
  • Белким не ја носеше гуската? – Се разбира не обрна внимание на шегата, ама самиот сепак си дозволив краток кикот. Во поглед на понатамошните детали, просто морав да чекам. Холмс ќе ја раскажеше приказната кога ќе сакаше да ја раскаже. Ништо не можеше да го забрза.

***

Ја зедов шапката и ја превртев; беше сосем обична филцана шапка, по малку излитена. Црвената боја на свилената постава беше речиси сосем избледена и, како што објасни Холмс, јасно се гледаа иницијалите Х. Б. Околу работ имаше некаков ластик за шапката да не се распадне на силен ветер, ама беше скинат. Шапката беше искривена и мошне прашлива. На врвот имаше некакви дамки, покриени со нешто што заличуваше на мастило.

  • Ништо не можам да видам – реков, оставајќи ја шапката.

– Не, Вотсон. Сè можеш да видиш, ама не извлекуваш никакви заклучоци од тоа што го гледаш.

– Воздивнав. „Тогаш, те молам кажи ми што си дознал.“ – Холмс ја зеде шапката и за неколку мига замислено ја набљудуваше.

– Шапката е скапа, а припаѓа на стил што беше модерен пред три години – почна. – Види ја свилената постава. Господин Бејкер не ја заменил, па веројатно има финансиски тешкотии, иако не можам да ја кажам причината за таквото осиромашување, Сигурно е интелигентен човек, ама можеби премногу пие или се коцка. Како и да е, поради извесни проблеми почнал помалку да се грижи за изгледот; на шапката ставил ластик за да не се распадне, ама не се мачел повторно да го врзува штом се скинал. Знам и дека жена му престанала да го сака и дека дома не се греат на газија.

Тука гласно се засмеав: „Холмс! Мора да се шегуваш! Последните две работи никако не би можел да ги дознаеш со проучување на шапка.“ – Му затреперија усните и на ликот му се појави блага насмевка, ама не можев да проценам дали таа означуваше смеа или горделиво задоволство.       

  • Морам да признам дека не можам да ти го следам текот на мислите – реков.  – На пример, како можеш да знаеш дека сопственикот на шапкава е интелектуалец?
  • Преку големината – рече Холмс, ставајќи ја шапката на сопствената глава. Му го покри речиси целото лице и се насмевнав поради комичната глетка.
  • Мора да има нешто во една толку голема глава – го слушнав придушениот глас на Холмс.

Мојот пријател ретко прикажуваше смисла за хумор, ама овој пат се поднасмевна.

***

  • И велиш, жена му не го сака? Како би можел да знаеш нешто такво? – прашав. – Може да не е ни женет. Холмс ја извади шапката и ја врати на столот.
  • Се сеќаваш на белешката на гускината нога? Г-ѓа Хенри Бејкер. Која сопруга би го оставила мажот да излегува со толку прашлива шапка? Зар нема тоа да се одрази лошо на неа? Покрај тоа, ова е власеста, густа домашна прашина, што значи дека сопственикот не излегува често и дека шапката обично виси на закачалка. Долго не е

 исчистена. Трагите од пот на внатрешниот дел покажуваат дека човекот не е физички активен; напрегањето му предизвикало обилна пот. Се работи за средовечен маж кој неодамна бил на бербер. Има сива коса и користи восок со арома на лимон. Ваквите факти се очигледни преку влакненцата на поставата и благата миризба на лимон.

  • А, што е со газијата?
  • Дамките на шапката се од свеќата од лој (Свеќите од лој претставуваат најевтино и најмалку ефикасно средство за осветлување. Тие согоруваат животинско сало, што испушта чад и чудна миризба. Овие свеќи ги користат сиромасите, зашто свеќите од пчелин восок се скапи. Најдобри се газиените ламби, за тие што можат да си ги дозволат.).

***

 …во истиот миг ширум се отвори вратата и влезе Питерсон, вратарот од хотелот. Образите му беа поцрвенети и се чинеше мошне возбуден.

  • Гуската, господине Холмс Гуската! – извика: „Што биднало со гуската? Да не оживеала и да не одлетала низ кујнскиот прозорец?“ – на ликот на Холмс повторно заигра бавна насмевка. Питерсон набрзина му се приближи и му ја подаде раката.

– Погледнете, г. Холмс, што најде жена ми во гркланот! – Се приближив додека ја отвораше дланката, Холмс ја наведна главата и свирна.

– Знаеш што држиш во дланката, Питерсон?

– Дијамант. Скапоцен камен, господине.

– Ова е оној скапоцениот камен, рече Холмс. Се сетив на написот што неодамна го бев прочитал во весник. „Синиот гранат!“, „Украден од собата на грофицата Моркар, во хотелот ‘Космополитен’.“ – извикав. „Токму така!“, рече Холмс, а очите му блеснаа поради помислата дека мистеријата со гуската стануваше уште поинтересна…

Преземено од: Либи, 2021 (Арс Ламина) „Синиот Гранат, Шерлок Холмс“ – Сер Артут Конан Дојл

Истражи:

  1. Што можеме да извлечеме од зборовите на Шерлок за г-ѓа Хенри Бејкер: „Која сопруга би го оставила мажот да излегува со толку прашлива шапка?“ Истражи за временскиот период во кој се пишувани романите за Шерлок. Каков е статусот на жената во тој период? Што може да се претпостави од кажаното?
  2. Прочитај некоја книга во која се зборува за Шерлок, научи кој бил и со што се занимавал.
  3. Откриј кој е господин Бекер и која е неговата поврзаност со Шерлок.

Да бидеме детективи (Читање со разбирање)

  1. Каде се наоѓаа иницијалите Х.Б?
  2. Од што биле дамките на шапката?
  3. Кои предмети ги користеше Шерлок Холмс за да создаде приказна за случајот?
  4. Кој е случајот?
  5. Пронајди ги деловите каде што има опис на Шерлок Холмс и запиши ги. Откриј ги двата предмети по кои тој е карактеристичен.
  6. Како знаеме дека човекот чија сопственост е шапката не бил физички активен?
  7. Кој е изворот од кој дознаваме дека имало кражба на скапоцен камен?
  8. Во кој хотел е направена кражбата?
  9. Колкава награда понуди грофицата за оној што ќе го најде скапоцениот камен?
  10. Каде е пронајден скапоцениот камен?

И за крај, овде одлично се вклопува активноста од книгата на Билјана Црвенковска која што е прекрасен ресурс за читање со разбирање.

Активност:

Друштвото е составено од; Симон, Тина, Тони, Ава и Лео. Биле на кампување. Сите спиеле во еден голем шатор. Но утрото некој им ги измешал чорапите.

Откриј кој каква боја чорапи имал?

Какви се чорапите на Лео?

Означи со X каде што нема, а со √ каде што има.

 црвенисинизеленижолтивиолетови
Симон     
Тина     
Тони     
Ава     
Лео     

Насоки:

1.         Чорапите на Симон не се ни зелени ни црвени.

2.         Чорапите на Тони се црвени или жолти.

3.         Чорапите на Лео не се сини или виолетови.

4.         Виолетовите чорапи не се ни на Симон ни на Тина.

5.         Црвените чорапи се на момчето чие име почнува со буква од азбуката што доаѓа по првата буква од имињата на другите момчиња.

6.         Чорапите на Тина имаат боја како нејзините нови патики, кои пак имаат иста боја како и небото.

o          Симон носел __________________________ чорапи.

o          Тина носела __________________________ чорапи.

o          Тони носел __________________________ чорапи.

o          Ава носел __________________________ чорапи.

o          Лео носел __________________________ чорапи.

Преземено од: „ТКЦП и загатките на Ајнштајн“ – Билјана Црвенковска и Здраво Гиров

„Дневникот“ од Ана Франк – интегрирање наставни содржини во рамките на предметот македонски јазик

Интегрирањето на наставни содржини во рамките на ист предмет е нешто што сè повеќе ме привлекува. Навистина бара време и доста енергија, ама ефектот е голем и тој труд останува за идните генерации. Едно такво интегрирање на содржини од литература, изразување и творење: усно и писмено, се случи неодамна. Виновник за нашата училишна авантура е Zrinka Jurčević – моја драга колешка од Хрватска која ја запознав виртуелно во една наставничка група на Фејзбук. Ѝ пристапив отворено и ја замолив да ми го испрати материјалот што го користела за обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“. Претходно на групата бев воодушевена од досетливоста и од пристапот на нејзината работа. Таа веднаш, без да има потреба да се објаснувам дополнително, ми го испрати материјалот. Тој беше една муза која ме инспирира да создадам цел проект кој траеше седум наставни часа.

Со него ги покрив следните содржини:

цртеж од ученичка

Обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“ – три часа

Дебата на теми извлечени од исказите на Ана – еден час

Писмена вежба – подготовка за писмена инспирирана од изреки од Дневникот – еден час

Писмена работа – пишување есеј инспириран од Дневникот – еден час

Поим за дневник – еден час

Најпрво на учениците им дадов задачи додека ја читаат книгата. Често при обработка на лектира дел од учениците тврдат дека ја прочитале, а не знаат да одговорат на основни прашања поврзани со содржината или ликовите. Затоа го применив овој пристап и излезе дека е полезен. Фокусот на одговор на прашањата им помага да ја разберат содржината подобро.

1. Што е холокауст? Напиши ги изворите од кои го дозна тоа.

2. За својот тринаесетти роденден Ана доби подарок дневник. Што мислиш за тој подарок? Што би издвоил ти, како посебен подарок за твојот тринаесетти роденден.

3. Наведи три севременски, општи теми од Дневникот на Ана.

4. Во кој временски период е пишуван Дневникот?

5. Кој го пронашол Дневникот и каде?

6. Кој одлучил да го објави, каде и зошто е објавен?

Семејството Франк

7. Запиши накратко што знаеш за семејството Франк пред да дојде во Тајното скривалиште. (може да ти помогнат деновите: 20 јуни 1942 година и од 8 мај 1944)

Евреите во Втората светска војна

8. Што учиш за односот кон Евреите од дневникот на Ана? Поддржете со примери од текстот?

Запиши кои работи им биле забранети, наброј ги.

Тајно засолниште

9. Одговорете на прашањата.

а) Каде се наоѓа?

б) Кога семејството оди во засолништето?

в) Колку луѓе престојуваат во засолништето?

г) Кои се најголемите стравови и проблеми?

д) Како завршуваат животите на жителите на Тајното засолниште?

10. Како Ана го поминувла денот во засолништето, наброј некои активности.

11. Именувајте ги помошниците на Ана. На што беа изложени?

12. Напишете ги пет особини на Ана кои сметаш дека се многу важни.

Препиши од книгата места каде што се дадени информации за неа. Надворешен и внатрешен опис. Одбери уште еден лик: Марго, мајка ѝ, татко ѝ Петер… за кој исто така ќе препишеше од книгата.

13.Препиши 5-10 цитати во кои има убави мисли

14. Запишувај ги датумите на позначајните настани во книгата: кога стигнаа во засолништето, кога беше роденденот на Ана… и други работи за кои што ти мислиш дека се значајни.

Потоа, на час учениците реализираат активности:

Активност 1: Учениците добиваат крстозбор, којшто треба да го решат. Крстозборот се прави многу едноставно на страницата: https://crosswordlabs.com/

Активност 2: На табла или со помош на апликацијата MindMup (https://www.mindmup.com/) се прават мисловни мапи и се листаат карактеристики на Ана, Марго, Петар и уште еден член од Скривалиштето по избор на учениците. Учениците читаат извадоци што ги запишале, во кои се зборува за карактеристиките на Ана или на некој од другите членови на засолништето.

Активност 3: Тајно засолниште

На учениците им се покажуваат автентични фотографии од скривалиштето и се бара од нив да одговорат на прашањата:

а) Каде се наоѓа?

б) Кога семејството оди во засолништето?

в) Колку луѓе престојуваат во засолништето?

г) Кои се најголемите стравови и проблеми?

д) Како завршуваат животите на жителите на Тајното засолниште?

Активност 4: Временска линија

Учениците цртаат една права линија на која означуваат точки, треба да ги напишат најважните настани кои се случиле на тие денови. Ако имаат потреба од помош наставничката им запишува датуми, а тие ги проверуваат во книгата:

  • 12 јуни 1929 СЕ РАЃА АНА
  • лето 1933 ЕМИГРИРААТ ВО ХОЛАНДИЈА
  • 12 јуни 1942 ГО ЗАПОЧНУВА ДНЕВНИКОТ
  • 9 јули 1942 ВСЕЛУВАЊЕ ВО ТАЈНОТО ЗАСОЛНИШТЕ
  • 17 ноември 1942 – ВСЕЛУВАЊЕТО НА ДИСЕЛ
  • 1 август 1944 – ПОСЛЕДНИОТ ЗАПИС НА АНА
  • 4 август 1944 – ФАТЕНИ

  • Активност 5: Т-табела
  • На табела учениците ги запишуваат своите активности во текот на денот и активностите на Ана. Се чита и се дискутира.
  • Активност 6: Помошници
  • Учениците ги именуваат помошниците и споделуваат на што биле изложени. На подготвена презентација се покажува фотографии од нив. Го гледаат извадокот од интервјуто со Мип Гис https://www.youtube.com/watch?v=G6kQUYQCZpc
  • Активност 7: Постер
  • Учениците ги читаат цитатите што ги запишале додека ја читале книгата. Имаат задача да направат постер во тетратката или во Canva на кој ќе стои цитатот и некоја фотографија или илустрација која потсетува на книгата.

Активност 8: Ѕиден весник:

Учениците предлагаат теми кои ќе се користат на наредниот час на кој ќе има дебата. Теми кои ги начнала или зборувала Ана, теми кои ним им се интересни.

Дебата: Техника аквариум: (За оваа техника види: https://rb.gy/izhpa3 )

Учениците беа мотивирани да дебеатираат и да ги користат прочитаните делови, кои им оставиле впечаток, како аргументи.

Писмена вежба и писмена работа

Учениците излистаа десет теми кои им беа интересни да пишуваат. На часот секое одделение доби различна.

„Јас живеам во лудо време“

„Сите ние живееме со цел да бидеме среќни, нашите животи се различни, а сепак исти“

„Хартијата има повеќе трпение од луѓето“

„Ќе бидеме гладни, ама сè е подобро отколку да бидеме откриени“

Учениците имаа прекрасни писмени во кои зборуваа за Ана, за тоа што научиле, но и кое е нивното мислење за холокаустот и лудилото на Втората светска војна.

На крај се заокружува со теоретски дел за тоа што е дневник и како се пишува. Па завршна активност, имајќи го предвид искуството, пишуваат дневник во кој опишуваат три дена од неделата.

Автобиографија

Наставната единица Автобиографија оваа година ја сработивме на овој начин:

Во издание на Просветно дело има една едиција НЕВЕРОЈАТНИ ПРИКАЗНИ. Една од тие книги е и 20 НЕВЕРОЈАТНИ ЕКО ХЕРОИ. Во едицијата направени се автобиографии за многу познати луѓе. Една од тие автобиографии е и автобиографијата на Грета Тунберг. (тоа во реалност не е напишано од неа, но стилот и начинот на раскажување содржи автобиографски елементи и е одличен за основно).

Илустрација од книгата

Започнавме со разговор за Грета Тунберг. Дел од учениците чуле и знаеја, па споделија некои информации. Ја прочитавме „нејзината автобиографија“ од книгата и изгледавме едно промотивно видео:

Тука се отвори и кратка дискусија: дали некој од нив направил нешто слично или планира да биде дел од некоја еколошка акција.

Бидејќи наставната единица е поим за автобиографија, се вративме на теореткиот дел и учениците ја запишаа дефиницијата: Автобиографијата е литературно-научен вид творба во која авторот го раскажува својот живот, сопствените доживувања, а ги изнесува и условите во кои живее и работи.  Ги изделивме научните карактеристики наспроти литературните од претходно прочитаниот текст.

Сепак би било погрешно на овој час ако не се споменат автобиографиите на Прличев и Цепенков, па затоа во вториот дел од часот се читаат извадоци и се објаснуваат – бидејќи јазикот на кој се пишувани е тешко разбирлив за учениците.

Особено интересен е извадокот за тоа како Марко го добил својот прекар Цепенко:

„Татко ми се викаше Коста Марков Цепенков. Дедо ми беше от село Ореоец, Прилепско и работеше самарџилак во Прилеп. Деда ми јаз не го зафтасаф. Татко ми прикажуаше за деда ми, како му го клале прекарот Цепенко. Еден неделен ден бил обуен со едни бели гајчи, многу разцепени, дури до газот, и излегол настред село да играт со децата. Едно [г]о виделе и му свикале: „Марко Цепенко, Марко Цепенко”,и от тои ден беше му останало прекарот Цепенко.“

На крајот од часот учениците добијаа наставен лист: Фејкбук (Fakebook), кој всушност претставува копија на Фејзбук ѕид. Запишуваа статуси и податоци за нив. Односно креираа своја автобиографија.

Учество на Еду-конференција

5

На четвртата Еду-конференција имав можност да се претставам со работилницата „Чекор напред“. Поточно се работи за техника која ја искористив за реализација на наставната единица „Социјални песни“.

 

Во наставниот процес сум седум години. Целта на моите часови е учениците да се заинтересираат за наставната единица, но и да ја совладаат на неконвеционален начин (онаму каде што тоа е можно).

Ја избрав наставната единица „Социјални песни“ бидејќи мислам дека е многу важна. Особено во ова време во кое што живееме. Гледајќи ја пасивноста, сеедноста, неодговорноста кај младите луѓе… ужаснува. Социјалната лирика е одлична лекција за нив. Но не предадена преку анализа на песна од Кочо Рацин и Коле Неделкоски во која учениците ќе бараат стилски изразни средства и поетски слики. Треба да се прочитаат обајцата, но претходно учениците треба да бидат спремни за нив. Да знаат што да читаат од тие песни.

Она што е омилено кај основците, а верувам и кај средношколците е „играњето улоги“. Затоа техниката ЧЕКОР НАПРЕД е одлична за воведување на учениците во наставната единица Социјална лирика.

Еве како течеше работилницата:

Замолив 13 доброволци да извлечат од картичките кои претходно ги направив

Бројот може да биде поголем, во зависност од бројот на учениците во одделението. Можат да се повторат истите улоги, но да се внимава да се нагодат во насока на претставување на реалната состојба во општеството. Убаво е улогите да бидат извлечени од опкружувањето во кое што живеат децата, за да им бидат поблиски.

картички за печатење (овде во ворд документ се улогите кои ги користев)

Учесниците истапуваат еден чекор напред кога ќе ја слушнат изјавата која се согласува со нивната улога. Штом се заврши со читањето на улогите, побарав сите да разгледаат каде се и да ја прочитаат својата улога. Еден по еден. Учесниците беа изненадени и искрено зборуваа за она што го доживеаја. На најдолната линија од општеството беа бездомникот и детето без родители, потоа работниците во фабрики, самохрани родители, наставници… за на врвот на претставеното општество да видат ќерка на американски амбасадор во Македонија и сопственичка на конфекција…

Потоа се започнува дискусија во која учесниците најпрво споделуваат како се чувствуваа во улогата и што мислеа за другите што чекореа/не чекореа. Дискусијата на самата работилница беше кратка, во неможност поради времето, но со учениците може да трае подолго. Сепак, од она што се дискутираше, се увиде која е моќта на техниката и колку многу може да им разјасни на учениците како настануваат мотивите за создавање на социјалните песни.

Потоа низ неколку слајдови им го претставив на учесниците понатамошниот тек на часот. (презентацијата) Учениците учесници во работилницата ги искажуваат своите чувства и тоа се запишува на таблата…така се доаѓа до мотивите на авторите кои пишуваат социјални песни и така учениците се спремни за читање на социјална лирика.

Социјални песни ЧЕКОР НАПРЕД (Презентација која што ја користев на работилницата)

 

Поим за социјални песни

index
Учениците имаа задача дома да поразговараат со родителите, гугал, википедија или некој близок за следниве поими:
Continue reading